Богат и наградувачки живот во Јеховината служба
РАСКАЖАЛ ЛЕО КАЛИО
Беше 1914 година и еден прекрасен ден на доцното лето завршуваше над предградието на Турку во Финска. Одеднаш, спокојството се прекина со веста за големата војна која избила. Набргу улиците се исполнија со оние кои размислуваа за значењето на овие настани. Гледајќи ги сериозните лица на возрасните, ние децата се прашувавме што ли ќе се случи. Имав девет години и се сеќавам дека нашата мирна детска игра беше заменета со воена игра.
ИАКО Финска не учествуваше во Првата светска војна (1914-1918), земјата ја опустоши граѓанската војна во 1918 година. Роднини и некогашни пријатели зедоа оружје едни против други поради различните политички гледишта. И нашето седумчлено семејство ја осети таквата омраза. Татко ми, кој директно го искажуваше своето мислење, беше уапсен и осуден на седум години затвор. Подоцна го пуштија, но оттогаш здравјето му се наруши.
За време на овој ужасен период, нашето семејство го погоди глад и болести. Три мои помали сестри умреа. Чичко ми кој живееше во градот Тампере, слушна за нашата несреќа и ги повика татко ми, мајка ми и двете деца што им останаа да живеат кај него.
Со години подоцна, уште додека живеевме во Тампере, се запознав со Силви, една привлечна девојка. Бевме со слично минато. Нејзиниот татко го убиле во граѓанската војна, а потоа еден близок пријател на семејството Карло-Кале Весанто од Пори ги зел Силви, сестра ѝ и мајка ѝ кај себе. Се погрижил мајка им да најде работа, а ќерките да можат да одат на училиште. По извесно време Силви се преселила по работа во Тампере каде што и се запознавме.
Ноќ која ми го промени животот
Во 1928 Силви ми стана свршеница и еден ден патувавме до Пори во посета на Весанто Кале и неговото семејство. Ниту еден друг настан не бил толку пресуден во мојот живот како овој. Кале бил сопственик и тркач со коњи но се откажал од овој бизнис. Тој и жена му станале ревни објавители на добрата вест за Божјето Царство. 1990 Yearbook of Jehovah’s Witnesses (Годишник на Јеховините сведоци за 1990) опишува како најмил луѓе, на надворешниот ѕид од неговата двоспратна куќа, да му ги испишат зборовите: „Милиони кои сега живеат нема никогаш да умрат“. Текстот беше доволно голем за да може лесно да се прочита и од возовите кои јуреа покрај куќата.
Таа ноќ, јас и Кале разговаравме до раните утрински часови. „Зошто? Зошто? Зошто?“ — прашував, а Кале ми објаснуваше. Основните библиски вистини ги сфатив дословно преку ноќ. Стиховите кои ги објаснуваа различните науки ги запишав, а кога се вратив дома зедов тетратка и ги препишав сите стихови од збор до збор. Бидејќи сѐ уште немав навика да се служам со Библијата, ја користев тетратката кога им сведочев на колегите на градилиштето каде што работев. Кога ги разоткривав науките на лажната религија, често пати ќе се фатев себеси како ги повторувам зборовите на Кале: „Луѓе, навистина ве измамиле!“
Кале ми даде адреса од една мала куќа во Тампере каде што околу 30 Истражувачи на Библијата ги одржуваа своите состаноци. На состаноците ќе се стиснев во аголот близу вратата, веднаш до брат Андерсон, сопственикот на куќата. Иако на состаноците не одев редовно, молитвата се покажа корисна. Еднаш, кога на работа имав сериозни проблеми, се молев: „Те молам, Боже, ако ми помогнеш во овие тешкотии, ветувам дека ќе одам на секој состанок“. Но, работите одеа само на полошо. Тогаш сфатив дека му поставувам услов на Јехова и затоа ја сменив молитвата: „Што и да се случи, ветувам дека ќе одам на секој состанок“. После тоа, моите неволји се намалија, а јас почнав да одам редовно на состаноците (1. Јованово 5:14).
Нашата служба на почетокот
Јас и Силви се венчавме во 1929. Во 1934 и двајцата го симболизиравме своето предание на Јехова со крштение во вода. Во тие денови, во служба носевме фонографи и плочи по домовите на луѓето и љубезно ги замолувавме да им презентираме бесплатно библиско предавање. Луѓето често пати спремно нѐ покануваа внатре, а по слушањето на снимениот говор, учествуваа во разговорот и земаа од нашата литература.
Со дозвола на властите ги пуштавме овие предавања преку звучници и во парковите, а во предградијата звучниците ќе ги закачевме на покрив или на оџак. Во други прилики ги пуштавме на езерото каде луѓето се собираа во големи групи. Едноставно ќе ги внесевме звучниците во чамец и полека веславме покрај брегот. Во неделите пак, патувавме со автобус на селските подрачја за и таму да проповедаме опремени со нашите драгоцени звучници и мноштво литература.
Промена што ја испита нашата вера
Во 1938 стапив во полновремената служба како пионер, но продолжив истовремено и со својата ѕидарска професија. Следната пролет, од канцеларијата на Друштвото добив покана за патувачки слуга, кој денес се нарекува покраински надгледник. Не беше баш лесно да донесам одлука за прифаќање на оваа служба бидејќи ми беше задоволство да работам со нашето собрание во Тампере. Освен тоа, имавме дом, шестгодишен син Арто кој наскоро требаше да појде на училиште, а и на Силви ѝ одговараше нејзината работа како продавачка. Сепак, откако сите заедно се консултиравме, ја прифатив оваа понатамошна предносна служба за Царството (Матеј 6:33).
Потоа настапи нов тежок период. На 30. ноември 1939 изби војна кога советските трупи навлегоа во Финска. Војната, наречена уште и Зимска војна, траеше до март 1940 кога Финска мораше да се согласи со мировниот договор. Изгледаше како и самата природа да војува бидејќи тоа беше најстудената зима на која воопшто се сеќавам. Од едно до друго собрание патував со велосипед додека термометарот покажуваше повеќе од 30° C под нулата!
Во 1940 година делото на Јеховините сведоци во Финска се забрани. Поради тоа, многу млади Сведоци беа затворени и принудени да останат во затвор под нечовечни услови. За среќа, јас можев да служам во собранијата во текот на целата војна, од 1939 до 1945. Тоа често пати значеше со месеци да бидам одделен од Силви и Арто, а постојано ми се закануваше и опасноста да ме уапсат затоа што учествував во илегално дело.
Сигурно необично сум изгледал додека го возев велосипедот натоварен со куфер, торба со литература, фонограф и плочи. Една од причините зошто ги носев грамофонските плочи беше и таа што, во случај да ме уапсеа, можев да докажам дека не сум падобранец кој шпионира за Русите. Едноставно плочите би се испокршиле при падот.
Сепак, еднаш додека одев во посета на соседството кое било предупредено дека има шпион, едно семејство Сведоци не ме препозна. Кога им почукав на вратата во таа темна зимска ноќ, тие беа премногу исплашени за да ми отворат. Така, ноќта морав да ја минам во шталата закопан во сламата за да се стоплам. Следното утро се реши грешката во препознавањето и, морам да речам, во текот на преостанатиот дел од посетата на ова семејство, ми покажаа невообичаено гостопримство!
Во текот на воените години, единствено јас и брат Јохан Коскинен служевме во собранијата во средна и северна Финска. Секој од нас имаше огромно подрачје за кое мораше да се грижи и тоа во должина од 600 километри. Бидејќи моравме да посетуваме многу собранија, можевме да останеме само по два-три дена во секое од нив. Возовите ретко возеа, а автобуси имаше малку кои беа толку преполни што претставуваше чудо како ние стигнувавме до нашите одредишта.
Бегства за влакно
Еднаш, на почетокот на Зимската војна, отидов во канцеларијата на подружницата во Хелсинки. Понесов четири тешки кутии со забранета литература за собранијата и се качив на воз. Додека стоевме на железничката станица Рихимаки, засвире сирената за воздушен напад. Војниците во возот веднаш ставија на себе бели јакни, а на патниците им беше речено веднаш да го напуштат возот и да се стрчаат кон отвореното поле наспроти станицата.
Ги замолив војниците да ми ги понесат кутиите, објаснувајќи им колку се важни. Четворица од нив зедоа по една кутија и трчавме околу двесте метри преку поле покриено со снег. Се фрливме на земјата, а некој од нив ми викна: „Еј, граѓанину, немој да си се помрднал! Ако бомбардерите забележат движење, бомбите ќе ги фрлат врз нас“. Но јас бев доволно љубопитен за претпазливо да го свртам погледот кон небото и изброив 28 авиони!
Одеднаш земјата се затресе од експлозија на бомба. Иако не ја бомбардираа станицата, го бомбардираа возот со кој пристигнавме. Каква ужасна слика претставуваа смачканиот воз и искривените шини! Следното утро го продолжив патувањето носејќи ги кутиите, а војниците се качија на друг воз. Еден од нив по војната станал Сведок и тој ми рече дека војниците после тоа зборувале меѓусебе за чудниот граѓанин со неговите кутии.
По извесно време, брат Коскинен кој патувал на служба во малото собрание Рованиеми во северна Финска го уапсиле пред и да слезе од возот. Го однеле в затвор каде што многу го малтретирале. Кога дојде време јас да служам во тоа исто собрание, се симнав од возот на една мала станица Коиву. Таму сестра Хелми Палари се погрижи останатиот дел од патот да го продолжам во вагон за млеко. Мојата посета во собранието Рованиеми беше успешна, но по заминувањето упаднав во неволја.
На патот до железничката станицата јас и мојот придружник налетавме на двајца воени службеници кои им ги проверуваа документите на сите што поминуваа крај нив. „Не гледај во нив. Гледај само право“ — реков. Поминавме помеѓу нив како и да не постојат. На тоа тие почнаа да нѐ гонат. Конечно, на станицата ги избегнав во гужвата и скокнав на еден воз. Во тие денови, во патувачката служба не ни недостасуваа возбудувања!
Еднаш ме уапсија и ме однесоа пред комисија за регрутација со намера да ме испратат на фронт. Но, зазвони телефонот и офицерот кој требаше да ме испита се јави. Од другата страна можев да чујам еден глас како вика: „По ѓаволите, зошто и понатаму ни испраќате такви болни, бескорисни мажи? Сѐ што можеме со нив да направиме е да ги вратиме назад. Потребни ни се способни луѓе!“ За среќа со себе ја носев медицинската потврда која го опишуваше здравствениот проблем што го имав. Кога им ја покажав, ме пуштија, па така непрекинато ја продолжив својата служба за собранијата!
Помош при едно судење
Воената хистерија и натаму беснееше. Брат Ахти Лесте го уапсија и жена му ме повика. Кога пристигнав кај нив, пронајдов документ од месната полиција со кој на Ахти му се дозволува снимените говори да ги презентира во јавни паркови во градот. Пристигнавме во судницата сосе документот. Откако го прочитаа обвинението, му го врачив документот на брат Лесте. Судијата испрати војник да донесе фонограф за да преслушаат во судницата неколку снимени библиски предавања. Откако го слушна секое предавање, судијата рече дека не може да види ништо неисправно во она што беше речено.
После тоа, јас, Ахти и жена му излеговме во ходникот и напнато ја чекавме одлуката на судот. Конечно го чувме гласот како вели: „Обвинетиот нека влезе во судницата“. Брат Лесте беше ослободен! Срцата ни беа полни со благодарност кон Јехова додека заминувавме на нашите доделби, брат и сестра Лесте на својата во месното собрание, а јас во патувачката служба.
Војната заврши — нашата служба продолжува
Забраната на нашето проповедничко дело се укина штом војната заврши, а браќата ги пуштија од затворите. Во текот на многуте години служба, длабоко ме трогна улогата што ја одиграа христијанските сестри во делото за Царството како и поддршката што им ја даваа на своите сопрузи. Особено сум ѝ благодарен на Силви за нејзината пожртвуваност и поддршка. Благодарение на тоа, јас можев да служам непрекинато 33 години во патувачката служба, а после тоа да служам како специјален пионер.
И јас и Силви го храбревме Арто да почне со пионерската служба кога ќе го заврши училиштето, да научи англиски и да оди на Библиската школа Гилеад на Watchtower во САД. Арто дипломираше на Гилеад во 1953, а после тоа се ожени со Ева и заедно учествуваа во различни облици на полновремената служба вклучувајќи ја покраинската, бетелската и специјалната пионерска служба. Во 1988 се преселија во Тампере каде што живееме за да се грижат за мене и Силви, а тие и понатаму служат како специјални пионери.
Јас и Силви имавме богат, благословен живот, со многу спомени кои нѐ крепат иако силата веќе во голема мера ни е ослабната. Најголема награда за нас е кога размислуваме за порастот кој го гледавме. Кога започнав со посетување на собранијата во 1939, во Финска имаше 865 објавители на Царството, а денес има преку 18.000!
Малку можев да знам во далечната 1938, кога започнав со полновремената служба, дека после 55 години сѐ уште со радост ќе учествувам во неа. И покрај одминатите години, одиме напред со Јеховина сила, исчекувајќи ја нашата ветена награда. Имаме доверба во зборовите на псалмистот: „Зашто благ е Господ: Неговата милост е вечна и Неговата вистина е од род во род“ (Псалм 99:5).
[Слика на страница 21]
Лео и Силви Калио го симболизираа своето предание на Јехова во 1934 година
[Слика на страница 23]
Неодамнешна фотографија на Лео и Силви додека се наближуваат кон 60 години предадена служба