Вистината за Исус
ИЗГЛЕДА дека им нема крај на теориите и шпекулациите околу тоа кој бил Исус и што тој постигнал. Но, како е со самата Библија? Што ни кажува таа за Исус Христос?
Што вели Библијата
Ако внимателно ја читаш Библијата, ќе ги забележиш овие клучни факти:
◻ Исус е единородениот Син Божји, првородениот од сета творба (Јован 3:16; Колосјаните 1:15).
◻ Пред околу два милениума, Бог го префрлил Исусовиот живот во матката на една еврејска девица за да се роди како човек (Матеј 1:18; Јован 1:14).
◻ Исус бил повеќе отколку само добар човек. Во секој поглед, бил верен одраз на прекрасната личност на својот Татко, Јехова Бог (Јован 14:9, 10; Евреите 1:3).
◻ Во текот на својата земна служба, Исус со љубов се грижел за потребите на угнетените. На чудесен начин ги лечел болните и дури ги подигал умрените (Матеј 11:4—6; Јован 11:5—45).
◻ Исус го објавувал Божјето Царство како единствена надеж за бедното човештво, и ги обучил своите ученици да продолжат со ова проповедничко дело (Матеј 4:17; 10:5—7; 28:19, 20).
◻ На 14 низан (отприлика 1 април) 33 година н. е., Исус бил уапсен, суден, осуден и погубен под лажно обвинение за заведување (Матеј 26:18—20, Мт 26:48—27:50).
◻ Исусовата смрт служи како откупнина, ослободувајќи го човештвото кое верува од неговата грешна состојба и на тој начин отворајќи го патот кон вечен живот за сите оние кои покажуваат вера во него (Римјаните 3:23, 24; 1. Јованово 2:2).
◻ На 16 низан, Исус бил воскреснат и, кратко потоа, се вознел назад на небото за да му ја плати на својот Татко откупната вредност на својот совршен човечки живот (Марко 16:1—8; Лука 24:50—53; Дела 1:6—9).
◻ Како Јеховин поставен Цар, воскреснатиот Исус има полн авторитет да ја изврши Божјата првобитна намера со човекот (Исаија 9:6, 7; Лука 1:32, 33).
На тој начин, Библијата го прикажува Исуса како клучна фигура во извршувањето на Божјите намери. Но, како можеш да бидеш сигурен дека ова е вистинскиот Исус — историскиот Исус, кој бил роден во Витлеем и кој одел по Земјава пред околу 2.000 години?
Основа за доверба
Многу сомневања ќе се намалат ако Христијанските грчки списи едноставно се прочитаат со непристрастен ум. Правејќи го тоа, ќе утврдиш дека библискиот извештај не е нејасно раскажување на настани, како што е случај со митологијата. Напротив, наведени се имиња, специфични времиња и точни места. (На пример, види Лука 3:1, 2.) Понатаму, Исусовите ученици се опишани со забележлива чесност, со искреност која му влева доверба на читателот. Писателите никого не разубавувале — дури ни себеси — со цел да направат верен запис. Да, ќе видиш дека Библијата го има звукот на вистината (Матеј 14:28—31; 16:21—23; 26:56, 69—75; Марко 9:33, 34; Галатјаните 2:11—14; 2. Петрово 1:16).
Но, тоа не е сѐ. Археолошките откритија секогаш одново го поткрепувале библискиот извештај. На пример, ако го посетиш Израелскиот музеј во Ерусалим, можеш да видиш еден камен што го именува Понтиј Пилат. Други археолошки откритија ги потврдуваат Лисаниј и Сергиј Павле, кои ги споменува Библијата, како вистински личности, а не како фиктивни творби на раните христијани. Настаните за кои се известува во Христијанските грчки списи (Новиот завет), имаат изобилна поткрепа во укажувањата на древните писатели, вклучувајќи ги Јувенал, Тацит, Сенека, Светониј, Плиниј Помладиот, Лукијан, Целзиј и еврејскиот историчар Јосиф.a
Извештаите што се изнесени во Христијанските грчки списи без дилема биле прифатени од илјадници лица кои живееле во првиот век. Дури и непријателите на христијанството не ја негирале вистинитоста на она за што се известува дека Исус го рекол или направил. Во врска со можноста Исусовиот лик да бил украсен од страна на неговите ученици после неговата смрт, професор Ф. Ф. Брус коментира: „Воопшто не било толку лесно, како што изгледа мислат некои писатели, во тие рани години едноставно да се измислат зборовите и делата на Исус, затоа што сѐ уште живееле многу од неговите ученици кои можеле да се сетат што се случило, а што не . . . Учениците едноставно не можеле да си дозволат неточности (а камоли свесни извртувања на фактите), затоа што веднаш би биле разоткриени од оние кои едвај чекале на таква прилика“.
Зошто не веруваат
Меѓутоа, некои научници остануваат скептични. Иако тие претпоставуваат дека библискиот извештај е измислен, тие желно трагаат по апокрифни списи и ги прифаќаат како веродостојни! Зошто? Очигледно, библискиот извештај содржи работи во кои мнозина современи интелектуалци не сакаат да веруваат.
Во својата Union Bible Companion, издадена 1871 година, С. Остин Алибоун изнел еден предизвик до скептиците. Тој напишал: „Прашајте кој и да било, кој тврди дека се сомнева во евангелската историја, каква причина има да верува дека Цезар умрел во Капитол, или дека императорот Карло Велики во 800-тата година бил крунисан за император на Западот од страна на папата Лео III? . . Ние веруваме во сите овие тврдења . . . што се направени во врска со овие луѓе, и тоа затоа што имаме историски доказ за нивната вистина . . . Ако некои, после изнесувањето на таквиот доказ како што е овој, сѐ уште одбиваат да веруваат, ние ги напуштаме како глупаво тврдоглави или безнадежно неуки. Тогаш, што би рекле за оние, кои и покрај изобилните докази што сега се изнесени за автентичноста на Светото писмо, тврдат дека не се уверени? . . Тие не сакаат да веруваат во она што ја понизува нивната гордост и што ќе ги присили да водат поинаков живот“.
Да, некои скептици имаат задни мисли кога ги отфрлаат Христијанските грчки списи. Проблемот што го имаат тие не е во неверодостојноста, туку во мерилата на тие списи. На пример, за своите следбеници Исус рекол: „Тие не се [дел, НС] од светот, како и Јас што не сум [дел, НС] од него“ (Јован 17:14). Меѓутоа, мнозина кои се исповедаат како христијани, длабоко се вмешани во политичките работи на овој свет, па дури и во крвави војни. Наместо самите тие да се повинуваат на библиските мерила, многу луѓе би сакале Библијата да се повинува на нивните сопствени мерила.
Исто така, размисли за работите во врска со моралот. Исус му дал остар совет на собранието во Тиатира поради толерирањето блуд. „Јас сум Оној, Кој ги испитува срцата и бубрезите“ — им рекол тој — „и секому од вас ќе му дадам според делата негови“b (Откровение 2:18—23). Сепак, зарем не е вистина дека мнозина кои се исповедаат дека се христијани, ги отфрлаат моралните мерила настрана? Тие порадо би го отфрлиле она што го рекол Исус отколку да го отфрлат својот неморален начин на однесување.
Склони да не го прифаќаат Исус од Библијата, научниците си создале свој Исус. Тие стануваат виновни за правење мит за кој тие лажно ги обвинуваат писателите на евангелијата. Ги задржуваат оние делови од Исусовиот живот што сакаат да ги прифатат, остатокот го отфрлаат и додаваат неколку свои детали. Всушност, нивниот патувачки мудрец или социјален револуционер не е историскиот Исус за кого тврдат дека го бараат; напротив, тој едноставно е измислица на горделиви научни фантазии.
Да се пронајде вистинскиот Исус
Исус настојувал да ги разбуди срцата на оние кои искрено гладувале по вистината и праведноста (Матеј 5:3, 6, НС; 13:10—15). Таквите се оѕвиваат на Исусовата покана: „Дојдете при мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам; земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши; зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно“ (Матеј 11:28—30).
Вистинскиот Исус не може да се открие во книгите напишани од современите научници; ниту, пак, се наоѓа во црквите на христијанскиот свет, кои станале легло на човечки традиции. Историскиот Исус можеш да го пронајдеш во својот примерок од Библијата. Дали би сакал да дознаеш повеќе за него? Јеховините сведоци ќе бидат среќни да ти помогнат во тоа.
[Фусноти]
a За повеќе информации, види The Bible—God’s Word or Man’s? (Библијата — Реч Божја или човечка?), поглавје 5, страници 55—70, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
b Во Библијата, бубрезите понекогаш ги претставуваат најдлабоките мисли и емоции на поединецот.
[Рамка на страница 6]
ВЕКОВИ НА КРИТИЦИЗАМ
Критицизмот на Христијанските грчки списи пуштил корен пред повеќе од 200 години, кога германскиот филозоф Херман Самуел Рајмарус (1694—1768) тврдел: „Имаме право да направиме апсолутна разлика помеѓу учењето на Апостолите во нивните списи и она што го објавувал и поучувал Самиот Исус во Својот животен век“. Од времето на Рајмарус па наваму, многу научници биле поучувани да мислат слично.
Книгата The Real Jesus (Вистинскиот Исус) забележува дека многу критичари од минатото не се сметале себеси за отпадници. Наместо тоа, „тие себеси се сфаќале како поискрени христијани затоа што раскинале со оковите на догмата и празноверието“. Вишиот критицизам, мислеле тие, претставувал еден „прочистен облик на христијанство“.
Жалосниот факт е дека христијанскиот свет станал легло на човечка традиција. Доктрините за бесмртната душа, тројството и огнениот пекол се само некои од учењата што се спротивни на Библијата. Но, писателите на Христијанските грчки списи не биле одговорни за ова расипување на вистината. Напротив, тие се бореле против првите траги на лажни учења кон средината на првиот век, кога Павле напишал дека ‚веќе дејствувал‘ отпадот меѓу оние кои се исповедале како христијани (2. Солунјаните 2:3, 7). Можеме да бидеме уверени дека она што е содржано во Христијанските грчки списи претставува запис на историска и доктринарна вистина.
[Рамка на страница 7]
КОГА БИЛЕ НАПИШАНИ ЕВАНГЕЛИЈАТА?
Мнозина критичари на Новиот завет тврдат дека евангелијата биле запишани долго после настаните што ги опишуваат и дека затоа е скоро сигурно оти содржат неточности.
Меѓутоа, доказите укажуваат на еден поран датум за пишувањето на Матеј, Марко и Лука. Потписите во некои ракописни примероци на Матеј покажуваат дека оригиналното пишување се случило веќе во 41 година н. е. Лука веројатно бил напишан помеѓу 56 и 58 година н. е., затоа што книгата Дела (веројатно завршена до 61 година н. е.) покажува дека писателот, Лука, веќе ја имал составено својата ‚прва книга‘, евангелието (Дела 1:1). За Марковото евангелие се смета дека било составено во Рим за време на првото или второто затворање на апостол Павле — веројатно помеѓу 60 и 65 година н. е.
Професор Креиг Л. Бломберг се сложува со едно порано датирање на овие евангелија. Тој забележува дека, дури и ако го додадеме Јовановото евангелие, кое било составено при крајот на првиот век, „пак сме многу поблиску до оригиналните настани отколку многу древни биографии. На пример, двајцата најрани биографи на Александар Велики — Аријан и Плутарх, пишувале повеќе од четиристотини години после Александровата смрт во 323 година пр. н. е. а сепак историчарите главно ги сметаат за веродостојни. Со текот на времето, се развиле фабулозни легенди за животот на Александар, но во најголем дел дури во текот на неколкуте векови после овие двајца писатели. Историските делови на Христијанските грчки списи сигурно се достојни барем за толкава доверба како и световните.
[Слика на страница 8]
Радоста ќе владее надмоќно за сите во идниот земен рај