Дарителот на „секој добар дар“
„Во една прилика ме посети еден свештеник на Реформираната црква. Сакаше да дознае како јас ја водам мојата црква. Му реков: . . . ‚Не даваме плата; Луѓето нема за што да се караат. Никогаш не собираме пари‘. ‚Како ги добивате парите?‘ — праша тој. Јас одговорив: ‚Видете, д-р ——, ако ви ја кажам чистата вистина, не ќе можете да поверувате. Кога луѓето ќе се заинтересираат за овој пат, не им се тутнува пред нос некаква кошничка за собирање пари. Но увидуваат дека постојат трошоци. Си велат: ‚Оваа сала сигурно кошта. . . . Како можам да приложам нешто за ова дело?‘ Ме погледна како да си мислеше: ‚За што ме сметате — за некој новак?‘ Му реков: ‚Па, д-р ——, Ви ја кажувам чистата вистина. . . . Кога некој ќе добие благослов и има некакви средства, тој сака да ги употреби за Господ. Ако нема средства, зошто ние да го поттикнуваме на тоа?‘“
(Чарлс Т. Расел, првиот претседател на Watch Tower Society, „Стражарска кула“, 15. јули 1915).
НИЕ ДАВАМЕ затоа што Јехова Бог бил првиот кој дал. Неговото давање започнало пред непознати еони со создавањето — неговата прва творба, неговиот „Единороден Син“ (Јован 3:16). Од љубов, на другите им го дал дарот на животот.
Божјиот Син, Исус Христос, е Јеховиниот најголем дар за нас. Но, Божјиот Син не е, самиот по себе, крај на Божјето давање. „Преизобилната благодат Божја“ апостолот Павле ја нарекува Јеховин „неискажан дар“ (2. Коринтјаните 9:14, 15). Овој дар очигледно го вклучува вкупниот збир на сета доброта и љубезна доброљубивост која Бог ја проширува на својот народ преку Исус. Таквата незаслужена доброљубивост е толку прекрасна што ја надминува човековата моќ на опишување или изразување. Сепак, постојат и други аспекти на Божјето давање.
Многу одамна, еден цар мудро и понизно признал дека сите добри работи што ги дал како дарови всушност му припаѓале на Јехова. Тој рекол: „И сѐ, што е на небото и на земјата, Твое е; Твое е, Господи, царството, Ти стоиш над сѐ одозгора како Владетел. . . . Зашто, кој сум јас, и кој е мојот народ, та можеме да жртвуваме [ти принесуваме драговолно, ДК] толку? Но од Тебе е сѐ, и добиеното од Твојата рака Ти го дадовме“ (1. Летописи 29:11-14).
Божјиот пример
Јаков, ученик на Исус Христос, знаел дека Јехова Бог е изворот на сѐ што е во целост добро во секој поглед. Од него доаѓаат само совршени подароци. Јаков напишал: „Секој добар дар и секој совршен подарок иде одозгора, доаѓа од Отецот на светлината, во Кого нема промени ни сенка од измена“ (Јаков 1:17).
Дури и кога станува збор за давање на подароци, Јаков видел колку Бог е поинаков од луѓето. Луѓето можат да даваат добри подароци, но секогаш не го прават тоа. Тие подароци можат да бидат од себичен мотив, или би можеле да се искористат да го стават некого во искушение да направи нешто лошо. Кај Јехова нема варијација; тој не се менува. Според тоа, природата на неговите дарови не се менува. Тие секогаш се чисти. Секогаш го унапредуваат доброто и среќата на човечкиот род. Тие секогаш се љубезни и корисни, никогаш не се деструктивни.
Мотиви за давање дарови
Во времето на Јаков, популарните религиозни водачи имале обичај да даваат дарови само за да бидат видени од луѓето. Тие давале од лош мотив. Желни да бидат признати од луѓето, ги компромитирале своите праведни начела. Христијаните, меѓутоа, требало да бидат поинакви. Исус ги советувал: „Кога даваш милостиња, не разгласувај, како што прават лицемерите по синагогите и по улиците, за да ги фалат луѓето. Навистина ви велам, тие веќе ја добиле својата награда. А ти, кога даваш милостиња, да не знае твојата лева рака што прави десната, за да биде твојата милостиња тајна; и тогаш, твојот небесен Отец, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно“ (Матеј 6:2-4).
Причината на христијанинот да дава дарови е да им помогне на другите да задоволат некоја потреба, или да ги усреќи, или да се унапреди вистинското обожавање. Не е тоа заради лично прославување. На крајот на краиштата, Јеховините очи можат да продрат до најскриеното катче на нашето срце. Тој може да ги види најдлабоките мотиви зад нашите милостиви дарови.
Јеховините сведоци се настојуваат да го следат примерот на Јехова и неговиот Син во давањето дарови. Тие даваат од она што го имаат. Ја имаат добрата вест на Царството и тоа го даваат на благослов на другите. Знаат дека во Изреки 3:9 (НС) стои: „Оддавај му чест на Јехова со твоите скапоцени работи и со првите плодови од сиот твој принос“. Бидејќи секоја канцеларија на подружница, собрание и поединец искрено се труди да придонесе за доброто на сите, целото братство духовно јакне и напредува. Материјалниот напредок не води до духовен напредок, но духовниот напредок донесува материјален напредок кој е доволен за потребите на Јеховиното дело.
Начини како да се споделува
Постојат многу начини на кои секој може лично да придонесе да ја поддржува добрата вест. Еден начин е во врска со Царските сали. Сите членови на собранието ја користат Царската сала. Некој дал средства за нејзината изградба или изнајмување, за осветлување, за климатизаторите и одржувањето. Бидејќи е неопходно секој да го поддржува собранието, во Царската сала се поставени кутии за прилози, и доброволните прилози кои се добиваат се користат за плаќање на трошоците на собранието. Од вишокот, можат да се дадат прилози за месната подружница на Watch Tower, според тоа како собранието ќе одлучи.
Можат да се дадат прилози до самата подружница на Друштвото за оспособување и издршка на мисионери и специјални пионери во оние делови од светот каде што добрата вест не го достигнала поголемиот дел од населението. Други трошоци при ширењето на добрата вест се поврзани со делото на патувачките надгледници. Апостол Павле, кој го дал примерот за патувачкото дело во првиот век, го пофалил собранието во Филипи: „Еднаш, и по вторпат, ми пративте нужни работи“ (Филипјаните 4:14-16). Покрај трошоците во овие гранки од полновремената служба кои ги имаат сите подружници, тука е и одржувањето на секој бетелски дом и на оние кои живеат и работат таму. Пишувањето и печатењето на литература која ја содржи прекрасната порака на добрата вест навистина се предности дадени од Бог, но потребно е и дистрибуирање на литературата, а тоа изискува трошоци. Потоа, тука се и трошоците околу состаноците и конгресите, а да не ги споменуваме судските случаи кои се воделе за ‚одбрана и законско утврдување на добрата вест‘ (Филипјаните 1:7, НС).
Времето кое секој Јеховин слуга го поминува во проповедање на добрата вест е доброволно, а исто и давањето на материјални средства. Апостолот Павле советувал редовно да се ставаат настрана пари за да се користат за поддршка на ширењето на вистинското обожавање: „А што се однесува до собирањето милостиња за светиите, . . . во секој прв ден од седмицата секој од вас да оддели и остави при себеси колку што може“ (1. Коринтјаните 16:1, 2).
Кога некој ќе даде прилог, тој не знае секогаш како точно тој ќе биде употребен, но ги гледа резултатите во ширењето на проповедањето на Царството. Извештаите во Yearbook of Jehovah’s Witnesses 1993 покажуваат дека добрата вест за Царството ја проповедаат повеќе од 4.500.000 христијански слуги во повеќе од 200 земји и морски острови. Тие извештаи се охрабрувачки. Затоа, секој подарок, без оглед на величината, помага во ширењето на добрата вест ширум светот.
Ова дело се финансира со заедничкото давање на сите. Некои се во состојба да даваат повеќе, со што во поголема мера со потпомага проповедничкото дело. Други даваат помалку. Но оние кои даваат скромни прилози не треба да се срамат или да мислат дека нивниот удел е незначителен. Јехова секако не мисли така. Исус тоа доста јасно го изразил кога покажал колку Јехова го цени малиот принос на вдовицата. „Виде исто така и една бедна вдовица, која пушти таму две лепти, па рече: ‚Вистина ви велам, оваа бедна вдовица од сите повеќе пушти; сите овие дадоа прилози на Бога од својот вишок; таа, пак, пушти — сѐ што имаше за својот живот‘“ (Лука 21:2-4).
Без разлика каква ни е финансиската состојба, можеме да даваме на начини кои го радуваат Јехова. Псалмистот добро заклучува како можеме да му оддадеме слава на нашиот Цар и Судија. Тој наведува: „Воздајте Му на Господа слава на името Негово, земете жртви [дарови, ДК] и влезете во неговите дворови“ (Псалм 95:8). Затоа, да го имитираме љубезниот пример на нашиот небесен Татко така што радосно ќе даваме дарови затоа што тој најпрво ни дал нам.
[Рамка на страница 30]
КАКО НЕКОИ ДАВААТ ПРИЛОЗИ ЗА ДЕЛОТО НА ПРОПОВЕДАЊЕ ЗА ЦАРСТВОТО
◻ ПРИЛОЗИ ЗА ДЕЛОТО НА ЦАРСТВОТО: Мнозина ставаат настрана или предвидуваат од својот буџет некој износ што го ставаат во кутиите со натпис „Прилози за делото на Царството — Матеј 24:14“. Секој месец собранијата ги испраќаат овие средства до најблиската канцеларија.
◻ ПОДАРОЦИ: Доброволните парични подароци можат да се испраќаат директно до Христијанска верска заедница на Јеховини сведоци, П.ф. 800, 91000 Скопје. Исто така може да се дарува накит или други вредности. Ваквите прилози треба да бидат проследени со кратко писмо со кое се потврдува дека тоа е доброволен подарок.
◻ УСЛОВНО ДАРУВАЊЕ: На Заедницата можат да ѝ се доверат пари сѐ до смртта на донаторот, со клаузула која вели дека во случај на лична потреба, парите да му се вратат на донаторот.
◻ ОСИГУРУВАЊЕ: Заедницата може да биде именувана како корисник на полиса за животно осигурување или план за пензиско осигурување. Заедницата треба да биде информирана за такви договори.
◻ БАНКОВНИ СМЕТКИ: Можат да се дадат на чување банковни сметки, уверенија за депозити или поединечни пензиски сметки, или тие да се направат наплативи по смртта, на име Христијанска верска заедница на Јеховини сведоци, во согласност со месните банкарски прописи. Заедницата треба да биде информирана за секој таков договор.
◻ ВРЕДНОСНИ ХАРТИИ И ОБВРЗНИЦИ: Вредносни хартии и обврзници можат да ѝ се подарат на Заедницата било како директен подарок или со договор со кој приходот и понатаму му се исплаќа на дарителот, во земјите каде што постојат тие можности.
◻ НЕДВИЖНИНИ: На Заедницата можат да ѝ се остават недвижнини кои можат да се продадат, и тоа како директен подарок или пак дарителот и понатаму да живее во нив додека е жив. Лицето треба да ја извести Заедницата пред да ѝ препише било каква недвижнина.
◻ ТЕСТАМЕНТИ И ОПОЛНОМОШТУВАЊА: На Христијанската верска заедница на Јеховини сведоци — Седиште за Република Македонија, може да ѝ се остави во наследство имот или пари со законски верифициран тестамент или може Заедницата да биде назначена како корисник на согласност за ополномоштување. Ополномоштувањата чиишто корисници се религиозни организации, можеби овозможуваат извесни даночни олеснувања. Една копија од тестаментот или ополномоштувањето треба да се испрати до Заедницата.
За натамошни информации во врска со овие прашања, обратете се до Христијанска верска заедница на Јеховини сведоци, Седиште за Република Македонија, П. ф. 800, 91000 Скопје.
[Слики на страница 31]
Како се користат твоите донации:
1. Бетелски доброволци
2. Изградба на канцеларија на подружница
3. Помош при несреќа
4. Царски сали
5. Мисионери