Комуницирање преку писма
ПИСМАТА ги подобриле животите и однесувањето на милиони луѓе. Повеќето книги во Христијанските грчки списи првобитно биле писма. Денес ние може да пишуваме писма за да ги изградуваме новите верници, да бидеме во контакт со пријателите, да ги храбриме браќата и сестрите што добиле посебни одговорности, да ги зајакнеме оние што се соочуваат со тешкотии и да ги пренесеме потребните информации додека се грижиме за собраниските активности (1. Сол. 1:1-7; 5:27; 2. Петр. 3:1, 2).
Пишувањето писма е и делотворен начин на сведочење. Во некои подрачја луѓето живеат во станбени згради со високо обезбедување или во хотели за живеење кои не може слободно да ги обработуваме. Некои луѓе се отсутни од дома поголемиот дел од времето, па затоа не успеваме да им сведочиме од куќа до куќа. Други живеат во изолирани места.
Болеста, лошото време или полицискиот час може понекогаш да те ограничи дома. Дали си во состојба да пишуваш писма за да му дадеш понатамошно сведоштво на некој роднина или на некој со кого си разговарал неформално? Дали некој твој библиски студент се преселил? Писмо од тебе би можело да биде токму она што му е потребно за неговиот духовен интерес да се одржи жив. Или, можеби си во состојба да споделиш соодветни библиски информации со оние што неодамна стапиле во брак, станале родители или изгубиле свои сакани поради смрт.
Сведочење преку писмо
Кога пишуваш за да му сведочиш на некого кого никогаш не си го сретнал, најпрвин претстави се. Би можел да му објасниш дека учествуваш во едно меѓународно доброволно дело. Ако изгледа пригодно, спомни дека си Јеховин сведок. Стави му на лицето до знаење зошто му пишуваш, а не го посетуваш лично. Пишувај како да разговараш со него лице в лице. Сепак, во склад со упатството да ,се покажеме претпазливи како змии, а сепак невини како гулаби‘, сериозно размисли колку информации за себе треба да откриеш (Мат. 10:16).
Во писмото вклучи што би му рекол на тоа лице кога би можел да го посетиш. Можеш да приспособиш некој вовед од книгата Резонирање или да употребиш библиска презентација од некое поново издание на Наша служба за Царството. Можеш да поставиш прашање и да го охрабриш да размислува за него. Некои објавители едноставно објаснуваат дека ние имаме бесплатна програма за одговарање на библиски прашања и потоа наведуваат некои наслови на поглавја од едно од нашите помагала за проучување. Пример-писмо напишано со цел да се даде сведоштво се наоѓа на 73. страница. Тоа може да ти даде некои идеи, но добро е содржината да се разликува. Во спротивно, како што времето одминува, луѓето секогаш одново ќе го добиваат истото писмо.
Некои луѓе немаат желба да читаат долго писмо од непознат човек. Затоа, можеби би било мудро твоето писмо да биде кратко. Нека заврши пред примателот да се измори од читање. Би било соодветно да приложиш печатена покана за состаноците во Салата на Царството. Можеш да ставиш трактат, брошура или издание од Стражарска кула или Разбудете се! и да објасниш дека, ако сака, може да ги добива редовно. Или би можел да го прашаш примателот дали може да го посетиш дома за да разговарате за темата за која станува збор.
Збор-два за формата
Погледни го сега пример-писмото. Забележи го следново: 1) Тоа изгледа уредно, не пренатрупано. 2) Дури и ако пликот се зафрли, примателот сѐ уште го има името и поштенската адреса на испраќачот. 3) Целта на писмото е јасно и директно наведена во првиот пасус. 4) Секоја главна мисла е обработена во засебен пасус. 5) Имајќи ја предвид својата цел, писмото ниту е премногу неформално ниту, пак, е премногу формално.
Во едно поформално писмо, како што е она што собранискиот секретар го испраќа до канцеларијата на подружницата, ќе биде вклучено името на собранието, како и името на секретарот, неговата поштенска адреса и датумот. Треба да стои и името и адресата на лицето или организацијата на која ѝ се испраќа писмото. Потоа следи пригоден поздрав. За крај на писмото, на некои јазици над потписот се појавува израз како, на пример, „Со пријателски поздрав“ или „Со почит“. Самиот потпис треба да биде напишан со рака.
Во секое писмо обрни внимание на исправниот правопис, граматика, интерпункција и, се разбира, на уредноста. Тоа ќе му даде достоинство на твоето писмо и на пораката што ја содржи.
На надворешната страна на пликот секогаш пишувај повратна адреса — по можност лично твојата поштенска адреса. Ако мислиш дека не би било мудро да ја дадеш својата адреса кога преку писмо им сведочиш на непознати, прашај ги старешините дали ќе ти одобрат за повратна адреса да ја користиш адресата на локалната Сала на Царството. Адресата на Заедницата никогаш не треба да се користи за оваа цел, бидејќи со тоа неисправно би покажал дека твојата пошта е испратена од канцелариите на Заедницата и ќе предизвика збрка. Ако не наведеш повратна адреса, а ставиш литература, и тоа може да остави погрешен впечаток дека испраќачот е Заедницата.
Погрижи се да платиш доволно поштарина, особено ако си ставил литература. Ако поштарината не е доволна, можеби примачот ќе биде одговорен да ја плати потребната сума, а тоа ќе го одвлече вниманието од твојата порака. Имај на ум дека во многу земји кога се приложува брошура или списание, поштенската такса е повисока од онаа што е потребна за обично писмо.
Исправен тон
Откако ќе го завршиш писмото, прочитај го за да ја оцениш содржината. Како ти звучи? Дали е пријателско и со такт? Љубовта и љубезноста спаѓаат во особините што настојуваме да ги покажеме во нашите постапки со другите (Гал. 5:22, 23). Ако почувствуваш некаков негативен тон или трага на песимизам, преиначи ги зборовите.
Писмото може да отиде на места каде што ти не можеш. Овој факт сам по себе го прави една значајна алатка во службата. Со оглед на тоа што твоето писмо те претставува тебе и работите за кои се залагаш, размисли за неговата содржина, како изгледа и како звучи. Тоа можеби ќе биде токму она што е потребно за една скапоцена душа да започне, да се зајакне или да се охрабри на патот на животот.