Зошто да се интересираме за чуда?
„По дефиниција, чудата се кршење на сите принципи на науката“ (РИЧАРД ДОКИНС, ПОРАНЕШЕН ПРОФЕСОР ПО ЈАВНО РАЗБИРАЊЕ НА НАУКАТА).
„Сосема е разумно да се верува во чуда. Тие не се косат со верата туку се знак дека Бог го сака творештвото и дека и понатаму се интересира за него“ (РОБЕРТ А. ЛАРМЕР, ПРОФЕСОР ПО ФИЛОЗОФИЈА).
„ДАЛИ веруваш во чуда?“ Како што покажуваат горните два цитата, околу чудата владеат поделени мислења. Но, како би одговорил ти на ова прашање?
Можеби се колебаш да речеш: „Да, јас верувам во чуда“. Можеби сметаш дека така ќе испаднеш суеверен или необразован. И многу други го мислат истото.
Од друга страна, пак, можеби си уверен дека чуда навистина се случуваат. Можеби веруваш во чудата што се запишани во Библијата, како она кога Мојсеј го раздвоил Црвеното Море. Исто така, можеби веруваш дека и во денешно време се случуваат чуда. Всушност, еден извештај неодамна откри дека „значителен дел од населението во западниот свет — на пример, околу три четвртини од луѓето во Соединетите Држави и 38 отсто од жителите на Британија — сѐ уште веруваат во чуда“ (The Cambridge Companion to Miracles, ревидирано од Грем Х. Твелтри). Освен тоа, во чуда не веруваат само христијаните. Според една енциклопедија, верувањето во чуда „е одлика на речиси сите религии“ (Britannica Encyclopedia of World Religions).
Можеби припаѓаш на трета група луѓе, кои би одговориле: „Не знам и не ми е важно! Во мојот живот не се случуваат чуда!“ И навистина, зошто би требало да те интересира дали постојат чуда?
Размисли за следново: Да речеме дека имаш некоја неизлечлива болест. Ако во некое реномирано медицинско списание прочиташ за некој нов лек што може да ја излекува твојата болест, зар нема да одвоиш барем малку време и сили да ги испиташ фактите? Слично на тоа, во Библијата е запишано ветувањето дека наскоро ќе се случат некои извонредни чуда. Тие ќе се одразат врз животот на секој човек во светот. Зар не би било добро да одвоиш малку време и сили за да дознаеш дали можеш да веруваш во тоа ветување?
Меѓутоа, пред да спомнеме некои чуда што се опфатени во тоа ветување, ќе одговориме на три вообичаени приговори во врска со чудата.
[Рамка на страница 3]
ШТО Е ЧУДО?
Тоа е настан што е вон сите познати човечки и природни сили и обично ѝ се припишува на некоја натприродна сила