Поглавје 18
Јован се смалува, Исус расте
ПО ПАСХАТА во пролетта 30 н.е., Исус и неговите ученици го напуштаат Ерусалим. Меѓутоа, тие не се враќаат дома во Галилеја, туку заминуваат за Јудеја каде што крштаваат. Јован Крстител го прави истото тоа дело веќе околу една година, и сѐ уште има ученици кои го придружуваат.
Всушност, Исус не крштава самиот, туку неговите ученици го прават тоа под негово водство. Нивното крштавање има исто значење како и Јовановото — тоа е симбол на покајание на Евреите за гревовите направени против Божјиот сојуз на Законот. Меѓутоа, по своето воскресение, Исус ги поучува своите ученици да вршат крштавање кое има поинакво значење. Христијанското крштавање денес претставува симбол на предание на лицето за да му служи на Јехова Бог.
Меѓутоа, во тој ран период од Исусовата служба, и Јован и тој, иако работат одвоено, ги поучуваат и ги крштаваат оние кои се каат. Но, учениците на Јован стануваат љубоморни и му се жалат поради Исус: „Раби . . . ене тој крштава и сите одат кај него“.
Јован не е љубоморен, туку се радува на Исусовиот успех и сака и неговите ученици да се радуваат. Тој ги потсетува: „Вие самите ми сведочите дека реков: Јас не сум Христос, туку сум испратен пред него“. Потоа користи една прекрасна споредба: „Кој ја има невестата, тој е младоженецот. Меѓутоа, пријателот на младоженецот, кога стои и го слуша, многу се радува поради гласот на младоженецот. Затоа оваа моја радост се исполни“.
Јован, како пријател на младоженецот, се радувал и шест месеци порано, кога му ги претставил своите ученици на Исус. Некои од нив станале идни членови на Христовата небесна класа на невестата, која ќе се состои од христијани помазани со дух. Јован сака неговите сегашни ученици, исто така, да го следат Исус, бидејќи неговата намера е да го подготви патот за успешна служба на Христос. Јован Крстител тоа вака го објаснува: „Тој мора да расте, а јас морам да се смалувам“.
Исусовиот нов ученик, Јован, кој порано исто така бил ученик на Јован Крстител, пишува за Исусовото потекло и Неговата важна улога во спасението на луѓето, велејќи: „Кој доаѓа одозгора, тој е над сите други . . . Таткото го љуби Синот и сѐ му даде во неговата рака. Кој практикува вера во Синот, има вечен живот; кој не го слуша Синот, нема да види живот, туку Божјиот гнев останува врз него“.
Кратко откако Јован Крстител зборува за намалувањето на неговата активност, царот Ирод го уапсува. Ирод ја зел за жена Иродијада, која била жена на неговиот брат Филип, и кога Јован јавно ги разоткрива неговите постапки како неисправни, Ирод го фрла в затвор. Кога Исус дознава за Јовановото апсење, тој со своите ученици ја напушта Јудеја и заминува за Галилеја. Јован 3:22—4:3; Дела 19:4; Матеј 28:19; 2.Коринќаните 11:2; Марко 1:14; 6:17—20.
▪ Какво значење имаат крштавањата кои се одвивале под Исусово водство пред неговото воскресение? А после неговото воскресение?
▪ Како покажува Јован дека жалбите на неговите ученици се без основа?
▪ Зошто Јован е затворен?