Објавителите на Царството известуваат
Сведочењето носи плод дома и на училиште
ЖИВОТОТ на еден христијанин вклучува да им прави добро на другите, особено така што ќе ја споделува со нив добрата вест за Божјето Царство. Изреки 3:27 вели: „Не откажувај да му направиш добро на оној, кој има потреба, кога раката твоја има сила да му помогне“. Во Аргентина, еден млад Сведок кој бил трета година во средно училиште сакал да ја сподели добрата вест за Царството со еден соученик. Тоа довело до далекусежни резултати.
Еден ден, младиот Сведок му спомнал на својот другар дека не е секоја религија добра. Кога младичот одговорил дека тој не прави ништо лошо, Сведокот му рекол: „Ама ниту правиш нешто за Бог“. Тоа го поттикнало младиот човек да размислува. Подоцна Сведокот му објаснил дека живееме во последните денови и, дека за да имаме Божје одобрување, мораме да стекнеме точно библиско спознание и да го применуваме истото. Неговиот школски другар се согласил со тоа. Но, дали неговото семејство ќе му дозволи да има библиска студија? За да има за што да размислува неговиот другар, Сведокот му понудил да ја прочита книгата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата.
Времето одминувало и другарот го напуштил училиштето. Повеќе од година дена младиот Сведок не слушнал ништо за него. Но, еден ден тој бил изненаден кога другарот му телефонирал и му рекол дека гледа како навистина се исполнуваат библиските пророштва. Сведокот веднаш се договорил да ја проучува Библијата со него.
Кога отишол кај својот поранешен школски другар, забележал дека неговите родители биле доста загрижени околу тоа во што се впушта нивниот син. Дури и неговиот помлад брат мислел дека тој полудува. Од таа причина, родителите се договориле на следната студија да биде присутен и помалиот брат. По студијата, кога со солзи во очите, овој младич ги известил родителите дека постариот брат не е луд, мајката извикала: „Наместо еден проблем, сега имам два!“
Затоа, на следната студија и самата била присутна, но тогаш морала да признае дека момчињата не се луди. Подоцна била договорена библиска студија и со неа и со нејзиниот сопруг. Наскоро, целото семејство почнало да ги посетува состаноците во Салата на Царството. Со текот на времето, и бабата и дедото, родителите на мајката, почнале да ја проучуваат Библијата и да присуствуваат на состаноците. Оттогаш, првото момче веќе е крстено. Се оженил, и сега тој и неговата сопруга се ревносни објавители.
Освен тоа, преку неформалното сведочење на училиште, младиот Сведок им помогнал да почнат да ја проучуваат Библијата уште на двајца други школски другари, како и на мајката и сестрата на едниот од нив. Сѐ на сѐ, 11 луѓе ја дознале библиската вистина само затоа што младиот Сведок не се воздржувал да им прави добро на своите школски другари. Каков среќен исход! Навистина, „блажен е оној народ, на кого Господ му е Бог!“ (Псалм 143:15).