Не сме праматари со Божјата Реч
„ЈА ПРОДАВАВМЕ нашата служба за пари.“ Ова се зборовите на еден бивш „свештеник за телефонски молитви“ кој бил интервјуиран во една истражувачка репортажа за американските телевизиски евангелисти.
Оваа програма се сосредоточи на три телевангелистички свештенички служби во САД. Таа откри дека секоја година само овие три ги „стрижат“ луѓето за десетици милиони долари. Една од „службите“ беше опишана како „уметничка фабрика за прибирање на прилози“. Сите тие биле вмешани во бројни измами. Дали ова те огорчува?
Религијата е на испит
Не само телевизискиот евангелизам, туку дури и ортодоксните, умерени религии се истражувани од страна на владите, приватните истражувачки агенции и од луѓето воопшто. Во некои случаи, црковните акции, религиозно финансираните политички интереси и раскошниот живот на високо платените свештеници ги двигнале прашањата за пристојното однесување.
Како некои религиозни водачи го исполнуваат прекрасниот опис на христијанската служба што го дал апостол Павле пред скоро 2.000 години? Тој напишал: „Ние не го изопачуваме [не сме праматари со, NW] словото Божјо, како мнозина, а го проповедаме искрено, како од Бога, пред Бога, во Христа“ (2. Коринтјаните 2:17). Кој денес одговара на овој опис?
За да можеш да ги одмериш работите, да разгледаме одблизу како била финансирана христијанската служба на Павле и неговите соработници. На кој начин таа се разликувала од другите во негово време?
Патувачките проповедници од првиот век
Како патувачки проповедник, Павле не бил единствениот. Во тоа време мнозина поаѓале на пат за да ги шират своите гледишта за религијата и филозофијата. Библискиот писател Лука зборува за „некои од Евреите кои талкаа, кои обичаваа да истеруваат демони“ (Дела апостолски 19:13, NW). Кога ги осудил фарисеите, Исус Христос додал: „Обиколувате по море и по копно за да добиете еден последовател [проселит,NW]“ (Матеј 23:15). И самиот Исус бил патувачки слуга. Тој ги оспособил своите апостоли и ученици да го имитираат, а тие проповедале не само во Јудеја и Самарија, туку „дури до крајот на земјата“ (Дела на св. апостоли 1:8).
За време на патувањата, Исусовите следбеници среќавале не-еврејски проповедници. Во Атина, Павле се судрил со епикурејски и стоички филозофи (Дела на св. апостоли 17:18). Низ целото Римско царство, циниците практицирале да ги шират уверувањата преку бомбастично говорништво. Обожавателите на Изида и Серапис го ширеле своето влијание меѓу жените и робовите, ветувајќи им религиозна и социјална еднаквост со слободните луѓе. Источните култови на плодноста ја сочинувале појдовната точка за бројни мистериозни религии од грчко-римскиот свет. Ветувањето за покајување од гревот и желбата да се споделуваат божествените тајни привлекувале следбеници кон лажните божества Деметра, Дионис и Сибила.
Како биле покривани трошоците?
Меѓутоа, патувањето било скапо. Освен трошоците за багажот, царините и пловењето, на патувачките проповедници им требало храна, стан, огрев, облека и здравствена нега. Проповедници, учители, филозофи и мистичари ги задоволувале овие потреби на пет главни начина: 1) подучувале за надница; 2) работеле на ниски задачи и занаети; 3) прифаќале гостопримство и доброволни донации; 4) се врзувале со световни мецени, честопати како педагози и 5) просјачеле. За да се подготви за одбивања, прочуениот просјак Циник Диоген дури барал милостина од безживотните статуи.
Павле познавал некои проповедници кои тврделе дека се христијански слуги, но, слично на некои грчки филозофи, негувале пријателство со богатите, а краделе од сиромашните. Тој го укорил собранието во Коринт, велејќи: „Вие ги поднесувате: . . . ако некој ве јаде, ако некој од вас зема“ (2. Коринтјаните 11:20). Исус Христос никогаш не се грабал за ништо, а ниту Павле и неговите соработници. Но, алчните коринтски евангелисти биле „лажни апостоли, лукави работници“ и слуги на Сатана (2. Коринтјаните 11:13-15).
Исусовите поуки до неговите ученици ја исклучувале можноста да поучуваат за наемнина. „Бесплатно добивте, бесплатно давајте“ — советувал тој (Матеј 10:8). Иако просјачењето било вообичаено, тоа било презирано во тие денови. Во една од своите илустрации, Исус опишува еден слуга кој вели: „Да просам – се срамам“ (Лука 16:3). Затоа, никаде во библиското раскажување не ги наоѓаме Исусовите верни следбеници да бараат пари или материјални добра. Тие живееле според начелото: „Кој не сака да работи, нека и не јаде“ (2. Солунјаните 3:10).
Исус ги охрабрил своите ученици да се грижат за своите потреби на два начина. Прво, тие можеле, како што се изразил Павле, „да живеат од Евангелието“. Како? Така што го прифатиле гостопримството кое спремно им било укажано (1. Коринтјаните 9:14; Лука 10:7). Второ, можеле сами да се погрижат во материјален поглед (Лука 22:36).
Начелата што ги применувал Павле
Како Павле ги применувал споменатите начела? Па, со оглед на апостоловото второ мисионерско патување, Лука напишал: „И така, откако отпловивме од Троада, стигнавме право во Самотраки, а на вториот ден — во Неапол, а оттаму во Филипи, кој во тој дел на Македонија е прв град. . . . Во тој град престојувавме неколку дена“. За сѐ што било вклучено во патувањето, исхраната и станот, се грижеле самите (Дела на св. апостоли 16:11, 12).
Конечно, една жена по име Лидија го прифатила „она, што зборуваше Павле. А кога се покрсти таа и нејзините домашни, нѐ замоли и рече: ‚Ако сте ме признале за верна на Господа, тогаш влезете и живејте во мојата куќа!‘ И нѐ принуди“ (Дела на св. апостоли 16:13-15). Можеби делумно поради гостољубивоста на Лидија, Павле можел да им напише на соверниците во Филипи: „Му благодарам на мојот Бог секогаш, кога си спомнувам за вас, – во секоја моја молитва се молам со радост за сите вас –, односно за вашето учество во Благовестието од првиот ден дури досега“ (Филипјаните 1:3-5).
Лука наведува бројни примери на лица кои им изразувале добредојде на овие патувачки христијански работници (Дела на св. апостоли 16:33, 34; 17:7; 21:7, 8, 16; 28:2, 7, 10, 14). Во своите инспирирани писма, Павле ја признавал и се заблагодарувал за гостољубивоста и подароците што ги добивал (Римјаните 16:23; 2. Коринтјаните 11:9; Галатјаните 4:13, 14; Филипјаните 4:15-18). Сепак, ниту тој ниту неговите придружници не навестувале дека би требало да им се дадат подароци или финансиска поддршка. Јеховините сведоци можат да речат дека овој извонреден став сѐ уште може да се види меѓу нивните патувачки надгледници.
Не зависат од гостопримливоста
Павле не бил зависен од гостопримливоста. Научил занает кој барал долгочасовна напорна работа, а донесувал ниска плата. Кога апостолот пристигнал во Коринт како мисионер, „најде еден Јудеец, по име Акила . . . со жена си Прискила . . . дојде при нив; и бидејќи го имаше истиот занает, остана при нив и работеше, а занаетот им беше да прават шатори“ (Дела на св. апостоли 18:1-3).
Подоцна, во Ефес, Павле сѐ уште вредно работел. (Спореди Дела на св. апостоли 20:34; 1. Коринтјаните 4:11, 12.) Можеби се специјализирал да работи со киликиум, сирово козјо влакно од кое се правеле шатори, а кое потекнувало од неговиот роден крај. Можеме да си го замислиме Павле како седи на трупец, наведнат над својата работна клупа, како сече и шие до доцна во ноќта. Бидејќи вревата во дуќанот веројатно била мала и му овозможувала да разговара додека напорно работел, Павле можеби имал прилика да им сведочи на газдата на дуќанот, на работниците, робовите, муштериите и пријателите. (Спореди 1. Солунјаните 2:9.)
Мисионерот Павле одбивал да ја комерцијализира својата служба или на било каков начин да остава впечаток дека живее од Речта Божја. На Солунјаните им рекол: „Сами знаете како треба да се угледате на нас, бидејќи ние не живеевме неуредно при вас, ниту, пак, при некого јадевме леб дарум, туку работевме со труд и мака дење и ноќе, за да не му додеваме на никого од вас. И не поради тоа што немавме власт, туку за да бидеме пример, та да се угледате на нас“ (2. Солунјаните 3:7-9).
Имитатори во 20. век
Јеховините сведоци до ден-денес го следат Павловиот извонреден пример. Старешините и слугите помошници не добиваат плата ниту пак надоместок од собранијата на коишто им служат. Наместо тоа, тие се грижат за своите семејства како и секој друг, така што повеќето од нив се вработуваат. Полновремените пионерски слуги исто така се грижат за себеси, а мнозина работат само колку да ги задоволат своите основни потреби. Секоја година некои Сведоци патуваат на свој трошок за да проповедаат во далечни подрачја кадешто добрата вест ретко допирала. Ако месните семејства ги поканат на оброк или на спиење, тие го ценат тоа, но не го злоупотребуваат таквото гостољубие.
Целокупното проповедање и поучување што го вршат Јеховините сведоци е доброволно, никогаш не наплаќајќи ја својата служба. Меѓутоа, прифаќаат скромни прилози за нивното светско дело на проповедање и ги испраќаат до Друштвото Стражарска кула за таа цел (Матеј 24:14). Службата на Јеховините сведоци на никаков начин не е комерцијална. Како Павле, секој од нив може вистински да рече: ‚Дарум [без награда, Бакотиќ] ви Го проповедав Евангелието Божјо‘ (2. Коринтјаните 11:7, Бакотиќ). Јеховините сведоци не се ‚праматари со Божјата реч‘.
[Рамка на страница 27]
КАКО НЕКОИ ДАВААТ ПРИЛОЗИ ЗА ДЕЛОТО НА ПРОПОВЕДАЊЕ ЗА ЦАРСТВОТО
◻ ПРИЛОЗИ ЗА СВЕТСКОТО ДЕЛО: Мнозина ставаат настрана или предвидуваат од својот буџет некој износ што го ставаат во кутиите со натписот „Прилози за светското дело на Царството — Матеј 24:14“. Секој месец собранијата ги испраќаат овие средства до најблиската канцеларија.
◻ ПОДАРОЦИ: Доброволните парични подароци можат да се испраќаат директно до Христијанската верска заедница на Јеховини сведоци, ул. Радишанска 123, 91000 Скопје. Исто така може да се дарува накит или други вредности. Ваквите прилози треба да бидат проследени со кратко писмо со кое се потврдува дека тоа е доброволен подарок.
◻ УСЛОВНО ДАРУВАЊЕ: На Заедницата можат да ѝ се доверат пари сѐ до смртта на донаторот, со клаузула која вели дека во случај на лична потреба, парите да му се вратат на донаторот.
◻ ОСИГУРУВАЊЕ: Заедницата може да биде именувана како корисник на полиса за животно осигурување или план за пензиско осигурување, кадешто постојат законски можности за тоа.
◻ БАНКОВНИ СМЕТКИ: Можат да се дадат на чување банковни сметки, уверенија за депозити или пензиски сметки, или тие да се направат наплативи по смртта, на име Христијанска верска заедница на Јеховини сведоци, во согласност со месните банкарски прописи. Подружницата треба да биде информирана за секој таков договор.
◻ ВРЕДНОСНИ ХАРТИИ И ОБВРЗНИЦИИ: Вредносни хартии и обврзници можат да ѝ се подарат на Заедницата било како директен подарок или со договор со кој приходот и понатаму му се исплаќа на дарителот, во земјите кадешто постојат тие можности.
◻ НЕДВИЖНИНИ: На Заедницата можат да ѝ се остават недвижнини кои можат да се продадат, и тоа како директен подарок или пак дарителот и понатаму да живее во нив додека е жив. Лицето треба да ја извести Заедницата пред да ѝ препише било каква недвижнина.
◻ ТЕСТАМЕНТИ И ОПОЛНОМОШТУВАЊА: На Христијанската верска заедница на Јеховини сведоци — Седиште за Република Македонија, можат да ѝ се остави во наследство имот или пари со законски верифициран тестамент, или Заедницата може да биде назначена како корисник на согласност за ополномоштување. Ополномоштувањата чиишто корисници се религиозни организации, можеби овозможуваат извесни даночни олеснувања. Една копија од тестаментот или ополномоштувањето треба да се испрати до Заедницата.
За натамошни информации во врска со овие прашања, обратете се до Христијанска верска заедница на Јеховини сведоци, Седиште за Република Македонија, Радишанска 123, 91000 Скопје.
[Рамка на страница 29]
САКАЛА ДА ПОМОГНЕ
ЕДИНАЕСЕТГОДИШНАТА Тифани е ученичка од Батон Руж (Луизијана, САД). Неодамна, оваа млада девојка Сведок на Јехова подготви еден состав на тема „Образованието во Америка“. Како резултат на тоа, нејзините родители кои се Сведоци од директорката на училиштето го добија следново писмо:
„За време на Американската недела на образованието, преку училишниот разглас беше читан по еден истакнат состав од секое одделение. Имав задоволство утрово да го слушнам составот на Тифани. Таа навистина е особена млада девојка. Урамнотежена е, самоуверена, талентирана и мила. Ретко сум видела ученичка од шесто одделение со толку голем број вакви атрибути. Тифани е вистинско богатство за нашето училиште“.
Тифани добила прво место во натпреварот за најдобар состав. Потоа таа напишала писмо до Друштвото Стражарска кула, во кое вели: „Можеби ја добив наградата само поради публикацијата Младите прашуваат — делотворни одговори. . . . Го употребив поглавјето за образованието. . . . Ви благодарам многу за издавањето на оваа корисна и инспирирачка книга. За мојот победнички состав добив седум долари. Ги приложувам овие 7 долари и уште 13, вкупно 20 долари, за светското дело на проповедање. . . . Кога ќе пораснам се надевам дека ќе работам како доброволец во бетелската служба“.
[Слика на страница 26]
Повремено, Павле заработувал за живот правејќи шатори