Среќни се понизните
„Бог им се противи на надуените, а на понизните им дава незаслужена доброљубивост“ (1. ПЕТРОВО 5:5, НС).
1, 2. Како во својата Проповед на гората Исус Христос ја поврзал среќата со тоа да се биде понизен?
ДАЛИ постои некаква врска помеѓу тоа човек да биде среќен и да биде понизен? Во неговата најпрочуена проповед, Исус Христос, најголемиот човек кој некогаш живеел, опишува девет среќи или задоволства (Матеј 5:1-12). Дали Исус ја поврзал состојбата на среќа со состојбата на понизност? Да, токму така, зашто ако сме понизни тогаш сме вклучени во поголем број среќи кои ги споменал тој. На пример, човек мора да биде понизен за да биде свесен за своите духовни потреби. Само понизните гладуваат и жеднеат за праведност. А гордите не се со блага нарав и не се милосрдни, ниту се миротворци.
2 Понизните се среќни затоа што е исправно и чесно да се биде понизен. Освен тоа, понизните се среќни затоа што е мудро да се биде понизен; тоа придонесува за добри односи со Јехова Бог и сохристијаните. Понатаму, понизните луѓе се среќни затоа што нивната понизност претставува израз на љубов.
3. Зошто нѐ обврзува чесноста да бидеме понизни?
3 Зошто бара чесноста од нас да бидеме понизни? Како прво, затоа што сите ние наследуваме несовршеност и постојано правиме грешки. Апостолот Павле рекол за себе: „Јас знам дека во мене, односно во моето тело, не живее доброто; бидејќи желба за добро во мене има, но да го правам тоа, не наоѓам сили“ (Римјаните 7:18). Да, сите ние сме згрешиле и не ја достигнуваме славата Божја (Римјаните 3:23). Искреноста ќе нѐ чува да не бидеме горди. За да се признае грешката потребна е понизност, а чесноста ќе ни помогне да ја прифатиме одговорноста секогаш кога ќе направиме некаква грешка. Бидејќи не успеваме да го сториме она кон што се стремиме, имаме здрава причина да бидеме понизни.
4. Која убедлива причина да бидеме понизни е дадена во 1. Коринтјаните 4:7?
4 Апостолот Павле ни дава уште една причина зошто чесноста треба да нѐ направи понизни. Тој вели: „Кој ти дава предимство? Што имаш, што не си добил? А штом си примил, зошто се фалиш, како да не си примил?“ (1. Коринтјаните 4:7). Нема сомневање во тоа дека не би било чесно да си ја присвојуваме славата за себе, да сме горди на она што го имаме, на способностите или достигнувањата. Чесноста придонесува да имаме чиста совест пред Бог, така што можеме „да се однесуваме долично во сѐ“ (Евреите 13:18, Ст).
5. Како ќе ни помогне и чесноста кога сме направиле грешка?
5 Чесноста ни помага да бидеме понизни кога ќе направиме грешка. Таа ќе нѐ направи поспремни да ја прифатиме одговорноста, наместо да се обидуваме да се оправдаме или да ја префрлиме вината на некој друг. Така, додека Адам ја прекорувал Ева, Давид не ја прекорил Вирсавија, велејќи: ‚Таа не требаше да се капе пред мои очи. Не можев да го избегнам искушението‘ (1. Мојсеева 3:12; 2. Царства 11:2-4). Навистина, може да се рече дека од една страна, ако сме чесни, тоа ни помага да бидеме понизни; од друга страна, ако сме понизни, тоа ни помага да бидеме чесни.
Верата во Јехова ни помага да бидеме понизни
6, 7. Како ни помага верата во Бог да бидеме понизни?
6 Верата во Јехова исто така ќе ни помогне да бидеме понизни. Ако сфаќаме колку навистина е голем Творецот, Универзалниот Суверен, тоа ќе нѐ спречи да се сметаме себеси за премногу важни. Колку добро пророкот Исаија нѐ потсетува на ова! Во Исаија 40:15, 22 читаме: „Ете, народите се како капка од ведро, и се сметаат како прашинка на терезија. . . . Он е Оној, Кој седи над кругот на земјата, а оние, што живеат на неа, се како скакулци“.
7 Верата во Јехова ќе ни помогне и кога мислиме дека трпиме некаква неправда. Наместо да се секираме заради работата, понизно ќе чекаме на Јехова, како што нѐ потсетува псалмистот во Псалм 36:1-3, 8, 9. Апостолот Павле укажува на истата мисла: „Не одмаздувајте се, возљубени, за себе, туку дајте му место на Божјиот гнев. Оти е напишано: ‚Одмаздата е моја. Јас ќе отплатувам — вели Господ‘“ (Римјаните 12:19).
Понизноста — пат на мудроста
8. Зошто придонесува понизноста за добар однос со Јехова?
8 Постојат многу причини зошто понизноста е пат на мудроста. Едната е, како што веќе беше покажано, што таа придонесува за добри односи со нашиот Создател. Божјата Реч јасно наведува во Соломонови изреки 16:5: „Секој горделив по срце е одвратен пред Господа“. Исто така во Соломонови изреки 16:18 читаме: „Пред погибел гордоста врви, и пред паѓање — надуеноста“. Порано или подоцна, гордиот доживува жалост. Тоа едноставно мора да биде така затоа што во 1. Петрово 5:5 читаме: „Сите вие опашете се со понизност на умот еден спрема друг зашто Бог им се противи на надуените, а на понизните им дава незаслужена доброљубивост“ (НС). Истата мисла ќе ја најдеш во илустрацијата што ја дал Исус за фарисејот и порезникот, кога обајцата се молеле. Понизниот порезник бил тој кој испаднал поправеден (Лука 18:9-14).
9. Каква помош претставува понизноста во време на несреќа?
9 Понизноста е патот на мудроста затоа што таа ни олеснува да го слушаме советот што се наоѓа во Јаков 4:7: „Па затоа, покорете Му се на Бога“. Ако сме понизни, нема да се бунтуваме кога Јехова дозволува да трпиме некаква несреќа. Понизноста ќе нѐ оспособи да бидеме задоволни со нашите околности и да издржиме. Гордиот човек е незадоволен, секогаш бара повеќе и се бунтува при тешки околности. Од друга страна, понизниот човек поднесува тешкотии и искушенија, исто како што било со Јов. Јов го претрпел губитокот на сиот свој имот и бил погоден со тешка болест, а потоа жена му дури го советувала да тргне по патот на гордоста, велејќи: „Навреди [Проколни, НС] Го Бога и умри!“ Како одговорил тој? Библискиот запис ни кажува: „Но тој ѝ рече: ‚Говориш како безумна. Зар доброто го примаме од Бога, а злото да не го поднесуваме?‘ — Во сето тоа Јов не згреши со устата своја“ (Јов 2:9, 10). Бидејќи бил понизен, Јов не се бунтувал туку мудро се подложил на сето она што Јехова дозволил да го снајде. И најпосле, добил голема награда (Јов 42:10-16; Јаков 5:11).
Понизноста придонесува за добри односи со другите
10. Како ги подобрува понизноста нашите односи со сохристијаните?
10 Понизноста е мудар пат затоа што таа придонесува за добри односи со нашите сохристијани. Добро нѐ советува апостолот Павле: „Не правете ништо од љубов кон препирање или за празна слава, но од понизност сметајте се еден друг за погорен од себе си! Не грижете се секој само за себе, туку и за другите!“ (Филипјаните 2:3, 4). Понизноста мудро ќе нѐ чува да не се натпреваруваме со другите или да се обидуваме да ги засениме другите. Таквиот умствен став ни создава проблеми и нам и на нашите сохристијани.
11. Зошто може понизноста да ни помогне да избегнеме да правиме грешки?
11 Во многу прилики понизноста ќе ни помогне да избегнеме да правиме грешки. Како тоа? Така што понизноста ќе нѐ чува да не бидеме премногу самоуверени. Наместо тоа, ќе го цениме Павловиот совет во 1. Коринтјаните 10:12: „Кој мисли дека стои, нека гледа да не падне“. Гордиот човек е претерано самоуверен и затоа е склон да прави грешки поради надворешни влијанија или поради своите сопствени слабости.
12. На која библиска обврска ќе нѐ поттикне понизноста да ја извршиме?
12 Понизноста ќе ни помогне да се прилагодиме на барањата да бидеме подложни. Во Ефесјаните 5:21 сме советувани: „Покорувајте му се еден на друг во страв Божји“ Навистина, зарем не треба сите ние да бидеме подложни? Децата треба да им бидат подложни на своите родители, сопругите на своите сопрузи, а сопрузите на Христос (1. Коринтјаните 11:3; Ефесјаните 5:22; 6:1). Потоа, во секое христијанско собрание, сите, вклучувајќи ги и слугите помошници, мораат да покажуваат подложност кон старешините. Зарем, исто така, не е вистина дека старешините се во подложност на класата на верниот роб, особено како што е застапувана од покраинскиот надгледник? Покраинскиот надгледник, пак, треба да биде во подложност на обласниот надгледник, а обласниот надгледник на Одборот на подружницата на земјата каде што служи. А што е со членовите на Одборот на подружницата? Тие мораат да ‚се покоруваат еден на друг‘, а исто така и на Водечкото тело, кое ја претставува класата на „верниот и разумен роб“, која, пак, му е одговорна на Исус, устоличениот Цар (Матеј 24:45-47, НС). Како и во секое старешинство, членовите на Водечкото тело мораат да го почитуваат гледиштето на другите. На пример, некој може да мисли дека има извонредна идеја. Но ако со неговиот предлог не се согласат доволен број други членови, тој едноставно мора да ја остави работата настрана. Навистина, на сите нам ни е потребна понизност, зашто сите ние сме во подложност.
13, 14. а) Во која посебна околност ќе ни помогне понизноста? б) Каков пример дал Петар во поглед на прифаќањето совет?
13 Понизноста особено е мудар пат во таа смисла што ни олеснува да прифатиме совет и стега. На секој од нас повремено му е потребна стега, па би требало да го послушаме советот од Соломонови изреки 19:20: „Слушај го, синко, советот [и прифати стега, НС] на таткото твој, за да станеш потоа мудар“. Како што добро е речено, понизните нема да се чувствуват повредени или несреќни кога се карани или укорувани. Освен тоа, апостол Павле во Евреите 12:4-11 нѐ советува дека е мудро понизно да се подложуваме на стегата. Само на тој начин можеме да се надеваме дека мудро ги насочуваме нашите идни чекори и за возврат да ја постигнеме наградата на вечен живот. Колку среќен исход ќе биде тоа!
14 Во овој поглед би могле да укажеме на примерот на апостол Петар. Тој добил остар совет од апостолот Павле, како што дознаваме од извештајот во Галатјаните 2:14: „А кога видов дека тие не постапуваат точно според евангелската вистина, му реков на Петра пред сите: ‚кога ти, кој си Јудеец, живееш како незнабошците, а не како Јудејците, зошто тогаш незнабошците ги принудуваш да живеат јудејски?‘“ Дали апостолот Петар се чувствувал навреден? Не трајно, ако воопшто и бил навреден, како што може да се види од тоа што подоцна во 2. Петрово 3:15, 16 се осврнал на „возљубениот наш брат Павле“.
15. Каква е врската помеѓу понизноста и среќата?
15 Исто така, тука е и проблемот кога човек не е задоволен од себе. Едноставно не можеме да бидеме среќни ако не сме задоволни со нашиот исход, со нашите предности, нашите благослови. Понизниот христијанин го има ставот: „Ако Бог го допушта тоа, јас ќе го прифатам“ што навистина го одразува она што го вели апостолот Павле, како што читаме во 1. Коринтјаните 10:13: „Друго искушение вас не ве постигна, освен човечкото [вообичаено за луѓе, НС]; но верен е Бог, Кој нема да позволи да бидете искушувани повеќе од силата ваша, а заедно со искушението ќе ви даде и излез, за да можете да трпите [да поднесете, НС]“. Така, повторно гледаме дека понизноста е патот на мудроста бидејќи ни помага да бидеме среќни без оглед каков може да биде нашиот исход.
Љубовта ќе ни помогне да бидеме понизни
16, 17. а) Кој библиски пример ја истакнува најголемата особина која ќе ни помогне да бидеме понизни? б) Кој световен пример исто така ја илустрира оваа точка?
16 Повеќе од сѐ друго, несебичната љубов, ага́пе, ќе ни помогне да бидеме понизни. Зошто бил Исус во можност толку понизно да го поднесе страдањето на маченичкиот столб, кое Павле им го опишува на Филипјаните? (Филипјаните 2:5-8, НС). Зошто тој не размислувал да е еднаков со Бог? Поради тоа што самиот рекол: „Го љубам Отецот“ (Јован 14:31). Затоа тој во секое време славата и честа му ги припишувал на Јехова, својот небесен Татко. Така, во една друга прилика истакнал дека само неговиот небесен Татко бил добар (Лука 18:18, 19).
17 Овој факт го илустрира еден настан од животот на еден од раните американски поети, Џон Гринлиф Витиер (John Greenleaf Whittier). Овој човек си имал една сакана од детството, и еднаш, на некој натпревар во правопис, таа точно напишала еден збор, а тој згрешил. Нејзе ѝ било многу криво поради тоа. Зошто? Како што поетот се присетил, таа рекла: „Извини што го напишав точно тој збор. Мразам да бидам погорна од тебе . . . оти знаеш, те сакам“. Да, ако сакаме некого, ќе сакаме тој да биде погорен, а не подолен од нас, затоа што љубовта е понизна.
18. Во слушањето на кој библиски совет ќе ни помогне понизноста?
18 Ова е добра поука за сите христијани, особено за браќата. Кога се работи за некоја посебна предносна служба, дали ќе се радуваме што нашиот брат ја добил наместо нас, или ќе задржиме некакво чувство на љубомора или завист? Ако навистина го љубиме нашиот брат, ќе се радуваме што ја добил таа посебна задача, или признание или предносна служба. Да, понизноста ќе ни олесни да го послушаме советот: „Натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг“ (Римјаните 12:10). Еден друг превод гласи: „Почитувајте се еден со друг повеќе отколку себеси“ (New International Version). И повторно сме советувани од апостолот Павле: „Со љубов служете си еден на друг“ (Галатјаните 5:13). Да, ако имаме љубов, ќе ни биде драго да им бидеме на услуга на нашите браќа, да робуваме за нив, ставајќи ги нивните интереси и благосостојба пред сопствените, а тоа бара понизност. Понизноста исто така нѐ чува од фалење и така ќе избегнуваме да будиме во другите дух на љубомора или завист. Павле напишал дека љубовта „не се превознесува, не се гордее“. Зошто не? Затоа што мотивот што стои зад фалењето е себичен, егоистичен, а љубовта е самата јатка на несебичноста (1. Коринтјаните 13:4).
19. Кои библиски примери илустрираат дека понизноста и љубовта одат рака под рака, како што е случај со гордоста и себичноста?
19 Давидовиот однос со царот Саул и неговиот син Јонатан претставува изразит пример за тоа како љубовта и понизноста одат рака под рака, и како гордоста и себичноста на сличен начин одат рака под рака. Поради Давидовите успеси во битките, Израелките пееле: „Саул победи илјади, а Давид — десетици илјади!“ (1. Царства 18:7). Бидејќи воопшто не бил понизен, туку, напротив, обземен со гордост, Саул оттогаш негувал убиствена омраза кон Давид. Колку поинаков дух имал тој за разлика од неговиот син Јонатан! Читаме дека Јонатан го сакал Давид како сопствената душа (1. Царства 18:1). И како реагирал Јонатан кога, во текот на настаните, станало очигледно дека Јехова го благословил Давид и дека тој, а не Јонатан, ќе го наследи Саул како цар на Израел? Дали Јонатан се чувствувал љубоморен или завидлив? Воопшто не! Поради неговата голема љубов кон Давид, тој можел да рече, како што читаме во 1. Царства 23:17: „Не плаши се, зашто раката на татко ми Саула нема да те најде, и ти ќе царуваш над Израилот, јас, пак, ќе бидам втор по тебе; и Саул, татко ми, го знае тоа“. Јонатановата голема љубов кон Давид го натерала понизно да го прифати она за кое сфатил дека е Божја волја во однос на тоа кој требало да го наследи татко му како цар на Израел.
20. Како ја покажал Исус тесната врска помеѓу љубовта и понизноста?
20 Односот помеѓу љубовта и понизноста понатаму е подвлечен со она што се случило во последната ноќ кога Исус Христос бил со своите апостоли пред да умре. Во Јован 13:1 читаме дека Исус, ‚бидејќи ги засакал Своите во светот, ги сакал до крај‘. После ова, читаме дека Исус им ги измил нозете на своите ученици, постапувајќи како низок слуга. Каква силна поука за понизноста! (Јован 13:1-11).
21. Накратко, зошто треба да бидеме понизни?
21 Навистина, има многу причини да се биде понизен. Исправно е и чесно да се биде понизен. Тоа е патот на верата. Таа придонесува за добри односи со Јехова Бог и со нашите соверници. Тоа е патот на мудроста. А над сѐ, тоа е патот на љубовта и донесува вистинска среќа.
Како би одговорил?
◻ На кои начини помага чесноста да се биде понизен?
◻ Зошто може да ни помогне верата во Јехова да бидеме понизни?
◻ Што покажува дека понизноста е пат на мудоста?
◻ Зошто љубовта е од особена корист за понизноста?
[Слика на страница 21]
Јов понизно му се подложил на Јехова. Тој не го ‚проколнал Бог и да умре‘
[Слика на страница 23]
Петар понизно се покорил кога Павле јавно го посоветувал