Поглавје 44
Смирување на страшна бура
ИСУСОВИОТ ден е исполнет со активности — го поучувал мноштвото народ на брегот и потоа насамо на своите ученици им ги објаснил илустрациите. Вечерта тој вели: „Да поминеме на другиот брег“.
На источниот брег на Галилејското Море се наоѓа подрачјето наречено Декапол, од грчкиот збор дека, што значи „десет“, и полис, што значи „град“. Градовите во Декапол се центар на грчката култура, иако, без сомнение, тие се дом и на многу Евреи. Меѓутоа, Исусовата активност на тоа подрачје е многу ограничена. И при оваа посета, како што ќе видиме подоцна, тој е спречен да остане подолго.
Кога Исус бара да одат на другиот брег, учениците го земаат во чамецот. Меѓутоа, нивното заминување не останува незабележано. Набрзо и други влегуваат во своите чамци за да им се придружат. Патот не е многу долг. Галилејското Море, всушност, е големо езеро, долго околу 21, а широко 12 километри.
Разбирливо е дека Исус е изморен. Затоа, набргу по испловувањето легнува во задниот дел од чамецот, ја става главата на перница и цврсто заспива. Неколкумина од апостолите се искусни морнари, бидејќи многу рибареле по Галилејското Море. Затоа, тие го преземаат управувањето со чамецот.
Но, ова нема да биде лесно патување. Поради високите температури на површината на езерото кое се наоѓа на 210 метри под морското ниво и поради студениот воздух од блиските планини, повремено доаѓа до појава на силен ветер кој создава ненадејни бури над езерото. Токму тоа се случува и сега. Брановите набргу почнуваат да удираат во чамецот и да го заплиснуваат, и недостига уште малку за да го преплават. Но, Исус продолжува да спие.
Искусните морнари избезумено се трудат да управуваат со чамецот. Несомнено, и порано се справувале со бури. Но, сега се при крај на силите. Исплашени за својот живот, го будат Исус. ‚Господи, зарем не ти е грижа? Ние тонеме!‘, викаат тие. ‚Спаси нѐ, ќе се удавиме!‘
Станувајќи, Исус им заповеда на ветерот и морето: „Молкни! Заќути!“ И бесниот ветер престанува, а морето се смирува. Свртувајќи се кон своите ученици, прашува: ‚Зошто толку се плашите? Зарем уште немате вера?‘
По ова, учениците ги обзема необичен страв. ‚Кој е, всушност, овој човек?‘, се прашуваат меѓусебно, ‚зашто им заповеда дури и на ветерот и на водата и тие го слушаат.‘
Колкава моќ покажува Исус! Колку е охрабрувачки да се знае дека нашиот Цар има моќ над природните сили и дека, во времето на неговата влада на Царството, кога целото свое внимание ќе го сврти кон нашата Земја, сите луѓе ќе живеат во безопасност од страшни природни катастрофи!
По некое време откако бурата стивнува, Исус и неговите ученици безбедно пристигнуваат на источниот брег. Можеби и другите чамци биле поштедени од силната бура и безбедно се вратиле дома. Марко 4:35—5:1; Матеј 8:18, 23—27; Лука 8:22—26.
▪ Што е Декапол и каде се наоѓа?
▪ Кои физички карактеристики се одговорни за силните бури на Галилејското Море?
▪ Што прават учениците кога нивните морнарски вештини не можат да ги спасат?