Поглавје 38
Дали на Јован му недостига вера?
ЈОВАН Крстител, кој досега е в затвор околу една година, добива извештај за воскреснувањето на синот на вдовицата во Наин. Но, Јован сака да слушне директно од Исус во врска со значењето на тоа. Затоа испраќа двајца од своите ученици да прашаат: „Ти ли си Оној кој доаѓа или да очекуваме друг?“
Ова е можеби чудно прашање, особено со оглед на тоа што Јован го видел Божјиот дух како се спушта врз Исус и го слушнал Божјиот глас на одобрување кога го крштавал Исус, скоро две години пред тоа. Јовановото прашање може да наведе некого да заклучи дека неговата вера ослабнала. Но, не е така. Исус не би зборувал со толкаво ценење за Јован, како што прави во оваа прилика, ако Јован почнал да се сомнева. Зошто, тогаш, Јован го поставил ова прашање?
Јован можеби едноставно бара потврда од Исус дека Тој е Месијата. Тоа би било многу зајакнувачки за Јован, кој пропаѓа в затвор. Но, во Јовановото прашање изгледа се работи за многу повеќе од тоа. Очигледно, тој сака да знае дали ќе дојде некој друг, наследник, така да се каже, кој ќе го доврши исполнувањето на сите работи што беа проречени дека ќе ги исполни Месијата.
Според библиските пророштва со кои е запознаен Јован, Божјиот Помазаник треба да биде цар, избавител. Сепак, веќе неколку месеци после крштавањето на Исус, Јован сѐ уште е затвореник. Очигледно затоа Јован го прашува Исус: ‚Дали ти си навистина оној кој ќе го воспостави Божјето Царство со видлива моќ, или постои некој друг, наследник, кого ние треба да го чекаме за ги исполни сите прекрасни пророштва кои се однесуваат на славата на Месијата?‘
Наместо на Јовановите ученици да им каже: ‚Се разбира, јас сум тој кој треба да дојде!‘, Исус во истиот час дава извонреден доказ, лекувајќи многу луѓе од секакви видови болести и слабости. Тогаш на учениците им вели: „Одете, јавете му на Јован што сте виделе и чуле: слепите прогледуваат, куците одат, лепрозните се исчистуваат и глувите слушаат, мртвите се подигаат, на сиромасите им се кажува добрата вест“.
Со други зборови, Јовановото прашање можеби значело дека Јован очекува Исус да стори повеќе отколку она што го правел и можеби да го ослободи него лично. Меѓутоа, Исус му кажува на Јован да не очекува повеќе од чудата што веќе ги прави.
Кога Јовановите ученици заминуваат, Исус му се обраќа на мноштвото и му вели дека Јован е ‚гласникот‘ на Јехова, проречен во Малахија 3:1 и дека тој исто така е и пророкот Илија проречен во Малахија 4:5, 6. На тој начин, тој го воздигнува Јован на исто ниво со кој и да е пророк кој живеел пред него, објаснувајќи: „Вистина ви велам: Меѓу родените од жена не станал некој поголем од Јован Крстител; но оној кој е помал во небесното царство, поголем е од него. А од дните на Јован Крстител сѐ досега небесното царство е целта кон која луѓето се пробиваат“.
Исус овде покажува дека Јован нема да биде во небесното Царство, бидејќи најмалиот таму е поголем од Јован. Јован го приготвил патот за Исус, но умира пред Христос да го запечати сојузот, или договорот, со своите ученици за да бидат совладетели со него во неговото Царство. Затоа Исус вели дека Јован нема да биде во небесното Царство. Наместо тоа, Јован ќе биде земски поданик на Божјето Царство. Лука 7:18—30; Матеј 11:2—15.
▪ Зошто Јован прашува дали Исус е Оној кој доаѓа или треба да се очекува некој друг?
▪ За кои пророштва Исус вели дека се исполниле на Јован?
▪ Зошто Јован Крстител нема да биде на небото со Исус?