Лојална љубов — како треба да влијае врз нашиот говор
„Устата своја ја отвора мудро и на нејзиниот јазик е законот на лојалната љубов“ (ИЗР. 31:26, фус.)
1, 2. а) Која особина треба да ја развиваат Јеховините слуги? б) За што ќе се зборува во оваа статија?
ДРЕВНИОТ цар Лемуил добил многу важни поуки од својата мајка, која му го свртела вниманието и на една доблест која ја краси добрата жена. Во врска со таквата жена, таа рекла: „Устата своја ја отвора мудро и на нејзиниот јазик е законот на лојалната љубов“a (Изр. 31:1, 10, 26). Навистина е добро кога една мудра жена — но и секој друг што сака да му угоди на Јехова Бог — покажува лојална љубов во својот говор. (Прочитај Изреки 19:22.) Сите вистински Божји слуги треба да ја покажуваат оваа особина кога разговараат со другите.
2 Што значи изразот „лојална љубов“? Кон кого треба да ја покажуваме? Како може ‚законот на лојалната љубов да биде на нашиот јазик‘? Како тоа ќе влијае врз нашата комуникација со членовите на семејството и со сохристијаните?
Што е лојалната љубов
3, 4. а) Што е лојалната љубов? б) Како лојалната љубов се разликува од вообичаената љубезност или добрина?
3 Изразот „лојална љубов“ е еден од можните преводи на хебрејскиот збор кесед, кој е толку богат со значење што во македонскиот јазик не постои еден збор со кој во потполност може да се изрази неговата смисла. Во зависност од контекстот, може да се преведе со изразите како што се: „лојална љубов, љубов и верност, верност, оддаденост, добрина, добродушност, милосрдие, милост, наклоност“. Ова е особина која нѐ поттикнува да се интересираме за другите и верно да им покажуваме љубов на тој начин што ќе им помагаме и со добри дела и со љубезни зборови, сѐ додека им е потребна нашата помош.
4 Оној што покажува лојална љубов не е само добар човек кој покажува вообичаена љубезност, бидејќи тоа го правиме дури и кон оние што не ги познаваме. На пример, кога апостол Павле и 275 луѓе преживеале бродолом покрај Малта, жителите на тој остров им покажале ваква љубезност иако никогаш порано не ги виделе (Дела 27:37 — 28:2). Сепак, не може да се каже дека Малтежаните им покажале лојална љубов затоа што оваа особина доаѓа до израз само меѓу лица кои веќе имаат развиено некој однос.b Покажувањето лојална љубов води до срдечни и трајни врски со другите. Поради таа особина, меѓу Јехова и неговиот народ постои врска која е цврста и постојана (5. Мој. 7:9).
Длабокото размислување и молитвата се многу важни
5. Што ќе ни помогне да го зауздаме својот јазик?
5 Не е секогаш лесно да покажуваме лојална љубов кога зборуваме со другите. Ученикот Јаков напишал: „Јазикот никој од луѓето не може да го скроти. Тој е незауздано зло, полно со смртоносен отров“ (Јак. 3:8). Што ќе ни помогне да го зауздаме својот јазик, кој толку тешко се скротува? Одговорот можеме да го дознаеме од она што им го кажал Исус на верските водачи во негово време. Тој им рекол: „Устата го зборува она со кое е полно срцето“ (Мат. 12:34). Значи, ако во своето срце, односно длабоко во себе, развиваме лојална љубов, таа ќе влијае врз нашите зборови. Да видиме како длабокото размислување и молитвата можат да ни помогнат во тоа.
6. Зошто треба со ценење да размислуваме за постапките со кои Јехова покажал лојална љубов?
6 Во Библијата пишува дека Јехова Бог е „полн со лојална љубов“ (2. Мој. 34:6). Псалмистот поетски рекол: „Твојата лојална љубов, Јехова, ја исполни земјата“ (Пс. 119:64). Библијата на многу места опишува како Јехова покажал лојална љубов кон своите слуги. Ако одвоиме време со ценење да размислуваме за неговите постапки, ќе чувствуваме силна желба да ја развиеме таа Божја особина. (Прочитај Псалм 77:12.)
7, 8. а) Како Јехова покажал лојална љубов кон Лот и кон неговото семејство? б) Што чувствувал Давид кога размислувал како Јехова му покажал лојална љубов?
7 На пример, размисли како Јехова го избавил Лот, внукот на Авраам, и неговото семејство кога го уништил Содом, градот во кој живееле. Кога се приближил моментот на уништување, ангелите кои дошле кај Лот го терале што е можно побрзо да го напушти градот заедно со семејството. Библијата вели: „Но тој почна да одолговлекува, и затоа [ангелите] ги фатија за рака него, неговата жена и неговите две ќерки, бидејќи Јехова му се смилува, па го изведоа и го оставија надвор од градот“. Зарем не сме трогнати кога подлабоко ќе размислиме за она што го направил Јехова за Лот? Зарем не е јасно дека Бог постапил така токму поради својата лојална љубов? (1. Мој. 19:16, 19).
8 Да го земеме и примерот на цар Давид од древниот Израел. Тој рекол: „[Јехова] ти ги простува сите престапи... ти ги лекува сите болести“. Давид сигурно му бил многу благодарен на Јехова што му го простил гревот со Витсавеа. Поради тоа го величал Бог со зборовите: „Како што се небесата повисоки од земјата така и неговата лојална љубов ги надвишува оние што се бојат од него“ (Пс. 103:3, 11). Ако размислуваме за овој и за други библиски извештаи, срцето ќе ни се исполни со благодарност за Јеховината лојална љубов, и ќе бидеме поттикнати да го фалиме и да го славиме. Колку повеќе ја цениме лојалната љубов што ја покажува вистинскиот Бог, толку повеќе ќе сакаме да бидеме како него (Еф. 5:1).
9. Од која силна причина Јеховините слуги треба да покажуваат лојална љубов во секојдневниот живот?
9 Од Библијата дознаваме дека Јехова покажува лојална љубов кон оние што имаат близок однос со него. А што е со луѓето кои немаат ваков однос со живиот Бог? Дали Јехова е немилосрден и бесчувствителен кон нив? Во никој случај! „[Бог] е милостив кон неблагодарните и кон злите“, стои во Лука 6:35. „Тој дава неговото сонце да изгрева над злите и над добрите и да паѓа дожд на праведните и на неправедните“ (Мат. 5:45). Всушност, Бог бил добар кон нас уште пред да ја запознаеме вистината и да почнеме да живееме во склад со неа, како што е добар и кон сите луѓе. Сепак, откако станавме негови слуги, прави многу повеќе — постојано ни покажува лојална љубов. (Прочитај Исаија 54:10.) Навистина треба да му бидеме многу благодарни за тоа! Истовремено, ова ни дава и силна причина да покажуваме лојална љубов во својот говор и во секојдневните односи со другите.
10. Зошто молитвата е многу важна за да развиеме лојална љубов?
10 Молитвата може многу да ни помогне да развиеме лојална љубов. Зошто го велиме ова? Затоа што, кога се молиме, можеме на најдиректен начин да го бараме и да го добиеме Јеховиниот свет дух, без кој не можеме да ги развиеме ниту неговите плодови ниту други особини што му се угодни на Бог, како што е лојалната љубов (Лука 11:13; Гал. 5:22). Затоа е важно секогаш одново да се молиме за свет дух и да го прифатиме неговото водство. Значи, длабокото размислување и молитвата се неопходни ако сакаме лојалната љубов да се гледа во нашиот говор.
Им помага на брачните другари да внимаваат на својот говор
11. а) Од каде знаеме дека Јехова очекува мажот да ѝ покаже лојална љубов на својата жена? б) Како лојалната љубов му помага на мажот да внимава на својот говор?
11 Апостол Павле ги поттикнал мажите: „Сакајте ги своите жени, како што и Христос го сакаше собранието и се предаде себеси за него“ (Еф. 5:25). Освен тоа, ги потсетил на она што Јехова го рекол за Адам и Ева: „Човекот ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до својата жена и тие двајцата ќе станат едно тело“ (Еф. 5:31). Значи, Јехова очекува од мажот да ѝ биде приврзан на својата жена, секогаш да ѝ покажува лојална љубов. Мажот кој покажува ваква љубов не зборува пред другите со омаловажување за неа и не укажува на нејзините маани. Напротив, тој со задоволство ја фали (Изр. 31:28). Ако дојде до некој проблем меѓу нив, лојалната љубов ќе го поттикне да внимава да не ја понижува својата жена со начинот на кој зборува за неа.
12. Како покажува жената со својот говор дека ја води лојалната љубов?
12 И жената треба со својот говор да покаже дека дозволува да ја води лојалната љубов. Не смее да допушти врз нејзините зборови да влијае духот на овој свет. Жената која „длабоко... го почитува својот маж“ зборува убаво пред другите за него и така ги поттикнува уште повеќе да го ценат (Еф. 5:33). Бидејќи не сака да ја поткопа почитта која децата ја имаат кон својот татко, пред нив не му противречи ниту, пак, го оспорува неговото мислење. Кога во нешто не се сложува со мажот, разговара насамо со него за таа работа. Библијата вели: „Вистински мудрата жена си ја гради куќата“ (Изр. 14:1). Таа се труди во нејзиното семејство да владее пријатна атмосфера.
13. Кога е особено важно да се покажува лојална љубов, и како може да го правиме тоа?
13 Дури и кога се сами, мажот и жената мораат со својот говор да покажат дека меѓусебно се почитуваат. Павле напишал: „Отфрлете го сето ова: гневот, лутината, злобата, погрдниот говор, а безобразни зборови да не излегуваат од вашата уста“. А потоа додал: „Облечете се во најдлабока сомилост, љубезност, понизност, благост и долготрпеливост... Облечете се во љубов, зашто таа совршено ве поврзува“ (Кол. 3:8, 12-14). Ако родителите имаат навика во семејството да разговараат љубезно и обѕирно, тоа ќе влијае позитивно врз нивните деца. Децата ќе бидат среќни и веројатно ќе го следат примерот на родителите.
14. Како семејните поглавари можат да го крепат семејството со својот говор?
14 Во врска со Јехова, псалмистот рекол: „Твојата лојална љубов, Јехова, ме поткрепи“ (Пс. 94:18). Еден извонреден начин на кој Јехова го крепи својот народ и се грижи за него е така што му дава совети и водство (Пс. 119:105). По примерот на нашиот небесен Татко, како можат семејните поглавари да се грижат за членовите на своето семејство? Така што ќе им го дадат потребното водство и охрабрување. Семејната вечер посветена на Јехова е одлична можност да се усвојат скапоцени библиски мисли (Изр. 24:4).
Покажувај лојална љубов кон соверниците
15. Како можат старешините и други духовно зрели лица да го користат својот јазик за да ги чуваат другите во собранието?
15 Цар Давид се молел: „Твојата лојална љубов и твојата вистинољубивост нека ме чуваат секогаш“ (Пс. 40:11). Како можат старешините и другите духовно зрели членови во собранието да го следат примерот на Јехова во овој поглед? Ако го користиме својот јазик за да го насочиме вниманието на другите на поуките од Светото писмо, тогаш навистина покажуваме лојална љубов (Изр. 17:17).
16, 17. Како може да покажеме дека лојалната љубов влијае врз нашиот говор?
16 Што треба да правиме ако видиме дека некој христијанин е на пат да ги прекрши библиските начела со своите постапки? Зарем лојалната љубов нема да нѐ поттикне да разговараме со него за да му помогнеме да не згреши? (Пс. 141:5). Ако дознаеме дека некој наш соверник направил тежок грев, лојалната љубов ќе нѐ поттикне да го охрабриме да „ги повика старешините од собранието“ за да „се молат за него и [да] го намачкаат со масло во името на Јехова“ (Јак. 5:14). Ако тој не отиде кај старешините, а ние не им кажеме за неговата неисправна постапка, ниту сме му лојални ниту, пак, му покажуваме љубов. Некои наши браќа се чувствуваат обесхрабрени, осамени, безвредни или малодушни поради разочарувањата што ги доживеале. Библијата нѐ советува да ‚ги тешиме потиштените души‘, а тоа е уште еден многу добар начин да покажеме лојална љубов со својот говор (1. Сол. 5:14).
17 Како треба да реагираме кога Божјите непријатели шират гласини за нашите соверници? Да не ја доведуваме во прашање верноста на нашите браќа туку без коментар да поминеме преку таквите обвиненија. Ако процениме дека со оној што тврди такво нешто може разумно да се разговара, можеме да го прашаме дали е сигурен дека она што го кажува навистина е точно. Доколку непријателите на Божјиот народ нѐ испрашуваат за нашите соверници затоа што сакаат да им направат нешто лошо, лојалната љубов ќе нѐ поттикне да ги заштитиме своите браќа и да не им ги кажеме на противниците податоците што ги бараат (Изр. 18:24).
‚Кој оди по лојална љубов наоѓа живот‘
18, 19. Зошто лојалната љубов треба секогаш да влијае врз нашиот говор кога станува збор за соверниците?
18 Нашата лојална љубов треба да се гледа во сите наши постапки со другите Јеховини слуги. Дури и во тешки околности, треба да биде очигледно дека таа влијае врз нашиот говор. На Јехова не му било мило кога лојалната љубов во Израел станала „како росата која рано исчезнува“ (Оси. 6:4, 6). Напротив, Тој се радува ако секогаш се трудиме да покажуваме лојална љубов. Како ги благословува оние што ја покажуваат оваа особина?
19 Во Изреки 21:21 се вели: „Кој оди по праведност и по лојална љубов, наоѓа живот, праведност и чест“. Оние што покажуваат лојална љубов ќе доживеат многу благослови, а Јехова ќе ги награди и со живот — и тоа вечен! Бог им помага на таквите „да го освојат вистинскиот живот“ (1. Тим. 6:12, 19). Затоа, да дадеме сѐ од себе за ‚да си покажуваме еден на друг лојална љубов‘ (Зах. 7:9).
[Фусноти]
a Во библиските стихови кои се цитирани во оваа статија, наместо зборовите „добрина“ или „милост“, се користи изразот „лојална љубов“, според фуснотите од Преводот Нов свет. Треба да се прочитаат фуснотите и за библиските стихови кои се наведени, но не се цитирани.
b Повеќе информации за тоа како изразот „лојална љубов“ се користи во Библијата има во Стражарска кула од 15 мај 2002 год, страници 12-13, 18-19.
Можеш ли да објасниш?
• Што е лојална љубов?
• Што ќе ни помогне да покажуваме лојална љубов во својот говор?
• Како мажот и жената покажуваат лојална љубов во својот говор?
• Како се гледа дека лојалната љубов влијае врз нашиот говор кога станува збор за соверниците?
[Слика на страница 23]
Давид ја величал Јеховината лојална љубов
[Слика на страница 24]
Дали редовно ја одржувате Семејната вечер посветена на Јехова?