Каде се мртвите?
„ЗЕМЈАТА е пазар; небото е нашиот дом“, вели една изрека на Јоруба — народ од западна Африка. Оваа замисла се провлекува во многу религии. Ја изразува идејата дека Земјата е како пазар кој го посетуваме за кратко време, а потоа си заминуваме. Според ова верување, по смртта одиме на небо — нашето вистинско живеалиште.
Библијата навистина учи дека некои одат на небо. На своите верни апостоли Исус Христос им рекол: „Во домот на Мојот Отец има многу места за живеење. . . . Одам да ви приготвам место. И кога ќе отидам и ви приготвам место, пак ќе дојдам, и ќе ве земам вас при Себе за да бидете и вие каде што сум Јас“ (Јован 14:2, 3).
Значењето на Исусовите зборови не е дека сите добри луѓе одат на небо или дека небото е дом на човештвото. Некои се земени на небо во врска со владеењето над Земјата. Јехова Бог знаел дека човечките влади нема никогаш успешно да управуваат со работите на Земјата. Поради тоа, направил подготовки за една небеска влада, односно Царство кое со текот на времето ќе ја преземе контролата над Земјата и ќе ја претвори во Рајот што првобитно имал намера да го воспостави (Матеј 6:9, 10). Исус ќе биде Цар на Божјето Царство (Даниил 7:13, 14). Другите што ќе владеат со него, ќе бидат избрани од човештвото. Библијата претскажала дека оние кои ќе бидат земени на небо, ќе бидат ‚цареви и свештеници пред нашиот Бог‘ и ќе ‚царуваат на [над, НС] Земјата‘ (Откровение 5:10).
Кој оди на небо?
Земајќи ја предвид големата одговорност што ќе ја имаат овие небески владетели, не зачудува тоа што треба да задоволат строги барања. Оние кои одат на небо мора да имаат точно спознание за Јехова и мора да му бидат послушни (Јован 17:3; Римјаните 6:17, 18). Од нив се бара да покажуваат вера во откупната жртва на Исус Христос (Јован 3:16). Сепак, тоа вклучува многу повеќе. Тие мора да бидат повикани и избрани од Бог преку неговиот Син (2. Тимотеј 1:9, 10; 1. Петрово 2:9). Освен тоа, мора да бидат крстени христијани кои се ‚повторно родени‘ (НС), родени преку Божјиот свет дух (Јован 1:12, 13; 3:3-6). Тие исто така треба да задржат беспрекорност пред Бог сѐ до смртта (2. Тимотеј 2:11-13; Откровение 2:10).
Безброј милиони луѓе кои живееле и умреле не ги задоволиле овие барања. Многумина имале мала можност да се поучат за вистинскиот Бог. Други, пак, никогаш не ја читале Библијата и за Исус Христос знаеле само малку или скоро ништо. Дури и помеѓу вистинските христијани на Земјата денес, малкумина се избрани од Бог за небесен живот.
Согласно со тоа, бројот на оние кои одат на небо ќе биде релативно мал. Исус се осврнал на таквите како на „мало стадо“ (Лука 12:32). Подоцна, на апостол Јован му било откриено дека оние кои се „откупени од земјата“ за да владеат со Христос на небото, ќе бројат само 144.000 (Откровение 14:1, 3; 20:6). Кога ќе се споредат со милијардите луѓе кои живееле на Земјата, тоа е навистина мал број.
Оние кои не одат на небо
Што се случува со оние кои не одат на небо? Дали се мачат во некое место на вечни маки, како што учат некои религии? Секако дека не, бидејќи Јехова е Бог на љубов. Родителите полни со љубов не ги фрлаат своите деца в оган, а така и Јехова не ги мачи луѓето на еден таков начин (1. Јованово 4:8).
За неизмерното мноштво од оние кои умреле, изгледот е воскресение во еден земски рај. Библијата вели дека Јехова ја создал Земјата „за живеење“ (Исаија 45:18). Псалмистот изјавил: „Небото е Господово небо, а земјата Он им ја даде на синовите човечки“ (Псалм 113:24). Земјата, а не небото, е таа која ќе биде постојан дом на човештвото.
Исус претскажал: „Иде часот кога сите, кои што се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји, и ќе излезат“ (Јован 5:27-29). Христијанскиот апостол Павле потврдил: „Се надевам на Бога, оти ќе има воскресение на мртвите, на праведните и на неправедните“ (Дела 24:15). На маченичкиот столб, Исус му ветил живот на покајничкиот злосторник, преку воскресение во еден земски рај (Лука 23:43).
Но, каква е моменталната состојба на мртвите кои ќе бидат воскреснати за живот на Земјата? Еден настан од службата на Исус помага да се одговори ова прашање. Неговиот пријател Лазар умрел. Пред да отиде да го воскресне, Тој им рекол на Своите ученици: „Лазар, пријателот наш, заспал; но ќе отидам да го разбудам“ (Јован 11:11). Така Исус ја споредил смртта со спиење, длабоко спиење без соништа.
Спиење во смрт
Другите библиски стихови се во согласност со мислата да се спие во смрт. Тие не научуваат дека луѓето имаат бесмртна душа која при смртта преминува во духовното царство. Наместо тоа, Библијата вели: „Мртвите ништо не знаат . . . и љубовта нивна, и омразата нивна и љубомората нивна веќе исчезнале . . . во гробот, каде што ќе појдеш, нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост“ (Проповедник 9:5, 6, 10). Освен тоа, псалмистот изјавил дека човекот „се враќа во земјата своја: во тој ден исчезнуваат сите негови помисли“ (Псалм 145:4).
Овие стихови јасно покажуваат дека оние кои спијат во смрт не можат да нѐ видат или да нѐ слушнат. Тие не се способни да донесат ниту благослов ниту, пак, несреќа. Не се на небото ниту, пак, живеат во заедница со претците. Тие се безживотни, не постојат.
Во времето што Бог го одредил, оние кои сега спијат во смрт и кои се во негово сеќавање, ќе бидат воскреснати за живот на една рајска Земја. Тоа ќе биде Земја исчистена од загаденоста, грижите и проблемите кои човештвото ги доживува денес. Какво време на радост ќе биде тоа! Во тој Рај тие ќе го имаат изгледот да живеат вечно, бидејќи Псалм 36:29 ни гарантира: „Праведниците ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно“.
[Рамка на страници 6 и 7]
ПРЕСТАНАВ ДА ГИ ОБОЖАВАМ МРТВИТЕ
„Кога бев дете, му помагав на татко ми додека редовно принесуваше жртви на неговиот мртов татко. Во една прилика, кога татко ми оздраве од една ужасна болест, гаталецот му рече дека во знак на благодарност за оздравувањето би требало да принесе на жртва една коза, слатки компири, кола-ореви и ликер за неговиот мртов татко. Исто така, татко ми беше посоветуван да бара од своите мртви претци да го штитат од натамошна болест и несреќа.
Мајка ми купи сѐ што беше потребно за жртвата која требаше да се принесе на гробот од дедо ми. Според локалниот обичај, гробот се наоѓаше до нашата куќа.
Пријатели, роднини и соседи беа повикани да го посматраат жртвувањето. Татко ми, елегантно облечен по повод овој настан, седна на еден стол наспроти олтарот каде што беа наредени неколку черепи од кози кои биле претходно жртвувани. Мојата задача беше да да сипам вино од шише во една мала чаша, која му ја подавав на татко ми. Потоа, тој ја излеваше на земјата како жртва. Тато трипати го извика името на татко му и му се молеше за избавување од идна несреќа.
Беа жртвувани кола-ореви, го заклаа овенот, а потоа го сварија и сите присутни јадеа од него. И јас јадев, и играв по песната и ритамот на тапаните. Татко ми играше прекрасно и непопустливо, иако годините го издаваа. На интервали се молеше неговите претци да ги благословат сите присутни, додека луѓето, вклучувајќи ме и мене, одговараа со Исе, што значи ’Нека биде така‘. Го набљудував татко ми со жив интерес и восхитување и копнеев по денот кога ќе бидам доволно стар да принесувам жртви на мртвите претци.
И покрај многуте принесени жртви, мирот сѐ уште ја заобиколуваше нашата фамилија. Иако мајка ми имаше три преживеани сина, ниту една од нејзините три ќерки кои ѝ се родија не живееја многу долго; сите умреа во детството. Кога мајка ми повторно забремени, татко ми принесе внимателно приготвени жртви, за детето да биде безбедно родено.
Мајка ми роди уште едно девојче. Две години подоцна детето се разболе и умре. Татко ми се консултираше со гаталецот, кој рече дека за смртта бил одговорен некој непријател. Гаталецот рече дека за да може ‚душата‘ на детето да возврати удар, потребни се: запалено парче дрво, едно шише ликер, и едно мало кученце. Запаленото дрво требало да се стави на гробот, ликерот да се попрска на гробот, а кученцето да биде живо закопано покрај гробот. Ова наводно ќе ја разбудело душата на мртвото девојче за да ја одмазди својата смрт.
Јас го носев шишето со ликер и запаленото дрво до гробот, а татко ми го носеше кученцето, кое тој го закопа според упатствата од гаталецот. Сите верувавме дека за седум дни душата на мртвото девојче ќе го уништи лицето кое ја предизвикало нејзината предвремена смрт. Поминаа два месеци, а не чувме дека некој умрел во соседството. Се разочарав.
Во тоа време имав 18 години. Кратко потоа се сретнав со Јеховини сведоци, кои од Библијата ми покажаа дека мртвите не можат да им сторат на живите ниту добро ниту лошо. Како што спознанието за Божјата Реч фаќаше корени во моето срце, му реков на татко ми дека повеќе нема да го придружувам во принесувањето жртви на мртвите. Отпрвин ми беше лут затоа што го напуштам — како што се изрази тој. Но, кога забележа дека не сакам да се откажам од мојата новооткриена вера, не се противеше на моето обожавање на Јехова.
На 18. април 1948, го симболизирав своето предание со крштевање во вода. Оттогаш, продолжив да му служам на Јехова со голема радост и задоволство, помагајќи им и на други да се ослободат од обожавањето на мртви претци, кои не можат ниту да ни помогнат ниту, пак, да ни наштетат“ (Приложено од Џ. Б. Омиегбе, Бенин Сити, Нигерија).
[Слика на страница 7]
Ќе има голема радост кога мртвите ќе бидат воскреснати на една рајска Земја