Катарите — дали биле христијански маченици?
„ИСКОЛЕТЕ ГИ сите; Бог ќе си ги препознае своите.“ Тој летен ден во 1209 година, населението на Безје во јужна Франција, било масакрирано. Монахот Арнолд Амалрик, назначен за папски пратеник на чело на католичките крстоносци, не покажал никаква милост. Кога неговите луѓе прашале како ќе ги распознаат кои се католици, а кои еретици, тој наводно го дал фамозниот одговор цитиран погоре. Католичките историчари го ублажиле одговорот во: „Не грижете се. Мислам дека само малкумина ќе се преобратат“. Каков и да бил неговиот одговор, резултатот бил колеж на најмалку 20.000 мажи, жени и деца од страна на околу 300.000 крстоносци, предводени од прелати на Католичката црква.
Што довело до овој масакр? Тоа било само почеток на Албижанската крстоносна војна што ја започнал папата Инокентиј III против таканаречените еретици во провинцијата Лангдок, на средниот југ од Франција. До крајот на војната, околу 20 години подоцна, веројатно еден милион луѓе ги изгубиле своите животи — катари, валдензи, па дури и многу католици.
Верска неслога во средновековна Европа
Брзиот пораст на трговијата во XI век н. е. донел големи промени во општествените и економските структури на средновековна Европа. Никнувале градови за да го примат сѐ поголемиот број занаетчии и трговци. Со тоа се создал простор за нови идеи. Верските дисиденти фатиле корен во Лангдок, каде што се развивала една значително толерантна и напредна цивилизација каква што немало на ниедно друго место во Европа. Градот Тулуз во Лангдок бил третата најбогата метропола во Европа. Тоа бил свет во кој се прославиле трубадурите, а некои нивни песни допирале политички и религиозни теми.
Опишувајќи ја религиозната ситуација во XI и XII век, Revue d’histoire et de philosophie religieuses (Ревија за историја и религиозна филозофија) наведува: „Во XII век, како и во претходниот, моралот на свештенството, нивното изобилие, нивната подмитливост и неморалност, и понатаму биле доведувани во прашање, но најмногу било критизирано нивното богатство и моќ, нивната тајна соработка со световните власти и нивната покорност“.
Патувачки проповедници
Дури и папата Инокент III признал дека раширената корупција во црквата е виновна за сѐ поголемиот број дисидентни, патувачки проповедници во Европа, особено во јужна Франција и во северна Италија. Мнозинството од нив биле или катари или валдензи. Тој ги прекорил свештениците затоа што не го поучувале народот, велејќи им: „На децата им е потребен леб од којшто вие не сакате да им скршите“. Меѓутоа, наместо да спроведува библиско образование за луѓето, Инокент III тврдел дека „божественото Писмо е толку длабоко што не само простите и неписмените туку дури и мудрите и учените не се потполно способни да го разберат“. Читањето на Библијата било забрането за сите освен за свештениците, а потоа било дозволено само на латински.
За да го спречи патувачкото проповедање на еретиците, папата дозволил да се основа Ред на фратри проповедници, односно доминиканци. За разлика од богатото католичко свештенство, овие фратри требало да бидат патувачки проповедници, задолжени да ја бранат католичката ортодоксија од „еретиците“ во јужна Франција. Папата испратил и папски пратеници за да разговараат со катарите и да се обидат да ги вратат во католичкото трло. Поради тоа што овие обиди пропаднале а и еден од неговите пратеници бил убиен (наводно од страна на некој еретик), во 1209 година Инокент III наредил да започне Албижанската крстоносна војна. Алби бил еден од градовите каде што катарите биле особено бројни, па затоа црковните хроничари се осврнувале на катарите како на албижани (на француски: Albigeois), а овој израз го користеле за да ги означат сите „еретици“ во тој регион, вклучувајќи ги и валдензите. (Види ја долната рамка.)
Кои биле катарите?
Зборот „катар“ потекнува од грчкиот збор катарос, што значи „чист“. Од XI до XIV век, катаризмот се раширил особено во Ломбардија (северна Италија) и во Лангдок. Катарските верувања биле мешавина од источен дуализам и гностицизам, увезен можеби од страна на странски трговци и мисионери. The Encyclopedia of Religion (Енциклопедијата на религијата) го дефинира катарскиот дуализам како верување во „две начела: едното начело е добро и тоа управува со сето она што е духовно, а другото е зло и тоа е одговорно за материјалниот свет, вклучувајќи го и човековото тело“. Катарите верувале дека Сатана го создал материјалниот свет, кој е неотповикливо осуден на уништување. Нивната надеж била да побегнат од злобниот, материјален свет.
Катарите биле поделени на две класи: совршени и верници. Совршените биле посветувани преку еден ритуал на духовно крштевање, наречен консоламентум. Тоа се правело со положување на рацете, после една година пробен период. Се мислело дека ритуалот го ослободува кандидатот од Сатановата власт, дека го очистува од секаков грев и дека му го дава светиот дух. Тоа довело до појава на ознаката „совршени“, која се применувала на релативно малата елита од лица кои дејствувале како свештеници во однос на верниците. Совршените полагале завет на апстиненција, чесност и сиромаштво. Доколку бил венчан, совршениот морал да го напушти својот партнер, затоа што катарите верувале дека сексуалниот однос бил првобитниот грев.
Верниците биле поединци кои не присвојувале аскетски начин на живот, но сепак ги прифаќале катарските учења. Клечејќи во чест на совршените при еден ритуал наречен мелиораментум, верникот барал проштевање и благослов. За да си овозможат водење на нормален живот, верниците склучувале една конвененца, или спогодба со совршените за да добијат духовно крштевање на смртната постела, односно консоламентум.
Ставот кон Библијата
Иако катарите доста ја цитирале Библијата, тие ја сметале првенствено за извор на алегории и бајки. Мислеле дека поголемиот дел од Хебрејските списи потекнува од Ѓаволот. Користеле делови од Грчките списи, како што се стихови кои го прикажуваат контрастот помеѓу телото и духот, за да ја поткрепат својата дуалистичка филозофија. Во Господовата молитва тие се молеле за „лебот наш наттелесен“ (што значи „духовен леб“) наместо за „лебот наш насушен“, затоа што во нивни очи материјалниот леб бил нужно зло.
Многу катарски учења биле во директна противречност со Библијата. На пример, тие верувале во бесмртност на душата и во реинкарнација. (Спореди Проповедник 9:5, 10; Језекиил 18:4, 20.) Своите верувања исто така ги темелеле на апокрифни текстови. Сепак, со тоа што делови од Светото писмо превеле на својот мајчин јазик, до извесен степен тие придонеле за популаризирање на Библијата во средниот век.
Не биле христијани
Совршените се сметале себеси за законски наследници на апостолите и затоа себеси се нарекувале „христијани“, нагласувајќи го тоа со додавање на „вистински“ или „добри“. Но всушност, многу од катарските верувања му биле туѓи на христијанството. Иако катарите го признавале Христа како Син Божји, тие не признавале дека тој дошол во тело и дека го дал својот живот како откупна жртва. Погрешно толкувајќи ја библиската осуда на телото и на светот, тие сметале дека сета материја потекнува од злото. Затоа тврделе дека Исус можел да има само духовно тело, а додека бил на Земјата, само се чинело дека има материјално тело. Како и отпадниците од првиот век, катарите биле лица „кои не исповедаат дека Исус Христос дошол во плот“ (2. Јованово 7).
Во својата книга Medieval Heresy (Средновековна ерес), М. Д. Ламберт пишува дека катаризмот „го заменил христијанскиот морал со еден задолжителен аскетизам, . . . го отстранил откупувањето со тоа што одбил да ја признае спасувачката моќ на [Христовата смрт]“. Тој смета дека „совршените имаат вистински сродности со аскетските учители од Истокот, со будистичките свештеници и со факирите од Кина или од Индија, со мистичарите на орфејските мистерии, или со учителите на гностицизмот“. Во катарското верување, спасението не зависело од откупната жртва на Исус Христос, туку од консоламентумот, односно крштевањето во светиот дух. За оние кои биле исчистени на таков начин, смртта би донела ослободување од материјата.
Крстоносна војна која не била света
Уморни од претераните барања од страна на свештениците, како и од раширениот општ распад, обичните луѓе биле привлечени од начинот на живот на катарите. Совршените ја поистоветувале Католичката црква и нејзината хиерархија со „сатанската зборница“ и со ‚мајката на блудниците‘ од Откровение 3:9 и 17:5. Катаризмот напредувал и ја потиснал црквата во јужна Франција. Како последица на тоа, папата Инокент III ја повел и финансирал таканаречената Албижанска крстоносна војна, првата крстоносна војна што била организирана во рамките на христијанството против луѓе кои тврделе дека се христијани.
Преку писма и пратеници, папата ги вознемирувал католичките цареви, грофови, војводи и витези по Европа. Им ветувал индулгенции, како и богатството на Лангдок, на сите оние кои би се бореле за да ја сузбијат таа ерес „со какви и да било средства“. Неговиот повик не останал без одѕив. Предводени од католички прелати и монаси, една шарена армија од крстоносци од северот на Франција, од Фландрија и од Германија, се упатила на југ по долината на реката Рона.
Пропаста на Безје го означила почетокот на една освојувачка војна која го уништила Лангдок во еден див напад од оган и крв. Градовите Алби, Каркасон, Кастр, Фоа, Нарбон, Терме и Тулуз — сите тие биле поразени од крвожедните крстоносци. Во таквите катарски упоришта како што биле Касе, Минерва и Лавор, стотици совршени биле запалени на клада. Според монахот-хроничар Пјер де Во д’ Серна, крстоносците ‚со радост во срцето, живи ги гореле совршените‘. Во 1229 година, после 20 години борба и пустошење, Лангдок дошол под француска Круна. Но, колежот уште не бил завршен.
Инквизицијата го задава смртниот удар
Во 1231 година, папата Грегор IX ја вовел папската инквизиција за да им даде поддршка на вооружените борби.a Инквизиторскиот систем отпрвин се засновал на поткажувања и принуди, а подоцна на систематска тортура. Неговата цел била да го избрише она што мечот не успеал да го уништи. Инквизициските судии — главно доминикански и францискански фратри — му биле одговорни само на папата. Смртта со запалување била службената казна за ерес. Фанатизмот и бруталноста на инквизиторите биле толку големи што избувнале протести во многу места, меѓу кои и во Алби и Тулуз. Во Авињоне, сите членови на Инквизиторскиот суд биле масакрирани.
Во 1244 година, предавањето на планинската тврдина Монсегур, последното прибежиште на голем број совршени, му го задало смртниот удар на катаризмот. Околу 200 мажи и жени загинале во едно масовно запалување на клада. Низ годините, инквизицијата ги пронашла и преостанатите катари. Се известува дека последниот катар бил запален на клада во Лангдок во 1330 година. Книгата Medieval Heresy забележува: „Падот на катаризмот бил првата воена заслуга на инквизицијата“.
Катарите ни оддалеку не биле вистински христијани. Но, дали нивниот критицизам на Католичката црква го оправдал нивното истребување од страна на таканаречените христијани? Нивните католички прогонители и убијци ги обесчестиле Бог и Христос и погрешно го прикажале вистинското христијанство со тоа што ги мачеле и исклале овие десетици илјади дисиденти.
[Фуснота]
a За натамошни детали во врска со средновековната инквизиција, види ја статијата „Ужасната инквизиција“ во Разбудете се! од 22 април 1986 (англ.), издадена од Библиското и трактатно друштво Стражарска кула од Њујорк, Инк., страници 20-23.
[Рамка на страница 28]
ВАЛДЕНЗИТЕ
Кон крајот на XII век, Пјер Валдес, наречен и Петрус Валдесиус, богат трговец од Лион, ги финансирал првите преводи на некои делови од Библијата на различни месни дијалекти на провансалски – локалниот јазик што се зборувал во јужна и југоисточна Франција. Како искрен католик, тој се одрекол од својот бизнис и се посветил на проповедање на Евангелието. Огорчени од расипаното свештенство, многу други католици го следеле и станале патувачки проповедници.
Валдесиус наскоро се соочил со непријателството од локалното свештенство, кое го наговорило папата да го забрани неговото јавно сведочење. Наводно, неговиот одговор бил: „Повеќе мораме да го слушаме Бог отколку луѓето“. (Спореди Дела 5:29.) Поради неговата истрајност, Валдесиус бил екскомунициран. Неговите следбеници, наречени валдензи, односно Лионски сиромаси, ревносно се стремеле да го следат неговиот пример, така што проповедале двајца по двајца во домовите на луѓето. Тоа довело до брзо ширење на нивните учења во јужна, источна и делови на северна Франција, како и во северна Италија.
Главно, тие го застапувале враќањето кон верувањата и обичаите на раното христијанство. Меѓу другите учења, тие протестирале и против чистилиштето, молитвите за мртвите, обожавањето на Марија, молитвите до „светците“, обожавање на распетието, индулгенциите, причеста и крштевањето на деца.b
Учењата на валдензите се во остра спротивност со нехристијанските дуалистички учења на катарите, со кои често ги мешаат Оваа збрка првенствено се должи на католичките полемичари, кои намерно се обиделе валденшкото проповедање да го идентификуваат со учењата на албижаните, односно катарите.
[Фуснота]
b За натамошни информации за валдензите, види ја статијата „Валдензите — еретици или трагачи по вистината?“ во Стражарска кула од 1 август 1981 година, страници 12-15 (англ.).
[Слика на страница 29]
Седум илјади лица умреле во црквата Св. Марија Магдалена во Безје, каде што крстоносците масакрирале 20.000 мажи, жени и деца