Секогаш тежнеј кон љубезна доброљубивост
”Кој тежнее кон праведност и љубезна доброљубивост, ќе најде живот, праведност и слава“ (ИЗРЕКИТЕ 21:21, NW).
1. Зошто би требало да очекуваме оние кои се водени од Божјиот дух да покажуваат доброљубивост?
ЈЕХОВА е доброљубив и сочувствителен. Тој е ”Бог милосрден и милостив, бавен на гнев и обилен во љубезна доброљубивост и вистина“ (2. Мојсеева 34:6, 7, NW). Затоа е разбирливо дека во плодовите на неговиот свет дух се вклучени љубовта и доброљубивоста (Галатјаните 5:22, 23, NW).
2. Кои примери ќе ги разгледаме сега?
2 Оние кои се водени од Јеховиниот свет дух, или активна сила, го покажуваат неговиот плод на доброљубивост. Тие покажуваат љубезна доброљубивост во своите односи со другите. Тие навистина го следат примерот на апостол Павле, препорачувајќи се себеси како Божји слуги ”преку доброљубивоста“ и на други начини (2. Коринтјаните 6:3-10, NW). Нивниот доброљубив, сочувствителен дух кој простува се ускладува со личноста на Јехова, кој е ”обилен во љубезната доброљубивост“ и чија Реч содржи многу примери на доброљубивост (Псалми 86:15, NW; Ефесјаните 4:32, NW). Што може да научиме од некои од тие примери?
Љубезноста нѐ прави несебични и гостољубиви
3. Како Аврахам бил примерен во покажувањето на доброљубивост и какво охрабрување дал Павле во тој поглед?
3 Патријархот Аврахам (Аврам) — ’Јеховиниот пријател‘ и ”татко на сите оние кои веруваат“ — дал прекрасен пример во покажувањето на доброљубивост (Јаков 2:23, NW; Римјаните 4:11, Ст). Тој и неговото семејство, вклучувајќи го и неговиот братанец Лот, на Божјата заповед го напуштил халдејскиот град Ур и тргнал во Ханан. Иако Аврахам бил постар човек и глава на семејството, бил доброљубив и несебичен кога допуштил Лот да ги избере најдобрите пасишта, додека за себе го зел она што останало (1. Мојсеева 13:5-18). Истата доброљубивост може и нас да нѐ поттикне да дозволиме другите да имаат предност пред нас. Таквата несебична доброљубивост е во склад со советот на апостол Павле: ”Никој нека не ја бара својата полза, туку ползата на ближниот.“ Павле и самиот ’им угодувал на сите во сѐ и не ја барал својата полза, туку користа на многумина, за да се спасат тие‘ (1. Коринтјаните 10:24, 33).
4. Како биле наградени Аврахам и Сара за покажувањето на доброљубивост во вид на гостољубивост?
4 Понекогаш доброљубивоста добива облик на срдечна гостољубивост. Аврахам и неговата жена биле доброљубиви и гостопримливи спрема тројца странци кои еден ден поминувале таму. Аврахам ги наговорил да останат некое време, додека тој и Сара брзо подготвиле добро јадење за посетителите. Се покажало дека тие странци се Јеховини ангели, од кои еден го соопштил ветувањето дека остарената Сара, која била без деца, ќе добие син (1. Мојсеева 18:1-15). Колкава награда за љубезната гостопримливост!
5. На кој начин Гај покажал доброљубивост, и како можеме ние да направиме нешто слично?
5 Еден начин на кој сите христијани можат да покажуваат доброљубивост е да бидат гостољубиви (Римјаните 12:13; 1. Тимотеј 3:1, 2). Во согласност со тоа, Јеховините слуги љубезно им пружаат гостопримство на патувачките надгледници. Тоа нѐ потсетува на доброљубивоста која ја покажал Гај, христијанин од првиот век. Тој направил ”верно дело“ примајќи ги гостољубиво браќата кои доаѓале во посета, ”странци“ кои порано не ги познавал (3. Јованово 5-8, NW). Обично ги познаваме оние на кои можеме љубезно да им укажеме гостољубивост. Можеби забележуваме дека нашата духовна сестра е потиштена. Можеби нејзиниот брачен другар е неверник или дури исклучен. Каква прилика да покажеме доброљубивост и да ја поканиме одвреме навреме да се радува на духовното дружење и на оброкот со нашето семејство! Иако можеби нема да приредиме гозба, нашето семејство сигурно ќе се радува да покаже доброљубивост спрема таквата сестра. (Спореди Изреките 15:17.) А таа без сомнение ќе изрази благодарност за тоа, било со зборови или со писмо на благодарност.
6. Како Лидија покажала доброљубивост, и зошто е важно да се покажува ценење за љубезните дела?
6 Откако побожната Лидија била крстена, ’молела, велејќи: Ако ме цените [Павле и неговите придружници] дека сум верна на Господа, влезете во мојата куќа и останете во неа. И нѐ принуди да останеме“, додал Лука. Без сомнение доброљубивоста на Лидија била ценета (Дела 16:14, 15, 40, Ба). Но, пропуштањето да се покаже ценење може да биде разорно. Во една прилика, една 80-годишна сестра со ограничени сили и средства доброљубиво се потрудила да подготви оброк за неколку гости. Била особено разочарана кога еден младич не ја ни известил дека не може да дојде. Во една друга прилика, две сестри не отишле на вечера што една млада жена ја подготвила само за нив. ” Бев скршена“, рекла таа, ”бидејќи ниедна од нив не беше заборавила. (...) Повеќе би сакала да чујам дека заборавиле за вечерата, но ниту една од сестрите не беше доброљубива или љубезна да ми се јави.“ Дали доброљубивоста како плод на светиот дух ќе те поттикне да бидеш благодарен и обѕирен во слични околности?
Доброљубивоста нѐ прави обѕирни
7. Која значајна мисла е прикажана во врска со доброљубивоста преку напорот направен за да се задоволи желбата на Јаков во врска со погребот?
7 Доброљубивоста би требало да нѐ направи обѕирни спрема другите и спрема нивните лични желби. Да го прикажеме тоа: Јаков (Израел) го замолил својот син Јосиф да покаже љубезна доброљубивост кон него со тоа што да не го погребе во Египет. Иако тоа барало телото на Јаков да се носи на прилична оддалеченост, Јосиф и останатите Јаковлеви синови ”го однесоа (...) во земјата Хананска, и го погребаа во пештерата на нивата Макпела, што беше ја купил Авраам од Хетеецот Ефрон, спроти Мамре, за да има гробница“ (Прва книга Мојсеева 47:29; 49:29-31; 50:12, 13). Во согласност со овој пример, зарем не би требало љубезната доброљубивост да нѐ поттикне да се држиме за библиски оправданите подготовки за погреб заради уважување на желбата на некој член на некое христијанско семејство?
8. Што можеме да научиме за наградувањето на доброљубивоста од примерот на Рахава?
8 Кога другите ќе покажат љубезна доброљубивост спрема нас, зарем не би требало да изразиме ценење или на некој начин да возвратиме? Сигурно дека би требало. Блудницата Рахава покажала доброљубивост така што ги сокрила израелските извидници. Затоа Израелците покажале љубезна доброљубивост и ја сочувале неа и нејзиниот дом кога градот Ерихон го предале на уништување (Исус Навин 2:1-21; 6:20-23). Каков прекрасен пример кој покажува дека на доброљубивоста би требало да возвратиме со покажување на обѕирност и доброљубивост од наша страна!
9. Зошто може да се каже дека е исправно да бараме од некого да покажува љубезна доброљубивост кон нас?
9 Што се однесува до тоа, правилно е да замолиме некого да покаже љубезна доброљубивост спрема нас. Тоа го сторил Јонатан, син на првиот израелски крал, Саул. Јонатан го замолил својот сакан помлад пријател Давид да покаже љубезна доброљубивост спрема него и неговото семејство (1. Самоилова 20:14, 15, NW; 2. Самоилова 9:3-7, NW). Давид се сетил на тоа кога ги одмаздил Гаваонците на кои Саул им нанел зло. Сеќавајќи се на ”заклетвата Јеховина“ помеѓу него и Јонатан, Давид покажал љубезна доброљубивост така што го поштедил животот на синот на Јонатан, Мефибошет (2. Самоилова 21:7, 8, NW). Дали и кај нас ’нашето да значи да‘? (Јаков 5:12). И ако сме собраниски старешини, дали исто така сме сочувствителни кога спрема соверниците треба да се покаже љубезна доброљубивост?
Доброљубивоста ги јакне врските
10. Како била благословена љубезната доброљубивост на Рута?
10 Љубезната доброљубивост ги јакне семејните врски и ја унапредува среќата. Тоа се покажало во случајот со моавката Рута. Таа напорно работела како собирач на полето на постариот Воз близу Витлеем, и така обезбедувала храна за себе и за својата сиромашна свекрва Ноема која била вдовица (Рута 2:14-18). Воз подоцна ѝ рекол на Рута: ”Ти ја изрази твојата љубезна доброљубивост во последниот случај уште подобро отколку во првиот, со тоа што не отиде по млади мажи, биле тие богати или сиромашни“ (Рута 3:10, NW). Како прво, Рута покажала љубезна доброљубивост спрема Ноема. ’Во последниот случај‘, Моавката покажала љубезна доброљубивост со тоа што била спремна да се омажи за постариот Воз за да му подигне име на својот покоен сопруг и остарената Ноема. Преку Воз, Рута станала мајка на Давидовиот дедо, Овид. А Бог ѝ доделил ”совршена плата“ така што станала предок на Исус Христос (Рута 2:12, ДК; 4:13-17; Матеј 1:3-6, 16; Лука 3:23, 31-33). Колкави благослови значела љубезната доброљубивост на Рута за неа и нејзиното семејство! И денес доаѓа до благослови, среќа и јакнење на семејните врски кога љубезната доброљубивост доаѓа до израз во богобојазните домови.
11. Каков успех имала доброљубивоста на Филемон?
11 Доброљубивоста ги јакне врските внатре во собранијата на Јеховиниот народ. Христијанинот Филемон бил познат по тоа што покажувал љубезна доброљубивост спрема соверниците. Павле му рекол: ”Секогаш му благодарам на Богот свој кога се сеќавам на тебе во своите молитви — слушам, имено, за твојата љубов и вера што ја имаш спрема Господ Исус и спрема сите свети (...) Навистина многу ме израдува и утеши твојата љубов, бидејќи ти, брате ги закрепна срцата на светите“ (Филемон 4-7, Ст). Библијата не кажува како Филемон ги закрепнал срцата на светите. Меѓутоа, тој сигурно покажал љубезна доброљубивост кон останатите помазаници на различни начини на кои тие биле закрепнати, а тоа несомнено ги зајакнало нивните меѓусебни врски. Слично се случува кога христијаните денес покажуваат љубезна доброљубивост.
12. Каква била последицата од доброљубивоста која ја покажал Онезифор?
12 Љубезноста на Онезифор исто така донела добри резултати. ”Нека Господин биде милостив спрема домот на Онезифор“, рекол Павле, ”бидејќи често пати ме утеши; не се срамеше од моите окови, туку, напротив, кога дојде во Рим, грижливо ме побара и ме најде — нека му даде Господ да најде милосрдие кај Господ [кај Јехова, NW] во оној Ден! — а колку услуги ми направи во Ефез, ти тоа најдобро го знаеш“ (Второ послание до Тимотеј 1:16-18, Ст). Ако настојуваме да покажуваме љубезна доброљубивост спрема сообожавателите, ќе бидеме среќни и ќе зајакнат врските на братска наклоност во христијанското собрание.
13, 14. Како собранието во Филипи било примерно, и како одговорил Павле на неговата доброљубивост?
13 Кога целото собрание покажува љубезна доброљубивост спрема сообожавателите, со тоа се зајакнуваат врските меѓу нив. Таква блиска врска постоела помеѓу Павле и собранието во градот Филипи. Всушност, една причина поради која Павле го напишал своето писмо до Филипјаните била да изрази благодарност за нивната доброљубивост и материјална помош. Напишал: ”Во почетокот на објавувањето на добрата вест, кога отпатував од Македонија, ниедно собрание не учествуваше во работата на давање и примање, освен самите вие; бидејќи ми испративте дури во Солун нешто за моите потреби и еднаш и по вторпат. (...) Имам сѐ доволно и во изобилство. Имам обилно, бидејќи од Епафродит ги примив работите од тебе, пријатен мирис, прифатлива жртва, угодна на Бог“ (Филипјаните 4:15-18, NW).
14 Не е чудно што доброљубивите Филипјани биле споменати во молитвите на Павле! Тој рекол: ”Му благодарам на својот Бог секогаш кога ќе се сетам на вас — секојпат во секоја своја молитва радо се молам за сите вас — поради вашиот удел во ширењето на Радосната вест од првиот ден до сега“ (Филипјаните 1:3-5, Ст). Таквата добродушна и дарежлива поддршка на делото на проповедање на Царството може само да го зајакне собранието. Откако Филипјаните доброљубиво направиле што можеле во тој поглед, Павле им загарантирал: ”Мојот Бог, по Своето богатство, нека ја исполни секоја ваша потреба, за слава преку Христа Исуса“ (Филипјаните 4:19). Да, Бог ја наградува доброљубивоста и дарежливоста. Неговата Реч вели: ”Секој, какво добро и да направи, ќе го прими тоа назад од Јехова“ (Ефесјаните 6:8, NW).
Кога жените покажуваат доброљубивост
15, 16. (а) Како била запамтена доброљубивост на Дорка, и што се случило кога умрела? (б) Како добродушните христијанси денес изобилуваат со добри дела?
15 Љубезната доброљубивост на ученичката Дорка (Тавита или Срна) од Јопа не останала ненаградена. ”Таа беше исполнета со милостиња и добри дела“, и кога ’се разболе и умре‘, учениците испратиле по Петар во Лида. Кога пристигнал, ”го одведоа во горната одаја, и дојдоа кај него сите вдовици, плачејќи и покажувајќи му ги ризите и облеките, што ги беше правела Срна, додека живееше со нив.“ Претстави си ја сцената: Тажни, уплакани вдовици му раскажале на апостолот колку Дорка била доброљубива и како доказ на нејзината љубов и доброљубивост му ги покажале облеките. Откако ги испратил надвор сите, Петар клекнал во молитва и се свртел кон телото. Слушај! Рекол: ”Тавита, стани!“ И погледни! ”И таа ги отвори очите свои, па, како го виде Петра, седна. А Петар тогаш ѝ подаде рака и ја подигна; и, штом ги повика светиите [светите, NW] и вдовиците, им ја предаде жива“ (Дела 9:36-41). Колкав благослов од Бог!
16 Тоа е првото забележано воскресение кое го извршил еден апостол на Исус Христос. А околностите кои довеле до тоа прекрасно чудо биле темелени на доброљубивоста. Кој знае дали Дорка би била подигната во живот ако не изобилувала со добри дела и дарови на милосрдие — ако не изобилувала со љубезна доброљубивост? Не биле благословени само Дорка и тие вдовици, туку чудото на нејзиното воскреснување дало сведоштво на Божја слава. Да, ”ова се разгласи по цела Јопа, и многу поверуваа во Господ“ (Дела 9:42, ДК). И денес, добродушни христијански жени исто така изобилуваат со добри дела — можеби шијат алишта за соверниците, подготвуваат оброци за остарените меѓу нас, проширувајќи ја гостољубивоста и на други (1. Тимотеј 5:9, 10). Колкаво сведоштво е тоа за оние кои нѐ посматраат! Највеќе од сѐ, колку сме среќни што оддаденоста на Бог и љубезната доброљубивост ја тера оваа ’голема војска од жени кои ја објавуваат добрата вест‘ на слава на нашиот Бог, Јехова! (Псалми 68:11, NW).
Продолжи да тежнееш кон љубезна доброта
17. Што се кажува во Изреките 21:21, и како тие зборови се применуваат на богобојазните поединци?
17 Сите кои ја сакаат Божјата наклоност мораат да тежнеат кон љубезна доброљубивост. ”Кој тежнее кон праведност и љубезна доброљубивост, ќе најде живот, праведност и слава“, вели една мудра изрека (Изреките 21:21, NW). Богоугодниот човек марливо тежнее кон Божјата праведност, секогаш воден од божествени мерила (Матеј 6:33). Тој постојано покажува лојална љубов, или љубезна доброљубивост спрема другите во материјален, а особено во духовен поглед. Таквиот човек наоѓа праведност, затоа што Јеховиниот дух му помага да води праведен живот. Всушност, тој е ’облечен во праведност‘ како што било случај со богоугодниот Јов (Јов 29:14, NW). Таквиот поединец не бара своја слава (Изреките 25:27, NW). Наместо тоа, тој ја прима сета слава која Јехова дозволува да ја прими, можеби во вид на почитување од другите луѓе кои Бог ги поттикнува спрема него да постапуваат љубезно поради неговата љубезна доброљубивост која тој ја покажува спрема нив. И повеќе од тоа, оние кои лојално ја вршат Божјата волја наоѓаат живот — не само за неколку поминливи години, туку вечно.
18. Зошто треба да тежнееме кон љубезна доброљубивост?
18 Затоа, нека сите кои го љубат Јехова Бог продолжат да тежнеат кон љубезна доброљубивост. Со таа особина стекнувамет наклоност кај Бог и кај другите. Таа ја унапредува гостољубивоста и нѐ прави обѕирни. Доброљубивоста ги зајакнува врските внатре во семејството и христијанското собрание. Жените кои покажуваат љубезна доброљубивост се ценети и високо почитувани. А сите оние кои тежнеат кон таа извонредна особина му донесуваат слава на Богот на љубезната доброљубивост, Јехова.
Како би одговорил?
◻ Како Аврахам бил примерен во покажувањето на доброљубивост?
◻ Што учиме од примерот на Рахава за наградувањето на доброљубивоста?
◻ Како собранието во Филипи покажало доброљубивост?
◻ Како добродушните христијанки денес изобилуваат со добри дела?
◻ Зошто би требало да тежнееме кон љубезна доброљубивост?