ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • gm погл. 5 стр. 55-70
  • „Новиот завет“ — историја или мит?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • „Новиот завет“ — историја или мит?
  • Библијата — Реч Божја или човечка?
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Кога биле напишани?
  • Сведоштво на очевидци
  • Дали текстот е достоен за доверба?
  • Документиран доказ
  • Археолошки доказ
  • Призвукот на вистината
  • Исус — реална личност
  • Зошто тие не веруваат
  • Вистината за Исус
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
  • Дали Исус навистина постоел?
    Разбудете се! 2016
  • Вистинскиот Исус
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2001
  • Дали се оправдани сомневањата во врска со Исус?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
Повеќе
Библијата — Реч Божја или човечка?
gm погл. 5 стр. 55-70

Поглавје 5

„Новиот завет“ — историја или мит?

„Денес Новиот завет може да се опише како најистражуваната книга во светската литература.“ Така рекол Ханс Кинг во својата книга „On Being a Christian“. И, тој бил во право. Во изминатите 300 години, Христијанските грчки списи биле повеќе од истражувани. Тие биле потемелно сецирани и поподробно анализирани отколку која и да е друга литература.

1, 2. (Вклучи го и уводот.) а) На каков третман биле изложени Христијанските грчки списи низ изминатите 300 години? б) До какви чудни заклучоци дошле некои истражувачи?

ЗАКЛУЧОЦИТЕ до кои дошле некои истражувачи биле бизарни. Во 19 век, Лудвиг Ноак од Германија заклучил дека Евангелието по Јован било напишано во 60 н. е. од страна на љубениот ученик кој, според Ноак, бил Јуда! Французинот Јозеф Ернст Ренан сугерирал дека воскресението на Лазар веројатно било измама аранжирана од самиот Лазар за да го поддржи Исусовото тврдење дека е творец на чуда, додека германскиот теолог Густав Волкмар инсистирал на тоа дека историскиот Исус не би можел да се јави со Месијански тврдења.1

2 Од друга страна, пак, Бруно Бауер заклучил дека Исус никогаш не ни постоел! „Тој не отстапувал од тоа дека вистинските креативни сили во раното христијанство биле Фило, Сенека и гностичарите. На крајот, тој објавил дека никогаш не постоел некој историски Исус . . . дека генезата на христијанската религија била кон крајот на вториот век и тоа од јудаизмот, во кој доминантен станал стоицизмот.“2

3. Какво мислење за Библијата сѐ уште застапуваат многумина?

3 Денес, малкумина застапуваат такви екстремни идеи. Но, доколку ги читаш делата на современите изучувачи, ќе откриеш дека многумина сѐ уште веруваат дека Христијанските грчки списи содржат легенда, мит и преувеличување. Дали тоа е точно?

Кога биле напишани?

4. а) Зошто е важно да знаеме кога биле напишани книгите од Христијанските грчки списи? б) Кои се некои од мислењата за времето на пишување на Христијанските грчки списи?

4 За да се развијат митови и легенди, треба време. Затоа е важно прашањето: Кога биле напишани тие книги? Историчарот Мајкл Грант вели дека историските записи од Христијанските грчки списи биле почнати „триесет или четириесет години после Исусовата смрт“.4 Библискиот археолог Вилијам Фоксвел Олбрајт го цитирал Ц. Ц. Тореј кој заклучил „дека сите Евангелија биле напишани пред 70 А. Д. и дека во нив нема ништо што не би можело да биде напишано во рок од дваесет години од Исусовото распетие“. Личното мислење на Олбрајт било дека нивното запишување било завршено „не подоцна од околу 80 А. Д“. Други пристапуваат со малку поразлични проценки, но повеќето се сложуваат дека пишувањето на „Новиот завет“ било завршено до крајот на првиот век.

5, 6. Што треба да заклучиме од фактот дека Христијанските грчки списи биле напишани недолго после настаните за кои пишуваат тие?

5 Што значи тоа? Олбрајт заклучува: „Сѐ што можеме да кажеме е дека период од дваесет до педесет години е премал за да дозволи некакво забележително расипување на суштинската содржина, па дури и на конкретниот зборовен израз на Исусовите изреки“.5 Професор Гари Хабермас додава: „Евангелијата се прилично блиски до временскиот период во кој се запишани, додека древните истории честопати опишуваат настани кои се случиле со векови порано. Сепак, современите историчари се способни успешно да ги изведат настаните, дури и од овие древни временски периоди“.6

6 Со други зборови, историските делови на Христијанските грчки списи се вредни барем за толку доверба колку и световните истории. Секако, за неколкуте децении меѓу настаните на раните христијани и нивното запишување написмено, немало време за да се развијат митови и легенди и да бидат универзално прифатени.

Сведоштво на очевидци

7, 8. а) Кои биле сѐ уште живи додека биле пишувани и кружеле Христијанските грчки списи? б) Што мораме да заклучиме во склад со коментарот на професор Ф. Ф. Брус?

7 Ова е особено случај со оглед на фактот дека многу од извештаите зборуваат за сведоштво на очевидци. Писателот на Евангелието по Јован рекол: „Тој [Ова, NW] е ученикот [ученикот кого Исус го љубел], кој сведочи за овие настани и ги напиша“ (Јован 21:24). Писателот на книгата Лука вели: „Како што ни ги предадоа оние, кои уште од почетокот беа очевидци и служители на словото“ (Лука 1:2). Апостол Павле, говорејќи за оние кои сведочеле за воскресението на Исус, рекол: „Од кои повеќето се живи и до денес, а некои починаа“ (1. Коринтјаните 15:6).

8 Во врска со тоа, професор Ф. Ф. Брус прави остроумна забелешка: „Во никој случај не може да биде така лесно, како што им се чини на некои писатели, да се измислат зборовите и постапките на Исус во тие рани години кога биле присутни толку многу Негови ученици, кои можеле да запомнат што се случило и што не се случило . . . Учениците не можеле да си дозволат да ризикуваат неточности (а да не зборуваме за намерна манипулација со фактите), што веднаш би ги разоткриле оние кои би биле пресреќни да го направат тоа. Напротив, една од силните поенти во оригиналното апостолско проповедање е уверливото апелирање на спознанието на слушателите; тие не само што рекле: ‚Ние сме сведоци на овие работи‘ (NW) туку и: „Како што и самите знаете“ (Дела 2:22).7

Дали текстот е достоен за доверба?

9, 10. Што се однесува до Христијанските грчки списи, во што можеме да бидеме сигурни?

9 Дали е можно овие сведоштва од очевидци да биле точно запишани, но подоцна изопачени? Со други зборови, дали митовите и легендите биле воведени откако било завршено првобитното пишување? Веќе видовме дека текстот од Христијанските грчки списи е во подобра состојба отколку која и да е друга древна литература. Курт и Барбара Аланд, изучувачи за грчкиот текст на Библијата, набројуваат скоро 5.000 манускрипти што преживеале од дамнина па сѐ до денес, некои уште од вториот век н. е.8 Општото сведоштво на оваа маса докази е дека текстот во суштина е здрав. Освен тоа, постојат многу древни преводи — најраниот датира од околу 180 н. е. — кои помагаат да се докаже дека текстот е точен.9

10 Оттука, со секакво внимателно размислување можеме да бидеме сигурни дека, откако првобитните писатели ја завршиле својата работа, во Христијанските грчки списи не се вовлекле легенди и митови. Текстот што ние го имаме во основа е истиот како и текстот кој го напишале оригиналните писатели, а неговата точност ја потврдува фактот што современите христијани го прифатиле. Тогаш, можеме ли да ја провериме историчноста на Библијата споредувајќи ја со другите древни истории? До некоја мера, да.

Документиран доказ

11. До која мера надворешниот документиран доказ ги поддржува историските извештаи од Христијанските грчки списи?

11 Всушност, за настаните во животот на Исус и на неговите апостоли, документираниот доказ — освен Библијата — прилично е ограничен. Тоа треба и да се очекува, бидејќи во првиот век христијаните биле релативно мала група која не била вклучена во политиката. Но, доказот што го дава световната историја се сложува со она што го читаме во Библијата.

12. Што ни кажува Јосиф за Јован Крстител?

12 На пример, откако Ирод Антипа претрпел голем воен пораз, еврејскиот историчар Јосиф пишувајќи во 93 н. е., рекол: „За некои Евреи, уништувањето на Иродовата војска изгледало дека е божествена освета и, секако, една праведна освета, поради неговото постапување со Јован, со презиме Крстител. Поради тоа што Ирод го погубил, иако овој бил добар човек и ги поттикнувал Евреите да водат праведен живот, да практикуваат правда кон своите ближни и побожност кон Бог“.10 На тој начин, Јосиф го потврдува библискиот извештај дека Јован Крстител бил праведен човек кој проповедал покајание и бил погубен од Ирод (Матеј 3:1—12; 14:11).

13. Како Јосиф ја поддржува историчноста на Јаков и на самиот Исус?

13 Јосиф го спомнува и Јаков, полубратот на Исус, кој — како што ни кажува Библијата — на почетокот не го следел Исус, но подоцна станал проминентен старешина во Ерусалим (Јован 7:3—5; Галатјаните 1:18, 19). Тој го документира апсењето на Јаков со овие зборови: „[Првосвештеникот Ананија] ги свикал судиите на Синедрионот и донел пред нив еден човек по име Јаков, братот на Исус кој бил наречен Христос, и некои други“.11 Запишувајќи ги овие зборови, Јосиф дополнително потврдува дека „Исус, кој бил наречен Христос“ бил вистинска, историска личност.

14, 15. Каква поддршка му дава Тацит на библискиот запис?

14 И други рани писатели укажуваат на работи спомнати во Грчките списи. На пример, евангелијата ни кажуваат дека Исусовото проповедање низ Палестина наишло на широк одѕив. Кога Понтиј Пилат го осудил на смрт, неговите следбеници биле збунети и обесхрабрени. Набрзо после тоа, истите тие ученици смело го наполниле Ерусалим со пораката дека нивниот Господ бил воскреснат. За неколку години, христијанството се раширило низ Римската Империја (Матеј 4:25; 26:31; 27:24—26; Дела 2:23, 24, 36; 5:28; 17:6).

15 Сведоштво за вистинитоста на ова доаѓа од римскиот историчар Тацит, кој не бил пријател на христијанството. Пишувајќи кратко после 100 н. е., тој кажува за Нероновото сурово прогонство над христијаните и додава: „Христос, основачот на името, доживеал смртна казна за време на владеењето на Тибериј, со пресуда од прокураторот Понтиј Пилат, така што смртоносното суеверие било запрено за момент, само за да се распламти уште еднаш, не само во Јудеја — домот на болеста — туку и во самиот главен град [Рим]“.12

16. На кој историски настан, на кој укажувала Библијата, укажувал и Светониј?

16 Во Дела 18:2 библискиот писател укажува на фактот дека ‚[римскиот император] Клаудиј наредил да го напуштат Рим сите Јудејци‘. Светониј, римски историчар од вториот век, исто така укажува на ова протерување. Во своето дело The Deified Claudius историчарот вели: „Бидејќи Евреите постојано правеле немири подбуцнати од Хрестус, тој [Клаудиј] ги истерал од Рим“.13 Доколку тука Хрестус укажува на Исус Христос и доколку настаните во Рим го следеле образецот од другите градови, тогаш побуните всушност не биле подбуцнати од Христос (т. е. Христовите следбеници). Напротив, тоа била насилничката реакција на Евреите на верната проповедничка активност на христијаните.

17. Кои извори, што му биле расположливи на Џастин Мартир во вториот век, го поддржуваат библискиот извештај за Исусовите чуда и неговата смрт?

17 Џастин Мартир, кој пишувал во средината на вториот век, во врска со смртта на Исус напишал: „Дека тие работи навистина се случиле, можеш да утврдиш од Делата на Понтиј Пилат“.14 Освен тоа, според Џастин Мартир, тие исти записи ги спомнале Исусовите чуда за кои тој вели: „Дека Тој ги направил тие работи, можеш да дознаеш од Делата на Понтиј Пилат“.15 Точно, тие ‚Дела‘ или службени записи повеќе не постојат. Но, тие очигледно постоеле во вториот век, а Џастин Мартир уверливо ги предизвикувал своите читатели да ги проверат за да ја докаже вистината на она што го рекол.

Археолошки доказ

18. Каква поддршка дава археологијата за постоењето на Понтиј Пилат?

18 Археолошките откритија исто така го илустрираат или потврдуваат она што го читаме во Грчките списи. Така, во 1961 на еден натпис во урнатините на еден римски театар во Ќесарија било откриено името Понтиј Пилат.16 Сѐ до ова откритие, имало само ограничен доказ, освен самата Библија, за постоењето на овој римски владетел.

19, 20. Кои историски личности што ги спомнал Лука (во Лука и Дела) ги потврдила археологијата?

19 Во Лукиното евангелие читаме дека Јован Крстител ја почнал својата служба ‚кога . . . Лисаниј бил четворовласник во Авилинија‘ (Лука 3:1). Некои се сомневале во таа изјава бидејќи Јосиф го спомнал Лисаниј кој владеел во Авилинија и кој умрел во 34 пр. н. е., долго пред раѓањето на Јован. Меѓутоа, археолозите откриле натпис во Авилинија кој спомнува друг Лисаниј што бил тетрарх (четворовласник) за време на владеењето на Тибериј, кој владеел како цезар во Рим кога Јован ја почнал својата служба.17 Ова можело лесно да биде Лисаниј на кој укажувал Лука.

20 Во Дела читаме дека Павле и Варнава биле испратени да вршат мисионерско дело на Кипар и дека таму сретнале еден проконзул по име Сергиј Павле, „човек умен“ (Дела 13:7). Во средината на 19 век, ископувањата на Кипар откриле еден натпис кој датирал од 55 н. е. што го спомнува токму тој човек. За тоа, археологот Г. Ернст Рајт вели: „Тоа е единствената референца што ја имаме надвор од Библијата во врска со тој проконзул и интересно е тоа што Лука точно ни го дава името и титулата“.18

21, 22. Кои религиозни практики од библискиот запис се потврдени со археолошките откритија?

21 Кога бил во Атина, Павле рекол дека забележал еден олтар кој бил посветен „На непознатиот Бог“ (Дела 17:23). Во делови од подрачјето на Римската Империја биле пронајдени олтари посветени на анонимни богови — на латински. Еден бил откриен во Пергам со натпис напишан на грчки, како што бил случајот во Атина.

22 Подоцна, додека бил во Ефес, на Павле насилнички му се спротивставиле златарите, чиј доход потекнувал од правење ковчежиња и ликови на божицата Артемида. На Ефес се укажувало како на „служител на великата божица Артемида“ (Дела 19:35). Во склад со тоа, на местото на древниот Ефес биле откриени извесен број фигурички на Артемида од теракота и мермер. Во текот на минатиот век биле ископани остатоци од самиот огромен храм.

Призвукот на вистината

23, 24. а) Каде го наоѓаме најсилниот доказ за вистината на записите од Христијанските грчки списи? б) Која особина својствена за библискиот запис ја потврдува нејзината вистинитост? Илустрирај.

23 Според тоа, историјата и археологијата ги илустрираат и, до некој степен, ги потврдуваат историските елементи на Грчките списи. Но, повторно, најсилниот доказ за вистината на овие записи е во самите книги. Кога ги читаш, тие не звучат како митови. Тие го имаат призвукот на вистината.

24 Како прво, тие се многу отворени. Размисли за она што е запишано за Петар. Подробно е запишан неговиот неугоден неуспех да оди по водата. Потоа, на овој високо почитуван апостол Исус му вели: „Бегај од Мене, сатано!“ (Матеј 14:28—31; 16:23). Уште повеќе, после енергичното протестирање дека дури и ако сите други го напуштат Исус, тој никогаш не би го сторил тоа, Петар заспал на својата ноќна стража и потоа трипати се откажал од својот Господ (Матеј 26:31—35, 37—45, 73—75).

25. Кои слабости на апостолите отворено ги откриваат библиските писатели?

25 Но, Петар не е единствениот чии слабости се разоткриени. Отворениот запис не го притајува пречкањето на апостолите околу тоа кој е најголем меѓу нив (Матеј 18:1; Марко 9:34; Лука 22:24). Ниту, пак, тој испушта да ни каже дека мајката на апостолите Јаков и Јован го замолила Исус да им ги даде на нејзините синови најпривилегираните позиции во неговото Царство (Матеј 20:20—23). Исто така, верно е документиран и ‚жестокиот излив на гнев‘ (NW) меѓу Варнава и Павле (Дела 15:36—39).

26. Кој детаљ за Исусовото воскресение би бил вклучен, само ако тоа било случај?

26 Вреден за внимание е и фактот што ни го кажува книгата Лука дека ‚жените кои дошле со Исуса од Галилеја‘ биле тие кои први дознале за Исусовото воскресение. Тоа е еден многу необичен детаљ во општеството од првиот век во кое доминирале мажите. Навистина, според записот, она што го рекле жените ‚им изгледало како лага [бесмислица, NW]‘ на апостолите (Лука 23:55—24:11). Доколку историјата на Грчките списи не е точна, мора да била измислена. Но, зошто некој би измислувал приказна која прикажувала такви почитувани фигури во едно такво неласкаво светло? Овие детали би биле вклучени само ако биле точни.

Исус — реална личност

27. Како еден историчар сведочи за историското постоење на Исус?

27 Многумина гледале на Исус — онака како што е опишан во Библијата — како на идеализирана фикција. Но, историчарот Мајкл Грант забележува: „Доколку на Новиот Завет го примениме — како што би требало — истиот вид критериум кој би требало да го примениме на другите древни записи кои содржат историски материјал, нема да можеме да го отфрлиме Исусовото постоење повеќе отколку што можеме да го отфрлиме постоењето на маса пагански личности чија вистинитост како историски фигури никогаш не е доведена во прашање“.19

28, 29. Зошто е значајно тоа што четирите евангелија презентираат една изедначена слика за Исусовата личност?

28 Во Библијата не се гледа само Исусовото постоење туку и неговата личност со одлучен призвук на вистината. Не е лесно да се измисли необичен карактер, а потоа да се презентира доследен портрет за него низ една цела книга. Скоро е невозможно четворица различни писатели да пишуваат за истиот карактер и доследно да ја отсликуваат истата слика за него доколку тој карактер никогаш вистински не постоел. Фактот што опишаниот Исус во сите четири евангелија очигледно е истата личност, е убедлив доказ за вистинитоста на евангелијата.

29 Мајкл Грант наведува едно многу прикладно прашање: „Како се случило, низ сите евангелиски традиции без исклучок, да дојде еден извонредно цврсто подвлечен портрет за еден атрактивен млад човек кој се движи слободно меѓу секаков вид жени, вклучувајќи ги и неоспорно озлогласените, без трага на сентименталност, неприродност или претерана скромност, а сепак на секое место да задржи едноставен интегритет на карактерот?“20 Единствениот одговор е дека таков човек навистина постоел и постапувал на начинот на кој кажува Библијата.

Зошто тие не веруваат

30, 31. Зошто многумина не ги прифаќаат Христијанските грчки списи како историски точни и покрај сиот доказ?

30 Со оглед на тоа што постои силен доказ за да се каже дека Грчките списи се вистинита историја, зошто некои велат дека не се? Зошто многумина, иако прифаќаат делови од нив како вистинити, сепак одбиваат да прифатат сѐ што содржат тие? Тоа е воглавно затоа што Библијата запишува работи во кои современите интелектуалци не сакаат да веруваат. На пример, таа кажува дека Исус ги исполнил и ги изрекол пророштвата. Таа кажува и дека тој вршел чуда и дека после неговата смрт бил воскреснат.

31 Во овој скептичен 20 век таквите работи се неверојатни. Во поглед на чудата, професор Езра П. Гулд забележува: „Постои една резервираност за која некои од самите критичари мислат дека се во право . . . дека чуда не се случуваат“.21 Некои прифаќаат дека Исус можеби извршувал лечења, но само од психосоматски тип — умот над материјата. А што се однесува до другите чуда, повеќето ги објаснуваат или како измислици или како реални настани кои биле искривени при раскажувањето.

32, 33. Како некои се обиделе да го објаснат Исусовото чудо — хранење огромно мноштво, но зошто тоа е нелогично?

32 Како пример за тоа, разгледај ја приликата кога Исус нахранил едно мноштво од над 5.000 лица со само неколку леба и две риби (Матеј 14:14—22). Хенрих Паулус, изучувач од 19 век, сугерирал дека она што се случило било следново: Исус и неговите апостоли биле придружени од едно огромно мноштво кое огладнело. Затоа, тој решил да им даде добар пример на богатите меѓу нив. Ја зел онаа малку храна што ја имале тој и неговите апостоли и ја поделил со мноштвото. Наскоро, другите кои донеле храна го следеле неговиот пример и ја поделиле својата. На крај, целото мноштво било нахрането.22

33 Но, доколку тоа навистина се случило, тогаш тоа бил извонреден доказ за моќта на добриот пример. Зошто една таква интересна и значајна приказна би била искривена за да звучи како натприродно чудо? Навистина, сите такви обиди да се објаснат чудата како нешто друго освен чудесно, создаваат повеќе проблеми отколку што решаваат. И сите тие се темелени на лажна претпоставка. Започнуваат со претполагање дека чудата се невозможни. Но, зошто требало тоа да биде случај?

34. Доколку Библијата навистина содржи точни пророштва и извештаи за вистински чуда, што докажува тоа?

34 Според најразумните мерила, и Хебрејските и Грчките списи се вистинита историја, па сепак и едните и другите содржат примери за пророштва и чуда. (Спореди 4. Царства 4:42—44.) Тогаш, што ако тие пророштва се вистинити? И што ако чудата всушност се случиле? Тогаш навистина Бог стоел зад пишувањето на Библијата, и таа вистински е негова реч, а не човечка. Во едно понатамошно поглавје ќе дискутираме за прашањето за пророштвото, но прво да ги разгледаме чудата. Дали е разумно во овој 20 век да веруваме дека во раните векови сепак се случувале чуда?

[Истакната мисла на страница 66]

Зошто Библијата би известила дека Исусовото воскресение првпат го откриле жени, доколку тоа всушност не се случело?

[Рамка на страница 56]

Современиот критицизам најден како недостаточен

Како пример за несигурната природа на современиот критицизам на Библијата, разгледај ги овие забелешки од Рејмонд Е. Браун во врска со Евангелието по Јован: „Кон крајот на минатиот век и во раните години на овој век, ученоста помина низ еден период на краен скептицизам во врска со ова Евангелие. Јован бил датиран многу доцна, дури во втората половина на 2 век. Како продукт на хелинистичкиот свет, се мислело дека тоа е сосема без историска вредност и дека има мала врска со Палестина на Исус од Назарет. . .

Не постои таков став врз кој не влијаела една низа неочекувани археолошки, документирани и текстуални откритија. Овие откритија нѐ воделе до тоа интелигентно да им приговориме на критичките гледишта што станале речиси ортодоксни и да признаеме колку бил кршлив темелот кој ја поддржувал високата скептична анализа на Јован . . .

Датирањето на Евангелието било поместено наназад, до крајот на 1 век или уште порано . . . Можеби најчудно од сѐ е што некои изучувачи дури и се осмелуваат уште еднаш да предложат дека Јован, синот Зеведеев, можеби имал нешто со Евангелието!“3

Зошто би изгледало чудно да се верува дека Јован ја напишал книгата која традиционално му се припишува нему? Само затоа што таа не се вклопува со однапред смислените идеи на критичарите.

[Рамка на страница 70]

Само уште еден напад врз Библијата

Тимоти П. Вебер пишува: „Наодите на вишиот критицизам принудиле многу лаици да се сомневаат во својата способност да разберат што и да било [во Библијата] . . . А. Т. Пирсон ја изразил фрустрацијата на многу евангелисти кога навел дека ‚слично на римокатолицизмот, [вишиот критицизам] практично ја оддалечува Речта Божја од обичниот народ претполагајќи дека само изучувачите можат да ја интерпретираат; додека Рим става свештеник меѓу човекот и Речта, критицизмот става образован објаснувач меѓу верникот и неговата Библија‘“.23 На тој начин, современиот виш критицизам е разоткриен само како уште еден напад врз Библијата.

[Слика на страница 62]

Овој олтар во Пергам по сѐ изгледа бил посветен „на непознатите богови“

[Слика на страница 63]

Урнатините на некогаш величествениот храм на Артемида на кој ефесјаните биле толку горди

[Слика на страница 64]

Библијата чесно известува дека Петар порекнал оти го знае Исус

[Слика на страница 67]

Библијата отворено известува за ‚жестокиот излив на гнев‘ меѓу Павле и Варнава

[Слика на страница 68]

Доследноста на прикажувањето на Исус во четирите евангелија е силен доказ за нивната вистинитост

[Слика на страница 69]

Повеќето современи критичари сметаат дека само по себе е разбирливо што чуда не се случуваат

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели