Дали е тоа јасна библиска наука?
АКО науката за тројството е вистинита, тогаш би требало да биде јасно и доследно разложена во Библијата. Зошто? Затоа што Бог, како што сведочат апостолите, му се открил на човештвото преку Библијата. А за да можеме да го обожаваме Бог како што сака тој, Библијата би требало јасно да ни каже кој е тој.
За верниците во првиот век, Светото писмо било веродостојно божествено откровение. Тоа било темел на нивната вера, највисок авторитет. На пример, кога апостол Павле им проповедал на луѓето во градот Вереја, „тие ја примија речта со сето срце и секој ден испитуваа по писмото дали тоа е така“ (Дела 17:10, 11).
Што сметале за свој авторитет во тоа време истакнатите Божји луѓе? Дела 17:2, 3 (НС) ни велат: „Така Павле по својот обичај . . . влезе кај нив и расправаше со нив на темел на Писмото, објаснувајќи и докажувајќи со цитати [од Писмото]“.
Самиот Исус предводел со добар пример, користејќи го Писмото како темел на својата наука. Секојпат одново велел: „Стои напишано“. Тој исто така им „кажуваше што е пишувано за него во сето Писмо“ (Матеј 4:4, 7; Лука 24:27).
Значи, на Исус, на Павле и на верниците од првиот век Писмото им служело како темел на нивното поучување. Тие знаеле дека „сето . . . Писмо е инспирирано од Бога и корисно за поучување, за укорување, за исправање на работите, за воспитување во праведност, за да може човекот Божји да биде потполно способен, целосно опремен за секое добро дело“ (2. Тимотеј 3:16, 17, НС; види и 1. Коринтјаните 4:6; 1. Солунјаните 2:13; 2. Петрово 1:20, 21).
Бидејќи Библијата е во состојба ‚да ги исправа работите‘, таа би требало да содржи јасно разјаснување на таквата темелна наука каква што се смета науката за тројството. Но, што велат теолозите и историчарите? Дали велат дека тоа е јасна библиска наука?
„Тројство“ во Библијата?
ВО ЕДНО протестантско дело пишува: „Зборот ‚тројство‘ не може да се најде во Библијата. . . . Дури во 4. век тоа станало службена наука на црквената теологија“ (The Illustrated Bible Dictionary). А еден католички авторитет вели дека кај тројството не се работи „директно и непосредно за Божјата Реч“ (New Catholic Encyclopedia).
И Catholic Encyclopedia коментира: „Во Писмото нема ниту еден израз кој би ги означувал трите божествени личности заедно. Зборот τριας [триас] (соодветниот латински збор е trinitas) го наоѓаме за првпат кај Теофил Антиохиски околу 180. н. е. . . . Набргу потоа се појавува во својот латински облик trinitas кај Тертулијан“.
Меѓутоа, тоа самото по себе сѐ уште не докажува дека Тертулијан учел за тројството. Католичкото дело A Theological Encyclopedia of the Holy Trinity (Теолошка енциклопедија на Светото тројство), на пример, пишува дека некои подоцна ги употребувале зборовите на Тертулијан за да го објаснат тројството. Сепак, читателите се предупредени вака: „Но, тоа не би требало да биде повод за брзоплети заклучоци, бидејќи тој не ги применува тие зборови на тринитаријанската теологија“.
Сведоштвото на Хебрејските списи
АКО зборот тројство не стои во Библијата, тогаш дали може во неа да се најде барем идејата за тројство? Што откриваат во тој поглед Хебрејските списи („Стариот завет“)? The Encyclopedia of Religion признава: „Денешните теолози се сложуваат со тоа дека науката за тројството не може да се најде во Библијата“. А во Новата католичка енциклопедија исто така се вели: „Науката за Светото тројство не се учи во С[тариот] з[авет]“.
И језуитот Едмунд Фортман, во својата книга The Triune God (Троеден Бог) признава: „Стариот завет . . . не содржи ниту јасна формулација ниту потребен заклучок дека постои троеден Бог кој е Отец, Син и Свети Дух. . . . Ништо не укажува на тоа дека некој библиски писател можел да насети тројство во Бог. . . . Кој [во „Стариот завет“] гледа навестувања или ’магловити предзнаци‘ за троедна личност, тој оди над зборовите и намерите на библиските писатели“. (Нагласено од нас.)
Истражувањето на Хебрејските списи ги потврдува овие коментари. Во првите 39 книги од Библијата, кои го сочинуваат правиот канон на инспирираните Хебрејски списи, не се учи за тројство.
Сведоштвото на Грчките списи
ДАЛИ тогаш барем Христијанските Грчки списи („Новиот завет“) јасно говорат за некакво тројство?
The Encyclopedia of Religion вели: „Теолозите се единствени во тоа дека ни Новиот завет не содржи јасна наука за тројството“.
Језуитот Фортман пишува: „Писателите на Новиот завет . . . не ни кажуваат ништо за некаква формална или формулирана наука за тројството, за јасна наука дека во едниот Бог се три еднакви божествени личности . . . Никаде не наоѓаме некаква тринитаријанска наука за три меѓусебно различни личности со божествен живот и делување во едно Божество“.
The New Encyclopedia Britannica забележува: „Ниту зборот ‚тројство‘ ниту науката како таква може да се најде во Новиот завет“.
Бернард Лозе во својата книга A Short History of Christian Doctrine (Кратка историја на христијанската доктрина) вели: „Што се однесува до Новиот завет, во него не може да се наиде на науката за тројството“.
The New International Dictionary of New Testament Theology (Теолошкиот лексикон на поими на Новиот завет) слично вели: „Н[овиот] з[авет] не содржи развиена наука за тројството. ‚Во Библијата недостига изрична изјава дека Отецот, Синот и Светиот Дух се од иста природа‘ [рекол протестантскиот теолог Карл Барт]“.
Е. Вошбурн, професор на универзитетот Јејл, го потврдува тоа со зборовите: „Науката за тројството очигледно им била непозната на Исус и Павле . . . тие никогаш не ја спомнале“ (Origin and Evolution of Religion [Потеклото и развојот на религијата]).
Историчарот Артур Вајгл пишува: „Исус Христос никогаш не спомнал таков феномен, а зборот ‚тројство‘ не се појавува никаде во Новиот завет. Црквата го усвоила овој поим 300 години по смртта на нашиот Господ — The Paganism in Our Christianity (Паганизмот во нашето христијанство).
Според тоа, ниту 39-те книги на Хебрејските списи ниту канонот од 27 инспирирани книги на Христијанските Грчки списи не содржат некаква јасна наука за тројството.
Наука на првите христијани?
ДАЛИ учеле првите христијани за тројството? Да обрнеме внимание на следните коментари од историчари и теолози:
„Првобитното христијанство немало изразита наука за тројство каква што подоцна е развиена во верувањата“ — The New International Dictionary of New Testament Theology (Нов меѓународен речник на теологијата на Новиот завет).
„Меѓутоа, првите христијани првобитно не мислеле да го прифатат ова сфаќање [тројството] во својата вера. Тие го искажувале своето почитување кон Бог Отецот и кон Исус Христос, Божјиот Син, и го признавале постоењето . . . на Светиот Дух; но помислата дека овие тројца всушност сочинуваат единство, ним им била непозната“ (Паганизмот во нашето христијанство).
„Отпрвин христијанската вера не била тринитаријанска . . . Не била таква ни во апостолското време, а ни во времето по апостолите, како што произлегува од Н[овиот] з[авет] и од другите списи на првите христијани“ — Encyclopedia of Religion and Ethics (Енциклопедија на религијата и етиката).
Формулацијата ‚еден Бог во три личности‘ цврсто се втемелила кон крајот на 4. век, а дотогаш не била потполно прифатена во христијанскиот живот и христијанската вероисповест . . . Таквото сфаќање им било сосема непознато на апостолските отци“ (New Catholic Encyclopedia).
Што научувале „предникејските отци“?
ПРЕДНИКЕЈСКИТЕ отци се признаваат како водечки црквени учители во првиот век по раѓањето на Исус Христос. Забележително е што тие научувале.
Јустин Маченик, кој умрел околу 165. н. е., претчовечкиот Исус го нарекол создаден ангел, велејќи дека тој е „различен . . . од оној Бог кој создал сѐ“. Понатаму, рекол дека Исус му е потчинет на Бог и дека „никогаш не сторил нешто што Творецот не . . . побарал од него да направи или да каже“.
Иренеј, кој умрел околу 200. н. е., рекол дека претчовечкиот Исус егзистирал одвоено од Бога и бил потчинет. Тој покажал дека Исус не му е рамен на „само едниот вистинит и единствен Бог“, кој е „над сѐ, и освен кого нема друг“.
Клемент Александриски, кој умрел околу 215. н. е., го означил Бог како „несоздаден, вечен и единствен вистинит Бог“. Тој рекол дека Синот му е „најблизок на единствениот семоќен Бог“, но дека не му е рамен.
Тертулијан, кој умрел околу 230. н. е., научувал дека Бог е највисокиот. Тој забележал: „Бидејќи Таткото е поголем, тој се разликува од Синот; како што е различен оној кој раѓа од оној кој е роден; оној кој испраќа е различен од оној кој е испратен“. Исто така рекол: „Имало време кога Синот сѐ уште не постоел . . . Пред да биде сѐ создадено, Бог бил сам“.
Хиполит, кој умрел околу 235. н. е., пишувал дека Бог е „еден Бог, прв и Единствен, Творец и Господар на сите“, и дека „ништо не му е рамно [по староста] . . . Туку бил еден, сам по себе; кој, затоа што така сакал, го создал она што пред тоа не постоело“, како што било случај со создадениот претчовечки Исус.
Ориген, кој умрел околу 250. н. е., рекол: „Во поглед на своето битие . . . Отецот и Синот се две работи“; „во споредба со Отецот, [Синот] е сосема мало светло“.
Опфаќајќи ги историските докази, Алван Лемсон во своето дело The Church of the First Three Centuries (Црквата од првите три века) вели: „Денешната популарна наука за тројството . . . не добива поддршка од зборовите на Јустин [Маченик]: а оваа забелешка може да се прошири на сите предникејски отци, односно, на сите христијански писатели во првите триста години по Христовото раѓање. Навистина, тие говорат за Отецот, Синот и . . . светиот Дух, но не како за меѓусебно еднакви, на нумерички начин, не како Три во Еден, во онаа смисла како што тоа сега го научуваат тринитаријанците, туку токму спротивното“.
Според тоа, Библијата и историјата потврдуваат дека тројството било непознато во библиските времиња и неколку века после тоа.
[Истакната мисла на страница 7]
„Ништо не укажува на тоа дека некој библиски писател насетувал [тројство] во Бог“ (The Triune God).