Од обичен до скапоцен камен
Од дописникот на Разбудете се! во Белгија
ЗАРАДИ големата убавина, со векови бил омилен скапоцен камен. Заради цврстината — тој е најцврстата супстанција што му е позната на човекот — насекаде се користи за изработка на алатки и орудија. Овој фасцинантен камен е дијамантот.
Некои прочуени дијаманти се обвиткани со загадочни приказни. Дијамантот кој е наречен Кох-и-нор, што значи „Планина на светлината“, бил пронајден пред седум века во Индија. На почетокот, овој грутчест камен имал 191 карат, но подоцна бил пресечен на 109 карати.a Потоа, тука е и Кулинан, кој е дел од накитот на британската круна и е најголемиот дијамант кој е пронајден и пресечен.
Од карпа до скапоцен камен
На почетокот дијамантите не се убави скапоцени камења. Повеќето мора да се ископаат од земјата. Во просек, мора да се отстранат и да се просеат 250 тони земја за да се добие еден карат чист дијамант. Од 40 до 50-те милиони карати што се ископуваат секоја година, само мал дел се погодни за накит.
Необработените дијаманти мора да бидат сортирани според големината, чистотата, бојата и обликот. Кога е необработен, практично секој дијамант содржи нечистотии. Но, понекогаш некој сегмент може да биде без или релативно без нечистотии. Во таквите случаи делот што е без нечистотии се издвојува со цепење и сечење. Кога се работи за големи и скапи камења, понекогаш занаетчиите со месеци внимателно размислуваат пред да направат некој рез. Тоа е лесно разбирливо да се сфати кога ќе се земе предвид дека една единствена грешка при цепењето може многу да ја намали вредноста на дијамантот, па дури и да го уништи целокупниот камен.
Конечно, полирањето му ги дава на дијамантот неговите фасети, кои мора да бидат во склад со неговиот облик. Овие фасети му ја даваат на скапоцениот камен способноста да рефлектира светлина, давајќи му го сјајот по кој е добро познат.
Следниот пат кога некој дијамант ќе Ви го плени вниманието со својот сјај и убавина, сетете се на напорната работа на рударите и на прецизноста и вештините на занаетчиите. Без нив дијамантот никогаш не би можел да се претвори од непривлечна стаклена карпа во прекрасен скапоцен камен.
[Фуснота]
a Карат е единица за тежина која е еднаква на една петтина од грамот.