Радувај се на користите и избегнувај ги замките на заедничката разонода
„Не е ли добро за човекот да јаде, да пие и да ја насладува душата своја од својот труд“ (ПРОПОВЕДНИК 2:24).
1. На кои начини Божјето водство му помага на неговиот народ во врска со забавата?
ЈЕХОВИНОТО водство им донесува многу предности на неговите слуги. Тоа можеме да го видиме на подрачјето на разонодата. Неговото водство им помага на христијаните да избегнуваат една или друга крајност во спектарот на гледишта. Некои религионисти кои инсистираат на строгост во облеката и однесувањето, скоро на секое задоволство гледаат како на грев. Од друга страна, повеќето луѓе следат задоволства, па дури и ако таквите се спротивни на Јеховините закони и начела (Римјаните 1:24-27; 13:13, 14; Ефесјаните 4:17-19).
2. Кое е првото укажување на Божјето гледиште за разонодата?
2 Но, како е со Божјиот народ? Многу од оние кои почнуваат да ја проучуваат Библијата, се изненадени кога дознаваат дека Бог, всушност, ги создал луѓето со способноста да му се радуваат на животот. На нашите први родители им дал работа — но не депримирачка, неподнослива работа која го обележува животот на повеќето несовршени луѓе (1. Мојсеева 1:28-30). Размисли за бројните здрави начини на коишто оние кои ќе живеат на рајската Земја ќе можат да најдат задоволство. Замисли си ја нивната радост како ги гледаат дивите животни кои нема да претставуваат опасност, како и за разновидноста на домашни животни кои би можеле да бидат дел од секојдневниот живот! И какви јадења ќе имаат од „секакви дрвја, убави за гледање и добри за јадење“! (1. Мојсеева 2:9; Проповедник 2:24).
3-5. а) За која цел треба да служи разонодата? б) Зошто можеме да бидеме сигурни дека Бог не ги обесхрабрил Израелците да наоѓаат задоволство?
3 Тие активности, всушност, можат да се сметаат за разонода чија цел во Рајот ќе биде иста како и сегашната: да освежува и да ја обновува виталноста за понатамошни продуктивни активности (работа). Кога разонодата ќе го постигне тоа, тогаш е корисна. Дали тоа значи дека вистинските обожаватели можат во својот живот да направат место за разонода, иако сѐ уште не живеат во Рајот? Да. За разонодата меѓу Јеховиниот древен народ, книгата Увид во Писмото (Insight on the Scriptures) наведува:
4 „Во библискиот извештај, разонодата и забавата кај Израелците не се опишани на истакнат начин. Сепак, тој покажува дека на нив се гледало како на нешто исправно и пожелно кога биле во согласност со религиозните начела на нацијата. Главните облици на рекреација биле свирење на музички инструменти, пеење, играње, разговарање, како и играње на некои игри. Многу се ценело и кажувањето на гатанки и тешки прашања (Суд. 14:12)“ (том 1, стр. 102).
5 Кога Давид се враќал со победа, еврејските жени употребувале лаути и дајриња додека славеле (на еврејски сахак) (1. Царства 18:6, 7). Хебрејскиот збор во основа значи „се смее“, и некои преводи зборуваат за „весели жени“ (Byington, Rotherham, The New English Bible). Додека се пренесувал ковчегот, „Давид и сиот дом Израелов славеа пред Јехова со секакви инструменти“. Мелхола, Давидовата жена, имала неурамнотежено гледиште и затоа приговарала на Давидовото учествување во активностите на славењето (2. Самоилова 6:5, 14-20, NW). Бог претскажал дека и протераните повратници од Вавилон ќе учествуваат во слични радосни активности (Јеремија 30:18, 19; 31:4; спореди Псалми 126[125]:2).
6. Како Христијанските грчки списи ни помагаат во нашето гледиште за разонодата?
6 И ние треба исто така да се стремиме да бидеме урамнотежени во разонодата. На пример, дали сме благодарни поради тоа што Исус не бил аскет? Тој одвојувал време за освежителни оброци, како што била ‚големата гозба‘ што ја приредил Левиј. А кога самооправданите го критизирале затоа што јадел и пиел, Исус ги отфрлил нивните гледишта и постапки (Лука 5:29-31; 7:33-36). И присети се дека присуствувал на свадба и учествувал на празниците (Јован 2:1-10). Исусовиот полубрат Јуда споменува дека христијаните имале „вечери на љубовта“, очигледно вечери кадешто сиромашните можеле да ја уживаат храната и пријатното, опуштено дружење (Јуда 12).
Заедничката разонода во свое време и на свое место
7. Како Божјата Реч поттикнува на урамнотеженост во врска со разонодата?
7 Проповедник 10:19 поволно зборува за ‚гоштевања кои се приредуваат заради наслада и виното кое го весели животот‘. Зарем тоа звучи како разонодата да е непобитно лоша или добра? Сепак, истата книга вели: „Сѐ има свое време, . . . време кога се плаче, и време кога се смее; време кога се тагува, и време кога се игра“ (Проповедник 3:1, 4). Да, иако не ја осудува прикладната забава, Библијата ни дава предупредувања. Тоа го вклучува советот, забавата да си го задржи своето место што се однесува до времето и големината. Исто така нѐ предупредува на замките кои често се вообичаени за големите собирања заради разонода (2. Тимотеј 3:4).
8, 9. Зошто треба на разонодата да влијаат времето во кое живееме и нашата задача дадена од Бог?
8 Забележавме дека Евреите кои се враќале од Вавилон — кадешто морале тешко да работат — учествувале во радосната релаксација. Сепак, Јеремија порано рекол дека нема да ‚биде на совет со подбивачи и нема да се весели‘ (Јеремија 15:17). Тој бил божествено поставен да донесе порака за претстојна казна, и затоа за него не било прикладно време да се весели.
9 Христијаните денес се поставени да ја објават Божјата порака на надеж, како и да ги прогласат неговите осуди против Сатановиот злобен систем (Исаија 61:1-3; Дела на св. апостоли 17:30, 31). Затоа треба да ни биде јасно дека не треба да дозволиме забавата да зазема истакнато место во нашиот живот. Таа мисла можеме да ја илустрираме со малку сол или со посебен зачин којшто го засилува вкусот на јадењето. Дали би ставил од зачинот во толку големи количини што дури би било појак од јадењето? Секако, не. Во согласност со Исусовите зборови во Јован 4:34 и Матеј 6:33, нашата првенствена заинтересираност — самата наша храна — треба да биде вршење на Божјата волја. Затоа рекреацијата станува како зачин. Таа треба да освежува и зајакнува, а не да исцрпува или уништува.
10. Зошто треба секој од нас да го преиспита времето кое го троши за разонода?
10 Но, запри малку и размисли: Зарем повеќето луѓе не би рекле дека времето и вниманието што ѝ го посветуваат на разонодата е умерено? Кога би мислеле поинаку, би направиле промена. Зарем тоа не укажува на тоа дека секој од нас треба да запре и сериозно, отворено да анализира какво место навистина има разонодата во нашиот живот? Можно ли е да станала прилично значаен дел од него? На пример, дали автоматски го вклучуваме телевизорот кога се враќаме дома? Дали редовно секоја седмица сме резервирале голем дел од времето за разонода, како на пример, петок навечер или сабота навечер? Дали би се разочарале кога тоа време би дошло, а ние сме дома без никаква испланирана рекреација? Уште две додатни прашања: Дали после некој собир, утврдуваме дека сме се задржале толку доцна или сме патувале толку далеку што сме изморени, можеби преисцрпени за да учествуваме во христијанската служба или добро да работиме тој ден кај работодавачот? Ако нашата разонода повремено, или често го има тој учинок, дали всушност претставува исправна и урамнотежена забава? (Спореди Соломонови изреки 26:17-19.)
11. Зошто е прикладно да ја испитаме природата на нашата разонода?
11 Може да биде добро за нас и ако ја испитаме природата на нашата разонода. Тоа што сме Божји слуги не е никаква гаранција дека нашата разонода е прикладна. Размисли за она што апостол Петар им го напишал на помазаните христијани: „Доволно е што минатото време на животот го поминавте во вршење волја на незнабошците, живеејќи во нечистотија, во похоти, во пијанство, во прејадување, во препивање и во нечестиво идолопоклонство“ (1. Петрово 4:3). Тој не ги карал со прстот, осудувајќи ги своите браќа затоа што го имитирале она што го правеле оние во светот. Сепак, будноста е важна за христијаните (и тогаш и сега), бидејќи секој може лесно да стане жртва на штетната разонода (1. Петрово 1:2; 2:1; 4:7; 2. Петрово 2:13).
Внимавај на замките
12. Каков вид замка истакнува 1. Петрово 4:3?
12 На каков вид замки треба да внимаваме? Петар споменал ‚пијанство, прејадување, препивање‘. Еден германски коментатор објаснил дека употребените грчки зборови „главно се однесувале на заедничкото пиење на банкет“. Еден швајцарски професор напишал дека тие обичаи биле вообичаени во тоа време: „Описот сигурно се однесува на организирани собири или дури и редовно одење во друштва во кои се одвивале опишаните срамни активности“.
13. Како конзумирањето на алкохол било замка на собирите (Исаија 5:11, 12)?
13 Алкохолните пијалоци на големи заеднички собири фатиле многумина во стапица. Не дека Библијата забранува умерена употреба на тие пијалоци, напротив таа не ги забранува. Како доказ за тоа, Исус направил вино на една свадбена гозба во Кана. Сигурно не се пиело прекумерно, затоа што Исус би се придржувал за Божјиот совет да избегнува да биде меѓу тешки пијаници (Соломонови изреки 23:20, 21). Но, размисли за оваа поединост: Управителот на таа гозба рекол дека на другите гозби прво се служело добро вино ‚а кога ќе се поднапиеле гостите, тогаш полошото вино‘ се служело (Јован 2:10). Значи, за Евреите било вообичаено да се пијанат на свадби кадешто имало изобилство на вино за сите.
14. На кој начин христијанските домаќини можат да се соочат со замката што можат да ја наметнат алкохолните пијалоци?
14 Затоа, некои христијански домаќини одлучиле, вино, пиво и други алкохолни пијалоци да даваат само ако можат лично да надгледуваат со што нивните гости се послужуваат или што пијат. Ако групата е поголема отколку што домаќинот може директно да ја надгледува, како што била споменатата еврејска свадба, изобилството на алкохол може да биде опасна замка. Можеби е присутен некој кој се борел и го совладал проблемот со пиењето. Можеш да увидиш дека општиот, нерегулиран пристап до алкохол би можел да го доведе до искушение да попушти и така на сите да им го расипе денот. Еден надгледник и татко од Германија коментирал дека неговото семејство имало корист од пријатното дружење на заедничките собири со соверниците. Но, додал дека можноста за проблеми дефинитивно била поголема кога можело лесно да се добие пиво.
15. Како може да се пружи правилно водство на заедничките собири?
15 Свадбата во Кана имала ‚управител на гозбата‘ (Јован 2:8, NW). Тоа не значи кога едно семејство повикува дома одредена група на ручек или на дружење дека би морало да постави управител. Сопругот би бил одговорен за надгледување на таа прилика. Но, сеедно дали групата се состои од само две семејства или малку повеќе, треба да биде јасно дека некој е одговорен за она што се случува. Многу родители го проверуваат тоа кога нивниот син или ќерка е поканет на заеднички собир. Тие му се јавуваат на домаќинот за да прашаат кој ќе го надгледува целиот собир, вклучувајќи го и тоа да биде присутен до самиот крај. Христијанските родители дури го промениле својот план за да бидат присутни, така што и постарите и помладите да можат да се радуваат на заедничкото дружење.
16. Кои размислувања се прикладни во врска со големината на собирите?
16 Канадската подружница на Друштвото Стражарска кула пишува: „Советот кој се однесува на ограничување на големината на заедничките собири, неколку старешини го сфатиле како големите собири на свадбените веселби да го прекршуваат советот. Тие заклучиле дека ако сме советувани да ги држиме своите заеднички собири во мала група, која може да се контролира, би било погрешно да бидат присутни 200 или 300 на една свадбена гозба“.a Наместо претерано да се нагласува големината по слободен избор, првенствено треба да се обрне внимание на правилното надгледување, без разлика на бројот на присутни. Количината на вино што Исус ја дал покажува дека на свадбата во Кана присуствувала прилично голема група, но очигледно била прикладно надгледувана. Другите гозби во тоа време не биле; нивната големина можеби била фактор кој водел до несоодветно надгледување. Колку што е поголем собирот толку е поголем предизвикот, а тоа е полесно за послабите, кои се склони кон неумерености, да се бранат. На собири без надгледување би можеле да се унапредуваат сомнителни активности (1. Коринтјаните 10:6-8).
17. Како може да се покаже христијанска урамнотеженост кога се планира некој собир?
17 Доброто надгледување на еден заеднички собир го вклучува неговото планирање и подготовка. Тоа не бара да се измислува некоја привлечна програма која би била посебна или со цел да се памети, а која би ги имитирала световните забави, или забава кадешто сите носат костими или маски. Можеш ли да ги замислиш верните Израелци во ветената Земја како планираат забава кадешто сите би биле облечени како пагани од Египет или од друга земја? Дали би планирале страствено играње или дива музика која можеби била популарна меѓу паганите? На Синајската гора, тие биле заведени од музиката и играта кои можеби преовладувале и биле популарни во Египет. Знаеме како Бог и неговиот зрел слуга Мојсеј гледале на таа забава (2. Мојсеева 32:5, 6, 17-19). Затоа, домаќинот или надгледникот на заедничкиот собир треба да размисли дали ќе има пеење или играње; и ако има, треба да провери дали тоа е во согласност со христијанските начела (2. Коринтјаните 6:3).
18, 19. Каков увид можеме да добиеме од тоа што Исус бил поканет на свадба, и како би можеле тоа да го примениме?
18 На крај, се сеќаваме дека ‚Исус и Неговите ученици биле поканети на свадбата‘ (Јован 2:2). Се разбира, еден христијанин или едно семејство би можело едноставно да ги посети другите за пријатно и изградувачки да се дружат. Но, за планирано заедничко дружење, искуството покажува дека кога однапред се одредува кој ќе биде присутен, тоа помага да се спречат проблеми. Важноста од тоа ја нагласил еден старешина од Тенеси, САД, кој одгледал синови и ќерки кои се во полновремена служба. Пред тој или неговата жена да прифателе покана, или пред да им дозволеле на децата да присуствуваат, му се јавувал на домаќинот за да се увери дека присутните однапред биле планирани. Неговото семејство било заштитено од замките во кои некои упаднале на собири на кои можело да присуствува секој, сеедно дали е тоа оброк, пикник, или рекреација, како на пример играње со топка.
19 Исус не поттикнувал на собири да се покануваат само роднини, стари пријатели или некои на слична возраст или со слична економска состојба (Лука 14:12-14; спореди Јов 31:16-19; Дела на св. апостоли 20:7-9). Ако внимателно одбереш кого ќе го поканиш, полесно е да вклучиш христијани на различна возраст и со различни околности (Римјаните 12:13; Евреите 13:2). Неколку од тие би можеле да бидат духовно слаби или нови кои можат да имаат корист од дружењето со зрели христијани (Соломонови изреки 27:17).
Разонодата на свое место
20, 21. Зошто може разонодата да има соодветно место во нашите животи?
20 Како богобојазливн народ, на место е да бидеме заинтересирани за нашата разонода и да бидеме заинтересирани дали таа е исправна и дали сме урамнотежени во однос на должината на времето што го користиме за неа (Ефесјаните 2:1-4; 5:15-20). Така се чувствувал инспирираниот писател на книгата Проповедник: „Ја пофалив јас веселбата; зашто нема подобро за човекот под сонцето, освен да јаде, да пие и да се весели: тоа го придружува човекот во трудовите негови преку дните на животот негов, што му го дал Бог под сонцето“ (Проповедник 8:15). Таквите урамнотежени задоволства можат да го освежат телото и да помогнат да се ублажат проблемите и фрустрациите што се вообичаени за сегашниов систем.
21 Како пример, една австриска пионерка ѝ напишала на својата стара пријателка: „Сега пред некој ден имавме прекрасен излет. Околу 50-мина тргнавме кон едно мало езеро близу Ферлак. Брат Б. нѐ возеше со своето комби, носејќи три скари, столови на преклопување, маси, па дури и маса за пинг-понг. Многу уживавме во тоа. Една сестра носеше хармоника, па така пеевме многу Царски песни. Браќата, и млади и стари, уживаа во дружењето“. Таа имала драги спомени од добро надгледуваната рекреација која била слободна од замки како што се прекумерното пиење или разузданото однесување (Јаков 3:17, 18).
22. Кое предупредување треба секој од нас да го има на прво место во мислите кога уживаме во заедничката разонода?
22 Павле нѐ поттикнал да внимаваме да не попуштиме на желбите на несовршеното тело, дури и да не правиме планови кои нѐ изложуваат на искушенија (Римјаните 13:11-14). Тука спаѓаат и плановите за заедничка забава. Ако го применуваме неговиот совет на таквите планови, ќе можеме да избегнуваме околности кои ги довеле некои до духовен бродолом (Лука 21:34-36; 1. Тимотеј 1:19). Наместо тоа, мудро ќе избереме здрава рекреација која ќе ни помогне да го задржиме нашиот однос со Бог. На тој начин ќе имаме корист од заедничката разонода која може да се смета за еден од Божјите добри дарови (Проповедник 5:18).
[Фуснота]
a Стражарска кула од 1. август 1984 содржи урамнотежен совет за свадби и свадбени гозби. На идниот младоженец и неговата невеста, како и на другите кои ќе им помагаат, би им било корисно да го повторат овој материјал пред да ги направат свадбените планови.
Што сме научиле?
◻ Какво урамнотежено гледиште за уживање во заедничката разонода наоѓаме во Библијата?
◻ Зошто треба да се размисли за времето и природата на разонодата?
◻ Кои се некои работи што може еден христијански домаќин да ги прави за да заштити од замки?
◻ Што може разонодата да постигне за христијаните, ако е исправна и урамнотежена?
[Слика на страница 18]
Домаќинот или управителот на еден собир е одговорен да се погрижи за тоа гостите да не паднат во замка