Зошто да го сакаш својот ближен?
ВЕЧНИОТ живот зависи од нашата љубов кон Бог и ближниот. На тоа било укажано за време на еден разговор што се одвивал пред скоро 2.000 години.
Еден Евреин, кој бил упатен во Мојсеевиот закон, го прашал Исус: „Што да направам за да добијам живот вечен?“ Исус одговорил: „Што е напишано во Законот? Како читаш?“ Цитирајќи го Законот, човекот рекол: „Возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа и со сета своја сила и со сите свои помисли, и својот ближен како себеси!“ „,Добро одговори‘“ — рекол Исус. „,Тоа прави го и ќе бидеш жив [ќе стекнеш живот, New World Translation of the Holy Scriptures]‘“ (Лука 10:25-28).
На тоа, Исусовиот соговорник прашал: „А кој е мојот ближен?“ Наместо да му одговори директно, Исус раскажал една илустративна приказна за некој Евреин кој бил ограбен, претепан и оставен полумртов. Наишле двајца Евреи — прво еден свештеник, а потоа еден Левит. И двајцата ја забележале состојбата на нивниот земјак, но не сториле ништо за да му помогнат. Потоа дошол еден Самарјанин. Поттикнат од жал, му ги преврзал раните на повредениот Евреин, го однел во еден конак и се погрижил за негова натамошна грижа.
Исус го прашал својот соговорник: „Кој, пак, од тие тројца ти се чини дека му беше ближен на оној, што падна во рацете на разбојниците?“ Јасно, тоа бил милостивиот Самарјанин. Исус така покажал дека вистинската љубов кон ближниот ги надминува етничките бариери (Лука 10:29-37).
Недостиг на љубов спрема ближниот
Денес расте непријателството помеѓу луѓе од различни етнички групи. На пример, неодамна неонацистите во Германија кутнале на земја еден човек и го изгазиле со тешките цокули, при што му ги испокршиле скоро сите ребра. Потоа го полеале со жесток алкохолен пијалок и го запалиле. Човекот, кој бил оставен да умре, бил нападнат само затоа што мислеле дека е Евреин. Во еден друг инцидент, на една куќа близу Хамбург биле фрлени запални бомби, при што изгореле три лица од турско потекло — меѓу кои и едно десетгодишно девојче.
На Балканот и малку поисточно, етничките војни однесоа илјадници животи. Други умреа во судирите помеѓу луѓе од различно потекло во Бангладеш, Индија и Пакистан. А во Африка, меѓуплеменските и меѓурасни конфликти ги однесоа животите на многу други.
Повеќето луѓе се запрепастени од таквото насилство и никогаш не би сториле нешто за да му наштетат на својот ближен. Всушност, со големи демонстрации во Германија беше осудено тамошното етничко насилство. Сепак, The New Encyclopædia Britannica вели: „Припадниците на скоро сите светски култури го сметаат својот начин на живот за понадмоќен од животот дури и на тесно поврзаните соседи“. Таквите гледишта ѝ го попречуваат патот на љубовта кон ближниот. Дали може да се стори нешто во врска со ова, особено затоа што Исус рекол дека животот зависи од љубовта спрема Бог и ближниот?
[Извор на слика на страница 2]
Cover: Jules Pelcog/Die Heilige Schrift
[Извор на слика на страница 3]
Добриот Самарјанин / The Doré Bible Illustrations/Dover Publications, Inc.