Прашања од читателите
Како гледаат Јеховините сведоци на купувањето на украдени работи?
Христијаните избегнуваат намерно да имаат каков и да е удел во купувањето на украдена трговска стока или материјали.
Крадењето секако е неисправно. Божјиот Закон за Израел недвосмислено гласел: „Не кради“ (2. Мојсеева 20:15; 3. Мојсеева 19:11). Ако кадецот бил фатен, морал да даде двократен, четирикратен или петкратен надоместок, зависно од околностите.
Уште од древни времиња крадците се обидувале да ги дадат понатаму украдените работи за да постигнат брз профит и да не ги фатат со доказот за нивната вина. За таа цел, украдените работи честопати ги продавале по ниска цена која многумина купувачи тешко можеле да ја одбијат. Таквата практика може да биде вклучена во она што го читаме во 2. Мојсеева 22:1: „Ако некој украде јунец или овца и ја заколе, или продаде, да даде пет јунци за еден и четири овци за една овца“.
Сфаќајќи ги последиците од ваквите закони, рабинот Абрахам Чил пишува: „Забрането е да се купува или зема украден имот, дури и ако имотот не биде препознаен како таков. Затоа, лицето не смее да купува коза од овчар, бидејќи овчарот можеби продава без знаење на својот стопан и има намера да ги задржи парите“ (Мицвите — Заповедите и нивно образложение — The Mitzvot—The Commandments and Their Rationale).
Сепак, Божјиот закон не забранува ‚да се купува коза од овчар‘ само заради сомнение дека тој би можел да ги скрие парите од стопанот, односно да продаде украдена коза. Но од друга страна, Јеховините слуги не би требало свесно да учествуваат во купопродажба (на коза или каква и да е друга работа) кога е сосема јасно дека продавачот не ја поседува или дека можеби е украдена. Божјиот закон покажува дека Бог го признава приватниот имот, а крадецот му го одзема имотот на сопственикот. Оној кој го купува она за кое се знае дека е украдено, како таков нема да биде крадец, но со своето купување ја намалува веројатноста дека сопственикот некогаш ќе го добие својот имот назад (Соломонови изреки 16:19; спореди 1. Солунјаните 4:6).
Сите ние разбираме дека купувачите — сеедно дали домаќинки или застапници на трговски организации — бараат да купат трговска стока по најповолна цена. Жените во светот бараат добри распродажби, се обидуваат да го одложат купувањето до сезонските намалувања, или купуваат во маркети или продавници на големо и тоа по поповолни цени (Соломонови изреки 31:14). Сепак, таквиот интерес да се купи евтино, би требало да има морални ограничувања. Лојалните поединци од деновите на Неемија одбивале да купуваат на Сабатот, иако можеле дури да направат добар пазар на тие денови (Неемија 10:31; спореди Амос 8:4-6). Слично е и со христијаните. Одбивањето да крадат им помага да го контролираат секое искушение да купат стоки по намалена цена кои очигледно се украдени.
Можеби е општо познато дека извесни продавачи тргуваат со украдена стока. Или кришум спомнатата цена може да биде толку извонредна што секој нормален човек би заклучил дека стоката веројатно била набавена по нелегален пат. Дури и законот во земјата може да ја признае потребата од таква разумност. Во еден том од правната наука се коментира:
„За свесноста за вината не е неопходно потребно обвинетиот да знае откаде или од кого е украден имотот, или кога или каде бил украден, или под кои околности бил украден, туку е доволно тоа што знае дека бил украден. . . . Некои судови го имаат ставот дека постоењето на признавање на вина може да се засновува на фактот што обвинетиот го добил имотот под околности кои и за човек со просечна интелигенција и внимателност се доволен доказ дека бил украден“.
Тоа е уште една здрава причина за христијаните да избегнуваат да купуваат украдени работи. Купувањето на такви работи ми можело да го направи престапник. Многу луѓе воопшто не се сомневаат дека го кршат законот доколку мислат дека можат да поминат евтино. Тоа не важи за христијаните кои сакаат ‚да им се потчинуваат на претпоставените власти‘. Придржувањето кон законот ги штити да не бидат прогонувани како криминалци и придонесува да имаат чиста совест пред Јехова (Римјаните 13:1, 4, 5).
Божјиот пријател Авраам дал добар пример во поглед на совеста. Во негови денови четворица источни владетели ги поразиле царевите кадешто живеел Лот и однеле многу вредни работи како воен плен. Авраам ги гонел непријателите, ги стигнал и ги вратил украдените работи. Царот на Содом му рекол на Авраам: „Имотот земи си го за себе“ како награда. Наместо тоа, Авраам ги предал работите на нивниот вистински сопственик, велејќи: „Нема да земам од сѐ она, што е твое, да не речеш — јас го збогатив Аврама“ (1. Мојсеева 14:1–24).
Христијаните не се заинтересирани за никаква финансиска корист која би била можна преку украдени работи. Еремија напишал: „Јаребицата лежи врз јајца што не ги снесла: таков е оној, кој со неправда спечалува богатство“ (Јеремија 17:11). Така, освен што покажуваат мудрост да не го прекршат цезаровиот закон во врска со украден имот, христијаните имаат желба да се држат за Божјата правда така што одбиваат на каков и да е начин да бидат поврзани со неправдата на крадењето. Добро напишал Давид: „Подобро е малкуто на праведникот, отколку изобилството на многуте злобници“ (Псалми 37:16, NW).