Богатство од египетските купишта ѓубре
ДАЛИ би очекувал да најдеш скапоцени библиски ракописи во купиште ѓубре? Токму тоа се случило помеѓу египетските песочни брегови кон крајот на минатиот век. Како?
Почнувајќи во 1778 па сѐ до крајот на 19 век, во Египет случајно биле откриени бројни папирусни текстови. Меѓутоа, имало многу малку систематско истражување во изминатите сто години. Оттогаш па наваму домородните фелахини (селани) наоѓаат потоци од древни документи, а Египетскиот истражувачки фонд спонзориран од Британија, ја увидел потребата да се испрати експедиција пред да биде предоцна. Избрале двајца оксфордски научници, Бернард П. Гренфел и Артур С. Хант, кои добиле дозвола да истражуваат во подрачјето јужно од земјоделскиот регион во областа Фајум (види горе).
Месноста наречена Бенеза му звучела ветувачки на Гренфел поради своето древно грчко име, Оксиринхус. Како центар на египетското христијанство, Оксиринхус било важно место во четвртиот и петтиот век н.е. Во близина биле лоцирани повеќе рани манастири, а урнатините на овој провинциски град биле пространи. Гренфел се надевал дека таму ќе најде фрагменти од христијанска литература, но истражувањата по гробиштата и урнатите куќи не донеле ништо. Останале само купишта градско ѓубре, некои од нив високи и до 9 метри. Да се копаат папируси таму се чинело скоро еднакво на пораз; но истражувачите одлучиле да се обидат.
Најдено е богатство
Во јануари 1897 бил направен пробен прокоп, и во рок од неколку часа биле пронајдени древни папирусни материјали. Тие содржеле писма, договори и службени документи. Песокта донесена од ветерот ги покрила, а сувата клима ги сочувала 2 000 години.
За нешто повеќе од три месеци, во Оксиринхус биле откриени скоро два тона папируси. Биле наполнети дваесет и пет сандаци и однесени со брод во Англија. А секоја зима во наредните десет години овие двајца смели научници се враќале во Египет за да ја зголемат својата колекција.
Во една прилика додека го ископувале гробот на Тебтунис, ископале мумии на крокодили. Еден работник од лутина разбил на парчиња еден од нив. На негово чудо, открил дека бил завиткан во листови од папирус. Другите крокодили што ги откриле, биле слично обработени, а некои исто така имале челусти наполнети со папирусни свитоци. На виделина дошле фрагменти од древни класични списи, како и царски заповеди и договори кои се бават со трговски сметки, и приватни писма.
Од каква вредност се сите овие документи? Тие докажуваат дека се од голем интерес, зашто повеќето од нив ги пишувале обични луѓе на коине, народен грчки јазик од тоа време. Бидејќи многу од зборовите коишто тие ги употребувале исто така се појавуваат во библиските грчки писма, т.е. „Новиот завет“, наеднаш станало очигледно дека јазикот на Светото писмо не бил посебен грчки, како што претпоставувале некои научници, туку вообичаен јазик на луѓето од улица. Така со споредување на начинот на кој зборовите биле употребувани во секојдневите ситуации, дошло до појасно разбирање на нивното значење во Христијанските грчки списи.
Библиски ракописи
Исто така биле поправени фрагменти од библиски ракописи, а тие, честопати пишувани со груб ракопис, без многу украсување и на неквалитетен материјал, ја прикажувале Библијата на обичниот човек. Да испитаме некои од пронајдоците.
Хант открил препис на првото поглавје од Евангелието по Матеј, стихови 1 до 9, 12, и 14 до 20, пишувани во третиот век н.е. со унцијални (големи) букви. Тој е означен како П1, т.е. прв предмет во каталогот на папирусни текстови од различни места, кој сега брои скоро сто ракописи или делови од ракописи на Христијанските грчки списи. Од каква корист биле неколкуте стихови коишто ги нашол Хант? Карактерот на ракописот јасно покажува дека потекнува од третиот век н.е., а една проверка на неговото читање покажала дека е во согласност со најновиот текст што го направиле Весткот и Хорт. П1 сега се наоѓа во Универзитетскиот музеј во Филаделфија (Пенсилванија, САД).
Еден папирусен табак од еден кодекс, или книга, на левиот лист има делови од Јован 1. поглавје, а на десниот лист делови од Јован 20. поглавје. Реконструкцијата на деловите кои недостасуваат укажува дека првобитно имало 25 табака за целото Евангелие, и од најрано време тие сигурно го вклучувале 21. поглавје. Бил нумериран како П5, и датира од третиот век н.е., а сега е во Британската библиотека во Лондон (Англија).
Еден фрагмент што ги содржи Римјаните 1:1-7 е пишуван со такви големи, груби букви, што некои научници мислеле дека тоа можеби била вежбанка на некој ученик. Сега е нумериран како П10, а датира од четвртиот век н.е.
Еден многу поголем пронајдок содржи околу една третина од писмото до Евреите. Бил препишан на опачината од еден свиток, а на лицето има класични списи од римскиот историчар Ливиј. Зошто таков различен материјал на лицето и на опачината? Во тие денови оскудицата и цената на материјалите за пишување значеле дека старите папируси не можеле да бидат неискористени. Сега е заведен како П13 и датира од третиот или четвртиот век н.е.
Едно папирусно ливче кое содржи делови од Римјаните 8. и 9. поглавје, пишувано со многу мали букви, потекнува од книга која била висока околу 11,5, а широка само 5 сантиметри. Затоа се чини дека во третиот век н.е. постоеле џепни изданија на Светото писмо. Ова е означено како П27 и воглавно се согласува со Кодекс Ватиканус.
Делови од четири ливчиња од грчкиот Септуагинта кодекс содржат делови од шест поглавја од 1. Мојсеева. Овој кодекс е важен поради тоа што датира од вториот или третиот век н.е. и затоа што овие поглавја недостасуваат во Кодекс Ватиканус, а се непотполни во Кодекс Синаитикус. Овие ливчиња се нумерирани како Папирус 656, а се наоѓаат во Бадлијанската Библиотека во Оксфорд (Англија).
Сите овие фрагменти не покажуваат поголеми варијации од нашите постоечки рани ракописи, па така потврдуваат дека библискиот текст бил во опток во тоа рано време помеѓу обичните луѓе во еден далечен крај на Египет. Тие исто така ја потврдуваат нашата вера во веродостојноста и точноста на Божјата Реч.
[Слика на страница 27]
Папируси од Фајум со делови од Јован, 1. поглавје
[Извор на слика]
Со дозвола од British Library
[Извор на слика на страница 26]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.