Бидете нежно сочувствителни
„Облечете се во милосрдност, доброта“ (КОЛОСЈАНИТЕ 3:12).
1. Зошто сочувството е особено потребно денес?
НИКОГАШ порано во историјата не им била потребна сочувствителна помош на толку многу луѓе. Со оглед на болестите, гладот, невработеноста, криминалот, војните, анархијата и природните катастрофи, на милиони им е потребна помош. Но, постои еден многу посериозен проблем, а тоа е очајната духовна состојба на човештвото. Сатана, кој знае дека времето му е кратко, „ја мами целата вселена [населена земја, НС]“ (Откровение 12:9, 12). Затоа, особено оние кои се надвор од вистинското христијанско собрание се во опасност да ги изгубат животите, а Библијата исклучува секаква надеж за воскресение на оние кои ќе бидат погубени во текот на Божјиот иден суден ден (Матеј 25:31-33, 41, 46; 2. Солунјаните 1:6-9).
2. Зошто Јехова се воздржувал да ги уништи злобните?
2 Сепак, сѐ до овој завршен дел од последните денови, Јехова Бог и понатаму покажува стрпливост и сочувство спрема неблагодарните и злите (Матеј 5:45; Лука 6:35, 36). Тоа го сторил од истата причина поради која го одложувал казнувањето на неверната израелска нација. „,Жив сум Јас, вели Господ Бог: Јас не ја сакам смртта на грешникот, туку грешникот да се одврати од својот пат и да остане жив. Вратете се, вратете се од вашите лоши патишта; зошто да умирате вие, доме Израилев?‘“ (Језекиил 33:11).
3. Каков пример имаме за Јеховиното сочувство спрема оние кои не се негов народ, и што учиме од тоа?
3 Јехова покажал сочувство и спрема злите ниневијци. Тој го испратил својот пророк Јона да ги предупреди на претстојното уништување. Тие реагирале позитивно на Јониното проповедање и се покајале. Тоа го поттикнало сочувствителниот Бог, Јехова, да се воздржи од уништување на градот во тоа време (Јона 3:10; 4:11). Ако Бог чувствувал жал за ниневијците, кои би ја имале можноста за воскресение, тогаш колку повеќе мора да има сочувство спрема луѓето кои денес се соочуваат со вечно уништување! (Лука 11:32).
Беспримерно дело на сочувство
4. Како го изразува Јехова своето сочувство спрема луѓето денес?
4 Во склад со својата сочувствителна природа, Јехова ги овластил своите Сведоци и понатаму да ги посетуваат ближните со ‚Евангелието за царството‘ (Матеј 24:14). А кога луѓето реагираат со ценење за ова животоспасувачко дело, Јехова им ги отвора срцата да ја сфатат пораката за Царството (Матеј 11:25; Дела 16:14). Имитирајќи го својот Бог, вистинските христијани покажуваат нежно сочувство така што повторно ги посетуваат заинтересираните и им помагаат, ако е можно, преку библиска студија. Така, во 1993, преку четири и пол милиони Сведоци на Јехова, во 231 земја, поминале повеќе од една милијарда часови во проповедање од куќа до куќа и во проучување на Библијата со своите ближни. Овие новозаинтересирани, пак, ја имаат приликата да му ги предадат своите животи на Јехова и да се приклучат во редовите на неговите крстени Сведоци. На тој начин, и тие се обврзуваат на ова беспримерно дело на сочувство во корист на можните ученици кои сѐ уште се фатени во замката на Сатановиот свет што е на умирање (Матеј 28:19, 20; Јован 14:12).
5. Што ќе ѝ се случи на религијата која погрешно го прикажувала Бог кога божественото сочувство ќе ја достигне својата граница?
5 Наскоро Јехова ќе дејствува како „воин“ (2. Мојсеева 15:3, НС). Од сочувство кон своето име и својот народ, тој ќе ја отстрани злобата и ќе воспостави еден праведен нов свет (2. Петрово 3:13). Првите кои ќе го искусат Божјиот ден на гнев ќе бидат црквите на т. н. христијанство. Исто како што Бог не го поштедил својот храм во Ерусалим од раката на вавилонскиот цар така нема да ги поштеди ни религиозните организации кои погрешно го прикажувале. Во срцето на членовите на Обединетите нации Бог ќе им стави мисла да го уништат т. н. христијанство и сите други облици на лажната религија (Откровение 17:16, 17). „Затоа“, изјавува Јехова, „и окото мое нема да ги пожали и нема да се смилува: делата нивни ќе ги свртам врз нивните глави“ (Језекиил 9:5, 10).
6. На кои начини Јеховините сведоци се поттикнати да покажуваат сочувство?
6 Додека сѐ уште има време, Јеховините сведоци продолжуваат да покажуваат сочувство спрема своите ближни, така што ревносно ја проповедаат Божјата порака на спасение. И секако, кога тоа е можно, исто така им помагаат на луѓето кои се во материјална оскудица. Сепак, во овој поглед, нивната првенствена одговорност е да се грижат за потребите на блиските членови на семејството и за оние кои се поврзани со нив во верата (Галатјаните 6:10; 1. Тимотеј 5:4, 8). Многуте мисии на хуманитарна помош што ги извршиле Јеховините сведоци во корист на соверниците кои страдале од различни несреќи, претставуваат впечатливи примери на сочувство. Меѓутоа, христијаните не мораат да чекаат да дојде до некаква криза па тогаш да покажат нежно сочувство. Тие веднаш ја покажуваат оваа особина во згодите и незгодите од секојдневниот живот.
Сочувството — дел од новата личност
7. а) Како е поврзано сочувството со новата личност според Колосјаните 3:8-13? б) Што ќе им биде полесно на христијаните да прават ако имаат нежна наклоност?
7 Точно е дека нашата грешна природа и лошото влијание од Сатановиот свет нѐ спречуваат да бидеме нежно сочувствителни. Затоа Библијата нѐ поттикнува да го отфрлиме „гневот, лутината, злобата, хулењето, срамните зборови“. Наместо тоа, советувани сме да ‚ја облечеме новата личност‘ (НС) — личност која се прилагодува на Божјата слика. А пред сѐ, заповедано ни е да се облечеме „во милосрдност, доброта, смиреност, кротост и долготрпеливост“. Библијата понатаму ни покажува еден практичен начин како да ги покажуваме овие особини. „Трпете се еден со друг и проштавајте си. Ако некој има поплака на некого, како што Христос [Јехова, НС] ви прости, така и вие направете!“ Многу полесно ќе простуваме ако сме негувале „нежна наклоност на сочувство“ (НС) спрема нашите браќа (Колосјаните 3:8-13).
8. Зошто е важно да имаме дух на простување?
8 Од друга страна, пропустот сочувствително да простуваме го загрозува нашиот однос со Јехова. Исус силно го покажал тоа во неговата илустрација за робот кој не сакал да прости, и кого неговиот господар го ставил в затвор ‚додека не му го исплатил целиот свој долг‘. Овој роб го заслужил ваквото постапување бидејќи на запрепастувачки начин пропуштил да покаже сочувство спрема еден друг роб кој молел за милост. Исус ја завршил илустрацијата со зборовите: „Така и Мојот Отец небесен ќе направи со вас, ако секој од вас не му ги прости од срце гревовите на брата си“ (Матеј 18:34, 35).
9. Како е поврзано сочувството со најважниот аспект од новата личност?
9 Да се биде нежно сочувствителен е важен аспект на љубовта. А љубовта е знак за препознавање на вистинското христијанство (Јован 13:35). Затоа, библискиот опис на новата личност заклучува: „А над сето тоа облечете се во љубов, која е врска на совршенството [совршена врска на единство, НС]“ (Колосјаните 3:14).
Зависта — препрека за сочувството
10. а) Што може да предизвика љубомората да пушти корен во нашите срца? б) Какви лоши резултати можат да произлезат од љубомората?
10 Поради нашата грешна човечка природа, чувствата на завист можат лесно да пуштат корен во нашите срца. Некој брат или сестра можеби е благословен(а) со природни способности или со материјални предности коишто ние ги немаме. Или, можеби некој добил некаков посебен духовен благослов и предности. Ако им завидуваме на таквите, дали ќе бидеме во состојба да постапуваме кон нив со нежно сочувство? Веројатно не. Наместо тоа, чувствата на љубомора можат конечно да се покажат преку критизерски говор или нељубезни дела, зашто за луѓето Исус рекол: „Од преполнето срце зборува устата негова“ (Лука 6:45). Таквото критизерство можат да го поддржат и други и на тој начин да биде разорен мирот во едно семејство или во некое собрание на Божјиот народ.
11. Како Јосифовите десетмина браќа го истиснале сочувството од своите срца, и со какви последици?
11 Размисли што се случило во едно големо семејство. Јакововите десетмина најстари синови станале љубоморни на нивниот најмлад брат Јосиф затоа што овој бил љубимец на татко им. Како последица на тоа, ‚не можеле убав збор да му кажат‘. Подоцна, Јосиф бил благословен со божествени соништа кои докажале дека ја имал Јеховината благонаклоност. Тоа предизвикало неговите браќа ‚да му позавидат [да го мразат, НС]‘. Бидејќи не ја искорениле љубомората од своите срца, таа им го истиснала сочувството и довела до сериозен грев (1. Мојсеева 37:4, 5, 11).
12, 13. Што треба да правиме кога во нашето срце ќе влезат чувства на љубомора?
12 Немилосрдно го продале Јосифа во ропство. Во обид да го прикријат својот престап, го излажале татка си да помисли дека Јосиф бил растргнат од некоја дива ѕверка. Со години подоцна, кога гладот ги присилил да слезат во Египет за да купат храна, нивниот грев бил откриен. Управителот на храната, Јосиф, кого тие не го препознале, ги обвинил за шпионажа и им рекол да не бараат повторно помош од него ако не го доведат нивниот најмлад брат, Венијамин. Во меѓувреме, Венијамин станал љубимец на татко им и тие знаеле дека Јаков не ќе сака да го пушти.
13 И така, додека стоеле пред Јосиф, совеста ги натерала да признаат: „Ова е казната поради братот наш [Јосиф]; не ја почувствувавме маката на душата негова кога ни се молеше [кога нѐ преколнуваше за сочувство, НС], но ние се оглушивме. О затоа и нѐ снајде ова зло“ (1. Мојсеева 42:21). Со своето сочувствително, а сепак одлучно постапување, Јосиф им помогнал на своите браќа да ја докажат искреноста на нивното каење. Потоа им го открил својот идентитет и великодушно им простил. Семејното единство било обновено (1. Мојсеева 45:4-8). Како христијани, треба да извлечеме поука од ова. Бидејќи ги знаеме лошите последици од зависта, треба да го молиме Јехова за помош за да ги замениме чувствата на љубомора со „милосрдност“.
Други препреки за сочувството
14. Зошто треба да избегнуваме непотребно да се изложуваме на насилство?
14 Една друга препрека за нашата сочувствителност може да биде ако непотребно се изложуваме на насилство. Спортот и забавата кои прикажуваат насилство, поттикнуваат крвожедност. Во библиски времиња, паганите редовно гледале гладијаторски натпревари и други видови на човечко мачење во арените на Римската империја. Таквата забава, според еден историчар, „ги уништила чувствата на сомилост спрема страдањето, кои човекот го разликуваат од животинските суштества“. Поголемиот дел од забавата во денешниот современ свет го има истиот учинок. Христијаните, кои се стремат да бидат нежно сочувствителни, треба да бидат особено избирливи во поглед на она што го читаат, филмовите и ТВ програмите. Тие мудро ги чуваат во своите мисли зборовите од Псалм 11:5 (НС): „Секого, кој го сака насилството, [Јехова] сигурно го мрази“.
15. а) Како може некој да открие сериозен недостиг на сочувство? б) Како реагираат вистинските христијани на потребите на соверниците и ближните?
15 На себичното лице веројатно му недостига и сочувство. Тоа е сериозна работа, како што објаснува апостол Јован: „А кој има световни блага, па кога ќе го види брата си во немаштина, та го затвори срцето свое [своите нежни сочувства, НС] од него — како тогаш ќе пребива во таков Божјата љубов?“ (1. Јованово 3:17). Сличен недостиг на сочувство покажале самобендисаниот свештеник и левитот од Исусовата илустрација за милосрдниот Самарјанин. Кога ја виделе лошата состојба на својот полумртов еврејски брат, овие поминале на другата страна од патот и продолжиле понатаму (Лука 10:31, 32). Од друга страна, сочувствителните христијани брзо реагираат кога нивните браќа имаат некакви материјални и духовни потреби. Како Самарјанинот од Исусовата илустрација, и тие се загрижени за потребите на туѓинците. Затоа, радо го даваат своето време, енергија и средства за да го унапредат делото на правење ученици. На овој начин, придонесуваат за спасението на милиони луѓе (1. Тимотеј 4:16).
Сочувство спрема болните
16. Со какви ограничувања се среќаваме кога станува збор за случаи на болест?
16 Болеста е судбина на несовршеното човештво кое е на умирање. Христијаните не се исклучок, и повеќето од нив не се медицински професионалци, ниту, пак, можат да прават чуда како некои од раните христијани кои добиле таква моќ од Христа и од неговите апостоли. Со смртта на Христовите апостоли и нивните непосредни придружници, таквите чудотворни сили исчезнале. Затоа, нашата способност да им помагаме на оние кои страдаат од физичка болест, вклучувајќи и аномалии на мозокот и халуцинации, е ограничена (Дела 8:13, 18; 1. Коринтјаните 13:8).
17. Каква поука извлекуваме од начинот на кој бил третиран болниот и ужален Јов?
17 Болестите честопати се придружени со депресија. На пример, богобојазливиот Јов бил многу депримиран поради тешката болест и неволјите што Сатана му ги нанел (Јов 1:18, 19; 2:7; 3:3, 11-13). Му требале пријатели кои би се однесувале кон него со нежно сочувство и кои би го ‚утешувале‘ (1. Солунјаните 5:14). Наместо тоа, тројцата таканаречени тешители го посетиле и избрзале со погрешни заклучоци. Тие ја отежнале Јововата потиштена состојба, сугерирајќи дека неговите неволји се должат на некаква негова грешка. Бидејќи се нежно сочувствителни, христијаните ќе избегнуваат да паднат во слична замка кога соверниците се болни или потиштени. Понекогаш, сѐ што им треба на таквите се неколку љубезни посети од старешините или од други зрели христијани кои ќе слушаат со сочувство, ќе покажат разбирање и ќе дадат љубезен библиски совет (Римјаните 12:15; Јаков 1:19).
Сочувство кон слабите
18, 19. а) Како треба да постапуваат старешините спрема слабите и спрема оние кои грешат? б) Зошто е важно старешините да се однесуваат спрема престапниците со нежно сочувство, дури и ако е неопходно да се свика правен одбор?
18 Особено старешините мораат да бидат нежно сочувствителни (Дела 20:29, 35). „Ние силните должни сме да ги поднесуваме немоштите на слабите“, заповеда Библијата (Римјаните 15:1). Бидејќи сме несовршени, сите ние правиме грешки (Јаков 3:2). Неопходна е нежност во постапувањето со оној кој ‚прави погрешен чекор пред да биде свесен за тоа‘ (Галатјаните 6:1, НС). Старешините никогаш не сакаат да бидат како самобендисаните фарисеи кои биле неразумни во начинот на којшто го применувале Божјиот Закон.
19 Напротив, старешините ги следат нежно сочувствителните примери на Јехова Бог и Исус Христос. Нивната главна задача е да ги хранат, охрабруваат и закрепнуваат Божјите овци (Исаија 32:1, 2). Место да се обидуваат да ги контролираат работите преку мноштво правила, тие се повикуваат на извонредните начела од Божјата Реч. Затоа, старешините треба да изградуваат, да донесуваат радост и ценење за Јеховината доброта во срцата на нивните браќа. Ако некој соверник направи помала грешка, старешината обично ќе избегнува да го исправа пред други. Ако воопшто е потребно да се разговара, нежното сочувство ќе го мотивира старешината да го повика дотичниот настрана и да поразговара за проблемот подалеку од ушите на другите. (Спореди Матеј 18:15.) Без разлика колку некој е тежок карактер, старешината треба да биде стрплив и да помага. Тој никогаш нема да сака да бара оправдувања за да го исфрли таквиот од собранието. Дури и ако е неопходно да се свика правен одбор, старешините ќе покажуваат нежно сочувство во постапувањето со лицето кое е вклучено во сериозен престап. Нивната благост може да помогне да го доведат таквиот до покајание (2. Тимотеј 2:24-26).
20. Кога се неприкладни емоционалните изрази на сочувство, и зошто?
20 Сепак, има времиња кога еден Јеховин слуга не може да покаже сочувство. (Спореди 5. Мојсеева 13:6-9.) За еден христијанин може да биде вистински испит да ‚не се дружи‘ со некој близок пријател или роднина кој е исклучен. Во таков случај, важно е да не им се попушти на чувствата на сожалување (1. Коринтјаните 5:11-13). Таквата цврстина може дури да го охрабри престапникот да се покае. Освен тоа, кога има работа со спротивниот пол, христијанинот мора да избегнува неприкладни изрази на сочувство кои би можеле да доведат до сексуален неморал.
21. На кои други подрачја треба да покажуваме нежно сочувство и кои се користите од тоа?
21 Немаме доволно простор да продискутираме за многуте разновидни подрачја каде што е потребно нежно сочувство — во постапувањето со постарите, со ужалените или со оние кои поднесуваат прогонство од сопружници кои не се верници. Исто така, треба да се однесуваме со нежно сочувство и спрема старешините кои напорно работат (1. Тимотеј 5:17). Почитувај ги и поддржувај ги (Евреите 13:7, 17). „Сите вие бидете . . . нежно сочувствителни“, напишал апостол Петар (1. Петрово 3:8, НС). Постапувајќи вака во сите ситуации кои го изискуваат тоа, ќе придонесеме за единството и среќата во собранието и ќе ги привлечеме надворешните кон вистината. А над сѐ, со тоа му оддаваме чест на нашиот нежно сочувствителен Татко, Јехова.
Прашања за повторување
◻ Како покажува Јехова сочувство спрема грешното човештво?
◻ Зошто е важно да се биде нежно сочувствителен?
◻ Што може да нѐ спречува да бидеме нежно сочувствителни?
◻ Како треба да постапуваме со болните и потиштените?
◻ Кој треба особено да биде нежно сочувствителен, и зошто?
[Рамка на страница 19]
НЕСОЧУВСТВИТЕЛНИТЕ ФАРИСЕИ
САБАТНИОТ ден на одмор бил предвиден да биде духовен и физички благослов за Божјиот народ. Меѓутоа, еврејските верски водачи поставиле многу правила кои го срамотеле Божјиот закон за Сабатот и го направиле тегобен за луѓето. На пример, ако некој доживеал несреќа или ако страдал од болест, не можел да добие помош на Сабат, доколку животот не му бил во опасност.
Една фарисејска школа била толку строга во своето толкување на законот за Сабатот, што велела: „На Сабат не смеат да се тешат ужалените, ниту, пак, да се посетуваат болни луѓе“. Други верски водачи дозволувале такви посети на Сабат, но под услов: „Солзите се забранети“.
Затоа, Исус со право ги осудил еврејските верски водачи поради тоа што ги превидувале поважните барања на Законот, како што е правдата, љубовта и милоста. Не е ни чудо што на фарисеите им рекол: „Престапувајќи го [го правите неважечко, НС] словото Божјо со вашето предание!“ (Марко 7:8, 13; Матеј 23:23; Лука 11:42).
[Слики на страница 17]
Во 231 земја, Јеховините сведоци извршуваат беспримерно дело на сочувство во домовите на луѓето, на улиците, па дури и во затворите
[Слика на страница 18]
Изложеноста на насилство, како што е онаа на ТВ, го поткопува нежното сочувство