Јехова владее со сочувство
НИЗ историјата, многу човечки владетели ја употребувале власта во бездушно занемарување на страдањата на своите поданици. Меѓутоа, Јехова дал еден контраст со тоа што избрал една нација — Израел — и владеел со неа на сочувствителен начин.
Уште додека Израелците биле робови во древниот Египет, Јехова ги чул нивните повици за помош. „Во секоја нивна жалост Он не ги оставаше [за него беше мачно, НС] . . . со Својата љубов и добросрдечност [сочувство, НС] Он ги искупи“ (Исаија 63:9). Јехова го спасил Израел, го обезбедил со чудотворна храна и го избавил во земја која станала негова.
Јеховината особина сочувство понатаму била манифестирана во законите што ѝ ги дал на оваа нација. На Израелците им заповедал да постапуваат сочувствително спрема сираците, вдовиците и странските резиденти. Тие не смееле на нефер начин да ги искористуваат онеспособените.
Законот барал да се покажува сочувство спрема оние кои се во нужда. Сиромасите можеле да паберкуваат после жетвата. Во Сабатната (седмата) година, долговите биле поништувани. Сета наследна земја што била продадена, морала да се врати во Јубилејната (50-та) година. Ancient Israel—Its Life and Institutions (Древниот Израел — неговиот живот и институции) известува: „Во Израел, никогаш вистински не постоеле социјални класи во современа смисла на зборот“. „Во раните денови на населувањето, сите Израелци уживале повеќе или помалку ист стандард на живеење“ (3. Мојсеева 25:10; 5. Мојсеева 15:12—14; 24:17—22; 27:18).
Да се имитира Јеховиното сочувство
Божјите слуги се инспирирани од неговото сочувство. На пример, низ историјата, некои нови цареви ги убивале преживеаните членови од претходната кралска династија. Но, Јеховиниот слуга Давид не го сторил тоа. После смртта на цар Саул, Давид го заштитил Мемфивостеј, преживеаниот внук и наследник на Саул. „Царот го пожали [сочувствуваше со, НС] Мемфивостеја, синот на Јонатана, Саулов син“ (2. Царства 21:7).
Ниеден друг човек не го имитирал Јеховиното сочувство како што го имитирал Исус. Многу од неговите чуда биле мотивирани од побожно сочувство. Во една прилика, некој лепрозен го преколнувал: „Ако сакаш, можеш да ме очистиш“. Исус бил трогнат од сожалување и го допрел, велејќи: „Сакам! Очисти се!“ (Марко 1:40—42). Друг пат, големи толпи го следеле Исуса. Среде вревата, Исус им обрнал внимание на двајца слепци кои викале: „ ,Помилуј нѐ, Господи, Сине Давидов!‘ . . . И Исус се смилува [беше трогнат од сожалување, НС] и се допре до нивните очи, и веднаш им прогледаа очите нивни“ (Матеј 20:29—34).
Големите толпи не ги умртвиле Исусовите чувства спрема другите. Поради тоа што ништо немале јадено некое време, во една прилика тој рекол: „Ми е жал за народот“. Затоа, ги нахранил на чудотворен начин (Марко 8:1—8). Кога Исус одел на турнеја, тој не само што ги поучувал мноштвата туку ги забележувал и нивните потреби (Матеј 9:35, 36). После една таква турнеја, Исус и неговите ученици немале слободно време дури ни да земат оброк. Библискиот извештај ни кажува: „И отидоа со кораб сами во осамено место. И ги виде народот кога си одеа; и Го познаа мнозина, па пеш од сите градови тргнаа таму; ги испреварија и се собраа при Него. А Исус, кога излезе, виде многу народ и се смилува над нив, зашто беа како овци без пастир; и почна да ги поучува многу“ (Марко 6:31—34).
Она што го трогнало Исуса не биле само болеста и сиромаштијата на луѓето туку и нивната духовна состојба. Нивните водачи ги искористувале, па затоа Исус ‚се смилувал над нив [бил трогнат од сожалување, НС]‘. Грчкиот збор за „беше трогнат од сожалување‘ значи „да чувствува како утробата му копнее“. Исус навистина бил сочувствителен човек!
Сочувство во еден суров свет
Исус Христос сега е Цар на Јеховиното небесно Царство. Како што правел во древниот Израел, и денес Бог владее со својот народ со сочувство. „И тие ќе бидат Мои, вели Господ Саваот, Моја сопственост во оној ден, што ќе го приготвам, и ќе ги милувам [ќе покажам сочувство, НС]“ (Малахија 3:17).
Оние кои сакаат да бидат приматели на Јеховиното сочувство, мораат да ги имитираат неговите патишта. Вистина, живееме во еден свет во кој луѓето повеќе се заинтересирани за сочувување на својот начин на живот отколку да им помагаат на оние во нужда. Луѓето на власт честопати бараат профит по цена на безбедноста на работниците и потрошувачите. Во 2. Тимотеј 3:1—4, Библијата точно ја опишува моралната клима на нашево време која го убила сочувството во срцата на толку многу луѓе.
Сепак, веројатно можеме да најдеме прилики да покажуваме сочувство. Дали би можеле да им понудиме потребна помош на нашите ближни? Дали има некој болен кого би можеле да го посетиме? Дали би можеле да ги развеселиме оние кои се потиштени, во склад со советот: „Утешувајте ги малодушните, поткрепувајте ги слабите“? (1. Солунјаните 5:14).
Сочувството исто така ќе ни помогне да избегнеме да реагираме остро кога другите прават грешки. Речено ни е: „Секое огорчение и јарост, гнев, викање и хулење нека бидат подалеку од вас заедно со секоја друга злоба; а еден спрема друг бидете добри, сочувствителни, проштавајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости во Христа“ (Ефесјаните 4:31, 32).
Сочувството ќе ни помогне да ја избегнуваме тенденцијата да ја злоупотребуваме моќта. Библијата вели: „Облечете се во милосрдност, доброта, смиреност [понизност на умот, НС], кротост и долготрпеливост“ (Колосјаните 3:12). Понизноста на умот ни овозможува да се ставиме себеси во положбата на оние кои се под наше надгледување. Да бидеш сочувствителен подразбира да бидеш понизен и разумен, а не таков на кој тешко му се угодува. Ефикасноста не треба да биде оправдување за да се постапува со луѓето како со обични делови од некоја машина. Исто така, во семејството, сочувствителните сопрузи помнат дека нивните сопруги се послаби садови (1. Петрово 3:7). Размислувањето за Исусовиот сочувствителен пример може да ни помогне во сево ова.
Поради тоа што Исус толку длабоко сочувствувал со луѓето за време на својата земна служба, можеме да бидеме сигурни дека тој сега е сочувствителен Владетел, а и понатаму ќе биде. Псалм 71 за него пророчки вели: „Он ќе им суди на бедните меѓу луѓето, и ќе ги спаси синовите на сиромасите, а клеветникот ќе го понизи. И ќе владее од море до море и од реката до краиштата на земјата. Ќе го поштеди бедниот и сиромавиот и ќе го спаси животот на сиромасите“ (Псалм 71:4, 8, 13).
Божјата Реч претскажува: „Он ќе им суди на сиромасите по правда, и делата на страдалците во земјата ќе ги решава според вистината . . . ќе го убие нечесниот“. Откако опишува како дури и некои сурови луѓе слични на животни ќе ги променат своите патишта, пророштвото продолжува: „Нема да прават зло и штета по целата Моја света гора, зашто земјата ќе биде полна со познавање на Господа, како што водите го полнат морето“ (Исаија 11:4—9). Ова пророштво не ветува ништо помалку туку едно општество од луѓе ширум Земјата кои го познаваат Јехова и ги имитираат неговите сочувствителни патишта!