Сто години стар и сѐ повитален
РАСКАЖАЛ РАЛФ МИЧЕЛ
Татко ми, човек со средна висина, беше методистички проповедник. Секоја втора или трета година беше префрлуван од црква в црква во редица претежно мали гратчиња, вклучувајќи го и Ашвил (Северна Каролина, САД), каде што сум роден јас во февруари 1895 година. Затоа, пораснав добро упатен во христијанството.
СЕ СЕЌАВАМ дека како дете ме водеа на „клупата на оплакувачите“ на состаноците за будење на верата за да се исполнам со свет дух — да добијам „религија“, како што тие го нарекуваа тоа. Ми беше речено да ги исповедам моите гревови, да ги држам Десетте заповеди и да бидам добар. Само така би можел да отидам на небо кога ќе умрам. ‚Па, изгледа дека ќе одам во пеколот‘, си мислев, ‚затоа што не можам да бидам доволно добар за на небо.‘ Мислев дека само возрасните — особено свештениците — живеат според библиските мерила.
Но, уште пред да навлезам во тинејџерските години, почнав да откривам лицемерство во религијата. На пример, татко ми ги жртвуваше материјалните потреби на своето семејство само за да му обезбеди на бискупот голема сума пари на генералната конференција. Се надеваше дека тоа ќе му донесе наименување во некоја поголема црква. Се сеќавам на еден локален проповедник кој беше и фармер со памук. Беше желен да добие некоја угледна положба и затоа продаде стотина бали памук и отиде на конференцијата со полн џеб пари. Кога се чинеше дека ги добија сите пари што можеа да ги извлечат од присутните — главно проповедници — овој фармер со памук скокна и извика: „Ова е сѐ што му давате на својот бискуп? На секој проповедник кој ќе дојде со пет долари, јас ќе дадам десет долари!“ Беа собрани над илјада долари, а бискупот го наименува овој човек за претседавачки старешина над татко ми. Не можев да поверувам дека едно такво наименување доаѓа од Бог. Оттогаш бев скептичен околу сѐ што имаше некаква врска со религијата.
Бев повикан во војска кога Соединетите Држави беа вплетени во Првата светска војна. Добро се сеќавам дека ги слушав воените капелани како ни проповедаа нам војниците лојално да се бориме за нашата земја, што уште повеќе ја зголеми мојата одвратност кон религијата. Моите цели беа да преживеам, да го завршам моето образование и потоа да се оженам. За религија немаше место во моите планови за иднината.
Промена на ставот
Во 1922 година се заљубив во една млада жена по име Луиз. Испадна дека таа е побожна католичка и, кога решивме да се венчаме, таа сакаше католичка свадба. Арно ама, јас не сакав никаква религиозна церемонија, па така таа се сложи да се венчаме во општинската зграда во Њујорк Сити.
Отпрвин немавме никакви религиозни конфликти. Јас едноставно ѝ објаснив дека немам доверба во религијата и дека ќе се сложуваме добро сѐ додека таа нема да се спомнува. Потоа, помеѓу 1924 и 1937 година, ни се родија децата — едно по друго, сѐ додека не добивме пет момчиња и пет девојчиња! Луиз сакаше нашите деца да одат во католичко училиште. Јас не сакав да имаат никакво религиозно воспитување и затоа се препиравме околу тоа.
На почетокот од 1939 година, се случи нешто што сосема ќе го измени моето гледиште за религијата. Во мојот дом во Росел (Њу Џерси) дојдоа двајца Јеховини сведоци, Хенри Вебер и Хари Пијат. Веднаш стана јасно дека сакаат да разговараат за темата за која јас не сакав да дискутирам — религија. Јас бев сѐ уште огорчен поради фактот што капеланите во војската велеа: ‚Борете се за својата земја‘, додека религионистите дома велеа: ‚Не смееш да убиваш‘. Какво лицемерство! Мислев дека веднаш ќе расчистам со овие двајца Сведоци. „Да ви кажам нешто“, им реков, „ако вашата религија е вистинска, тогаш сите други се лажни. А ако само една од другите е вистинска, тогаш сите останати, вклучувајќи ја и вашата, се лажни. Може да има само една вистинска религија.“ На мое големо изненадување, тие се согласија со мене!
Потоа, ме замолија да ја земам Библијата и да отворам кај 1. Коринтјаните 1:10. Таму прочитав: „Сега, ве преколнувам, браќа, во името на нашиот Господ Исус Христос, сите вие да зборувате исто, и да нема поделби меѓу вас; туку да бидете совршено соединети во истиот ум и во истиот суд“ (King James Version). Овој стих го побуди мојот интерес. Во исто време, се плашев овие двајца да не се обидат да ме вклучат во некаква секта. Сепак, научив нешто — дека не смее да има поделби меѓу христијаните. Во мислите ми се вртеа многу други прашања. На пример: Што се случува со душата при смртта? Колку само сакав да дискутирам со нив за ова прашање! Но, си мислев дека тоа би создало премногу религиозни полемики во мојот дом.
Тогаш, едниот од нив рече: „Би сакале идната недела да дојдеме пак и да разговараме со Вас“. Се обидов тактички да ги одбијам, но тогаш проговори мојата сопруга. „Ралф“, рече таа, „тие сакаат да знаат кога можат пак да дојдат.“ Ова ме изненади, бидејќи таа беше ревносна католичка! Сепак, си помислив: ‚На крајот на краиштата, можеби ќе можеме да најдеме некои заеднички точки околу религијата‘. Затоа се сложив Хенри Вебер и Хари Пијат да навратат следниот петок.
Така почнав да ја проучувам Библијата со Јеховините сведоци. Недолго после ова, бев поканет да присуствувам на еден конгрес во Медисон Сквер Гарден во Њујорк Сити. Добро се сеќавам на говорот „Влада и мир“ што го одржа Џозеф Ф. Ратерфорд на 25 јуни 1939 година. Бев еден од осумнаесетте илјади присутни. Всушност, предавањето го слушаа 75.000 лица, ако ги сметаме и оние кои беа поврзани со меѓународна врска преку радиотелефонски линии.
Сепак, работите не одеа глатко. Следбениците на католичкиот свештеник Чарлс Коглин се закануваа дека ќе го прекинат собирот и, секако, на половина од предавањето на брат Ратерфорд, стотици гневни луѓе почнаа да негодуваат и да извикуваат слогани, како: „Хајл Хитлер!“ и „Вива Франко!“ Настана толкав неред што вревата можеше да се чуе и преку телефонските линии! Беа потребни околу 15 минути додека вратарите ја совладаа толпата. За сето време, брат Ратерфорд продолжи бестрашно да зборува, додека честите аплаузи од публиката му даваа поддршка.
Сега бев навистина љубопитен. Зошто еден католички свештеник би подбуцнал толкава омраза спрема Јеховините сведоци? Мислев дека мора да има нешто во тоа што го проповедаше Ратерфорд — нешто што свештенството не сакаше да го слушнат луѓето како мене. Затоа, продолжив да ја проучувам Библијата и да напредувам. Конечно, во октомври 1939 година, го симболизирав моето предание на Јехова преку крштавање во вода. Некои од моите деца се крстија следната година, а сопругата, Луиз, се крсти во 1941 година.
Соочување со искушенија
Набргу откако ја прифатив вистината, почина мајка ми и јас морав да се вратам во Северна Каролина за нејзиниот погреб. Мислев дека не би можел со мирна совест да присуствувам на службите кои би се одржувале внатре во Методистичката црква. Затоа, му телефонирав на татко ми пред да тргнам и го замолив да го стават мртовечкиот сандак во погребниот завод. Тој се согласи, но кога пристигнав, тие беа на пат кон црквата, сигурни дека и јас ќе им се придружам таму.
Но, јас не го сторив тоа, што предизвика прилична возбуда во моето семејство. Иако сестра ми Една и јас отсекогаш бевме блиски, по погребот на мама таа повеќе не ми зборуваше. Ѝ пишував писма, но не одговараше на нив. Секое лето кога Една доаѓаше во Њујорк за да присуствува на учителските курсеви во Градскиот колеџ, се обидував да ја видам, но таа одбиваше, велејќи дека е зафатена. На крајот се откажав, бидејќи се чинеше дека само ѝ додевам. Поминаа многу години додека пак слушнав нешто за неа.
Поради тоа што одбиваа да го поздрават знамето, во 1941 година шест од моите деца беа истерани од училиште, како и многу други деца во САД и Канада. Со цел да го исполнат законското барање за образование, Сведоците организираа сопствени училишта наречени Училишта на Царството. Моите деца го посетуваа училиштето кое беше сместено во еден поранешен хотел во Лејквуд (Њу Џерси). На првиот кат се наоѓаше една Сала на Царството, училницата, кујната и трпезаријата. Спалните за девојчињата беа на вториот, а за момчињата на третиот кат. Беше тоа убаво училиште. Поголем број од децата кои престојуваа таму, си одеа дома само за викендите. Оние кои живееја подалеку, си одеа секој втор викенд.
Уште од моите први години во вистината, имав горлива желба да станам пионер, како што се нарекуваат полновремените евангелизатори на Јеховините сведоци. Во 1941 година, на конгресот во Сент Луис (Мисури), еден брат кој имаше учество во програмата раскажа како може да биде пионер додека подига 12 деца. Си мислев: ‚Ако тој може да биде пионер со 12, тогаш можам и јас со 10‘. Меѓутоа, околностите ми допуштија да започнам со пионерската служба дури после 19 години. Најпосле, на 1 октомври 1960 година, можев да почнам да му служам на Јехова како општ пионер.
Изненадувачка посета
Во 1975 година добив телефонски повик од сестра ми Една. Тогаш имав 80 години и ја немав видено ниту слушнато околу 20 години. Таа се јави од аеродромот и ме замоли да дојдам и да ги земам неа и нејзиниот сопруг. Беше убаво пак да ја видам Една, но најголемото изненадување допрва следеше. На патот кон дома, нејзиниот сопруг рече: „Имате преобратеник“. Не знаев што сакаше да каже со тоа. Кога стигнавме дома, тој повторно рече: „Имате преобратеник овде“. Мојата сопруга веднаш сфати. Се сврте кон сестра ми и праша: „Една, ти си Сведок?“ „Се разбира дека сум“, одговори Една.
Како се случи Една да ја прифати вистината? Па, во 1972 година, во обидот да го поправам нашиот отуѓен однос, ѝ испратив една подарок претплата на Стражарска кула. По околу една година, Една се разболела и била врзана за домот. Списанијата сѐ уште лежеле на нејзината маса во своите обвивки. Од љубопитност, Една отворила едно од нив и почнала да чита. Откако го прочитала списанието, си помислила: ‚Ова е вистината!‘ Додека дошле Јеховините сведоци, таа го имала прочитано целиот куп списанија Стражарска кула. Прифатила библиска студија и, со текот на времето, станала Јеховин сведок.
Соочување со загубата
Мојата сопруга, Луиз, на крајот доби дијабетис, а нејзината состојба се влошуваше сѐ додека почина во 1979 година, на возраст од 82 години. Кога умре Луиз, умре и еден дел од мене. Целиот свет за мене застана. Не знаев што да правам. Немав никакви планови за иднината. Очајно ми требаше охрабрување. Еден патувачки надгледник, Ричард Смит, ме охрабри да продолжам со мојата пионерска служба. Увидов дека мојата најголема утеха дојде преку тешењето на другите на кои исто така им умреле блиски.
Во 1979 година, Друштвото Стражарска кула организираше патување за Израел, на кое се пријавив и јас. Ова патување беше големо охрабрување за мене, па така кога се вратив дома, веднаш продолжив со пионерската служба. Оттогаш, секоја година си поставував за задача да помагам на некое недоделено подрачје или на подрачје кое не е често обработувано, во некој друг дел од земјата. И покрај моите поодминати години, сѐ уште сум во состојба да се ставам на располагање за оваа предност.
Според моја проценка, ја имав радоста низ годините да им помогнам на околу 50 лица да дојдат на патот во животот. Повеќето од моите деца се во вистината. Две мои ќерки служат како општи пионери. Третата ќерка, Луиз Блантон заедно со својот сопруг Џорџ, служи во светското главно седиште на Јеховините сведоци во Бруклин (Њујорк), а еден од моите синови долги години служи како старешина.
Се разбира, поради несовршеноста што сме ја наследиле од нашите човечки прародители, сите ние сме подложни на болест и смрт (Римјаните 5:12). Секако дека мојот живот не беше без болки и маки. Моментално страдам од артритис во левата нога. Повремено тоа ми задава голема неудобност, но не ме спречува да се движам. И се молам да не ме спречи. Сакам да продолжам понатаму. Најголема желба ми е да останам до крајот во пионерската служба, правејќи сѐ што можам за да го објавам Јеховиното име и неговите намери.
[Слика на страница 23]
Со ќерка ми Рита