Обожавај го Бог онака како што Тој сака
ВО СВОЈАТА молитва Исус му рекол на Бог: „Ова значи вечен живот, да те спознаат тебе, единствениот вистинит Бог, и оној кого си го испратил, Исус Христос“ (Јован 17:3, НС). Какво е тоа спознание? „[Божјата] волја е луѓето од сите видови да се спасат и да дојдат до точното спознание на вистината“ (1. Тимотеј 2:4, НС). The Amplified Bible (Опширната Библија) вака го преведува овој стих: „Точно и правилно да ја спознаат [божествената] Вистина.“
Значи, Бог сака точно, во склад со библиската вистина, да го запознаеме него и неговите намери. А Божјата Реч, Библијата, е изворот на таа вистина (Јован 17:17; 2. Тимотеево 3:16, 17). Кога луѓето точно ќе дознаат што Библијата вели за Бог, тогаш нема да бидат како оние што се опишани во Римјаните 10:2, 3 (НС) — кои „имаат ревност за Бога, но не според точното спознание“ — или како Самарјаните, на кои Исус им рекол: „Вие го обожавате она што не го познавате“ (Јован 4:22, НС).
Затоа, ако сакаме да му се допаднеме на Бог, мораме да се прашаме: Што кажува Бог за себе? Како сака тој да го обожаваме? Какви се неговите намери, и како можеме ние да се ускладиме со нив? Точното спознание на вистината ни помага да ги добиеме правилните одговори на овие прашања. Тогаш ќе можеме да го обожаваме Бог онака како што тој сака.
Обесчестување на Бог
„ЈАС им оддавам чест на оние кои мене ми оддаваат“, вели Бог (1. Самоилова 2:30, Ст). Дали му оддаваме чест на Бога ако за некој друг кажеме дека му е еднаков? Дали му служи на чест ако Марија ја нарекуваме ‚Богородица‘ и ‚Посредничка . . . меѓу Творецот и Неговите творби‘, како што тоа го прави New Catholic Encyclopedia? Не, таквите идеи го навредуваат Бог. Нему никој не му е еднаков; тој нема телесна мајка, бидејќи Исус не е Бог. И не постои никаква „Посредничка“, затоа што Бог поставил само ‚е д е н Посредник помеѓу Бога и луѓето‘, а тоа е Исус (1. Тимотеј 2:5; 1. Јованово 2:1, 2).
Без сомнение, науката за тројството ги збунила луѓето и го разводнила нивното разбирање на вистинската Божја положба. Оваа догма им пречи на луѓето да го запознаат Универзалниот Суверен, Јехова Бог, и да го обожаваат онака како што тој сака. Теологот Ханс Кинг за тоа рекол: „Зошто некој воопшто би сакал да додаде нешто кон поимот за Божјата единка и единственост, а кое само би ја разводнило и поништило оваа единка и единственост?“ Но, токму тоа го сторило верувањето во тројството.
Оние кои веруваат во тројството ‚не го имаат Бог во точно спознание‘ (Римјаните 1:28, НС). Во истиот стих понатаму се вели: „Бог ги предаде во неодобрена состојба на мислите, така што правеа работи кои не приличат“. Од 29. до 31. стих се набројуваат такви работи кои ‚не приличат‘, како што се ‚убиства, судири, лажни договори, недостаток на природна наклоност, немилосрдност‘. Сето ова го прават религиите кои го прифаќаат тројството.
На пример, тринитаријанците често пати ги прогонувале па дури и ги убивале оние кои ја отфрлувале науката за тројството. Освен тоа, ги убивале и своите истомисленици во војните. Католиците убивале католици, православните убивале православни, протестантите убивале протестанти — и сето тоа во името на истиот тој троеден бог. Зарем би можело да постои нешто ‚понепристојно‘ од тоа?
Меѓутоа, Исус јасно рекол: „По ова ќе знаат сите дека сте мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (Јован 13:35, НС). Божјата реч тоа понатаму го објаснува со зборовите: „По тоа се познаваат Божјите деца и децата на Ѓаволот: Секој што не врши праведност не потекнува од Бог, ниту оној кој не го љуби брата си“. Оној кој го убива својот брат во верата е спореден со Каин, „кој потекнуваше од злобниот [Сатана], и го уби брата си“ (1. Јованово 3:10-12, НС).
Според тоа, збунувачките науки за Бог довеле до постапки кои ги повредуваат неговите закони. Данскиот теолог Сорен Киркегард добро го опишал она што се случувало во т. н. христијанство, кога рекол: „Христијаните се одрекле од христијанството, без да се свесни за тоа.“
Духовната состојба на т. н. христијанство одговара на она што го напишал апостол Павле: „Тие јавно изјавуваат дека го познаваат Бог, но се одрекнуваат од него со своите дела, бидејќи се одвратни и непослушни и некадарни за било какво добро дело“ (Тит 1:16, НС).
Наскоро, кога Бог ќе го приведе при крај сегашниот систем, тринитаријанското христијанство ќе биде повикано на одговорност. Ќе биде неповолно осудено поради постапките и науките со кои го обесчестувало Бог (Матеј 24:14, 34; 25:31-34, 41, 46; Откровение 17:1-6, 16; 18:1-8, 20, 24; 19:17-21).
Отфрли го Тројството
НЕ СМЕЕ да има никакви компромиси во врска со Божјите вистини. Затоа, да се обожава Бог онака како што тој сака, значи да се отфрли науката за тројството. Таа наука е спротивна на она што верувале и научувале пророците, Исус, апостолите и првите христијани. Тоа е во спротивност и со она што самиот Бог го кажува за себе во својата инспирирана Реч. Тој вели: „Јас сум Бог, и нема друг; Бог, кому никој не му е сличен!“ (Исаија 46:9, Ст).
На Бог не му е во интерес да се направи себеси замрсен и таинствен. Наспроти тоа, колку повеќе луѓето се збунети во врска со Бог и неговите намери, толку повеќе тоа му одговара на Божјиот Непријател, Сатана, Ѓаволот, ‚богот на овој свет‘. Тој е оној кој ги унапредува таквите лажни науки за да ги ‚заслепи разумите на неверниците‘ (2. Коринтјаните 4:4). А науката за тројството служи и во интерес на свештениците, кои сакаат да ја задржат својата власт над луѓето, така што ја прикажуваат оваа догма како таква која наводно само теолозите можат да ја разберат. (Види Јован 8:44.)
Точното спознание за Бог донесува големо олеснување. Нѐ ослободува од науките кои не се во согласност со Божјата Реч и од организациите кои тргнале по патот на отпадниците. Како што рекол Исус: „Ќе ја познаете вистината и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:32, НС).
Ако му оддаваме чест на Бог како на врховно Битие и го обожаваме онака како што тој сака, можеме да ја избегнеме осудата која Бог наскоро ќе ја изврши над отпадничкото христијанство. Наместо тоа, можеме да се радуваме на Божјата наклоност кога ќе дојде крајот над сегашниот систем: „Светот поминува, а така и неговата желба, но кој ја врши Божјата волја останува засекогаш“ (1. Јованово 2:17, НС).
[Слика на страница 31]
Оваа со векови стара скулптура во Франција го прикажува крунисувањето на „дева“ Марија од страна на тројството. Верувањето во тројството довело до тоа Марија да се обожава како „Богородица“