Објавителите на Царството известуваат
Духовно ослободување во Колумбија
УШТЕ од времето на шпанските конквистадори, католицизмот го држеше религиозниот смртоносен стисок во Јужна Америка. Во Колумбија тој долго време беше официјална државна религија. Во изминатите 105 години, Ватикан имаше конкордат со колумбиската влада, кој ја штитеше црквата и ѝ даваше посебни привилегии на подрачјето на образованието и бракот.
Во декември 1990, колумбискиот народ избра комисија за да подготви нов устав, кој беше остварен до средината на 1991. Новиот устав ја промени религиозната состојба во Колумбија. Сега сите религии имаат еднакви права пред законот, и во јавните училишта не може да им се наметнува религиозна поука на децата. Конкордатот со Ватикан треба да се ревидира, имајќи ги на ум овие уставни промени.
Оваа поголема религиозна слобода ќе го намали влијанието на католичката Црква, што ќе им олесни на луѓето со чесни срца да стекнат библиско спознание и да се здобијат со духовна слобода.
Додека го очекуваа ова духовно ослободување, Јеховините сведоци во земјата, кои бројат 51.000, направија подготовки за да се погрижат за духовните бегалци. Нивниот нов комплекс на подружницата со проширени објекти, вклучувајќи ја високобрзинската офсет машина за печатење во боја, е скоро завршен. Повремено, во помалите градови се испраќаат специјални пионери за да трагаат по Јеховините изгубени овци, па така имаат остварено извонредно библиско образовно дело. Во 63 градови, секој со по околу 10.000 жители, оформени се 47 нови собранија и групи.
Бидејќи Јеховиниот дух и понатаму ги поттикнува луѓето со искрени срца, меѓу нив се огласуваат и многу млади. Публикацијата Младите прашуваат — делотворни одговори се покажа како непроценливо помошно средство како за таквите млади така и за нивните родители. Додека одел од врата до врата, еден Сведок сретнал некој човек кој веќе читал некои делови од оваа книга што ја добил од соседот. Бил мошне импресиониран од практичната мудрост што е покажана при обработувањето на семејните проблеми. Поглавјето 4, „Зошто се разделија тато и мама?“, особено му оставило впечаток, со оглед дека тој и неговата сопруга биле пред раздвојување. Рекол дека книгата го спасила од голема трагедија. Сега тој и неговото семејство ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци и ги посетуваат сите собраниски состаноци. Мошне се благодарни за практичната мудрост што ја пружа Јехова преку Библијата и својата организација.
Ова искуство го илустрира духовното ослободување што настапи во Колумбија додека Јеховините сведоци им помагаат на духовно гладните да научат за Јеховините чудесни намери и за неговиот нов свет кој е на дофат (2. Петрово 3:13).