Поглавје 6
Чудата — дали навистина се случиле?
Еден ден во 31 н. е. Исус и неговите ученици патувале кон Наин, град во северна Палестина. Додека се приближувале кон градската порта наишле на една погребна поворка. Починатиот бил млад човек. Неговата мајка била вдовица, а тој ѝ бил единствен син, така што сега била сосема сама. Според записот, Исус ‚се сожалил на неа, па ѝ рекол: „Не плачи!“ И кога се приближил, се допрел до носилото; носачите застанале, а Он рекол: „Момче, тебе ти велам, стани!“ Мртовецот станал и седнал, и почнал да зборува‘ (Лука 7:11—15).
1. (Вклучи го и уводот.) а) Какво чудо извршил Исус во близина на градот Наин? б) Колку се важни чудата во Библијата, но сепак дали сите луѓе веруваат дека тие навистина се случиле?
ТОА е приказна која го радува срцето, но дали е точна? На многумина им е тешко да веруваат дека такви работи некогаш навистина се случиле. Сепак, чудата се составен дел од библискиот запис. Верата во Библијата значи верување дека чудата се случиле. Всушност, целиот образец на библиската вистина зависи од едно многу важно чудо: воскресението на Исус Христос.
Зошто некои не веруваат
2, 3. Кој е еден начин на резонирање што го користел шкотскиот филозоф Дејвид Хјум со цел да докаже дека чудата не се случуваат?
2 Веруваш ли во чуда? Или, дали мислиш дека во оваа научна ера е нелогично да се верува во чуда — т. е. во несекојдневни настани кои даваат доказ за натчовечка интервенција? Ако не веруваш, не си првиот. Пред два века, шкотскиот филозоф Дејвид Хјум го имал истиот проблем. Можеби твоите причини за неверување се слични со неговите.
3 Хјумовите приговори на идејата за чудата вклучувале три истакнати поенти.1 Прво, тој пишува: „Чудото е кршење на законите на природата“. Од памтивек човекот се потпирал на законите на природата. Нему му е познато дека ако се пушти некој предмет, тој ќе падне, дека сонцето ќе изгрее секое утро и ќе зајде секоја ноќ итн. Инстинктивно, тој знае дека настаните секогаш ќе следат такви слични обрасци. Нема никогаш да се случи нешто што не е во хармонија со природните закони. Тој ‚доказ‘, мислел Хјум, „е потполн колку кој и да било аргумент од искуството“ против можноста за чуда.
4, 5. Кои други две причини ги изнел Дејвид Хјум за да ја порекне можноста за чудата?
4 Вториот аргумент што тој го изнел бил дека луѓето лесно се изигруваат. Некои сакаат да веруваат во чудесии и во чуда, особено кога тоа е поврзано со религијата, но испаднало дека многу таканаречени чуда се фалсификати. Третиот аргумент бил дека за чудата обично се известувало во време на незнаење. Како што луѓето станувале пообразовани, се известувало за сѐ помалку чуда. Како што Хјум го изразил тоа, „таквите необични настани никогаш не се случуваат во наше време“. Така, тој мислел дека тоа докажувало оти тие никогаш и не се случиле.
5 До ден-денес, повеќето аргументи против чудата ги следат овие општи начела, па затоа да ги разгледаме Хјумовите приговори, еден по еден.
Против законите на природата?
6. Зошто е нелогично да се приговори на идејата за чудата на темел на тоа дека тие се ‚кршење на законите на природата‘?
6 Што е со приговорот дека чудата се ‚кршење на законите на природата‘, па затоа и не можат да бидат точни? Површно, ова би можело да изгледа убедливо; но анализирај што всушност е кажано. Обично, чудо може да се дефинира како нешто што се појавува надвор од нормалните закони на природата.a Тоа е толку неочекувана појава што посматрачите се уверени дека посведочиле за натчовечка интервенција. Оттука, она што значи приговорот, всушност, е: ‚Чудата се невозможни бидејќи тие се чудни!‘ Зошто да не го разгледаме доказот пред да донесеме таков пребрз заклучок?
7, 8. а) Со оглед на законите на природата како што ги знаеме, на кои начини научниците станале поширокогради во нивното гледиште за она што е можно, а што не? б) Доколку веруваме во Бог, што треба исто така да веруваме во однос на неговата способност да прави необични работи?
7 Вистината е тоа дека образованите луѓе денес се помалку подготвени отколку што бил Дејвид Хјум за да инсистираат дека познатите закони на природата верно се држат насекаде и во сите времиња. Научниците се спремни да шпекулираат околу тоа дали, наместо трите познати димензии за должина, ширина и тежина, можеби има многу додатни димензии во универзумот.2 Тие теоретизираат за постоењето на црни дупки — огромни ѕвезди кои пропаѓаат во себе сѐ додека нивната густина не стане скоро бесконечна. Речено е дека во нивна близина, структурата на вселената ќе биде толку изопачена што и самото време ќе застане.3 Научниците дури дебатирале за тоа дали, под извесни околности, времето ќе тече наназад наместо нанапред!4
8 Стефан В. Хоукинг, лукезијански професор по математика на универзитетот во Кембриџ, кога дискутирал за тоа како започнал универзумот, рекол: „Во класичната теорија за општиот релативитет . . . почнувањето на универзумот морало да биде сингуларитет од бесконечна густина и од кривата простор-време. Под такви околности, сите познати закони на физиката би се нарушиле“.5 Затоа, современите научници не се сложуваат со тоа дека, бидејќи нешто е спротивно на нормалните закони на природата, тоа не може да се случи никогаш. Во необични околности, може да се случат необични работи. Секако, доколку веруваме во семоќен Бог, треба да признаеме дека тој има моќ да предизвика да се случуваат необични — чудни — настани, кога тоа одговара на неговата намера (2. Мојсеева 15:6—10; Исаија 40:13, 15).
Што е со фалсификатите?
9. Дали е точно дека некои чуда се фалсификати? Објасни го својот одговор.
9 Ниедно разумно лице не би порекнало дека постојат фалсификувани чуда. На пример, некои тврдат дека имаат моќ да лечат болни преку чудесно лекување со вера. Еден доктор по медицина, Вилијам А. Нолан, го направил да му биде специјален проект истражувањето на таквите лечења. Тој проследил извесен број наводни лекувања како меѓу евангелистички лечители со вера во Соединетите Држави така и меѓу таканаречените психохирурзи во Азија. Резултатот? Сите што ги нашол биле примери на разочарување и измама.6
10. Дали мислиш дека фактот што некои чуда се демонстрирани како фалсификати докажува дека сите чуда се измамнички?
10 Дали таквите измами значат дека никогаш не се случиле вистински чуда? Не мора да значи. Понекогаш слушаме дека се пуштени во оптег фалсификувани банкноти, но тоа не значи дека сите пари се фалсификувани. Некои болни луѓе полагаат многу вера во надрилекари, измамнички лекари, и им даваат многу пари. Но, тоа не значи дека сите лекари се измамници. Некои уметници се вешти во фалсификување слики од „стари мајстори“. Но, тоа не значи дека сите слики се фалсификати. Ниту, пак, фактот што некои наводни чуда очигледно се фалсификати значи дека никогаш не можат да се случат вистински чуда.
,Сега не се случуваат чуда‘
11. Кој бил третиот приговор на Дејвид Хјум во врска со идејата за чудата?
11 Третиот приговор беше сумиран во изразот: „Такви необични настани никогаш не се случуваат во наше време“. Хјум никогаш не видел чудо, па затоа одбил да верува дека можеле да се случуваат чуда. Меѓутоа, овој вид резонирање е недоследен. Секое лице кое размислува мора да признае дека, пред деновите на шкотскиот филозоф, се случиле „необични настани“ кои не се повториле за време на неговиот живот. Какви настани?
12. Кои прекрасни настани се случиле во минатото што не можат да бидат објаснети со законите на природата кои функционираат денес?
12 Како прво, животот почнал на Земјата. Потоа, извесни облици на живот биле надарени со свест. На крај, се појавил човекот, надарен со мудрост, имагинација, капацитет да љуби и со дар на совест. Ниту еден научник не може да објасни, на темел на законите на природата кои дејствуваат денес, како се случиле таквите извонредни работи. Сепак, имаме жив доказ дека тие се случиле.
13, 14. Кои работи што се вообичаени денес би му изгледале чудни на Дејвид Хјум?
13 А што е со ‚необичните настани‘ кои се случиле од времето на Дејвид Хјум? Да претпоставиме дека сме можеле да отпатуваме назад до тоа време и да му кажеме за денешниов свет. Замисли си го обидот да му објасниме дека еден бизнисмен во Хамбург може да зборува со некого кој е на илјадници километри далеку во Токио, дури и без да го подигне својот глас; дека еден фудбалски меч во Шпанија може да се гледа низ целата Земја во моментот додека се игра; дека објекти како садови кои се многу поголеми од прекуокеанските бродови од времето на Хјум, можат да се подигнат од површината на Земјата и да пренесат 500 луѓе низ воздухот на илјадници километри, само за неколку часа. Можеш ли да си ја замислиш неговата реакција? ‚Невозможно! Такви необични настани никогаш не се случуваат во наше време!‘
14 Меѓутоа, таквите ‚необичности‘ сепак се случуваат во наше време. Зошто? Бидејќи човекот, користејќи ги научните начела за кои Хјум немал поим, научил да конструира телефони, телевизиски приемници и авиони. Тогаш, дали е толку тешко да се верува дека во некоја прилика во минатото Бог можел, на начини кои ние сѐ уште не ги разбираме, да изврши работи кои нам ни се чудни?
Како можеме да знаеме?
15, 16. Доколку чудата навистина се случиле, кој е единствениот начин на кој би можеле да знаеме за нив? Илустрирај го својот одговор.
15 Се разбира, да се каже дека можеле да се случат чуда не значи и дека се случиле. Како можеме да знаеме, во овој 20 век, дали во библиските времиња Бог правел вистински чуда преку своите слуги на Земјата или, пак, не правел? Каков вид доказ би очекувал ти за таквите работи? Замисли си еден примитивен племеник кој е земен од неговата родна џунгла за да посети еден голем град. Кога ќе се врати, како може да му опише на својот народ за феномените на цивилизацијата? Не може да објасни како функционира автомобилот или зошто од едно радио излегува музика. Не може да конструира компјутер за да докаже дека постои таква работа. Сѐ што може да стори е да каже што видел.
16 Ние сме во истата ситуација како соплемениците на тој човек. Доколку Бог навистина правел чуда, единствениот начин на кој можеме да дознаеме за нив е од очевидци. Очевидците не можат да објаснат како се случиле чудата ниту, пак, можат да ги копираат. Можат само да ни кажат што виделе. Јасно, очевидците можат да бидат излажани. Исто така, тие лесно можат да преувеличат или погрешно да информираат. Тогаш, ако сакаме да веруваме во нивното сведоштво, треба да знаеме дека овие очевидци се верни, од висок квалитет и се докажале дека имаат добри мотиви.
Најпосведочено чудо
17. а) Кое е најпосведоченото чудо во Библијата? б) Какви биле околностите што воделе до Исусовата смрт?
17 Најпосведоченото чудо во Библијата е воскресението на Исус Христос, па зошто тогаш да не го употребиме него — така да кажеме — за пробен случај кој може да служи како преседан. Прво, разгледај ги фактите за кои се известува: Исус бил уапсен вечерта на 14 Нисан — што се погодило четврток навечер, според современиот начин на сметање на седмицата.b Се појавил пред водачите на Евреите кои го обвиниле за богохулство и одлучиле дека тој мора да умре. Еврејските водачи го одвеле Исус пред римскиот управител Понтиј Пилат, кој подлегнал на нивниот притисок и го предал на погубување. Можеби при крајот на утрото в петок — сѐ уште 14 Нисан според еврејскиот календар — тој бил прикован на маченички столб и за неколку часа бил мртов (Марко 14:43—65; 15:1—39).
18. Според Библијата, како почнал да кружи извештајот за Исусовото воскресение?
18 Откако еден римски војник со копје ја прободел Исусовата слабина за да се увери дека навистина е мртов, Исусовото тело било закопано во еден нов гроб. Следниот ден, 15 Нисан (петок/сабота), било сабат. Но, утрото на 16 Нисан — недела наутро — некои ученици отишле кај гробот и го нашле празен. Наскоро, почнале да кружат приказни дека Исус бил виден жив. Почетната реакција од овие приказни била токму онаква каква што би била и денес — неверување. Дури и апостолите одбиле да веруваат. Но, кога самите го виделе живиот Исус, немале избор освен да прифатат дека тој навистина бил подигнат од мртвите (Јован 19:31—20:29; Лука 24:11).
Празниот гроб
19-21. а) Според Џастин Мартир, како возвратиле Евреите на проповедањето на христијаните за Исусовото воскресение? б) За што можеме да бидеме сигурни дека било точно во врска со Исусовиот гроб на 16 Нисан?
19 Дали Исус бил воскреснат или сето тоа било само измислица? Една работа што веројатно би прашале луѓето тогаш е: Дали Исусовото тело е сѐ уште во неговиот гроб? Исусовите следбеници би се соочиле со огромна препрека доколку нивните противници можеле да укажат на неговиот дословен леш кој сѐ уште би бил на неговото место на закоп како доказ дека тој не бил воскреснат. Меѓутоа, не постои запис дека некогаш го сториле тоа. Напротив, според Библијата, тие им дале пари на војниците кои биле доделени да го чуваат гробот и им рекле: „Кажете, дека учениците негови дојдоа и Го украдоа, кога ние спиевме“ (Матеј 28:11—13). Имаме доказ и надвор од Библијата дека еврејските водачи постапиле на тој начин.
20 Околу еден век после Исусовата смрт, Џастин Мартир напишал едно дело наречено Dialogue With Trypho. Во него, тој рекол: „Вие [Евреите] испративте избрани и ординирани мажи низ светот за да објавуваат дека една безбожна и противзаконска ерес потекнала од некој Исус, галилејскиот измамник, кого го распнавме, но кого неговите ученици го украдоа ноќе од гробот, каде што беше положен“.7
21 Значи, Трифо бил Евреин, а Dialogue With Trypho бил напишан за да го одбрани христијанството од јудаизмот. Оттука, неверојатно е дека Џастин Мартир би го рекол тоа што го рекол — дека Евреите ги обвиниле христијаните оти го украле Исусовото тело од гробот — доколку Евреите не изнеле такво обвинение. Инаку, тој би се изложил да биде обвинет за лага, која лесно можела да се потврди. Џастин Мартир би го рекол тоа само ако Евреите навистина испратиле такви гласници. А тие би го сториле тоа само доколку гробот навистина бил празен на 16 Нисан 33 н. е. и доколку не можеле да укажат на Исусовото тело во гробот како доказ дека тој не бил воскреснат. Па затоа, бидејќи гробот бил празен, што се случило? Дали учениците го украле телото? Или, пак, тоа на чудесен начин било отстрането како доказ дека Исус навистина бил воскреснат?
Заклучокот на лекарот Лука
22, 23. Кој бил еден образован човек од првиот век што детално го испитал воскресението на Исус, и кои извори на информации му биле на располагање?
22 Еден високообразован човек од првиот век кој внимателно го разгледал доказот, бил лекарот Лука (Колосјаните 4:14). Лука напишал две книги кои сега се дел од Библијата: една е Евангелие, односно историја за Исусовата служба, а другата наречена Дела на апостолите е историја за ширењето на христијанството во годините после Исусовата смрт.
23 Во уводот на своето Евангелие, Лука укажува на голем доказ што му бил на располагање, но кој повеќе не ни е на располагање нам. Тој зборува за пишаните документи во врска со Исусовиот живот кои ги консултирал. Исто така, тој забележува дека зборувал со очевидци на Исусовиот живот, смрт и воскресение. Потоа, вели: „Откако испитав сѐ од почетокот, да ти опишам точно по ред“ (Лука 1:1—3). Очигледно, истражувањето на Лука било темелно. Дали тој бил добар историчар?
24, 25. Како многумина гледаат на квалификациите на Лука како историчар?
24 Мнозина потврдиле дека бил. Во 1913, сер Вилијам Ремси во едно предавање коментирал за историчноста на делата на Лука. Неговиот заклучок? „Лука е историчар од прв ранг; неговите изјави не се само факт кој е достоен за доверба; тој е опседнат со вистинско историско чувство.“8 Понеодамнешни истражувачи дошле до истиот заклучок. Кога The Living Word Commentary ги воведува своите томови за Лука, вели: „Лука бил и историчар (и тоа точен) и теолог“.
25 Д-р Дејвид Гудинг, поранешен професор за Стариот грчки завет во Северна Ирска, изјавува дека Лука бил „древен историчар по традицијата на историчарите на Стариот завет и по традицијата на Тукидид [еден од највисоко рангираните историчари од древниот свет]. Како нив, тој многу се трудел во истражувањето на своите извори, во избирањето на својот материјал и во распоредувањето на тој материјал . . . Тукидид го комбинирал овој метод со копнежот за историска точност: нема причина да се мисли дека Лука сторил помалку“.9
26. а) Каков бил Лукиниот заклучок во врска со Исусовото воскресение? б) Што можеби го зајакнало во тој заклучок?
26 Каков бил заклучокот на овој човек со висока стручност во врска со тоа зошто на 16 Нисан Исусовиот гроб бил празен? Како во своето Евангелие така и во книгата Дела, Лука известува како факт дека Исус бил подигнат од мртвите (Лука 24:1—52; Дела 1:3). Тој воопшто не се сомневал во тоа. Можеби неговото верување во чудото на воскресение било зајакнато од неговите лични искуства. Иако по сѐ изгледа тој не бил очевидец на воскресението, сепак известува сведочејќи за чуда кои ги извршувал апостол Павле (Дела 20:7—12; 28:8, 9).
Тие го виделе воскреснатиот Исус
27. Кои се некои кои тврделе дека го виделе воскреснатиот Исус?
27 Две од Евангелијата традиционално им се припишани на мажи кои го знаеле Исус, го виделе како умира и тврделе дека вистински го виделе после неговото воскресение. Тоа се апостолите Матеј, поранешен порезник, и Јован, Исусовиот љубен апостол. Друг библиски писател, апостол Павле, исто така тврдел дека го видел подигнатиот Христос. Освен тоа, Павле навел по име и други кои го виделе Исуса жив после неговата смрт, и вели дека Исус во една прилика се појавил пред „повеќе од петстотини браќа“ (1. Коринтјаните 15:3—8).
28. Каков ефект имало врз Петар Исусовото воскресение?
28 Еден очевидец кого Павле го спомнува е Јаков, Исусовиот телесен полубрат, кој мора да го познавал Исус уште од детството. Друг е апостол Петар; историчарот Лука известува дека тој дал бестрашно сведоштво во врска со Исусовото воскресение само неколку седмици после Исусовата смрт (Дела 2:23, 24). Две писма во Библијата традиционално му се припишуваат на Петар, и во првото од нив Петар покажува дека неговото верување во воскресението на Исус сѐ уште било моќна мотивација дури и многу години после тој настан. Тој напишал: „Благословен е Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Кој по својата голема милост нѐ прероди преку воскресението на Исуса Христа: да ви се умножи благодатта и мирот!“ (1. Петрово 1:3).
29. Иако не можеме да зборуваме со очевидците на воскресението, сепак каков импресивен доказ ни е достапен?
29 Според тоа, токму онака како што Лука можел да зборува со луѓето кои тврделе дека го виделе Исус и дека зборувале со него после неговата смрт, така и ние можеме да ги читаме зборовите што ги напишале некои од нив. И самите можеме да судиме дали тие луѓе биле измамени, дали се обидувале да нѐ измамат нас или дали навистина го виделе воскреснатиот Христос. Отворено кажано, нема шанси да можеле тие да бидат измамени. Извесен број од нив биле Исусови присни пријатели сѐ до неговата смрт. Некои од нив сведочеле за неговата агонија на маченичкиот столб. Ја виделе крвта и водата кои истекуваат од раната во слабината која ја нанел војникот со копјето. Војникот знаел, а и тие знаеле, дека Исус неоспорно е мртов. Подоцна, велат тие, го виделе Исуса жив и всушност зборувале со него. Не, не можело да бидат измамени. Тогаш, дали се обидувале да нѐ измамат нас со тоа што рекле дека Исус е воскреснат? (Јован 19:32—35; 21:4, 15—24).
30. Зошто е невозможно да лажеле раните очевидци на Исусовото воскресение?
30 За да одговориме на тоа, мораме само да се запрашаме: Дали самите тие верувале во она што го кажувале? Да, без сомнение. За христијаните, вклучувајќи ги и оние кои тврделе дека се очевидци, воскресението на Исус било целиот темел на нивното верување. Апостол Павле рекол: „Ако, пак, Христос не воскреснал, тогаш празна е нашата проповед, празна е и нашата вера . . . ако, пак, Христос не воскреснал, суетна е верата ваша“ (1. Коринтјаните 15:14, 17). Дали овие звучат како зборови на човек кој лаже кога вели дека го видел воскреснатиот Христос?
31, 32. Какви жртви правеле раните христијани, и зошто тоа е силен доказ дека тие христијани ја кажувале вистината кога рекле дека Исус е воскреснат?
31 Размисли што значело да се биде христијанин во тие денови. Немало добивка во престиж, моќ или богатство. Сосема спротивното. Многумина од раните христијани ‚со радост позволиле нивниот имот да се разграби‘ заради нивната вера (Евреите 10:34). Христијанството барало живот на пожртвуваност и прогонство што во многу случаи завршувало со мачеништво во една срамна, болна смрт.
32 Некои христијани дошле од богати семејства, како апостол Јован, чиј татко веројатно имал рибарски бизнис во Галилеја, кој цветал. Многумина имале добри изгледи, како Павле кој, кога го прифатил христијанството, бил студент на прочуениот рабин Гамалиил и почнувал самиот да се истакнува во очите на еврејските владетели (Дела 9:1, 2; 22:3; Галатјаните 1:14). Сепак, сите тие му го свртеле грбот на она што го нудел овој свет за да ја шират пораката темелена на фактот дека Исус бил воскреснат од мртвите (Колосјаните 1:23, 28). Зошто тие би правеле такви жртви за да страдаат заради нешто што знаеле дека се темелело на лага? Одговорот е: тие не би правеле. Биле спремни да страдаат и да умрат за нешто што знаеле дека е темелено на вистина.
Навистина се случуваат чуда
33, 34. Со оглед на тоа што воскресението навистина се случило, што можеме да кажеме за другите чуда во Библијата?
33 Секако, сведителниот доказ е апсолутно уверлив. Исус навистина бил подигнат од мртвите на 16 Нисан 33 н. е. А бидејќи тоа воскресение се случило, сите други чуда во Библијата се можни — чуда за кои исто така имаме цврсто сведоштво од очевидци. Истата Сила која го подигнала Исус од мртвите му овозможила и на Исус да го подигне синот на вдовицата од Наин. Исто така, Тој го ополномоштил Исус да извршува помали — но сепак прекрасни — чуда на лечење. Тој стоел зад чудесното хранење на мноштвото, и Тој исто така му овозможил на Исус да оди по вода (Лука 7:11—15; Матеј 11:4—6; 14:14—21, 23—31).
34 На тој начин, фактот што Библијата зборува за чуда, не е причина да се сомневаме во нејзината вистинитост. Наместо тоа, фактот што чудата се случиле во библиски времиња е моќен доказ дека Библијата навистина е Реч Божја. Но, постои и друго обвинение против Библијата. Многумина велат дека таа си противречи и дека затоа не може да биде Реч Божја. Дали тоа е точно?
[Фусноти]
a Велиме „обично“ бидејќи некои чуда во Библијата можеби вклучувале природни феномени, како што се земјотреси или одрони на земја. Меѓутоа, на нив сепак се гледа како на чуда бидејќи се случиле точно во време кога биле потребни и, на тој начин, очигледно биле под Божје водство (Исус Навин 3:15, 16; 6:19).
b Еврејскиот ден почнувал околу шест навечер и продолжувал сѐ до шест следната вечер.
[Истакната мисла на страница 81]
Непријателите на христијанството рекле дека учениците го украле Исусовото тело. Доколку тоа било случај, зошто христијаните би биле спремни да умрат за една вера темелена на неговото воскресение?
[Рамка на страница 85]
Зошто денес нема чуда?
Понекогаш се покренува прашањето: ‚Зошто денес нема чуда од библиски вид?‘ Одговорот е дека чудата служеле за својата цел тогаш, но денес Бог очекува од нас да живееме по вера (Авакум 2:2—4; Евреите 10:37—39).
Во деновите на Мојсеј, чудата се случувале за да ги утврдат Мојсеевите акредитиви. Тие покажале дека Јехова него го користел, дека сојузот на Законот навистина имал божествено потекло и дека оттогаш Израелците биле Божји избран народ (2. Мојсеева 4:1—9, 30, 31; 5. Мојсеева 4:33, 34).
Во првиот век, чудата помогнале да се утврдат акредитивите на Исус, а после него — на младото христијанско собрание. Тие помогнале за да демонстрираат дека Исус бил ветениот Месија, дека после неговата смрт телесниот Израел, како Божји посебен народ, бил заменет со христијанското собрание, и на тој начин дека Законот на Мојсеј повеќе не бил задолжителен (Дела 19:11—20; Евреите 2:3, 4).
После деновите на апостолите, времето за чудата било минато. Апостол Павле објаснил: „Ако се пророштва, ќе престанат; ако се јазици — ќе замолкнат; ако се знаења ќе исчезнат. Оти по нешто знаеме и по нешто пророкуваме; а кога ќе дојде совршеното, тогаш ќе исчезне делумното“ (1. Коринтјаните 13:8—10).
Денес ја имаме целосната Библија која ги вклучува сите откровенија и совети од Бог. Го имаме исполнувањето на пророштвата и имаме напреднато разбирање на Божјите намери. Според тоа, повеќе нема потреба од чуда. И покрај тоа, истиот Божји дух кој правел чудата да бидат можни, сѐ уште постои и донесува резултати кои даваат еднакво силен доказ за божествената моќ. Повеќе за тоа ќе видиме во едно идно поглавје.
[Слика на страница 75]
Многумина гледаат на веродостојноста на законите на природата, како што е фактот дека Сонцето изгрева секое утро, како доказ дека чудата не можат да се случат
[Слика на страница 77]
Создавањето на Земјата како дом за живите работи било ‚невообичаен настан‘ кој не се повторил
[Слики на страница 78]
Како би му ги објаснил феномените на современата наука на некој кој живеел пред 200 години?