1914 — година која го шокира светот
„Големата војна од 1914–18 лежи како парче изгорена земја која го дели тоа време од нашето. Таа избриша толку многу животи . . ., уништи верувања, измени идеи и остави неизлечиви рани на разочараност, создаде физичка и психолошка провалија помеѓу две епохи.“ Извадок од делото Горделивата кула — Портрет на светот пред војната 1890–1914, од Барбара Такман (The Proud Tower—A Portrait of the World Before the War 1890-1914)
„Таа е веќе дел од историјата, иако не баш сосема, затоа што илјадници луѓе кои биле млади на почетокот од овој значаен дваесетти век, сѐ уште се живи.“ Од книгата 1914, од Лин Мекдоналд, издадена 1987.
ЗОШТО треба да нѐ интересира 1914 година? Можеби ќе речеш: ‚Па, мене ме интересира иднината, а не минатото‘. Покрај вакви проблеми како што е загадувањето на планетата, сломот на семејниот живот, порастот на криминалот, душевните болести и невработеноста, човековата иднина може да изгледа мрачна. Меѓутоа, многумина кои го истражувале значењето на 1914, пронашле темел за надеж во подобра иднина.
Со децении Стражарска кула објаснувала дека во 1914 човештвото го доживеало она што се нарекува ‚почеток на тегобни маки‘. Овој израз сочинува дел од големото пророштво на Исус Христос за настаните кои ќе му претходат на крајот на човечкиот зол поредок (Матеј 24:7, 8, New World Translation of the Holy Scriptures).
Денес еден мал процент од човештвото сѐ уште се сеќава на драматичните настани од 1914. Дали таа постара генерација ќе помине пред Бог да ја спаси Земјата од уништување? Според библиското пророштво — не. „Кога ќе ги видите сите овие работи“, ветил Исус, „знајте дека е близу пред вратите. Навистина ви велам дека оваа генерација никако нема да помине додека не се случат сите овие работи“ (Матеј 24:33, 34, NW).
За да сфатиме зошто 1914 година има такво историско значење, да ја разгледаме светската ситуација до средината на 1914. Пред тоа време, монарсите како цар Николај од Русија, цар Вилхелм од Германија и императорот Франц Јосиф од Австро- Унгарија, имале голема моќ. Секој од овие тројца можел да мобилизира преку четири милиони борци и да ги испрати во битка. Но, нивните претци ја имале потпишано т.н. Света алијанса, во која се изјавува дека Бог ги испратил да управуваат со различни делови од една голема „христијанска нација“.
Според The Encyclopædia Britannica, овој документ „силно влијаел на патот на европската дипломатија во текот на 19. век“. Бил употребуван за спротивставување на демократските движења и да го штити т.н. божествено право на царевите. „Ние, христијанските цареви“, му напишал царот Вилхелм на цар Николај, „имаме света должност која ние наложена од Небото, а тоа е да го одржиме принципот [на божественото право на царевите].“ Дали тоа значело дека европските цареви на некој начин биле поврзани со Божјето Царство? (Спореди 1. Коринтјаните 4:8.) А што е со црквите кои ги поддржувале овие цареви? Дали нивното исповедање на христијанството било искрено? Одговорот на овие прашања станал јасен во годините што следувале непосредно по 1914.
Неочекувано, во август
„Пролетта и летото 1914 во Европа беа одбележани со извонредно спокојство“, напишал британскиот државник Винстон Черчил. Луѓето воглавно биле оптимисти во поглед на иднината. „Светот од 1914 беше полн со надеж и ветувања“, рекол Луис Снајдер во својата книга I Светска војна (World War I).
Вистина, долги години постоело жестоко ривалство помеѓу Германија и Британија. И покрај тоа, како што објаснува историчарот Г. П. Гуч во својата книга Под шест владетелства (Under Six Reigns): „Еден европски конфликт се чинеше помалку веројатен во 1914 отколку во 1911, 1912 или 1913 . . . Односите меѓу двете влади беа подобри отколку што беше случај со години пред тоа.“ Според Винстон Черчил, член на британскиот кабинет во 1914: „Изгледа дека Гермнија е со нас, дека сака мир“.
Меѓутоа, со атентатот врз престолонаследникот на Австро-Унгарската империја во Сараево на 28 јуни 1914, темен облак се зададе на хоризонтот. По еден месец, императорот Франц Јосиф ѝ објави војна на Србија, а потоа нареди неговите трупи да го нападнат тоа царство. Во меѓувреме, ноќта на 3 август 1914, по наредба на царот Вилхелм, силна германска војска наеднаш го нападна царството Белгија и си избори пат кон Франција. Следниот ден Британија ѝ објави војна на Германија. Што се однесува до царот Николај, тој нареди мобилизација на огромната руска војска за војна против Германија и Австро-Унгарија. Светата алијанса не успеа да ги сопре европските цареви да го вовлечат континентот во масакр на меѓусебно колење. Но големите шокови требаше допрва да дојдат.
До Божиќ — крај?
Избивањето на Војната не го загуши оптимизмот на луѓето. Многумина веруваа дека тоа ќе создаде подобар свет, па огромни маси се собираа ширум Европа за да ја изразат својата поддршка за тоа. „Во 1914 година“, пишува А. Џ. П. Тејлор во својата книга Борбата за превласт во Европа — 1848–1918 (The Struggle for Mastery in Europe—1848-1918), „никој не ги сфаќаше сериозно опасностите од војната, освен од чисто воен аспект. . . . Никој не очекуваше општествена катастрофа.“ Наместо тоа, многумина пророкуваа дека таа ќе заврши за неколку месеци.
Сепак, долго пред Европејците да го прослават својот Божиќ во 1914 година, по линијата на рововите кои се протегаа преку 700 километри, од Швајцарија на југот па до белгискиот брег на север, се разви крвава мртва точка. Тоа беше наречено Западен фронт, а германскиот писател Херберт Залцбах го споменува во една забелешка во својот дневник, запишана на последниот ден од 1914. Забелешката гласи: „Оваа ужасна војна трае и трае, и кога на почетокот мислевме дека таа ќе заврши по неколку недели, сега не ѝ се наѕира крајот.“ Во меѓувреме, во другите делови на Европа помеѓу трупите на Русија, Германија, Австро-Унгарија и Србија дојде до крвави борби. Конфликтот наскоро се прошири и надвор од Европа и се водеа борби на океаните, во Африка, на Блискиот Исток и на пацифичките острови.
По четири години Европа беше опустошена. И Германија, и Русија и Австро- Унгарија изгубија од еден до два милиона војници. Русија дури ја загуби и својата монархија во болшевичката револуција во 1917. Каков шок за европските цареви и нивните црковни приврзаници! Современите историчари сѐ уште се чудат на тоа. Во својата книга Царски залез (Royal Sunset), Гордон Брук-Шеперд прашува: „Како беше можно владетелите, кои најчесто беа во крвна или брачна врска, и сите од нив посветени на зачувувањето на царствувањето, да си дозволат да се впуштат во братоубиствен масакр кој ги избриша од постоење повеќето од нив и ги остави ослабнати сите што преживеаја?“
Француската република исто така изгуби преку еден милион војници, а британската империја, чија монархија веќе долго пред војната беше ослабната, изгуби преку 900.000 војници. Сѐ на сѐ загинаа над 9 милиони војници, а други 21 милион беа ранети. Во врска со цивилните загуби, The World Book Encyclopedia изјавува: „Никој не знае колку цивили умреа од болести, од глад и од други последици на војната. Некои историчари сметаат дека умреле исто толку цивили колку и војници“. Епидемијата на шпанскиот грип од 1918 пожнеа уште 21.000.000 животи по целата Земја.
Коренита промена
Светот никогаш повеќе не беше истиот после Големата војна, како што ја нарекуваа. Поради тоа што толку многу цркви на христијанството одушевено учествуваа во неа, многумина разочарани преживеани ѝ свртеа грб на религијата во корист на атеизмот. Други се свртеа кон трката по материјални богатства и задоволства. Според професор Модрис Екштајнс во неговата книга Обреди на пролетта (Rites of Spring), 1920-те ‚сведочеле за хедонизмот и нарцисизмот од значителни размери‘.
„Војната“, објаснува професор Екштајнс, „се нафрли на моралните норми“. Религиозни, воени и политички водачи ги поучуваа луѓето од обете страни масовното убивање да го сметаат за морално добро. Тоа, признава Екштајнс, „беше само најсурвиот напад на моралниот поредок кој тврдеше дека има корени во еврејско- христијанската етика“. „На Западниот фронт“, додава тој, „јавните куќи наскоро станаа редовен составен дел од воените бази . . . На домашниот фронт моралноста ги откопча и мидерите и панталоните. Проституцијата растеше фрапантно.“
Навистина, 1914 измени многу нешта. Таа не создаде подобар свет, а војната не беше „војна која ќе им стави крај на сите војни“, како што многумина се надеваа. Наместо тоа, историчарката Барбара Такман забележала: „Илузиите и ентузијазмот што беа возможни до 1914, полека потонаа во морето на масовното разочарување.“
Меѓутоа, некои кои беа сведоци на трагедијата од 1914, не беа изненадени од настаните од таа година. Всушност, пред да избувне војната, тие очекуваа „ужасно време на неволја“. Кои биле тие луѓе? И како знаеле за нешто што другите не го знаеле?
[Рамка на страница 5]
Британскиот оптимизам во 1914
„Скоро еден век никаков непријател не се појавил во морињата околу нашиот остров. . . . Беше тешко дури и да се предвиди можноста некој да му се закани на овој мирољубив брег. . . . Лондон никогаш не изгледал повесел и поуспешен. Никогаш немало толку многу работи што беа вредни да се направат, да се видат и да се чујат. Ни стар ни млад не се сомневаше дека, всушност, се сведоци на едно неспоредливо време на 1914, на крајот на една ера“ — Пред да се изгаснат ламбите, од Џефри Маркус (Before the Lamps Went Out).