Како се развила науката за Тројството?
СЕГА би можел да се запрашаш: ‚Ако тројството не е библиска наука, како тогаш станала наука на т. н. христијанство?‘ Многумина веруваат дека била формулирана на концилот во Никеја во 325. н. е.
Меѓутоа, тоа не е сосема точно. Концилот во Никеја, додуша, објаснил дека Исус Христос е исто битие како и Бог, што подоцна го поставило темелот на тринитаријанската теологија, но за некакво тројство сѐ уште не станало збор. На овој концил не било ништо речено за тоа дека светиот дух е трета личност од троедниот Бог.
Улогата на Константин на концилот во Никеја
ПОСТЕПЕНО, со години се развивала претставата дека Исус е Бог, а воедно од библиски причини честопати била жестоко побивана. За да ја реши препирката, римскиот цар Константин ги повикал сите бискупи во Никеја. Дошле околу 300 бискупи — приближно една третина.
Константин не бил христијанин. Наводно се обратил подоцна во својот живот, но се крстил дури на смртната постела. Хенри Чедвик во своето дело The Early Church (Працрква) пишува: „Константин, како и неговиот татко, го обожавал непобедениот бог на Сонцето . . . Константиновото обраќање не може да се толкува како некое внатрешно искуство на милосрдие . . . Тоа била воена работа. Константин никогаш не поседувал јасно разбирање за христијанската наука, но бил уверен дека Богот на христијаните може да подари победа во борбата“.
Каква улога одиграл овој некрстен цар на концилот во Никеја? Encyclopædia Britannica пишува: „Константин претседавал, при што го водел преговарањето, предложувајќи ја лично дефинитивната формула . . . која го изразува односот на Христа кон Бог во никејското верување, имено, дека тој е ‚едно битие со Бог‘ . . . Од страв пред царот, сите бискупи, освен двајца, го потпишале никејското верување — многумина од нив против сопственото убедување“.
Значи, Константин одиграл решавачка улога. Откако два месеца биле водени најжестоки верски расправи, овој пагански политичар се вмешал, одлучувајќи во корист на оние кои рекле дека Исус е Бог. Зошто? Сигурно не од библиски уверувања. „Константин всушност немал ни најмало разбирање за прашањата кои се поставувале во грчката теологија“, стои во делото Short History of Christian Doctrine. Но, разбирливо е дека оваа религиозна неслога претставувала закана за неговото царство кое сакал да го зацврсти.
Сепак, ниеден бискуп кој бил присутен на никејскиот концил не го поддржувал тројството. Тие само донеле одлука за Исусовата природа, но не и за улогата на светиот дух. Ако тројството е јасна библиска наука, зарем тогаш не би требало да ја изнесат на овој концил?
Натамошниот развој
ПО КОНЦИЛОТ во Никеја, дебатите околу оваа тема продолжиле уште неколку века. Оние кои го застапувале гледиштето дека Исус не е еднаков со Бог, едно време дури биле повторно во милост. Меѓутоа, царот Теодосиј подоцна донел одлука против нив. Тој го утврдил верувањето на никејскиот концил како норма за своето царство и во 381. н. е. го свикал концилот во Константинопол за да го разјасни верувањето.
Тој концил се сложил со тоа дека светиот дух е на ист степен со Бог и со Христос. За првпат науката за тројството била јасно формулирана.
Сепак, и по концилот во Константинопол, тројството не било општо прифатено. Многумина го отфрлиле и поради тоа биле жестоко прогонети. Дури во подоцнежните векови оваа наука станала установено гледиште. The Encyclopedia Americana забележува: „Науката за тројството доживеала свој потполн развој на запад, и тоа во схоластиката на средниот век, кога постоел стремеж тоа да се објасни со зборовите на филозофијата и психологијата“.
Атаназиското верување
АТАНАЗИСКОТО верување појасно го дефинирало тројството. Атанасиј бил свештеник кој го поддржувал Константин на концилот во Никеја. Верувањето кое го носи неговото име, објаснува: „Ние обожаваме еден Бог во Тројство ... Отецот е Бог, Синот е Бог, Светиот Дух е Бог, а сепак тоа не се три Бога, туку само еден Бог“.
Меѓутоа, добро известените изучувачи се сложуваат со тоа дека ова верување не потекнува од Атанасиј. The New Encyclopædia Britannica ја дава забелешката: „До 12. век ова верување било непознато во источните цркви. Од 17. век изучувачите општо се сложуваат со тоа дека Атанасиј не бил зачетник на Атаназиското верување (умрел во 373. н. е.), туку по сѐ изгледа дека било напишано во 5. век во јужна Франција . . . Во 6. и 7. век влијанието на ова верување можело јасно да се почувствува првенствено во јужна Франција и во Шпанија. Во 9. век се употребувало во црквената литургија во Германија, а нешто подоцна во Рим“.
Така од Христово време поминале векови додека тројството во т. н. христијанство не станало широко прифатено. А што влијаело при сето тоа врз донесувањето на одлуките? Божјата Реч или клерикалните и политичките размислувања? Во книгата Origin and Evolution of Religion, Е. В. Хопкинс одговара: „Конечната ортодоксна дефиниција на тројството воглавно била црквено-политичка работа“.
Отпадот проречен
ЗЛОГЛАСНАТА историја на тројството одговара на она што, според пророчките зборови на Исус и неговите апостоли, ќе настапи по нивната смрт. Тие рекле дека ќе дојде до побуна, до отстапување, до отпад од вистинското обожавање. Но, при своето повторно доаѓање, пред да дојде Божјиот ден во кој ќе го уништи сегашниот систем, Христос повторно ќе го обнови вистинското обожавање.
За тој „ден“ апостол Павле рекол: „Нема да дојде додека најпрво не дојде отпадот и не се покаже човекот на беззаконието“ (2. Солунјаните 2:3, 7). Подоцна прорекол: „Знам дека по моето заминување меѓу вас ќе навлезат свирепи волци кои нема да го штедат стадото, и помеѓу вас самите ќе се дигнат некои кои ќе научуваат искривена наука за да ги одвлечат учениците со себе“ (Дела 20:29, 30, Ст). И другите Исусови ученици пишувале за отпадот и ‚беззаконата‘ класа на свештенството. (Види на пример 2. Петр. 2:1; 1. Јованово 4:1-3; Јуда 3, 4).
Павле исто така пишувал: „Зашто ќе дојде време кога луѓето нема да ги слушаат здравите науки, туку за да им угодат на своите уши, ќе бараат учители по своите наклоности, и ќе ги одвратат ушите од вистината и ќе се свртат кон празни приказни“ (2. Тимотеј 4:3, 4, Ст).
Самиот Исус објаснил кој стоел зад овој отпад од вистинското обожавање. Рекол дека тој, Исус, посеал добро семе, но непријателот, Сатана, врз него по нивата посеал плевел. Заедно со првите стебленца пченица ќе се појави и плевелот. Според тоа, отстапувањето од правото обожавање требало да се очекува, но во време на жетвата Исус Христос пак ќе доведе сѐ во ред (Матеј 13:24-43). The Encyclopedia Americana пишува: „Науката за тројството во 4. век не го одразувала точно учењето на првите христијани за природата на Бог; токму спротивното, таа отстапувала од ова учење“. Значи, каде треба да се бараат корените на ова отстапување? (1. Тимотеј 1:6).
Откаде дошло влијанието
НАСЕКАДЕ во стариот свет, а посебно во Вавилонија, вообичаено било обожавањето на групи од три бога или тријади. Со векови порано, за време и после Христос ова обожавање било раширено и во Египет, Грција и во Рим. Но, по смртта на апостолите, овие пагански верски гледишта почнале да навлегуваат во т. н. христијанство.
Историчарот Вил Дјурант забележува: „Христијанството не го разорило паганството; туку го презело во себе . . . Претставите за божественото тројство потекнувале од Египет“. А во книгата Ägyptische Religion (Египетската религија), Зигфрид Моренц пишува: „Тројството било главна преокупација на египетската теологија . . . три Бога опфатени се во едно единствено битие, насловено во сингулар (еднина). На тој начин, во таа духовна сила на египетската религија се уочува директна врска со христијанската теологија“.
Ова влијание го одразувале црквените луѓе кон крајот на 3. и почетокот на 4. век во Александрија (Египет), како на пример Атанасиј, кога ги формулирале идеите кои воделе до тројството. Нивното влијание се проширило така што Моренц можел да каже: „Александриската теологија можеме да ја сметаме за посредник помеѓу египетското религиозно наследство и христијанството“.
Во предговорот на делото History of Christianity (Историја на христијанството) од Едвард Гибон, читаме: „Ако паганството било победено од христијанството, тогаш важи и обратното, дека христијанството било расипано од паганството. Од чистиот деизам на првите христијани, . . . црквата на Рим направила неразбирлива догма за тројството. Многу пагански претстави кои ги измислиле Египќаните, а ги идеализирал Платон, биле преземени како веродостојни“.
Делото A Dicitionary of Religious Knowledge забележува дека многумина велат: „Тројството може да се сведе на расипаното влијание на паганската религија која била накалемена на христијанската вера“. А во делото Паганството во нашето христијанство пишува: „Овој поим (тројството) исклучиво е од паганско потекло“.
Од таа причина, Џејмс Хастингс во делото Encyclopædia of Religion and Ethics пишува: „Во хиндуизмот, на пример, среќаваме тројна група од Брахма, Шива и Вишна, а во египетската религија тројна група од Озирис, Изида и Хор . . . На Бог како тројство не гледале само старите религии. Да помислиме на неоплатонскиот поим за Највисокото Битие или за конечната стварност“, која е „прикажана како тријада“. Каква врска има грчкиот филозоф Платон со тројството?
Платонската филозофија
СЕ СМЕТА дека Платон живеел од 428. до 347. пр. Хр. Вистина, тој не го научувал тројството во неговиот сегашен облик, но неговата филозофија го отворила патот кон тоа. Подоцна настанале филозофски правци кои застапувале верувања во тријади, а кои биле под влијание на Платоновите идеи за Бог и светот.
За Платоновото влијание, во француското дело Nouveau Dictionnaire Universel (Нов универзален речник) пишува: „Платонското тројство — кое само по себе не е ништо друго туку прераспределба на постарите тројства кои досегаат наназад до раните народи — веројатно е рационално филозофско тројство на особини, кое создало три хипостази или божествени личности какви што научуваат христијанските цркви . . . Оваа претстава на грчкиот филозоф за божественото тројство . . . може да се најде во сите стари [пагански] религии“.
The New Schaff-Herzog Encyclopedia of Religious Knowledge (Новата Шаф-Херцогова енциклопедија на верско спознание) го покажува влијанието на оваа грчка филозофија: „Науката за Логосот и тројството ја формирале грчките црковни отци кои . . . директно или индиректно биле под силно влијание на платонската филозофија . . . Не може да се порекне дека од овој извор во црквата продрело заблудно и расипано влијание“.
Во делото The Church of the First Three Centuries пишува: „Науката за тројството настанувала постепено и тоа сразмерно доцна . . . потекнувала од извор кој на хебрејските и грчките списи им бил сосема непознат; . . . постепено добивала облик и во христијанството ја всадиле црквените отци на кои влијаел Платон“.
Кон крајот на 3. век н. е. „христијанството“ и неоплатонската филозофија се стопиле меѓу себе нераздвојно. Адолф Хернак во делото Outlines of the History of Dogma (Преглед на историјата на догмите) пишува дека црквената наука „цврсто се вкоренила на тлото на хеленизмот [паганска Грција]. Поради тоа, за мнозинството христијани таа станала тајна“.
Црквата тврдела дека новите науки се темелат на Библијата. Но, Хернак вели: „Всушност, црквата во својата средина легитимирала хеленистички шпекулации, празноверни гледишта и обичаи од паганско мистично обожавање“.
Во книгата A Statement of Reasons (Докази), Ендрју Нортон за тројството пишува: „Можеме да ја следиме историјата на оваа наука наназад сѐ до нејзиниот извор, не во христијанското откровение, туку во платонската филозофија . . . Тројството не е наука на Исус Христос и неговите апостоли, туку тоа е изум на школата на подоцнежните платонисти“.
Така отпадот кој го прорекле Исус и апостолите доживеал полн процут во 4. век н. е. Развојот на науката за тројството е само еден доказ за тоа. Отпадничките цркви почнале да преземаат и други пагански сфаќања, како што е пеколниот оган, бесмртноста на душата и идолопоклонството. Т. н. христијанство, духовно говорејќи, стапило во проречениот мрачен период во кој свештенството, „човекот на беззаконието“, одиграло доминантна улога (2. Солунјаните 2:3, 7).
Зошто тоа не го научувале Божјите пророци?
ЗОШТО Божјите пророци низ сите тие векови не го поучувале Божјиот народ за тројството? И зошто Исус, како Голем Учител, не ја употребил својата способност за на своите следбеници да им ја разјасни науката за тројството? Зарем Бог би инспирирал стотици страници од Светото писмо, а притоа да не го научува тројството ако е тоа „централна наука“ на верата?
Дали правите христијани треба да веруваат дека Бог, со векови после Христос и откако го инспирирал запишувањето на Библијата, ја поддржува формулацијата на науката која со векови им била непозната на неговите слуги, наука која е „недостижна тајна“ и за луѓето несфатлива, која „воглавно била црквено-политичка работа“?
Сведоштвото на историјата е јасно: Науката за тројството е отстапување од вистината или отпад од неа.
[Истакната мисла на страница 8]
‚Науката за тројството во 4. век била отстапување од учењето на првите христијани‘ (The Encyclopedia Americana)
[Рамка на страница 9]
„Тријада на Големи Богови“
Многу векови пред Христа, во стара Вавилонија и Асирија постоеле тријади или тројства. За една таква тријада на подрачјето на Месопотамија, во француската „Ларусова енциклопедија на митологијата“ се вели: „Вселената била поделена на три дела, секој дел станал подрачје на владеење на еден бог. Ануов дел било небото. Земјата му била доделена на Енлил. Еа станал владетел на водите. Сите заедно ја сочинувале тријадата на Големите Богови“.
[Рамка на страница 12]
Тројството на Хиндусите
Во книгата The Symbolism of Hindu Gods and Rituals (Симболиката на хиндуските богови и ритуали) за тројството на Хиндусите кое постоело со векови пред Христа, се вели: „Еден од боговите на тројството е Шива. Тој се смета како бог на рушењето. Другите два бога се Брахма, бог на создавањето, и Вишна, бог на одржувањето . . . За да се назначи дека овие тројца се сепак едно во своите функции, овие три бога се соединети и составени во еден облик“ (Издадено од А. Партасарати, Бомбај).
[Слика на страница 8]
„Константин всушност немал ни најмало разбирање за прашањата кои се поставувале во грчката теологија“ (A Short History of Christian Doctrine)
[Слики на страница 10]
1. Египет Тријада на Хор, Озирис и Изида, 2. милениум пр. н. е.
2. Вавилон Тријада на Иштар, Син и Шамаш, 2. милениум пр. н. е.
3. Палмира Тријада на богот на Месечината, Господарот на небото и богот на Сонцето; околу 1. век н. е.
4. Индија Хиндуско тројство, околу 7. век н. е.
5. Кампучија Троеден будистички бог, околу 12. век н. е.
6. Норвешка тројство (Отец, Син, свет дух); околу 13. век н. е.
7. Франција тројство; околу 14. век н. е.
8. Италија тројство; околу 15. век н. е.
9. Германија тројство; околу 19. век н. е.
10. Германија тројство; 20. век н. е.