27. поглавје
Како може да ни помогне молитвата
1. Каква помош ни е потребна од Бог, и како ја добиваме?
ЗА ДА не паднат под влијание на злобниот свет, на христијаните им е потребна помош која ја добиваат преку молитвата. Исус рекол: ”Отецот небесен ќе им даде свет дух на оние кои го молат“ (Лука 11:13, Ст). Нам ни е потребен Божјиот свет дух, неговата активна сила, исто толку колку што мора да ја проучуваме неговата Реч и да се поврземе со неговата видлива организација. Но, за да го добиеме светиот дух, мора да молиме за него.
2. (а) Што е молитвата? (б) Кои значајни видови молитви постојат? (в) Зошто молитвата е толку важна?
2 Молитвата е разговор со Бог, полн со почитување. Може да биде во облик на молба, но може да биде и израз на благодарност или фалење на Бог (1. Дневници 29:10–13). Мораме редовно да разговараме со нашиот небесен Татко во молитва за да имаме добар однос со него (Римјаните 12:12; Ефесјаните 6:18). Неговата активна сила што ја добиваме само ако се молиме за неа, може да нѐ зајакне да ја вршиме неговата волја и покрај искушенијата и потешкотиите што може да ни ги донесе Сатана или неговиот свет (1. Коринтјаните 10:13; Ефесјаните 3:20).
3. (а) Која сила можеме да ја примиме од Бог? (б) Како можеме да го зачуваме добриот однос со Бог?
3 Можеби навистина мораш да се трудиш да се ослободиш од некоја навика или обичај што не му се допаѓа на Бог. Ако е така, барај помош од Јехова. Обрати му се на Бог во молитва. Тоа го сторил и апостол Павле кој напишал: ”За сѐ имам сила преку оној кој ми дава моќ“ (Филипјаните 4:13, NW; Псалми 55:22; 121:1, 2). Една жена која престанала да живее неморално, рекла: ”Единствено тој има моќ некому да му помогне да излезе од таква ситуација. Потребно е да се развие личен однос со Јехова, а единствена можност да се зачува тој личен однос е молитвата.“
4. Како еден човек примил потребна сила за да престане со пушењето?
4 Некој може да забележи: ”Често го молам Бог за помош, но сѐ уште не можам да се одвикнам од лошите навики!“ Ова често го велат пушачите. На прашањето ”Кога се молиш?“, еден пушач одговорил: ”Навечер пред спиење, наутро кога ќе станам, а кога ќе ме совлада слабоста и кога ќе испушам цигара, му велам на Јехова дека ми е жал затоа што така постапив.“ Пријателот тогаш му рекол: ”Божјата помош ти е најпотребна во оној момент кога ќе ја испружиш раката по цигари. Тоа е моментот кога мораш да го молиш Јехова да ти даде сила!“ Кога човекот постапил така, добил сила да престане со пушењето.
5. (а) Што е потребно ако сакаш да му служиш на Бог на исправен начин? (б) Што покажува дека одвикнувањето од лошите навики е поврзано со страдање?
5 Тоа не значи дека ќе биде лесно да се постапува исправно ако го молиш Бог, ако ја проучуваш неговата Реч и се поврзеш со неговата видлива организација. Потребно е да се вложи многу труд, да се води тешка борба која може да биде поврзана дури и со страдање (1. Коринтјаните 9:27). Лошите навики често водат до голема желба да се прави она што е лошо. Ако некој престанува со грешното постапување, обично мора поради тоа да трпи. Дали си спремен да страдаш за да постапуваш исправно? (1. Петрово 2:20, 21).
МОЛИТВИ КОИ БОГ ГИ СЛУША
6. (а) Зошто на многумина им е тешко да се молат? (б) Што мораме да правиме за да нашите молитви бидат сослушани?
6 На многумина им е тешко да се молат. Една млада жена признала: ”За мене претставува проблем да се молам некому кого не можам да го видам.“ Потребна е вера да му се молиме на Бог и тој да нѐ сослуша, затоа што ниеден човек не го видел Бог. Мора да веруваме дека Јехова навистина постои и дека може да го исполни сето она за што го молиме (Евреите 11:6). Ако имаме таква вера и ако му се приближуваме на Бог со искрено срце, можеме да бидеме сигурни дека ќе ни помогне (Марко 9:23). Така Бог ја сослушал и молитвата на римскиот капетан Корнелиј кој искрено молел за водство, иако тогаш не ѝ припаѓал на Божјата организација (Дела на апостолите 10:30–33).
7. (а) Кои молитви му се допаѓаат на Бог? (б) Кои молитви Бог не ги сослушува?
7 На некои им е тешко да се изразуваат. Но, тоа не треба да ги спречи да му се молат на Бог. Можеме да бидеме уверени дека тој ги знае нашите потреби и дека го разбира она што сакаме да го кажеме (Матеј 6:8). Кои зборови на детето највеќе ќе ги цениш: неговите едноставни зборови на благодарност или посебно избрани зборови што некој однапред му ги кажал? И нашиот небесен Татко ги цени едноставните, искрени зборови (Јаков 4:6; Лука 18:9–14). Тој не бара никаков посебен начин на изразување, ниту религиозен јазик. Тој не го сослушува оној кој говори необични, високозвучни зборови кои ги импресионираат другите, ниту оние кои секогаш неискрено повторуваат исти зборови (Матеј 6:5, 7).
8. (а) Што покажува дека Бог ги слуша и молитвите изговорени во себе? (б) Дали Библијата покажува дека при молитвите треба да се заземе одредена положба или да бидеме на некое одредено место?
8 Бог може да те слушне кога се молиш и во себе. Еднаш така постапил Неемија и Бог ја слушнал неговата искрена молба. Исто така било и со Ана (Неемија 2:4–8; 1. Самоилова 1:11–13, 19, 20). При молитвата не е важна ни положбата на телото. Може да се молиме во каква и да било положба, во кое и да било време и на кое и да е место. Сепак, Библијата препорачува понизна положба, на пример да се наведне главата или да се клекне (1. Царевите 8:54; Неемија 8:6; Даниел 6:10; Марко 11:25; Јован 11:41). А Исус Христос рекол дека е добро ако личните молитви ги изразуваме кога сме сами, кога никој не нѐ гледа (Матеј 6:6).
9. (а) Кому треба да ги упатуваме сите наши молитви, и зошто? (б) Во чие име треба да се молиме, ако сакаме Бог да ги прифати нашите молитви?
9 Молитвата е дел од нашето обожавање. Од таа причина нашите молитви мораме да ги упатуваме само до нашиот Творец, Јехова Бог, и до никој друг (Матеј 4:10). Освен тоа, Библијата покажува дека христијаните мораат да му се приближуваат на Бог само преку Исус кој го дал својот живот за да ги земе нашите гревови. Тоа значи дека молитвите мораме да ги изговараме само во името на Исус (Јован 14:6, 14; 16:23; Ефесјаните 5:20; 1. Јованово 2:1, 2).
10. (а) Чии молитви не му се допаѓаат на Бог? (б) Кои основни предуслови мораме да ги исполниме за да Бог ги сослуша нашите молитви?
10 Но, дали на Јехова му се допадливи сите молитви? Библијата вели: ”Кој го отстранува увото свое да не го слуша законот, на таквиот и молитвата му е одвратна“ (Изреки 28:9; 15:29, ББД; Исаија 1:15). Значи, ако сакаме Бог да ги слушне нашите молитви, основен услов е да ја твориме неговата волја и да ги слушаме неговите закони. Инаку Бог нема да нѐ сослуша, како што еден чесен човек не сака да слуша радио емисија за која тој смета дека е неморална. Во Библијата читаме: ”И што годе да го замолиме, добиваме од него, бидејќи ги вршиме неговите заповеди и го правиме она што му е угодно“ (1. Јованово 3:22, Ст).
11. Што значи да работиме на она за што молиме?
11 Тоа значи дека мора да работиме на она за кое молиме. На пример, неисправно е некој да го моли Бог да му помогне да го остави пушењето или марихуаната, а потоа да оди и да ги купи истите. Исто така, не може да го моли Јехова да му помогне во борбата против неморалот, а потоа да чита литература и да гледа филмови в кино или на телевизија во кои се велича неморалот. Или пак, ако некој има слабост да игра лото и други игри на среќа, не може да го моли Бог да му помогне да престане со тоа, а потоа да оди на места каде што се играат такви игри. Ако сакаме Бог да ги сослуша нашите молитви, мораме со своите дела да докажеме дека сериозно мислиме на она што го зборуваме.
12. (а) Што можеме да вклучиме во нашите молитви? (б) Што мораме да научиме за да нашите молитви му бидат допадливи на Бог?
12 Кои лични работи можеме да ги вклучиме во нашите молитви до Јехова? Практично сѐ што се однесува на нашиот однос со Бог може да биде предмет на нашите молитви, вклучувајќи го нашето физичко здравје и воспитувањето на децата (2. Царевите 20:1–3; Судии 13:8). Апостол Јован запишал: ”(Тој) нѐ сослушува ако молиме за нешто по неговата волја“ (1. Јованово 5:14, Ст). Важно е нашите молитви да бидат во согласност со Божјата волја. Тоа значи дека најпрвин мора да научиме во што се состои неговата волја (Изреките 3:5, 6). Ако во своите молитви ја земеме предвид Божјата волја и неговата намера, наместо да молиме само за сопствените интереси, Јехова ќе ги прифати нашите молитви. Препорачливо е секојдневно да му благодариме на Јехова за сето добро кое ни го дава (Јован 6:11, 23; Дела на апостолите 14:16, 17).
13. (а) Како Исус покажал што треба да има предност во нашите молитви? (б) За кои работи од споредно значење смееме да молиме?
13 Исус ги поучил своите ученици за една примерна молитва за да им покаже какви молитви Бог прифаќа (Матеј 6:9–13). Таа молитва покажува дека на прво место треба да биде Божјето име, неговото Царство и вршењето на неговата волја. Потоа, можеме да молиме за нашите матријални потреби, на пример за секојдневната храна, за проштавање на нашите гревови и за ослободување од искушенија и од оној кој е зол, од Сатана Ѓаволот.
МОЛИТВИ КОИ МОЖАТ ДА ИМ ПОМОГНАТ НА ДРУГИТЕ
14. Како Библијата покажува дека е важно да се молиме и за другите?
14 Со својот пример Исус покажал дека е важно да се молиме за другите (Лука 22:32; 23:34; Јован 17:20). Апостол Павле ја познавал вредноста на таквите молитви и често барал другите да се молат за него (1. Солунјаните 5:25; 2. Солунјаните 3:1; Римјаните 15:30). Додека бил в затвор, тој напишал: ”Се надевам дека преку вашите молитви ќе бидам ослободен за вас“ (Филимон 22, NW; Ефесјаните 6:18–20). Фактот дека набрзо после тоа Павле бил ослободен, покажува колку биле корисни молитвите изречени за него.
15. Какви молитви можеме да изговараме за оние кои ги сакаме?
15 Исто и Павле се молел за другите. Во една пригода напишал: ”Затоа и се молиме секогаш за вас, да ве удостои нашиот Бог за звањето“ (2. Солунјаните 1:11, ББД). А на едно друго собрание му објаснил: ”Му се молиме на Бога да не правите никакво зло; (...) туку да правите добро“ (2. Коринтјаните 13:7, ББД). Сигурно е добро и ние како Павле да молиме за оние кои ги сакаме, спомнувајќи при тоа одредени работи. Да, ”непрестајната молитва на праведниот може многу да помогне“ (Јаков 5:13–16, ДК).
16. (а) Кога треба да молиме за да примиме потребна помош? (б) Зошто молитвата е голема предност?
16 Еден проповедник често ги прашува лицата со кои ја проучува Библијата: ”Дали молите и во друго време, освен кога ја проучуваме Библијата?“ За да ја добиеме потребната помош, мораме често да го молиме Бог (1. Солунјаните 5:17; Лука 18:1–8). Научи се понизно да зборуваш со него, како со некој сакан, доверлив пријател. Навистина е прекрасна предноста што можеме во молитва да му се обратиме на славниот Владетел на целата вселена, Слушачот на молитвите, знаејќи дека тој те слуша! (Псалми 65:2).
[Слика на страница 227]
Што треба некој да прави кога ќе дојде во искушение да пуши — да моли за помош или да попушти?
[Слика на страница 229]
Дали се молиш за помош и потоа се вплеткуваш во активности кои можат да доведат до неисправно постапување?
[Слика на страница 230]
Дали се молиш сам или само кога си со другите?