Образовниот центар на Стражарска кула испраќа мисионери
БИБЛИСКАТА школа Гилеад на Стражарска кула има обучувано класови на различни локации. Помеѓу 1943 и 1960 година, во објектите во Саут Ленсинг (Њујорк, САД), посебна обука добија 35 класови, составени од студенти од 95 земји. Потоа, школата се пресели во светската централа во Бруклин (Њујорк), каде што дејствуваше скоро 28 години. Од 1988 па до почетокот на 1995 година, школата Гилеад одржуваше настава во Волкил (Њујорк).
Во текот на овие години, школата го прошири својот делокруг на дејствување. Под нејзино водство, во Мексико беше организиран десетмесечен курс за поучување на три класа; пет такви класови беа свикани во Германија и два во Индија. Од 1987 година наваму, во 34 земји постои една дополнителна школа, позната како Школа за оспособување на слуги, која овозможува посебен осумнеделен курс за оспособување на млади мажи кои ги исполнуваат условите за неа. Меѓутоа, инструкциите што ги доби 99-от клас на Гилеад во новоизградениот Образовен центар на Стражарска кула во Патерсон (Њујорк), беше 20-неделен курс во кој спаѓаше обемна студија на целата Библија, дискусија за современата историја и организација на Јеховините сведоци, како и опширно советување за странското мисионерско дело.
На 2 септември дипломираше 99-от клас. Тричасовната програма за промоцијата се одржа во новиот аудиториум во Образовниот центар на Стражарска кула. Тој беше исполнет до последното место. Електронски беа поврзани и други слушатели од бетелските објекти во Патерсон, Волкил и Бруклин. Тоа беше возбудлив ден не само за дипломците и за нивните роднини и блиски пријатели туку и за стотици други лица кои учествуваа како доброволци во изградбата на убавите нови школски објекти.
Во своите уводни забелешки, Кери Барбер од Водечкото тело го сосредоточи вниманието на значењето на она што се случуваше. Тој рече: „Ова треба да биде средиште на најголемото божествено дело на поучување кое некогаш е извршено на оваа Земја“. Тој објасни дека се приближуваме кон кулминацијата на војната помеѓу семето на жената и семето на змијата (1. Мојсеева 3:15). Единствените кои ќе го преживеат страшниот судир за време на претстојната голема неволја, рече тој, ќе бидат оние кои ќе имаат точно спознание за Божјата Реч и ѝ се послушни.
„Целта на нашата сегашна образовна програма“, објасни тој, „е да го доведе Јеховиниот народ ширум светот во една добра состојба на зрелост каква што е опишана во Изреки 1:1-4 — да се познава мудроста и стегата, да се распознае разбирањето, да се добие стегата која дава увид, праведност, способност за расудување, исправност и способност за размислување.“ Каква само заштита е да се имаат вакви духовни способности!
Совет за дипломираниот клас
По уводните коментари следеше серија од пет кратки говори, упатени до дипломираниот клас. Харолд Џексон, поранешен инструктор во Гилеад, а сега член на персоналот на главното седиште во Бруклин, го поттикна класот: „Држете се за своето божествено задоволство“. Лојд Бери, долгогодишен мисионер и сегашен член на Водечкото тело, зборуваше на тема „Да му се служи на Јехова со понизност“. Тој објасни дека оваа особина ќе им биде неопходна на дипломците во нивното приспособување кон новите ситуации, како и во нивните односи со останатите мисионери, со собранијата во кои ќе служат, и со локалното население.
Карл Адамс, кој моментално служи во колегиумот на Гилеад, дискутираше со класот за прашањето: „На што ќе ве наведе верата?“ Тој ги охрабри да не бидат како оние Израелци кои се жалеле на условите во пустината и кои копнееле да се вратат назад во Египет, туку, напротив, да бидат како Авраам кој гледал на Божјето Царство, а не да се врати во Ур Халдејски како решение за проблемите (2. Мојсеева 16:2, 3; Евреите 11:10, 15, 16). Јулизис Глас, регистратор на школата, го наведе искуството на Асаф, запишано во Псалм 72, за да го советува дипломираниот клас: „Пребројте ги своите благослови“. А Алберт Шредер, член на Одборот за поучување при Водечкото тело, зборуваше на темата „Јехова се грижи“. Како доказ за таквата грижа, тој укажа на самата школа Гилеад и на нејзината улога во извршувањето на големото дело на проповедање и правење ученици.
Подоцна, публиката со голем интерес слушаше кога Милтон Хеншел, претседателот на Друштвото Стражарска кула, зборуваше за „Членови кои си припаѓаат еден на друг“. Тој го прочита и опширно го прокоментира 12. поглавје од Римјаните. Меѓу другото, рече: „Мораме да го земеме во обѕир тоа дека имаме многу близок однос со останатите слуги во собранието“. Потоа додаде: „Добро е секогаш едни со други да се сметаме за Јеховин имот и, наместо да бидеме критизерски настроени, наместо да си бараме грешки, секогаш да бидеме спремни да помогнеме. Ако го задржиме духовното единство на христијанското собрание, со тоа си помагаме самите себеси“. Тој покажа како може да се манифестира таква готовност за помагање при подготвувањето на храна во мисионерските домови, земајќи го во обѕир фактот дека секој не ќе може да го јаде истото. Исто така, тој охрабри на готовност за помагање а не за критизирање кога се учествува во службата на подрачјето со другите христијани кои имаат многу малку во материјален поглед. Ако сме навистина услужливи, изградувачки и се охрабруваме еден со друг, истакна брат Хеншел, „Јехова ќе нѐ сака поради тоа“. Каков извонреден совет за мисионерите кои ќе служат во земји кои сосема се разликуваат од оние што тие ги оставаат зад себе!
Да го запознаеме класот
Просекот на 48-те студенти од 99-от клас е 32 години и веќе имаат поминато над 11 години во полновремената служба.
Интервјуата, кои беа дел од програмата за промоцијата, ѝ дадоа прилика на публиката да се запознае со неколкумина од нив. Ники Либл од САД и Сајмон Болтон од Англија раскажаа настани кои ја испитале нивната вера во врска со тоа дали Јехова ќе се погрижи за нивните физички потреби. Тие ја доживеале Јеховината грижа додека ја ставале полновремената служба на прво место.
Изабел Казан, чиј мајчин јазик е француски, рече дека научила арапски со цел да им сведочи на луѓето кои зборуваат арапски во нејзината земја. Кога почнала во 1987 година, постоела една мала група во Париз која се состоела само од четворица браќа кои зборувале арапски, плус неа и една друга сестра која го учела јазикот. (Не било лесно. Секоја седмица тие поминувале и по осум часови во подготвување на нивната лекција од Стражарска кула за да можат да коментираат.) Дали тоа се исплатело? Па, денес низ цела Франција има Сведоци кои зборуваат арапски и коишто се организирани во пет покраини. Еден друг студент, Мико Пуро, раскажа како францускиот јазик, што го учел во училиште, му помогнал да им проповеда на африканските бегалци во неговата родна земја Финска, што ќе му биде од корист и во неговата мисионерска доделба во Бенин. Бони Боуз раскажа за нејзината борба течно да зборува француски за да може делотворно да служи во Квебек (Канада). А Бјарки Расмусен од Данска раскажа искуства што ги доживеале тој и неговата сопруга во текот на годините додека служеле на Фарските Острови. Да, овие нови мисионери се искусни полновремени слуги.
Дипломците беа доделени во 19 земји — во Африка, Централна и Јужна Америка, Источна Европа и на Ориентот. Дипломците од поранешните класови веќе служеле во над 200 земји. Многу од тие дипломци сѐ уште работат на нивните доделби. Овие нови мисионери сега им се придружуваат во натамошното ширење на сведоштвото за Царството до краевите на Земјата (Дела 1:8).
[Слики на страница 25]
Сцени од училниците во Образовниот центар на Стражарска кула
[Слика на страница 26]
99. клас на Библиската школа Гилеад на Стражарска кула
Во долниот попис, редовите се нумерирани однапред наназад, а имињата се наведени одлево надесно во секој ред.
1) Хефи С.; Рајли Е.; Мортенсен Д.; Хонебл А.; Болтон Џ.; Пул Џ.; Симес Г.; Суза Л. 2) Пашнитски Б.; Шеперд Д.; Пашнитски В.; Јервинен Ј.; Паулсен К.; Расмусен Е.; Шеве К.; Олсон Л. 3) Паулсен Е.; Самсел Т.; Боуз Б.; Харис Е.; Казан И.; Либл Н.; Суза П.; Пуро Ј. 4) Лагер К.; Лагер В.; Голден К.; Болтон С.; Џонсон М.; Џонсон С.; Либл А.; Расмусен Б. 5) Харис Д.; Самсел В.; Шеве О.; Хефи Р.; Казан Л.; Рајли Т.; Јервинен О.; Пуро М. 6) Мортенсен Д.; Голден Р.; Хонебл Л.; Шеперд М.; Боуз Р.; Симес Т.; Пул Е.; Олсон Ј.
[Слики на страница 27]
Сѐ уште на своите доделби: (лево) Чарлс Литко со сопругата Ферн во Бразил, дипломци од првиот и шестиот клас на Гилеад; (долу) Марта Хес во Јапонија, дипломец од седмиот клас на Гилеад