Можат ли мртвите да нѐ видат?
ЕДНА жена го убива својот маж. Седум години подоцна таа е преплашена од еден сон за кој мисли дека е знак на гнев од нејзиниот мртов сопруг. За да го смири неговиот „дух“, ја испраќа својата ќерка да излее пијалак како жртва на неговиот гроб.
Ќерката не знае што да му каже на татковиот дух, бидејќи жртвата е од мајка ѝ која го убила. Нејзиниот брат посматра од едно скришно место. Тој пристапува и заедно со сестра си упатуваат молитва до нивниот татко да им помогне да му се одмаздат на неговиот убиец.
Оваа сцена е од Надгробни жртвувања, грчка драма, напишана пред повеќе од 2.400 години. Во некои делови на светот, особено во Африка, до ден-денес се принесуваат слични жртви на гробовите.
На пример, разгледај го искуството на Ибе, кој живее во Нигерија. Откако му умреле три деца, се обратил кај гаталец кој му рекол дека смртта на неговите деца не е без причина. Всушност, покојниот татко на Ибе е лут бидејќи не бил погребан на исправен начин.
Следејќи го упатството од гаталецот, Ибе жртвува една коза и излева џин и вино како жртва на татковиот гроб. Го повикува духот на неговиот татко, молејќи го за прошка, ја потврдува својата љубов и бара благослов.
Ибе не се сомнева дека татко му може да го види и да го слушне. Тој не верува дека неговиот татко е безживотен, туку дека при смртта „преминал“ од видливиот во невидливиот свет. Ибе верува дека неговиот татко отишол од светот на тело и крв, во светот на духовите, во доменот на претците.
Ибе резонира на следниов начин: ‚Иако татко ми не е повеќе на овој свет, тој сѐ уште ме помни и е заинтересиран за мојата благосостојба. А бидејќи сега е дух, со поголема моќ, тој е во многу подобра позиција да ми помогне отколку кога беше како човек на Земјата. Освен тоа, може директно да му пристапи на Бог во моја корист, бидејќи и Бог е дух. Можеби татко ми е лут моментално, но ако јас му покажам доследно почитување, ќе ми прости и ќе ме благослови‘.
Во Африка, помеѓу оние кои ја практикуваат традиционалната религија, вообичаено е верувањето дека мртвите ги гледаат луѓето на Земјата и дека влијаат на нивните животи. Тоа е видливо и помеѓу оние кои исповедуваат христијанство. На пример, откако една жена ќе се венча в црква, не е необично да отиде во домот на своите родители за да прими традиционален благослов. Таму се повикуваат претците на помош и им се излева пијалак како жртва. Многу луѓе веруваат дека пропустот да го сторат ова, нанесува несреќа врз бракот.
Се мисли дека претците, или духовите на претците, го осигуруваат преживувањето и просперитетот на нивните фамилии на Земјата. Според ова гледиште, тие се моќни сојузници, способни да донесат богати жетви, да понудат благосостојба и да ги заштитат луѓето од зло. Се заземаат во корист на човекот. Меѓутоа, ако се игнорирани или навредени, нанесуваат неволји — болести, сиромаштво, дури и смрт. Затоа, преку жртви и ритуали, луѓето настојуваат да задржат добри односи со мртвите.
Дали веруваш дека мртвите играат активна улога во животите на живите? Дали некогаш си стоел крај гробот на некој роднина и си се фатил себеси како проговоруваш неколку зборови, само за случај дека тој или таа можеби ќе те слушнат? Сепак, дали мртвите нѐ гледаат и слушаат или, пак, не, зависи од тоа, што се случува при смртта. Да испитаме што вели Библијата во врска со оваа важна тема.