Прашања од читателите
Дали од Матеј 11:11 би требало да заклучиме дека Исус однапред знаел дека Јован Крстител требало да умре пред Исус?
Да, Исус очигледно знаел дека Јован нема да доживее да стане помазан христијанин, бидејќи Исус коментирал: „Вистина ви велам: меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јована Крститела; но најмалиот во царството небесно е поголем од него“ (Матеј 11:11).
Кога ангелот Гавриил го објавил идното раѓање на Јован, тој претскажал дека Јован ‚во духот и силата на Илија (...) ќе му приготви на Господ [Јехова, NW] народ готов‘. Јован требало да биде претходник, да приготви народ за Јеховиниот Месија. Но ништо во таа божествена објава не укажувало дека Јован самиот ќе стане ученик на идниот Месија, ниту има некакво навестување за таа цел во пророчката изјава на Јовановиот татко, Захарија (Лука 1:17, 67-79).
Така, откако го крстил Исус, Јован продолжил да проповеда и да крштева, придржувајќи се на својата задача да приготви народ. Јован на чудесен начин знаел дека Исус ќе обезбеди крштевање со свет дух, но Јован не рекол дека тој самиот ќе прими свет дух и дека ќе стане помазан христијанин (Матеј 3:11). Јован исто така увидел дека тој ќе се смалува, додека Исус ќе расте (Јован 3:22-30).
Кога Исус го кажал она што го читаме во Матеј 11:11, Јован веќе бил затворен. Исус однапред објавил дека овој затворен пророк бил помал од најмалиот кој во иднина ќе му служи како цар–свештеник на небесата. Сепак, се чини дека Исус исто така знаел дека Јован требало наскоро да умре и да ја напушти земската сцена пред да биде отворен новиот „пат“ за небесен живот (Евреите 10:19, 20). Тоа значело дека Јован немало да го доживее Пентакост 33 н.е., кога започнало помазанието на Исусовите ученици со дух. Затоа, Исусовиот коментар во Матеј 11:11 исто така може да се разбере како знак дека знаел оти Јован нема да оди на небо.