Одржување на хармонија помеѓу старешините и слугите помошници
КРАТКО по Пентакост 33 н. е., во новосоздаденато христијанско собрание се појавила една вонредна состојба. Бил утврден договор за згрижување на вдовиците кои биле во немаштија. Но, по некое време „елинистите се побунија против Евреите дека при секојдневното делење храна не биле пригледувани нивните вдовици“ (Дела 6:1).
Овие приговори стигнале до ушите на апостолите. „Тогаш дванаесетте, штом го свикаа целото мноштво ученици, рекоа: ‚Не е добро ние да го оставиме словото Божјо и да се грижиме околу трпезите. Затоа, браќа, изберете меѓу вас седуммина чесни луѓе, исполнети со Дух Свети и мудрост, што ќе ги поставиме на таа служба‘“ (Дела 6:2, 3).
Ова прикажува еден важен принцип на организација, во склоп на христијанското собрание. Некои одговорни мажи се поставени да се грижат за рутинските работи, додека други се грижат за поодговорните духовни работи. Ова не било нешто ново. Во древниот Израел, Арон и неговите потомци биле наименувани да служат како свештеници и да принесуваат жртви на Бог. Меѓутоа, Јехова наредил Левитите да им помагаат ‚и да ги пазат сите сосуди [садови, НС] во скинијата на сведоштвото‘ (4. Мојсеева 3:5-10). На сличен начин и денес, слугите помошници им помагаат на надгледниците.
Улогата на старешините и слугите помошници
Светото писмо во главни црти ги прикажува високите мерила и за старешините и за слугите помошници (1. Тимотеј 3:1-10, 12, 13; Тит 1:6-9). Тие не се ривали туку работат за истата цел — изградување на собранието (Спореди Ефесјаните 4:11-13). Сепак, постојат некои разлики во работата што тие ја извршуваат во собранието. Во 1. Петрово 5:2, на надгледниците им е кажано: „Пасете го Божјото стадо, што го имате, надгледувајќи го не присилно, туку драговолно и според Бога; не заради неправедна корист, туку од добро срце“. Тие му поднесуваат извештај на Бог за тоа, како ја извршуваат оваа света должност (Евреите 13:17).
А како е со слугите помошници? Библијата не бара од нив да имаат способност на поучување. Нивните должности на некој начин се поинакви од оние на старешините. Без сомнение, во првиот век од н. е. имало работи од материјална, рутинска или механичка природа кои барале внимание; веројатно тоа вклучувало набавка на материјал за препишување на Библијата или дури и самото препишување.
Денес, слугите помошници продолжуваат да извршуваат мноштво важни задачи во собранието, како што се на пример, грижата за собраниските извештаи и подрачја, распределбата на списанија и книги како и одржувањето на Салата на Царството. Некои способни слуги помошници може да бидат употребени и да поучуваат, понекогаш да водат Собраниска студија на книга, да имаат удел во Службениот состанок и да изнесуваат говори за јавност.
Кога старешините и слугите помошници работат заедно во хармонија, и духовните и организациските потреби на собранието се задоволени на еден урамнотежен начин. Тогаш членовите на собранието се весели, јаки и духовно продуктивни. Присети се што им напишал Павле на помазаниците во Ефес: „Од Кого целото тело, составено и склопено и сврзано преку сите дарувани врски, при дејството на секој дел, поред силите негови, нараснува за да се изградува во љубов“ (Ефесјаните 4:16).
Старешините и слугите помошници мора да се стремат да развијат таква хармонија, т.е. договор, склад, соработка и единство. Меѓутоа, ваквата хармонија не доаѓа автоматски. Мора да биде негувана и внимателно надгледувана.
Што можат да сторат старешините
Важно е да се сфати дека односот помеѓу еден старешина и слуга помошник не е како оној помеѓу господар и роб, односно работодавач и вработен. Таму каде што постои вистинска хармонија, старешините гледаат на слугите помошници како на Божји слуги (Спореди 1. Коринтјаните 3:6-9). „Натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг“, се вели во Римјаните 12:10. Затоа, старешините избегнуваат со слугите помошници да се однесуваат на начин кој можеби само изгледа дека е љубезен и понизен. Тие ја поттикнуваат, наместо да ја уништуваат здравата иницијатива. Односот кон слугите помошници полн со почитување ќе придонесе тие да го дадат најдоброто од себе, и ќе им помогне да уживаат во својата работа во собранието.
Старешините исто така треба да задржат на ум дека нивната одговорност, грижливо да го пасат Божјето стадо, ги вклучува и браќата кои служат како слуги помошници. Вистина, таквите одговорни мажи треба да бидат зрели христијани. Сепак, исто како и на остатокот од стадото, и ним од време на време им е потребно лично внимание. Старешините треба да бидат живо заинтересирани за нивниот духовен развој.
На пример, кога апостол Павле го сретнал младиот Тимотеј, веднаш сфатил колкав потенцијал имал тој и ‚посакал да го земе со себе‘ (Дела 16:3). Тимотеј служел како Павлов сопатник, а како резултат на тоа добил драгоцено обучување. Замисли, неколку години подоцна Павле можел да им напише на христијаните во Коринт: „Затоа го пратив при вас Тимотеј, кој ми е возљубено и верно чедо во Господа; тој ќе ви ги напомни патиштата мои во Христа“ (1. Коринтјаните 4:17).
Старешини, почнавте ли да го користите целосниот потенцијал на слугите помошници во вашето собрание? Дали им помагате да напредуваат со тоа што им давате лична поука за јавно говорништво и за истражување на Библијата? Сте ги повикале ли оние кои се оспособени, да ве придружуваат на пастирските посети? Работите ли со нив во службата на проповедање? Во Исусовата споредба за талантите, господарот им рекол на своите верни слуги: „Убаво, добри и верни слуго!“ (Матеј 25:23). Дали си и ти исто така дарежлив со пофалба и благодарност кон слугите помошници кои скромно и на еден добар начин ги извршуваат своите задачи? (Спореди Изреки 3:27). Ако не, зарем нема да се чувствуваат како нивната работа да не е ценета?
Комуникацијата е исто така битна за хармоничен работен однос (Спореди Изреки 15:22). Должностите не смеат да се доделуваат ниту пак да се одземаат на произволен или случаен начин. Старешините треба на еден богоугоден начин да разговараат, како би можеле способностите на братот да бидат искористени на најдобар начин во собранието (Спореди Матеј 25:15). Кога е направена додела, братот треба темелно да биде упатен во она што точно се бара од него. „Каде што нема советување“, предупредува Изреки 11:14, „народот опаѓа“.
Не е баш најдобро на еден брат само да му се каже да ја преземе должноста од друг слуга за извештаите, списанијата, или одделот за литература. Понекогаш новоназначениот слуга наследува неточна или некомплетна евиденција. Колку обесхрабрувачки! „Сѐ да се врши како прилега и уредно“, укажува 1. Коринтјаните 14:40. Старешините треба да преземат иницијатива да ги обучуваат браќата со тоа што ќе ги запознаат со собраниските процедури и што самите ќе бидат пример во следењето на таквите процедури. На пример, старешините треба да се погрижат собраниските извештаи да се прегледуваат секои три месеци. Запоставувањето на една ваква важна подготовка може да доведе до проблеми и поткопување на респектот што слугите помошници го имаат спрема организациските упатства.
Но, да речеме дека братот изгледа немарен во извршувањето на одредена задача? Наместо по кратка постапка да го сменат од неговата доделба, старешините треба најнапред да подискутираат со него за тоа. Можеби проблемот е во недоволната обученост. Ако братот и понатаму има проблеми во извршувањето на својата задача, можеби ќе има успех во извршување на друга задача.
Старешините исто така ќе придонесуваат кон хармонијата со тоа што ќе покажуваат понизност. Филипјаните 2:3 ги поттикнува христијаните да не прават ‚ништо од љубов кон препирање или за празна слава, но од понизност да се сметаат еден друг за погорен од себе си‘. Така, еден старешина треба да се труди да соработува ако некој редар го упати да седне на одредено место во салата, а не да мисли дека, затоа што е старешина, не треба да послуша. Можеби редарот едноставно ги следи упатствата да се седи во различни делови од салата, иако треба да има на ум дека не постои правило да мора сите да прават така.a Старешината треба да избегнува непотребно да ги отфрла одлуките во врска со работите што се доделени на слуга помошник.
Слугите помошници работат во хармонија
„Слугите помошници треба исто така да бидат сериозни“, забележал апостол Павле (1. Тимотеј 3:8, НС). Ако гледаат со сериозност на својата задача — како на дел од нивната света служба — тоа многу ќе помогне да се спречи развивање на напнати ситуации. Ако си слуга помошник, дали своите обврски ги извршуваш со ентузијазам? (Римјаните 12:7, 8). Дали доволно си се потрудил за да станеш вешт во извршувањето на своите обврски? Дали си доверлив и сигурен? Дали покажуваш дух на спремност кога е во прашање доделување на задачи? Во една африканска земја, еден слуга помошник во собранието извршува три различни задачи. Каков е неговиот став? „Па, тоа едноставно значи повеќе напорна работа“, вели тој, „а напорната работа нема да те убие“. Навистина, оние кои се даваат себеси, уживаат најголема среќа (Дела 20:35).
И ти можеш да сториш многу за да придонесеш кон хармонијата со тоа што во потполност ќе соработуваш со старешините. „Покорувајте им се на наставниците ваши и бидете послушни“, се вели во Евреите 13:17, „оти тие, бидејќи се задолжени да одговараат, бдеат за вашите души, — та со радост тоа да го вршат, а не со воздишки, зашто тоа не е полезно за вас“. Вистина, старешините се несовршени луѓе и лесно може да им се најде грешка. Меѓутоа, критичкиот став раѓа недоверба. Може да ја уништи твојата радост и може неповолно да влијае на останатите во собранието. Според тоа, апостол Петар го дал следниов совет: „Вие, помладите, покорувајте им се на свештениците [старешините, НС]; а сите, пак, покорувајте се еден на друг . . . Смирете се [понизете се, НС] под крепката рака Божја, за да ве воздигне, кога ќе дојде времето“ (1. Петрово 5:5, 6).
Ваквиот совет е особено прикладен ако мислиш дека те превиделе што се однесува до предностите на служење. Можеби си ‚тежнеел по служба на надгледник‘, но, не си бил наименуван (1. Тимотеј 3:1, НС). Скромноста на мислите ќе ти помогне да задржиш „став на чекање“ (Плач Јеремиин 3:24, НС). Наместо да развиваш став на огорченост спрема старешините — што сигурно ќе го ослаби вашиот добар однос на соработка — запрашај ги дали постојат подрачја на кои би можел да се подобриш. Без сомнение, на твојата искрена спремност да прифатиш и примениш совет, ќе се гледа како на доказ за духовен напредок.
Божествената понизност и скромност ќе му помогнат на слугата помошник да задржи рамнотежа ако има исклучителни способности или образовни и општествени предности. Колку искушувачки може да биде за него, да се обиде да ги надмине старешините или да сврти внимание на своите сопствени способности! Изреки 11:2 нѐ потсетуваат дека „мудроста е со смирените [скромните, НС]“. Скромниот брат е свесен за своите граници. Тој е спремен мирно да си работи во позадината и да ги искористи своите способности за да ги поддржува старешините. Скромноста може исто така да му помогне да сфати дека, иако можеби има големо знаење на световно поле, сѐ уште има недостатоци во важните подрачја на духовната мудрост и остроумноста — способности во кои можеби старешините се истакнуваат (1. Коринтјаните 1:26–2:13; Филипјаните 1:9).
Очигледно, старешините и слугите помошници играат битна улога. Заедно, тие можат да сторат многу во изградувањето на сите во собранието. Но, за да го сторат тоа, тие мора да работат заедно и во хармонија, ‚со секаква смиреност и кротост, со долготрпеливост, поднесувајќи се еден друг со љубов, трудејќи се да го запазат единството на Духот преку врските на мирот‘ (Ефесјаните 4:2, 3).
[Фуснота]
[Слики на страница 27]
Старешините гледаат на слугите помошници, не како на подредени, туку како на Божји слуги