Дали треба да се верува во тоа?
ДАЛИ веруваш во тројство? Повеќето луѓе во т. н. христијанство веруваат. Впрочем, оваа наука веќе со векови е централна наука на црквите.
Од таа причина би можеле да помислиме дека не е оспорувана. Меѓутоа, не е така. Во последно време дури и некои нејзини поборници уште повеќе ја распалиле расправијата.
Зошто треба оваа тема да се сфати сериозно? Затоа што самиот Исус рекол: „А ова е вечен живот, да те запознаат тебе, единствениот и вистинит Бог, и оној кого си го испратил, Исус Христос“. Според тоа, нашата цела иднина зависи од тоа дали ја познаваме вистинската природа на Бог, а тоа значи да дојдеме до коренот на спорното прашање за тројството. Зошто тогаш да не ја испитаме поблиску оваа наука? (Јован 17:3, католички превод Стварност).
Постојат разни сфаќања за тројството. Но, воопшто, науката за тројството научува дека во Бог се наоѓаат три личности, Отецот, Синот и светиот дух, а дека овие три личности се само еден Бог. Сите три личности се еднакви по величина, семоќни се, не се создадени и еднакво вечни.
За разлика од тоа, други велат дека науката за тројството е лажна наука, дека Семоќниот Бог е битие за себе, дека е вечен и Семоќен. Понатаму, тие објаснуваат дека Исус во своето претчовечко постоење, како ангелите, бил посебна духовна личност кого Бог го создал, и поради таа причина морал да има почеток. Тие учат дека Исус никогаш во ниеден поглед не бил еднаков со Семоќниот Бог; дека секогаш му бил потчинет, а таков е и сега. Исто така, тие веруваат дека светиот дух не е личност, туку Божји дух, негова делотворна сила.
Поборниците на тројството велат дека оваа наука не се темели само на црквената традиција, туку и на Библијата. Меѓутоа, критичарите на оваа доктрина велат дека тоа не е библиска наука. Во едно историско дело пишува: „Овој поим (тројство) е исклучиво од паганско потекло“ — The Paganism in Our Christianity (Паганството во нашето христијанство). Ако науката за тројството е вистинска, тогаш е понижувачки да се вели за Исус дека никогаш не бил еднаков со Бог како дел од божеството. Но, ако науката за тројството е лажна наука, тогаш е понижувачки за Семоќниот Бог да се рече дека е рамен со некој друг; а уште полошо е Марија да се нарекува „Мајка Божја“. Ако науката за тројството е лажна, тогаш зборовите како што се овие, цитирани од книгата Catholicism (Католицизам), го обезвредуваат Бога: „Ако луѓето не го сочуваат ова верување во целост и во неискривен облик, без сомнение, ќе пропадне засекогаш. А ова е католичкото верување: Ние обожаваме еден Бог во тројство“.
Значи, постојат добри причини зошто би требало да ја запознаеш вистината за тројството. Но, пред да го испитаме неговото потекло и тврдењето дека е исправна наука, би било корисно поблиску да се објасни. Што се подразбира под тројство? Како го објаснуваат неговите поборници?
[Слики на страница 2]
Лево: Египетска скулптура од вториот милениум пр. н. е. Тријада: Амон-Ра, Рамзес II и Нут. Десно: Скулптура од 14. век пр. н. е. Тројство: Исус Христос, Отецот и светиот дух. Забележи: три личности, а само четири нозе.