Служи му на Јехова со радосно срце
„Ќе дојдат врз тебе сите овие клетви . . . Зашто ти не Му служеше на Господа, твојот Бог, со весело и радосно срце“ (5. МОЈСЕЕВА 28:45-47).
1. Каков доказ постои дека оние кои му служат на Јехова се радосни, без разлика каде му служат?
ЈЕХОВИНИТЕ слуги се радосни, без разлика дали ја вршат неговата волја на небото или на Земјата. Ангелските ‚утрински ѕвезди‘ радосно извикувале при основањето на Земјата и, без сомнение, миријадите небесни ангели со радост ‚го извршуваат Неговиот збор‘ (Јов 38:4-7; Псалм 102:20). Јеховиниот единороден Син бил радосен „главен работник“ (НС) на небото, а кога бил на Земјата во облик на човекот Исус Христос, му било задоволство да ја врши божествената волја. Освен тоа, ‚поради Неговата идна радост претрпел крст, откако го презрел срамот, и седнал од десната страна на престолот Божји‘ (Изреки 8:30, 31; Евреите 10:5-10; 12:2).
2. Што одлучувало дали Израелците ќе доживеат благослови или проклетства?
2 Израелците доживувале радост кога му угодувале на Бог. Но, што кога не го слушале? Тие биле предупредени: „[Клетви] ќе бидат врз тебе и твоето потомство знак и чудо довека. Зашто ти не Му служеше на Господа, твојот Бог, со весело и радосно срце, поради изобилството во сѐ; ти ќе му служиш на непријателот свој, што ќе ти го испрати Господ, твојот Бог, во глад и жед, во голотија и во секаква скудност; тој ќе ти става на вратот железен јарем, додека не те уништи“ (5. Мојсеева 28:45-48). Благословите и проклетствата јасно покажувале кои биле а кои не биле Јеховини слуги. Тие проклетства исто така потврдувале дека нема играње со Божјите начела и намери, ниту, пак, тие смеат да се презираат. Бидејќи Израелците одбивале да ги послушаат Јеховините предупредувања дека ќе има опустошување и изгнанство, Ерусалим станал „проклетство на сите земни народи“ (Јеремија 26:6). Затоа, да му бидеме послушни на Бог и да се радуваме на неговата милост. Радоста е еден од многуте божествени благослови што ги доживуваат побожните луѓе.
Како да се служи со „радосно срце“
3. Што претставува симболичното срце?
3 Израелците требало да му служат на Јехова „со весело и радосно срце“. Тоа мораат да го прават и Божјите денешни слуги. Да се радуваш значи „да бидеш весел; исполнет со радост“. Иако во Светото писмо се споменува физичкото срце, тоа не размислува и не резонира дословно (2. Мојсеева 28:30, НС). Негова главна функција е да ја пумпа крвта која ги храни телесните клетки. Меѓутоа, во најголемиот број случаи Библијата се осврнува на симболичното срце, кое е повеќе од седиште на склоности, мотивација и интелект. За него се вели дека го означува „централниот дел воопшто, внатрешноста, односно внатрешниот човек кој се манифестира во сите негови различни активности, во неговите желби, во неговите склоности, емоции, страсти, намери, во неговите мисли, сфаќања, имагинации, во неговата мудрост, спознание, вештина, во неговите верувања и расудувања, во неговата меморија и во неговата совест“ — Journal of the Society of Biblical Literature and Exegesis (Општествено списание за библиска литература и егзегеза, 1882, страница 67). Нашето симболично срце ги вклучува нашите чувства и емоции, во кои спаѓа и радоста (Јован 16:22).
4. Што може да ни помогне да му служиме на Јехова Бог со радосно срце?
4 Што може да ни помогне да му служиме на Јехова со радосно срце? Позитивниот и благодарен став за нашите благослови и за предностите што ни се дадени од Бог. На пример, можеме радосно да размислуваме за нашата предност што можеме да му принесуваме „света служба“ на вистинскиот Бог (Лука 1:74, НС). Со тоа е поврзана и предноста да го носиме Јеховиното име како негови Сведоци (Исаија 43:10-12). Кон ова можеме да ја додадеме и радоста што знаеме дека со следење на Божјата Реч му угодуваме на Бог. А каква само радост е да се одразува духовното светло и со тоа да им се помогне на мнозина да излезат од темнината! (Матеј 5:14-16; спореди 1. Петрово 2:9).
5. Кој е изворот на божествената радост?
5 Сепак, служењето на Јехова со радосно срце не е само работа на позитивно размислување. Корисно е да се има позитивен став. Но, божествената радост не е нешто што се создава преку развој на карактерот. Таа е плод на Јеховиниот дух (Галатјаните 5:22, 23). Ако ја немаме таквата радост, можеби треба да направиме промени за да избегнеме да размислуваме или да постапуваме на некој небиблиски начин којшто би можел да го ожалости Божјиот дух (Ефесјаните 4:30). Меѓутоа, како луѓе оддадени на Јехова, да не се плашиме дека недостигот на срдечна радост во некои прилики е доказ дека Бог не нѐ одобрува. Ние сме несовршени и подложни на болка, жалост, а повремено дури и на депресии, но Јехова нѐ разбира (Псалм 102:10-14). Затоа, да молиме за неговиот свет дух, имајќи на ум дека плодот радост е даден од Бог. Нашиот небесен Татко полн со љубов ќе одговори на таквите молитви и ќе нѐ оспособи да му служиме со радост во срцето (Лука 11:13).
Кога ни недостига радост
6. Што треба да сториме ако во нашата служба за Бог ни недостига радост?
6 Ако во нашата служба ни недостига радост, на крајот би можеле да попуштиме во служењето на Јехова или дури да се покажеме неверни кон него. Затоа, мудро ќе биде понизно и во молитва да размислиме за нашите мотиви и да ги направиме неопходните промени. За да ја имаме радоста што ја дава Бог, мораме да му служиме на Јехова од љубов и со сето свое срце, душа и ум (Матеј 22:37). Не смееме да служиме со натпреварувачки став, бидејќи Павле напишал: „Ако живееме со Дух, по Духот сме должни и да постапуваме. Да не бараме лажна слава, еден друг да не предизвикуваме, еден на друг да не завидуваме“ (Галатјаните 5:25, 26). Нема да имаме вистинска радост ако служиме затоа што сакаме да ги надминеме другите или ако бараме пофалба.
7. Како можеме да ја разгориме радоста во срцето?
7 Радосно е да се живее според нашето предание на Јехова. Кога сме биле новопредадени на Бог, ревносно сме почнале со христијанскиот начин на живот. Сме го проучувале Писмото и редовно сме учествувале на состаноците (Евреите 10:24, 25). Ни причинувало радост да учествуваме во службата. Но, што ако нашата радост спласнала? Проучувањето на Библијата, присуствувањето на состаноците, учествувањето во службата — всушност, полното учество во секој аспект од христијанството — треба да им даде на нашите животи духовна стабилност и да ни ја разгори како љубовта што сме ја имале на почетокот така и поранешната радост во срцето (Откровение 2:4). Тогаш нема да бидеме како некои кои се некако без радост и на кои често им треба духовна помош. Старешините радо ќе помогнат, но и ние како поединци мораме да живееме во склад со нашето предание на Бог. Никој друг не може да го стори тоа наместо нас. Затоа, да си поставиме за цел да ја следиме нормалната христијанска рутина за да го исполниме нашето предание на Јехова и за да имаме вистинска радост.
8. Зошто мирната совест е важна ако сакаме да бидеме радосни?
8 За да имаме радост која е плод на Божјиот дух, ни треба мирна совест. Сѐ додека израелскиот цар Давид се обидувал да го сокрие својот грев, бил несреќен. Фактички, се чинело дека неговиот животен сок испарува, а можеби и физички се разболел. Колкаво олеснување почувствувал кога се покајал и се исповедал! (Псалм 31:1-5). Не можеме да бидеме радосни ако криеме некаков сериозен грев. Тоа би можело да предизвика да имаме немирен живот. Секако, не би требало радоста да се доживее на ваков начин. Но, исповедањето и покајувањето донесуваат олеснување и го обновуваат радосниот дух (Изреки 28:13).
Да се чека со радост
9, 10. а) Какво ветување добил Авраам, но како можеби била испитана неговата вера и радоста? б) Како можеме да извлечеме корист од примерите на Авраам, Исак и Јаков?
9 Едно е да се има радост кога човек за првпат ќе ја дознае божествената намера, но сосема друго е да останеш радосен кога си веќе многу години во вистината. Тоа може да се илустрира преку примерот со верниот Авраам. Откако на Божја заповед се обидел да го жртвува својот син Исак, еден ангел ја соопштил следнава порака: „Се колнам во Себе — вели Господ — кога така направи, и не го пожали саканиот свој син заради Мене. Навистина, Јас ќе те благословам и преблагословам, и потомството твое ќе го умножам и преумножам како ѕвездите на небото и како песокта на морскиот брег! А потомците твои ќе ги завладеат градовите на непријателите свои. И ќе бидат благословени преку потомството твое сите народи на земјата, зашто го послуша гласот Мој“ (1. Мојсеева 22:15-18). Без сомнение, Авраам бил пресреќен поради ова ветување.
10 Можеби Авраам очекувал дека Исак ќе биде „семето“ преку кое ќе дојдат ветените благослови. Но, годините минувале а ништо чудесно не се исполнило преку Исак, што можеби ги ставило на испит верата и радоста на Авраам и на неговото семејство. Откако Бог му го потврдил ветувањето на Исак а подоцна и на неговиот син Јаков, тоа било гаранција за нив дека Семето допрва ќе дојде во иднина, а тоа им помогнало да ја задржат нивната вера и радост. Меѓутоа, иако Авраам, Исак и Јаков умреле без да го видат исполнувањето на Божјите ветувања за нив, тие не биле Јеховини слуги без радост (Евреите 11:13). И ние можеме да продолжиме да му служиме на Јехова со вера и радост додека го очекуваме исполнувањето на неговите ветувања.
Радост и покрај прогонство
11. Зошто можеме да бидеме радосни и покрај прогонствата?
11 Како Јеховини слуги можеме да му служиме на Јехова со радост во срцето дури и ако поднесуваме прогонство. Исус ги прогласил за среќни оние кои се прогонувани поради него, а апостол Петар рекол: „Во колку учествувате во страдањата Христови, радувајте се, та кога ќе се јави Неговата слава да се возрадувате и развеселите. А ако ве укоруваат за името Христово, блазе вам, оти Духот на славата, Духот Божји почива на вас“ (1. Петрово 4:13, 14; Матеј 5:11, 12). Ако поднесуваш прогонство и страдаш поради праведноста, ги имаш Јеховиниот дух и одобрување, а тоа сигурно ја поттикнува радоста.
12. а) Зошто можеме со радост да се соочиме со испитите на вера? б) Која основна поука можеме да ја извлечеме од случајот на извесен левит кој бил во изгнанство?
12 Можеме со радост да се соочиме со испитите на верата, бидејќи Бог е наше Прибежиште. Тоа го покажуваат Псалми 41 и 42. Од извесна причина некој левит бил во изгнанство. Нему толку многу му недостигало обожавањето во Божјето светилиште, што се чувствувал како жедна кошута, или срна, која копнее по вода во сува и јалова област. Тој „жеднеел“, односно копнеел по Јехова и по предноста да го обожава Бог во Неговото светилиште (Псалм 41:1, 2). Искуството на овој левит треба да нѐ поттикне да покажуваме благодарност за друштвото што го уживаме со Јеховиниот народ. Ако некоја ситуација, како на пример затворање поради прогонство, привремено нѐ спречи да бидеме со нив, да размислуваме за радостите што сме ги имале во заедничката света служба во минатото и да се молиме за истрајност додека ‚се надеваме [чекаме, НС] на Бог‘ да нѐ врати во редовната активност со неговите обожаватели (Псалм 41:4, 5, 11; 42:3-5).
‚Служи му на Господа со радост‘
13. Како покажува Псалм 99:1, 2 дека радоста мора да биде истакната одлика на нашата служба за Бог?
13 Радоста мора да биде истакнато обележје на нашата служба за Бог. Тоа било покажано во една мелодија на благодарност во која псалмистот испеал: „Воскликни Му [триумфално, НС] на Господа, цела земјо! Служете Му на Господа со радост; излегувајте пред Него со восклик!“ (Псалм 99:1, 2). Јехова е „среќниот Бог“ (НС) и тој сака неговите слуги да се радуваат во исполнувањето на нивното предание спрема него (1. Тимотеј 1:11). Луѓето од сите народи треба да ликуваат во Јехова, а нашите изрази на фалба треба да бидат силни, како ‚триумфален восклик‘ на некоја победничка војска. Бидејќи службата за Јехова е освежувачка, таа треба да биде придружена со радост. Затоа псалмистот го поттикнувал народот да дојде во Божјата присутност „со [радосен, НС] восклик“.
14, 15. Како се применува Псалм 99:3-5 на Јеховиниот радосен народ денес?
14 Псалмистот додал: „Знајте [сфатете, признајте] дека [Јехова, НС] е Господ, дека е Он Бог наш, дека Он нѐ создаде нас, а не ние самите; Негови сме — Негов народ и овци од Неговото пасиште“ (Псалм 99:3). Бидејќи Јехова е наш Творец, тој нѐ поседува нас исто како што еден овчар ги поседува своите овци. Бог толку добро се грижи за нас, што ние благодарно го фалиме (Псалм 22). Во врска со Јехова, псалмистот исто така отпеал: „Влегувајте низ Неговите порти со славословие, во Неговите дворови со песна; славете Го, фалете го името Негово, зашто благ е Господ: Неговата милост е вечна и Неговата вистина е од род во род“ (Псалм 99:4, 5).
15 Денес радосни луѓе од сите народи влегуваат во дворовите на Јеховиното светилиште за да принесат благодарност и фалба. Ние радосно го благословуваме Божјето име така што секогаш зборуваме добро за Јехова, а неговите величествени особини нѐ мотивираат да го фалиме. Тој е потполно добар, и можеме секогаш да се ослониме на неговата срдечна доброта, или сочувствителна обѕирност кон неговите слуги, бидејќи таа трае до недогледно време. „Од род во род.“ Јехова е верен во покажувањето на љубов спрема оние кои ја вршат неговата волја (Римјаните 8:38, 39). Затоа, имаме добра причина да ‚Му служиме на Господа со радост‘.
Радувај се во твојата надеж
16. На кои надежи и изгледи можат да се радуваат христијаните?
16 Павле напишал: „Бидете радосни во надежта“ (Римјаните 12:12). Помазаните следбеници на Исус Христос се радуваат во славната надеж за бесмртен небесен живот што Бог им го овозможил преку својот Син (Римјаните 8:16, 17; Филипјаните 3:20, 21). И христијаните кои имаат надеж за вечен живот во Рајот на Земјата имаат причина за радување (Лука 23:43). Сите Јеховини верни слуги имаат причина да се радуваат во надежта за Царството, бидејќи или ќе бидат дел од таа небесна влада или ќе живеат во нејзиното земско подрачје. Каков радосен благослов! (Матеј 6:9, 10; Римјаните 8:18-21).
17, 18. а) Што било проречено во Исаија 25:6-8? б) Како се исполнува ова Исаиино пророштво сега, а како ќе се исполни во иднина?
17 Исаија исто така прорекол една радосна иднина за послушното човештво. Тој напишал: „Господ Саваот ќе стави врз таа планина за сите народи трпеза со добри јадења, трпеза со чисти вина, со богати јадења од коски и најчисти вина; врз таа планина ќе ја уништи покривката, што ги покрива сите народи, покривка, која лежи врз сите племиња. Смртта ќе биде проголтана за секогаш, ќе ги избрише Господ Бог солзите од сите лица, и ќе го симне срамот од Својот народ во целата земја, зашто така вели Господ“ (Исаија 25:6-8).
18 Духовната гозба во која ние денес учествуваме како Јеховини обожаватели, навистина претставува радосен банкет. Всушност, нашата радост изобилува додека ревносно му служиме на Бог, очекувајќи го банкетот од дословни добри нешта што тој ги ветил за новиот свет (2. Петрово 3:13). На темел на Исусовата жртва, Јехова ќе ја отстрани „покривката“ што го покрива човештвото поради Адамовиот грев. Колкава радост ќе биде да се види како ќе бидат отстранети гревот и смртта! Какво задоволство ќе биде да се пречекаат воскреснатите блиски, да се види дека солзите исчезнале, и да се живее на рајска Земја каде што Јеховиниот народ нема да биде срамотен, туку ќе му даде одговор на Бог во врска со големиот подбивач, Сатана Ѓаволот! (Изреки 27:11).
19. Како треба да реагираме на изгледите коишто Јехова ги ставил пред нас како негови Сведоци?
19 Зарем спознанието за тоа што ќе го стори Јехова за своите слуги не те исполнува со радост и благодарност? Навистина, таквите величествени изгледи придонесуваат да имаме радост! Освен тоа, нашата благословена надеж нѐ тера на нашиот среќен, полн со љубов, дарежлив Бог да гледаме со чувства како овие: „Ете, Он е нашиот Бог! на него се надевавме, и Он нѐ спаси! Он е Господ; Него Го чекавме; да се возрадуваме и развеселиме за спасението од Него!“ (Исаија 25:9). Имајќи ја предвид нашата прекрасна надеж што е цврсто всадена во нашиот ум, да ги напрегнеме сите сили за да му служиме на Јехова со радосно срце.
Како би одговорил?
◻ Како можеме да му служиме на Јехова со „радосно срце“?
◻ Што можеме да сториме ако ни недостига радост во нашата служба за Бог?
◻ Зошто Јеховиниот народ може да има радост и покрај прогонство?
◻ Кои причини ги имаме за да се радуваме во нашата надеж?
[Слики на страница 17]
Учествувањето во сите обележја на христијанскиот живот ќе ја зголеми нашата радост