Можеш да најдеш утеха во време на потиштеност
КАКО би требало да гледаме на чувствата на потиштеност? Ако сме предадени на Јехова, дали треба нив да ги сметаме за невообичаени поради нашата прекрасна надеж и поради нашите духовни извори? Дали таквите чувства значат дека сме духовно непогодни за Божјата служба?
„Илија беше човек со чувства како нашите“, напишал ученикот Јаков (Јаков 5:17, NW). Иако Бог го користел Илија на еден извонреден начин, дури и тој верен пророк чувствувал потиштеност. „Доста веќе“, извикал Илија во една прилика. „[Јехова], прибери ја душата моја, бидејќи јас не сум подобар од татковците свои“ (3. Царства 19:4). Човекот Јов кој ја чувал својата беспрекорност, верната жена Ана и други лојални Јеховини слуги доживеале потиштеност. Дури и богобојазливиот псалмист Давид се молел: „Се намножиле јадовите на моето срце; О извлечиме од моите притисоци“ (Псалми 25:17, NW).
Тоа што Јехова употребува луѓе во својата служба не значи дека тие се потполно безгрижни. Тие сѐ уште имаат човечки слабости и чувства и можат да доживеат потиштеност кога се под искушенија (Дела на св. апостоли 14:15). Сепак, Божјите слуги имаат подобра помош од другите луѓе кога се соочуваат со емоционален стрес. Да разгледаме неколку библиски примери за да видиме што на одредени поединци им помогнало да ја надвладеат нивната душевна депресија и чувства на потиштеност.
Потиштениот апостол наоѓа утеха
Апостол Павле знаел како е да се биде во депресија. „Всушност“, тој рекол, „кога пристигнавме во Македонија, нашето тело немаше никакво олеснување . . . однадвор борби, одвнатре стравови. Но Бог, кој ги утешува потиштените, нѐ утеши со присуството на Тит“ (2. Коринтјаните 7:5, 6, NW). Павловата депресија била предизвикана поради повеќе тешки ситуации кои се случиле во исто време. Постоеле ‚борби однадвор‘ — жестоки прогонства кои биле опасни по живот. (Спореди 2. Коринтјаните 1:8.) Освен тоа, имало ‚стравови одвнатре‘ во облик на грижи за собранијата, како она во Коринт.
Само пред неколку месеци, Павле го напишал своето прво писмо до коринтските христијани. Во него тој осудил повеќе лоши состојби во собранието и очигледно бил заинтересиран како Коринтјаните ќе реагираат на неговото писмо. Меѓутоа, Павле се утешил кога Тит дошол од Коринт со поволен извештај за нивниот одговор. Слично на тоа, Јехова може да употреби некој од неговите денешни слуги за да ни донесе добри вести и да ја смири нашата потиштеност.
Како да се гледа на задачите дадени од Бог
Некои христијани имаат извесна мера на потиштеност во поглед на нивната служба. Всушност, некои Јеховини слуги мислеле дека задачите дадени од Бог премногу ќе бараат од нив за да ги исполнат. На пример, Мојсеј мислел дека е непогоден да биде Божји претставник во името на Израелците во Египет. Меѓу другото, тој рекол дека не е речит говорник (2. Мојсеева 3:11; 4:10). Но со довреба во Бог и Арон како свој говорник, Мојсеј почнал да ја исполнува својата задача.
Со текот на времето, Мојсеј повеќе не зависел од Арон. Слично на тоа, некои во почетокот сметаат дека христијанската служба е тешка, но добиваат обука и стануваат вешти евангелизатори. На пример, многу млади Сведоци на Јехова станале полновремени проповедници како пионери и мисионери. Утешно е да се знае дека секогаш можеме на Јехова да сметаме да оспособи христијански слуги и да им дава сила за да ги исполнат нивните задачи кои им ги дал Бог (Захарија 4:6; 2. Коринтјаните 2:14-17, NW; Филипјаните 4:13, NW).
Утеха кога сме потиштени заради каења
Можеби сме обесхрабрени бидејќи се каеме затоа што не сме направиле повеќе во Божјата служба. Еден брат кој со години бил неактивен, повторно почнал да учествува во службата на проповедање. Кратко после тоа, сериозно се разболел и трајно бил врзан за креветот. Обесхрабрениот брат рекол: „Порано, кога можев да бидам активен, избегнував одговорност. Сега, кога сакам да бидам активен, не можам“.
Зарем не би било мудро да го дадеме најдоброто сега, наместо да ја трошиме емоционалната енергија на она што се случило во минатото? Исусовите телесни полубраќа Јаков и Јуда не станале верници сѐ додека тој не умрел и воскреснал. Ако се каеле поради тоа, каењето не ги спречило да бидат Божји слуги и дури писатели на Библијата.
Никогаш не запоставувај ја молитвата
Кога се наоѓаат во депресија, оние од Божјиот народ треба сесрдно да се молат. Всушност, Писмото содржи многу молитви изговорени во време на потиштеност (1. Царства 1:4-20; Псалми 42:8, ДК). Некои можеби мислат: ‚Толку многу сум во депресија што не можам да се молам‘. Тогаш зошто не го земеме во обѕир Јона? Додека бил во утробата на рибата, рекол: „Кога во мене папса душата моја, Јехова беше Оној на кого се сетив. Тогаш дојде мојата молитва кај тебе, во твојот свет храм. . . . Со гласот на благодарност ќе ти принесувам жртва. Она што сум го ветил, ќе го платам. Спасението му припаѓа на Јехова“ (Јона 2:4-9, NW). Да, Јона се молел и Бог го утешил и го спасил.
Иако една сестра во Шведска била пионер долги години, наеднаш се почувствувала омрлушена и истоштена и покрај наградувачката служба. Ја споменала својата обесхрабреност во молитва до Јехова. Само по неколку дена, имала телефонски повик од еден брат од подружницата на Друштвото Стражарска кула. Ја замолил дали би можела да помага еднаш неделно во врска со проширувањето на Бетелот. Оваа сестра подоцна рекла: „Атмосферата во Бетелот и можноста да ја гледам работата на проширувањето и учеството во неа ми ја дадоа додатната сила која ми требаше“.
Ако сме депримирани, добро е да запомниме дека молитвата е еден начин да се бориме против неа (Колосјаните 4:2). Како одговор на нашите молитви, Јехова може да отвори врата која води до поголема активност во неговата служба, или може да ни ја благослови службата со зголемена продуктивност (1. Коринтјаните 16:8, 9). Во секој случај, „благословот Јеховин — тоа е она што збогатува и никаква болка не донесува со себе“ (Изреки 10:22, NW). Тоа сигурно ќе ги подигне нашите духови.
Потиштени поради сомневања?
Понекогаш, некои Јеховини слуги можат да се сомневаат. Ако тоа ни се случи нам, не треба веднаш да заклучиме дека сме ја изгубиле Божјата наклоност. Исус не го отфрлил апостолот Тома поради тоа што се сомневал во извештаите на сведоците за воскреснувањето на неговиот Учител. Наместо тоа, Исус љубезно му помогнал на Тома да ги совлада своите сомневања. И колку Тома бил одушевен кога сфатил дека Исус бил жив! (Јован 20:24-29).
Со своето лажно учење, мрморење и слично, „безбожни луѓе“ кои се вовлекле во христијанското собрание од првиот век, предизвикувале некои да имаат потиштени сомневања. Затоа, ученикот Јуда напишал: „Продолжете да покажувате милост спрема некои кои имаат сомневања; спасувајте ги со тоа што ќе ги оттргнете од огнот“ (Јуда 3, 4, 16, 22, 23, NW). За и понатаму да добиваат Божја милостива грижа, сообожавателите на Јуда — особено собраниските старешини — морале да им покажуваат милост на оние кои се сомневале, а кои биле достојни за тоа (Јаков 2:13). Во опасност се наоѓал нивниот вечен живот, затоа што биле во опасност од ‚огнот‘ на вечното уништување. (Спореди Матеј 18:8, 9; 25:31-33, 41-46.) И колкава радост е кога љубезно им се дава помош на соверниците кои имаат сомневања и кога стануваат духовно јаки!
Ако тешките искушенија нѐ тераат да се сомневаме дека Бог е со нас, треба да бидеме конкретни во нашите молитви. Под такви околности, да истраеме во молењето до Јехова за мудрост. Тој дарежливо ни дава без да нѐ укорува за нашиот недостаток на мудрост и за тоа што молиме за неа. Мораме ‚да молиме со вера и никако да не се сомневаме‘, затоа што оној кој се сомнева „прилега на морски талас, кого ветрот го издига и растура“ во секоја насока. Таквите луѓе ништо не добиваат од Бог бидејќи се неодлучни, ‚непостојани‘ во молитва и во сите свои постапки (Јаков 1:5-8). Затоа, да имаме вера дека Јехова ќе ни помогне исправно да гледаме на искушенијата и дека ќе ги поднесеме. Можеби другите верници ќе ни посочат библиски стихови или ќе ги најдеме за време на библиска студија. Настаните кои се управувани со Божје провидение можат да ни помогнат да сфатиме што треба да направиме. Ангелите можат да учествуваат во нашето водство, или можеме да добиеме водство од светиот дух (Евреите 1:14). Важно е да се молиме за мудрост со потполна доверба во нашиот љубезен Бог (Соломонови изреки 3:5, 6).
Запомни дека Јехова дава утеха
Павле во молитва се потпирал на Јехова и знаел дека тој е Изворот на утеха. Апостолот напишал: „Благословен нека е Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Отец на милосрдноста и Бог на секоја утеха, Кој нѐ утешува при секоја наша мака, та и ние да можеме да ги утешуваме оние што се наоѓаат при секаква мака, со онаа утеха, со која Бог нѐ утешува нас самите!“ (2. Коринтјаните 1:3, 4).
Богот на секаква утеха е свесен за потиштеноста што ја доживуваат неговите слуги и сака да им даде олеснување. Во случајот на Павловата загриженост за Коринтјаните, помош дошла преку неговиот христијански другар Тит. Тоа е еден начин на кој можеме денес да бидеме утешени. Затоа треба да избегнуваме да се изолираме кога сме потиштени (Изреки 18:1, NW). Дружењето со другите христијани е еден од начините на кој Бог нѐ теши. Можеби мислиме: ‚Толку сум обесхрабрен што не сум доволно јак да бидам со своите христијански пријатели‘. Меѓутоа, треба да се бориме против таквите чувства и да не се лишуваме од утехата која соверниците можат да ја понудат.
Не се предавај!
Некои од нас можеби не доживеале искушение кое имало таков удар што сме претрпеле тешка депресија. Но исцрпувачка болест која изнемоштува, смртта на брачен другар или друга мошне искушувачка ситуација би можела да донесе емоционална потиштеност. Ако се случи тоа, да не заклучуваме дека сме неопходно духовно болни. Депримираниот човек може добро да биде оспособен за Божјата служба, дури да биде способен духовно да им помага на другите. Павле ги поттикнувал браќата да ‚им зборуваат утешно на потиштените души‘, без сомнително да размислуваат дека овие направиле нешто погрешно и дека биле духовно болни (1. Солунјаните 5:14, NW). Иако депресијата понекогаш е поврзана со погрешно постапување и чувство на вина, тоа не е случај со оние кои на Бог му служат од чисто срце. Нивното обожавање, можеби направено со крајни тешкотии, му е прифатливо на Јехова. Тој ги љуби и им помага со потребната помош и утеха (Псалми 120[121]:1-3).
Оние кои го сочинуваат остатокот на духовниот Израел биле многу потиштени од искушенија во 1918. (Спореди Галатјаните 6:16.) Нивната организираност за проповедање била скоро разорена, некои од нив биле неправедно затворени и многу од нивните поранешни другари станале нелојални, противнички отпадници. Освен тоа, верните помазаници не разбирале зошто Бог дозволил сето тоа да се случи. Некое време ‚сееле со солзи‘, но не се предале. Продолжиле да му служат на Јехова, а се испитувале и самите себеси. Каков бил резултатот? ‚Се вратиле со радост, носејќи ги своите снопја‘ (Псалми 125 [126]:5, 6). Помазаниците сега сфаќаат дека Бог дозволил такви искушенија за да ги прочисти за нивното претстојно меѓународно дело на жетва.
Ако станеме потиштени затоа што сме опколени од разновидни искушенија, можеме да имаме корист од искуството на помазаниот остаток. Наместо да се предаваме, да продолжиме да го правиме она што е исправно, па дури и плачејќи. Со текот на времето, ќе се појави излез од нашите искушенија и ќе ‚се вратиме со радост‘. Да, можеме да имаме радост — плод на Божјиот свет дух — затоа што сме ги поднеле нашите искушенија. За нас Јехова сигурно ќе се докаже како „Бог на секоја утеха“.