Дали ја цениш Јеховината земска организација?
ПОГЛЕДНИ го добро избрусениот, величествен дијамант, и што гледаш? Скапоцен камен кој навистина е дело на убавината. Сега испитај го тој дијамант под микроскоп, и што гледаш? Веројатно има гребнатинки, пукнатини, некои примеси или други мани.
Дали би го уништил или фрлил дијамантот само затоа што така изгледа под микроскоп? Секако дека не! Само малку подалеку од микроскопот можеш сѐ уште да ја цениш убавината и извонредната блескавост која го истакнува меѓу другите скапоцени камења.
Како дијамант, Јеховината земска организација се истакнува на многу начини. Ниедна друга организација на Земјата не ужива близок однос со Творецот. Во едно писмо до помазаните христијани од првиот век кои негувале небесна надеж, апостолот Петар укажал на овој посебен однос. Тој рекол: ”Но вие сте ’избран род, царско свештенство, свет народ, народ за посебна своина‘“ (1. Петрово 2:9, NW). Денес големо мноштво од ”други овци“ со надеж за вечен живот на Земјата, му се приклучил на остатокот на ’светиот народ‘ во обожавањето на Бог (Јован 10:16). Овие две групи заедно сочинуваат организација која се истакнува како убав и исклучително блескав скапоцен камен.
Избегнувај да гледаш критички на другите
Но ние мораме да признаеме дека таа ширум светот раширена организација се состои од несовршени луѓе. И што би се случило ако би ја погледнале под симболичен микроскоп? Да, би пронашле грешни склоности и лични мани кај поединците кои се дел од неа (Римјаните 3:23).
Апостолот Павле се согласил со тоа дека имал такви мани. Рекол: ”Кога сакам да го правам доброто, злото ми се наметнува“ (Римјаните 7:21). Секој христијанин го доживува истиот судир. Сите правиме грешки. Освен тоа, порано или подоцна многумина страдаат затоа што некој друг греши. Дали треба да бидеме обесхрабрени или разочарани кога ќе излезат на виделина маните или несовршеностите на браќата во вера? Дали тоа треба да го намали нашето ценење за Јеховината организација? Се разбира, не! Всушност, би требало, така да се каже, да се оддалечиме од микроскопот и да не се сосредоточуваме на несовршеностите кај поединци.
Библијата набројува многу особини по кои би се препознале оние на кои дејствува светиот дух. Некои од нив се ”љубов, радост, мир, долготрпеливост, доброљубивост, вера, благост, самосовладување“ (Галатјаните 5:22, 23, NW). Спротивно на тоа, религиозните, политичките и трговските организации од овој свет честопати го покажуваат она на кое Библијата укажува како на дела на телото: ”непријателства, кавга, љубомора, изливи на гнев, препирања, раздори, секти, зависти, опивања, разуздани гозби и слично на ова“ (Галатјаните 5:20, 21, NW). Затоа Јеховиниот народ се истакнува среде духовно изопачениот свет како блескав дијамант меѓу обични камења (Матеј 5:14-16).
”Соединети во еден дух“
Едно истакнато обележје на дијамантот е неговата густа, цврсто поврзана атомска структура. Слично на тоа, Јеховината земска организација покажува неспоредливо единство во науката и братството. Оние кои се дел од таа организација, го применуваат советот кој се наоѓа во Библијата во 1. Коринтјаните 1:10, кој гласи: ”Браќа, ве молам, во името на нашиот Господ Исус Христос, сите вие да зборувате едно и исто, и помеѓу вас да нема делење, туку да бидете соединети во еден дух и во една мисла“.
Јеховините сведоци високо се издигнати и над расните предрасуди и националната гордост. Бидејќи имаат ’мудрост одозгора‘, тие се ”непристрасни“ (Јаков 3:17). Ние го славиме Јехова за тоа што го постигнал во една организација составена од несовршени луѓе.
Спротивно на тоа, списанието The Christian Century, зборувајќи за 1990 година, вели дека ”светот изгледа повеќе отколку кога и да е порано разделен од верски групи и од етнички и национални чувства, тесно поврзани со религиозните верувања. Од Индија до Европа и од Средниот Исток до Пацификот, религијата се помешала со етиничка и национална верност — честопати со политички превртливи последици“. Јасно е дека оние кои сакаат да му служат на Бог можат да изберат само една организација која се радува на Јеховиниот дух и благослов.
’Чело како дијамант‘
Дијамантот е најтврдата природна материја која му е позната на човекот. Библијата укажува на употребата на дијамантот за пишување и врежување по тврди материјали (Еремија 17:1). Заблежи ги и Јеховините зборови до Езекиел: ”И, ете, Јас го направив и твоето лице тврдо како нивните лица, и твоето чело ќе го стврднам против нив. Челото твое го направив како дијамант, кој е потврд од каменот“ (Језекиил 3:8, 9). Јехова му дал на Езекиел дијамантно цврста одлучност која го оспособила да му пророкува на тврдокорниот народ (Езекиел 2:6).
Слично на тоа, Јехова денес му дал на својот народ цврстина како дијамант и покрај големото противење. Јеховините сведоци издржале законски забрани, напади од толпи, линчувања, тепања, неправедни затворања, мачења, па дури и погубувања. Сепак, тие покажале дека нивната вера е нескршлива.
’Моите слуги ќе се веселат‘
Библијата прорекла време кога луѓето ќе имаат ”облик на оддаденост на Бог“, но ќе се ”покажат лажни во поглед на неговата сила“ (2. Тимотеј 3:1, 5, NW). Еден весник известува дека ”сите протестанти, римокатолици и Евреи се загрижени поради опаѓањето на бројот“ во нивните цркви и синагоги. Од друга страна, Јеховините сведоци се сериозни проучувачи на Библијата. Во растечки број, и млади и стари, и мажи и жени посетуваат неколку состаноци неделно. Еден допис до тој весник навел за нив дека ”нивната религија им е најдрагоцената работа што ја имаат, и дека основната преокупација им е да ја споделуваат со другите“.
Таквиот став ѝ овозможува на Јеховината организација да се истакнува како драгоцен дијамант. А честа му припаѓа на Оној кој ги јакне и води несовршените луѓе преку својот свет дух.
Пророкот Исаија прорекол: ”Вака вели Господ Бог [Јехова, NW]: ’Ете, слугите Мои ќе јадат (...) Слугите Мои ќе пијат (...) слугите Мои ќе се веселат (...) Слугите Мои ќе пеат од срдечна радост‘“ (Исаија 65:13, 14).
Денес ние го гледаме исполнувањето на ова пророштво. Бог се грижи за својот народ на извонреден начин! Затоа, ако си поврзан со нив, немој да дозволиш некакво негативно мислење да ти ја одземе радоста. Погледни ја целата слика и запомни: Ниту една друга организација на Земјата не ја ужива Божјата посебна грижа и заштита. Никогаш не престанувај да ја цениш својата предност што си дел од неа.