Поглавје 109
Исус ги разоткрива своите противници
ИСУС толку многу ги збунил своите религиозни противници што тие се плашат да го прашаат што и да било друго. Затоа тој презема иницијатива во разоткривањето на нивното незнаење. „Што мислите за Христос?“, прашува тој. „Чиј син е тој?“
„Давидов“, одговараат фарисеите.
Иако Исус не одрекува дека Давид е телесен предок на Христос, или Месијата, сепак прашува: „Тогаш како тоа Давид под инспирација [во Псалм 110] го нарекува ‚Господ‘, велејќи: ‚Јехова му рече на мојот Господ: „Седи откај мојата десница, додека не ги положам твоите непријатели под твоите нозе“‘? Според тоа, ако Давид го нарекува ‚Господ‘, како му е син?“
Фарисеите молчат, бидејќи не го знаат вистинскиот идентитет на Христос, или помазаникот. Месијата не е само човечки потомок на Давид, како што изгледа веруваат фарисеите туку постоел на небото и му бил поглавар, или Господ на Давид.
Свртувајќи се потоа кон мноштвата и кон своите ученици, Исус ги предупредува за книжниците и фарисеите. Со оглед на тоа дека таквите поучуваат за Божјиот Закон ‚седејќи на Мојсеевата столица‘, Исус поттикнува: „Затоа правете и држете сѐ што ви кажуваат“. Но, тој додава: „Не правете според нивните дела, бидејќи тие зборуваат, а не прават“.
Тие се лицемери, и Исус ги разоткрива со истите зборови, како и за време на вечерата во куќата на еден фарисеј, неколку месеци пред тоа. „Сите свои дела ги прават“, вели тој, „за да ги видат луѓето.“Потоа наведува пример, забележувајќи:
„Ги прошируваат кутивчињата [со пасуси од Писмото] што ги носат заради заштита“. Овие релативно мали кутивчиња, кои се носат на челото или на раката, содржат четири дела од Законот — Излез 13:1—10, 11—16 и Второзаконие 6:4—9; 11:13—21. Но, фарисеите ги зголемуваат тие кутивчиња за да остават впечаток дека се ревни за Законот.
Исус во продолжение вели дека тие „ги зголемуваат ресите на своите облеки“. Во Броеви 15:38—40 на Израелците им било заповедано да направат реси на своите облеки, но фарисеите ги правеле своите реси поголеми од ресите на сите други. Сѐ правеле за да се расфрлаат! „Го сакаат најистакнатото место“, изјавува Исус.
За жал, желбата за истакнување влијаела и врз неговите ученици. Затоа ги советува: „Но вие не дозволувајте да ве нарекуваат Раби, зашто еден е вашиот учител, а вие сите сте браќа. Освен тоа, никого на земјата не нарекувајте го свој татко, зашто еден е вашиот Татко, небесниот. Не дозволувајте да бидете нарекувани ниту ‚водачи‘, зашто еден е вашиот Водач, Христос“. Учениците мора да се ослободат од желбата да бидат први! „Но најголемиот меѓу вас да ви биде слуга“, советува Исус.
Потоа тој објавува серија неволји за книжниците и фарисеите, повторно нарекувајќи ги лицемери. Тие ‚го затвораат царството на небесата пред луѓето‘, вели тој, и „ги проголтуваат куќите на вдовиците и како изговор кажуваат долги молитви“.
„Тешко вам, слепи водачи“, вели Исус. Тој ги осудува фарисеите поради недостатокот на духовни вредности, што се докажува со разликите кои ги прават своеволно. На пример, тие велат: ‚Ако некој се заколне во храмот, тоа не е ништо; но ако некој се заколне во храмското злато, тој е обврзан‘. Ставајќи поголем нагласок врз храмското злато отколку врз духовните вредности на тоа место на обожавање, тие го откриваат своето морално слепило.
Потоа, како што сторил и пред тоа, Исус ги осудува фарисеите заради тоа што ги запоставуваат „потешките работи од Законот, имено, правдата и милосрдноста и верноста“, додека придаваат големо внимание на плаќањето десеток, односно десеттиот дел од безначајни растенија.
Исус ги нарекува фарисеите ‚слепи водачи, кои ја цедат мушичката, а ја проголтуваат камилата!‘ Тие ја цедат мушичката од своето вино не само заради тоа што таа е инсект туку и затоа што е церемонијално нечиста. Сепак, нивното запоставување на потешките работи од Законот може да се спореди со проголтување камила, исто така церемонијално нечисто животно. Матеј 22:41—23:24; Марко 12:35—40; Лука 20:41—47; Левит 11:4, 21—24.
▪ Зошто фарисеите молчат кога Исус ги прашува во врска со тоа што го рекол Давид во Псалм 110?
▪ Зошто фарисеите ги зголемуваат своите кутивчиња кои содржат стихови од Писмото, и ресите на своите облеки?
▪ Каков совет им дава Исус на своите ученици?
▪ Какви разлики своеволно прават фарисеите, и како Исус ги осудува заради запоставувањето на потешките работи?