Исполнета му е желбата
ДАЛИ имаш желба да видиш како Месијанското Царство има потполна власт над целата Земја? Ако да, ти копнееш и се молиш за ветените земски благослови под тоа небесно Царство. Тогаш, искажувај стрпливост бидејќи ‚исполнетата желба е како дрво на животот‘ (Изреки 13:12; Јаков 5:7, 8).
Пред околу 2.000 години, во Ерусалим живеел еден „праведен и благочестив“ човек, Симеон, кој имал вера во Месијанските пророштва и стрпливо ја ‚очекувал утехата Израилева‘ (Лука 2:25).
Месијанските пророштва пружаат надеж
Јехова бил одговорен за првото Месијанско пророштво — пророштво кое на грешното и смртно човештво му пружило надеж. Бог го прорекол доаѓањето на Семето на неговата ‚жена‘, односно, универзална организација (1. Мојсеева 3:15).
Тој Оној е идентификуван како Авраамово семе, а Јаков го прорекол неговото доаѓање (1. Мојсеева 22:17, 18; 49:10). Славата на Месијанското Царство била возвишувана во псалмите (Псалм 71:1-20). Исаија прорекол дека Семето ќе биде родено од девица, а Михеј прорекол дека раѓањето ќе се случи во Витлеем (Исаија 7:14; Михеј 5:2). Тоа се само неколку од многуте Месијански пророштва.
Месијата сѐ уште го нема!
Врати се во минатото и замисли си дека се приближува првиот век н. е. Божјето првобитно Месијанско пророштво е старо веќе 4.000 години. Евреите го искусиле разорувањето на Јеховиниот храм, опустошувањето на нивната татковина, 70-годишно прогонство во Вавилон и повеќе од 500 години подложност на пагански владетели. Сепак, Месијата сѐ уште го нема!
Колку само богобојазливите Евреи копнееле по Месииното доаѓање! Од него ќе потечат благословите за нив и за сите народи.
Еден благочестив човек
Меѓу Евреите кои биле полни со почитување и кои копнееле и се молеле за доаѓањето на Месијата е Симеон, верен остарен Јеховин слуга кој живеел во главниот град на Јудеја. Нешто особено му се случило на Симеон.
Бог го положил својот свет дух на Симеон и го наградил со откровение. Симеон нема да умре додека не го види Оној кој ќе биде Месијата. Но минуваат денови и месеци. Симеон старее и одвај може да очекува да живее уште долго. Ќе го исполни ли Бог ветувањето кое му го дал?
Еден ден (во втората година пр. н. е.), една млада брачна двојка со своето бебе доаѓа од Витлеем во храмот. Светиот дух му открива на Симеон дека ова е долгоочекуваниот ден. Тој оди во храмот каде ќе го види Оној за кого пишувале пророците. Брзајќи што е можно повеќе колку што му дозволува неговото остарено тело, ги здогледува Јосиф, Марија и детето.
Со колкава радост Симеон го зема детето Исус во рацете! Тој ќе биде ветениот Месија — ‚Христос Господов‘. Во толкава старост Симеон не може да се надева да види кога Исус ќе ја исполни Неговата земска мисија. Сепак, прекрасно е да го види како дете. Месијанските пророштва почнуваат да се исполнуваат. Колку е среќен Симеон! Сега ќе може мирно да заспие во смрт сѐ до воскресението (Лука 2:25-28).
Симеоновите пророчки зборови
Симеон го подига својот глас за фалба на Јехова и го слушаме како вели: „Сега го отпушташ Својот слуга со мир, Владико, според зборовите Твои; зашто очите мои го видоа спасението Твое, што си го приготвил пред лицето на сите народи: светлина за просвета на незнабошците и слава на Твојот народ, Израилот“. Исусовиот очув Јосиф и Неговата мајка Марија не престануваат да се чудат на овие зборови (Лука 2:29-33).
Лицето на Симеон е светло додека ги благословува Јосиф и Марија, очигледно посакувајќи им Јеховин благослов во исполнувањето на нивните одговорности кон детето. Потоа лицето на остарениот човек станува сериозно. Овој пат, обраќајќи ѝ се само на Марија, додава: „Еве, Овој лежи за паѓање и подигање на мнозина во Израилот, и е знак против Кого ќе се говори. А и на тебе самата меч ќе ти ја прободе душата, за да се откријат мислите на многу срца“ (Лука 2:34, 35).
Симеоновата изјава до Марија
Претстави си само како се чувствувала Марија. Што мислел Симеон со тоа? Некои ќе го прифатат Христос и ќе бидат подигнати од паднатата состојба во која се наоѓаат. Но, други ќе го отфрлат, ќе се спрепнат на него и ќе паднат. Како што било проречено, Исус станал камен на спрепнување за повеќето Евреи (Исаија 8:14; 28:16). Симеоновите зборови не значат дека поединци од Израел првин ќе паднат како неверници, а потоа ќе се подигнат во вера со тоа што ќе го прифатат Исус. Не, туку реакциите спрема него ќе бидат различни од поединец до поединец, откривајќи ги помислите на многу срца што ќе доведе до поволен или неповолен Божји суд спрема нив. За неверниците, тој ќе биде знак, односно, предмет на презир. Оние, пак, што ќе положат вера во него, ќе бидат подигнати од тоа да бидат мртви во престапи и гревови во состојба во која ќе се радуваат на праведна положба пред Бог. Постапките на луѓето спрема Месијата ќе покажат што се наоѓа во нивните срца.
Но, што значат Симеоновите зборови: „А и на тебе самата меч ќе ти ја прободе душата“? Не постои библиска индикација дека меч дословно ја пробол Марија. Меѓутоа, бидејќи повеќето ќе го отфрлат Исус, тоа ќе ѝ зададе болка. И колку само било болно за Марија кога го видела Исус прибоден на столб! Тоа навистина било како душата да ѝ ја проболе со меч.
Симеон ги применува Месијанските пророштва
Божјиот дух го поттикнал Симеон да ги примени Месијанските пророштва на Исус. Симеон можел да го напушти овој свет мирно и спокојно бидејќи ‚очите негови го виделе Божјето спасение, што го приготвил пред лицето на сите народи: светлина за просвета на незнабошците и слава на Неговиот народ, Израилот‘ (Лука 2:30-32). Колку само овие зборови се поклопуваат со Исаините пророчки зборови!
Овој пророк прорекол: „И ќе се јави славата Господова, и секоја плот ќе го види спасението од Бога“. „Јас [Јехова] ќе те направам [тебе, Месијата] светило за народите, за да се рашири спасението од Господа до краиштата на земјата“ (Исаија 40:5; 42:6; 49:6; 52:10). Христијанските Грчки списи и фактите кои се случиле оттогаш потврдуваат дека Месијата, Исус Христос, е вистинското светло за народите, Оној кој ќе го отстрани превезот од духовна темнина и ќе им донесе спасение на луѓето.
Божјата Реч не вели ништо повеќе за стариот Симеон. Веројатно умрел пред Христос да го отвори патот за небесен живот. Но, нема да мине долго време кога Симеон ќе биде воскреснат за живот на Земјата. И каква само радост тој — а и ти — можете да доживеете во новиот свет под Божјето Месијанско Царство!