ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w05 15/10 стр. 26-31
  • Биди вистински понизен

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Биди вистински понизен
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2005
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Најголемиот пример на понизност
  • Зошто Исус бил понизен
  • Зошто е тешко да се биде понизен
  • Да се стекне и да се покажува вистинска понизност
  • Со понизност се решаваат проблемите
  • Зошто да се облечеме во понизност?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1991
  • Примери на понизност кои треба да ги имитираме
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • Јехова им ја открива својата слава на понизните
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2004
  • Јехова многу ги сака своите понизни слуги
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2019
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2005
w05 15/10 стр. 26-31

Биди вистински понизен

„На понизниот народ му донесуваш спасение“ (2. САМОИЛ 22:28).

1, 2. Што им било заедничко на многу владетели во светот?

ПИРАМИДИТЕ во Египет сведочат за луѓето што некогаш владееле со таа земја. Други личности што оставиле печат во историјата биле Сенахирим од Асирија, Александар Велики од Грција и Јулиј Цезар од Рим. Сите овие владетели имале една заедничка работа — не се забележани во историјата како лица што биле вистински понизни (Матеј 20:25, 26).

2 Би можел ли да си замислиш некој од овие владетели како има навика да го пребарува своето царство за да ги најде бедните поданици на кои им треба утеха? Се разбира дека не! Исто така, не би можел ни да си замислиш дека би отишле во скромните домови на потиштените жители за да ги охрабрат и ободрат. Колку е поинаков нивниот став кон обичниот човек од ставот на Севишниот Владетел на универзумот, Јехова Бог!

Најголемиот пример на понизност

3. Како постапува Севишнот Владетел со луѓето што му се поданици?

3 Јехова е неизмерно величествен и возвишен, но сепак, тој „гледа со своите очи по целата земја, за да се охрабрат оние на кои срцето им е искрено кон Него“ (2. Летописи 16:9). А што прави Јехова кога ќе ги најде своите понизни обожаватели што се потиштени поради различни искушенија? Во извесна смисла, тој ‚престолува‘ со нив преку својот свет дух, ‚за да го оживее духот на смирените и да го оживее срцето на скрушените‘ (Исаија 57:15). Така, на неговите живнати обожаватели ќе им биде полесно повторно да му служат со радост. Колку е понизен Бог!

4, 5. а) Што мислел псалмистот за Божјиот начин на владеење? б) Што значи тоа што Бог „гледа одозгора“ за да му помогне на „бедниот“?

4 Никој друг во универзумот не се понизил толку колку Севишниот Бог за да им помогне на грешните луѓе. Псалмистот можел да напише: „Господ е возвишен над сите народи, Неговата Слава ги надвишува небесата. Кој е како Господ, нашиот Бог, Кој седи во висините и ги гледа, одозгора, небото и земјата? Го воздига бедниот од правот, го вади сиромашниот од калта“ (Псалм 113:4-7).

5 Забележи ги зборовите „гледа одозгора“. Кога се однесува на луѓе, овој збор може да има негативно значење, ‚некој да се прави важен во однос на некого што е на пониска положба или што нема толку поволни околности‘. Таквиот горделив став никогаш не може да му се припише на Јехова Бог, кој е чист и свет и затоа во него нема ни трага од горделивост и надуеност (Марко 7:22, 23). Но, хебрејскиот збор преведен со „гледа одозгора“ може да значи и некој да се спушти на нивото на оној што во општеството е на пониска положба или, пак, да се спушти од својата положба или чест кога има работа со некој што е на пониска положба. Затоа, во преводот на Псалм 113:6 во некои Библии стои дека Бог се понизува. Со тоа добро е опишан нашиот понизен Бог што со љубов им обрнува внимание на потребите на своите несовршени човечки обожаватели! (2. Самоил 22:36).

Зошто Исус бил понизен

6. Која била најпонизната постапка на Јехова?

6 Бог покажал најголема можна понизност и најголема љубов кога го испратил својот сакан првороден Син да се роди на Земјата и да порасне како човек за да го спаси човештвото (Јован 3:16). Исус нѐ поучил за вистината за својот небесен Татко, а потоа го дал својот совршен човечки живот за да го земе „гревот на светот“ (Јован 1:29; 18:37). Совршено одразувајќи ја личноста на својот Татко, вклучувајќи ја и Јеховината понизност, Исус бил спремен да го прави она што Бог го барал од него. Тоа бил најголемиот пример на понизност и љубов што некогаш го дало некое од Божјите созданија. Сите не ја ценеле Исусовата понизност, а неговите непријатели го сметале дури и за „најништожниот од луѓето“ (Даниел 4:17). Меѓутоа, апостол Павле сфатил дека неговите соверници треба да се угледаат на Исус и да бидат понизни во своите меѓусебни постапки (1. Коринќаните 11:1; Филипјаните 2:3, 4).

7, 8. а) Како научил Исус да биде понизен? б) Каков повик им упатил Исус на своите идни ученици?

7 Павле го истакнал извонредниот пример на Исус, пишувајќи: „Задржете го во себе ваквиот умствен став каков што беше и во Христос Исус кој, иако беше во Божји облик, не размислуваше за грабање, имено дека треба да биде еднаков со Бог. Не, туку се одрече од себеси и зеде облик на роб и стана сличен на луѓето. И повеќе од тоа, кога се најде во облик на човек се понизи и стана послушен сѐ до смрт, да, до смрт на маченички столб“ (Филипјаните 2:5-8).

8 Некои можеби ќе се прашаат: ‚Како научил Исус да биде понизен?‘ Тоа произлегло од неговото блиско дружење со својот небесен Татко во текот на бесконечно долг временски период, додека служел како Божји „вешт градител“ кога било создавано сѐ (Пословици 8:30, NW). По побуната во Еден, Божјиот Првороденец можел да набљудува како неговиот Татко постапува понизно со грешните луѓе. Затоа, кога бил на Земјата, Исус бил понизен како својот Татко и на луѓето им го упатил повикот: „Земете го мојот јарем на себе и учете од мене, зашто јас сум со благ нарав и понизен во срце, и ќе најдете освежување за своите души“ (Матеј 11:29; Јован 14:9).

9. а) Што му се допаѓало на Исус кај децата? б) Посочувајќи на едно мало дете, каква поука дал Исус?

9 Бидејќи Исус бил вистински понизен, малите деца не се плашеле од него. Напротив, биле привлечени кон него. Тој, пак, ги сакал децата и им посветувал внимание (Марко 10:13-16). Што му се допаѓало толку кај децата? Секако, тие имале пожелни особини што некои од неговите возрасни ученици не ги покажувале во сите прилики. Добро е познато дека малите деца ги сметаат возрасните за попаметни и подобри од себе. Ова може да се види од многуте прашања што ги поставуваат. Да, во споредба со многу возрасни, децата полесно можат да се поучат и не се горделиви. Во една прилика, Исус зел едно дете и им рекол на своите следбеници: „Ако не се обратите и не станете како мали деца, никако нема да влезете во небесното царство“. Понатаму рекол: „Кој ќе се понизи како ова мало дете, тој е најголем во царството на небесата“ (Матеј 18:3, 4). Исус го навел правилото: „Секој кој се возвишува ќе биде понижен, а кој се понизува ќе биде возвишен“ (Лука 14:11; 18:14; Матеј 23:12).

10. Кои прашања ќе ги разгледаме?

10 Овој факт покренува некои важни прашања. Можноста да добиеме вечен живот делумно зависи и од тоа дали ќе покажуваме вистинска понизност, но зошто на христијаните понекогаш им е тешко да бидат понизни? Зошто не ни е лесно да си ја проголтаме гордоста, така да се каже, и да постапиме понизно кога сме во искушение? И што ќе ни помогне да успееме во тоа да бидеме вистински понизни? (Јаков 4:6, 10).

Зошто е тешко да се биде понизен

11. Зошто не сме изненадени што мораме да вложуваме голем напор за да бидеме понизни?

11 Ако ти е тешко да бидеш понизен, не си единствениот. Во 1920 година, во ова списание беше разгледан библискиот совет да бидеме понизни, и беше даден следниов коментар: „Кога ќе видиме колку ја цени Господарот понизноста, сите вистински ученици треба да бидат охрабрени секојдневно да ја покажуваат оваа особина“. Потоа следеше ова отворено признание: „И покрај овие совети од Светото писмо, несовршената човечка природа е таква што на оние што стануваат дел од Божјиот народ и што одлучуваат да одат по неговиот пат изгледа дека им е потешко и мораат повеќе да се борат на ова отколку на кое и да е друго поле“. Ова истакнува една причина зошто вистинските христијани мораат да вложуваат голем напор да бидат понизни — нашата грешна човечка природа бара незаслужена слава. Причина за тоа е што сме потомци на грешни родители, Адам и Ева, кои им попуштиле на себичните желби (Римјаните 5:12).

12, 13. а) Зошто светот претставува препрека за понизноста на христијаните? б) Кој ни отежнува уште повеќе во борбата да бидеме понизни?

12 Друга причина зошто можеби ни е тешко да покажуваме понизност е тоа што живееме во свет што ги охрабрува луѓето да прават сѐ за да бидат подобри од другите. Некои од вообичаените цели во овој свет е копнежот да се задоволи „желбата на телото [што е грешно] и желбата на очите и нападното истакнување на своите средства за живот“ (1. Јованово 2:16). Наместо да робуваат на такви световни желби, учениците на Исус треба да задржат едноставно око и главна работа во животот да им биде извршувањето на Божјата волја (Матеј 6:22-24, 31-33; 1. Јованово 2:17).

13 Трета причина зошто е тешко да стекнуваме и да покажуваме понизност е тоа што со овој свет владее Сатана Ѓаволот, од кого потекнува горделивоста (2. Коринќаните 4:4; 1. Тимотеј 3:6). Сатана ги шири своите злобни особини. На пример, од Исус побарал да го обожава, а во замена за тоа му ги понудил „сите царства на светот и нивната слава“. Секогаш понизен, Исус одлучно ја одбил понудата на Ѓаволот (Матеј 4:8, 10). Слично на тоа, Сатана ги искушува христијаните да бараат слава за себе. Наместо тоа, понизните христијани настојуваат да го следат Исусовиот пример, фалејќи го и оддавајќи му чест само на Бог (Марко 10:17, 18).

Да се стекне и да се покажува вистинска понизност

14. Што е „привидна понизност“?

14 Во своето писмо до колошаните, апостол Павле опоменал да внимаваме да не бидеме само навидум понизни за да оставиме впечаток врз другите. Павле го нарекол тоа „привидна понизност“. Оние што само се преправаат дека се понизни не се духовни личности. Напротив, тие откриваат дека се „надуени“ од гордост (Колошаните 2:18, 23). Исус посочил примери на таква лажна понизност. Ги осудил фарисеите што нападно се молеле пред другите и за начинот на кој постеле со натажени и изобличени лица само за да ги видат другите. За разлика од нив, треба да се молиме понизно за нашите лични молитви да бидат вредни пред Бог (Матеј 6:5, 6, 16).

15. а) Што можеме да направиме за да останеме понизни? б) Кои се некои добри примери на понизност?

15 На христијаните ќе им помогне да останат вистински понизни тоа што ќе се сосредоточат на најдобрите примери на понизност, Јехова Бог и Исус Христос. Тоа вклучува редовно да ја проучуваат Библијата и библиската литература што ја издава „верниот и разборит роб“ (Матеј 24:45). Таквото проучување е многу битно за христијанските надгледници, ‚за да не се издигнат со срцето над своите браќа‘ (Второзаконие 17:19, 20; 1. Петрово 5:1-3). Размисли за бројните примери на оние што биле благословени затоа што биле понизни, како што се Рут, Ана, Елисавета и многу други (Рута 1:16, 17; 1. Самоил 1:11, 20; Лука 1:41-43). Размисли и за многуте добри примери на мажи на положба што останале понизни во Јеховината служба, како што се Давид, Јосиј, Јован Крстител и апостол Павле (2. Летописи 34:1, 2, 19, 26-28; Псалм 131:1; Јован 1:26, 27; 3:26-30; Дела 21:20-26; 1. Коринќаните 15:9). А што е со многуте денешни примери на понизност што ги наоѓаме во христијанското собрание? Ако размислуваат за овие примери, на вистинските христијани ќе им биде полесно да покажуваат „понизност на умот еден кон друг“ (1. Петрово 5:5).

16. Како ни помага христијанската служба да бидеме понизни?

16 И редовното учество во христијанската служба може да ни помогне да бидеме понизни. Благодарение на понизноста ќе бидеме успешни кога им пристапуваме на непознати луѓе што ги сретнуваме во службата од куќа до куќа и на други места. Ова е така особено кога станарите во почетокот реагираат рамнодушно или грубо на пораката за Царството. Нашите верувања честопати се оспорувани, а понизноста може да му помогне на христијанинот секогаш да одговара на прашањата „со благ нарав и со длабока почит“ (1. Петрово 3:15). Некои понизни слуги на Бог се преселиле на други подрачја и им помагаат на луѓе со поинаква култура и финансиска состојба. Таквите проповедници можеби морале понизно да се соочат со тешката задача да учат нов јазик за да им бидат од поголема помош на оние на кои сакаат да им ја пренесат добрата вест. Тоа е многу пофално! (Матеј 28:19, 20).

17. Кои христијански одговорности бараат да бидеме понизни?

17 Со понизност, многумина ги исполниле своите христијански должности, ставајќи ги интересите на другите пред своите. На пример, еден христијански татко треба да биде понизен за да одвои време од своите работи и да се подготви и да води делотворна библиска студија со своите деца. Понизноста исто така им помага на децата да им оддаваат чест и да им бидат послушни на своите родители, кои се несовршени (Ефешаните 6:1-4). Сопругите што имаат сопрузи што не се верници честопати се соочуваат со ситуации во кои треба да покажат понизност додека се обидуваат да ги придобијат своите сопрузи со „чесно однесување заедно со длабока почит“ (1. Петрово 3:1, 2). Понизноста и самопожртвуваната љубов се скапоцени особини што ни помагаат и додека со љубов се грижиме за потребите на болните и остарени родители (1. Тимотеј 5:4).

Со понизност се решаваат проблемите

18. Како може понизноста да ни помогне да ги решаваме проблемите?

18 Сите Божји слуги на Земјата се несовршени (Јаков 3:2). Понекогаш, помеѓу двајца христијани можат да се јават несогласувања или недоразбирања. Едниот можеби има оправдана причина да му се лути на другиот. Обично, таквите ситуации можат да се решат ако се примени овој совет: „Поднесувајте се еден со друг и простувајте си спремно еден на друг, ако некој има причина за поплака против друг. Токму како што Јехова доброволно ви прости вам, така правете и вие“ (Колошаните 3:13). Мора да се признае, не е лесно да се следи овој совет, но понизноста ќе ни помогне да го примениме.

19. Што мора да имаме на ум кога зборуваме со некој што нѐ навредил?

19 Понекогаш, некој христијанин може да мисли дека оправданата причина за да се налути е премногу сериозна за да премине преку неа. Во тој случај, понизноста ќе му помогне да му пријде на оној што му нанел навреда и да се смират (Матеј 18:15). Една причина зошто понекогаш меѓу христијаните некој проблем останува нерешен е тоа што едната, или можеби двете страни, се премногу горди за да признаат дека згрешиле. Или, пак, оној што ќе го направи првиот чекор за да му пријде на другиот можеби го прави тоа уверен дека тој е во право, спремен да го искритикува другиот. За разлика од тоа, вистинската понизност многу ќе помогне да се средат разни несогласувања.

20, 21. Која е една работа што многу ќе ни помогне да бидеме понизни?

20 Еден многу битен чекор за да станеш понизен е да се молиш за Божја помош и дух. Но, запомни, „Бог . . . на понизните им дава незаслужена љубезност“, вклучувајќи го и неговиот свет дух (Јаков 4:6). Затоа, ако се појави некое несогласување меѓу тебе и некој соверник, моли го Јехова да ти помогне понизно да си ја признаеш секоја грешка што си ја направил ти, било да е мала или голема. Ако ти си повреден и оној што те навредил искрено ти рече „извини“, тогаш понизно прости му. Ако ти е тешко да го направиш тоа, моли го Јехова да ти помогне да го исчистиш срцето од секаква горделивост што тлее во него.

21 Кога ќе сфатиме колку ни користи понизноста, треба да бидеме мотивирани да ја стекнеме и да ја задржиме оваа скапоцена особина. За таа цел, имаме прекрасен пример во Јехова Бог и Исус Христос. Никогаш да не го забораваме Божјето ветување: „Наградата за понизност е: страв од Господа, богатство, слава и живот“ (Пословици 22:4).

За размислување

• Кои се двата најголеми примера на понизност?

• Зошто е тешко да се биде понизен?

• Што може да ни помогне да бидеме понизни?

• Зошто е многу важно да останеме понизни?

[Слика на страница 26]

Исус бил вистински понизен

[Слика на страница 28]

Светот ги охрабрува луѓето да прават сѐ за да бидат подобри од другите

[Извор на слика]

Фотографија на СЗО од L. Almasi/K. Hemzǒ

[Слика на страница 29]

Понизноста ни помага да им пристапуваме на непознатите луѓе што ги сретнуваме во службата

[Слики на страница 30]

Несогласувањата честопати можат да се решат ако понизно и со љубов преминеме преку проблемот

[Слики на страница 31]

Христијаните можат да покажат понизност на многу начини

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели