‚Морате да бидете свети, зашто јас сум свет‘
„Бидете свети, затоа што сум свет, Јас Господ, вашиот Бог“ (3. МОЈСЕЕВА 19:2).
1. Кои се некои луѓе коишто светот ги смета за свети?
ПОВЕЌЕТО главни религии на светот имаат такви лица кои тие ги сметаат за свети. Мајка Тереза со индиска слава, честопати ја сметаат за света поради нејзината преданост кон сиромашните. Папата е наречен „Свет Отец“. Хозе Марија Ескриба, основачот на современото католичко движење Опус Деи, некои католици го сметаат за „пример за светост“. Хиндуизмот има свои свами, односно свети луѓе. Ганди беше длабоко почитуван како свет човек. Будизмот има свои свети калуѓери, а исламот свој свет пророк. Но, што точно значи да се биде свет?
2, 3. а) Што значат зборовите „свет“ и „светост“? б) Кои се некои прашања што треба да се одговорат?
2 Зборот „свет“ дефиниран како: „1. . . . поврзан со божествена моќ; духовен 2. Да се смета дека има или дека е достоен за обожавање или почитување . . . 3. Да се живее според некој строг или високо морален религиозен или духовен систем . . . 4. Одреден или одвоен за некоја религиозна цел“. Во библиски контекст, светост значи „религиозна неизвалканост или чистота; посветеност“. Според библискиот прирачник Insight on the Scriptures (Увид во Писмото), „оригиналниот хебрејски [збор] ко́деш ја пренесува мислата за одвоеност, исклучителност или посветеност на Бог . . . состојба на одвоеност за Божја служба“.a
3 На нацијата Израел ѝ било заповедано да биде света. Божјиот Закон наведувал: „Јас сум Господ, вашиот Бог; осветувајте се и бидете свети, бидејќи Јас сум свет“. Кој бил Изворот на светоста? Како можеле несовршените Израелци да станат свети? И каква поука можеме да најдеме за себе денес во Јеховиниот повик за светост? (3. Мојсеева 11:44).
Како бил поврзан Израел со Изворот на светоста
4. Како била покажана Јеховината светост во Израел?
4 Сѐ што било поврзано со Израеловото обожавање на Јехова Бог требало да се смета за свето и да се третира како такво. Зошто било така? Затоа што самиот Јехова е зачетокот и изворот на светоста. Мојсеевиот извештај за подготвувањето на светиот табернакул, како и на одеждите и украсите, завршува со зборовите: „И направија плочка, знак на светоста, од чисто злато, издлабија на неа писмо, како што се реже печат ‚Светост Господова [Светоста му припаѓа на Јехова, НС]‘“. Оваа сјајна плочка од чисто злато била прицврстена на турбанот на првосвештеникот и означувала дека тој бил одвоен за една служба со посебна светост. Додека гледале како овој испишан знак сјае на сончевата светлина, Израелците редовно биле потсетувани на Јеховината светост (2. Мојсеева 28:36; 29:6; 39:30).
5. Како можеле несовршените Израелци да бидат сметани за свети?
5 Но, како можеле Израелците да станат свети? Само преку нивниот близок однос со Јехова и преку нивното чисто обожавање на Јехова. Ним им требало точно спознание за „Светиот [Најсветиот, НС]“ за да го обожаваат во светост, во телесна и духовна чистота (Изреки 2:1—6; 9:10). Затоа, Израелците морале да го обожаваат Бог со чист мотив и со чисто срце. Секаков лицемерен облик на обожавање би му бил одвратен на Јехова (Изреки 21:27).
Зошто Јехова го разобличил Израел
6. Како се однесувале спрема Јеховината трпеза Евреите во времето на Малахија?
6 Ова било јасно илустрирано кога Израелците со половина срце донесувале изветвени, дефектни жртви во храмот. Преку својот пророк Малахија, Јехова ги разобличил нивните лоши приноси: „Не сте Ми мили, вели Господ Саваот, и не сакам да примам дар од вашите раце . . . А вие го хулите со тоа што велите — трпезата Господова не заслужува почитување и користа од неа е мала. А притоа велите уште: и ете колку голем труд, а можеше и без тоа, вели Господ Саваот; принесувате крадено, хромо и болно, а притоа принесувате уште и таков лебен дар: па можам ли со благонаклоност да го примам тоа од вашите раце, вели Господ Саваот“ (Малахија 1:10, 12, 13).
7. Какви несвети постапки преземале Евреите во петтиот век пр. н. е.?
7 Малахија бил употребен од Бог за да ги разобличи лажните постапки на Евреите, веројатно во текот на петтиот век пр. н. е. Свештениците давале лош пример, а нивното однесување воопшто не било свето. Следејќи го тоа водство, луѓето биле млитави во своите начела, дури дотаму што се разведувале од своите сопруги, веројатно за да можат да земат помлади пагански сопруги. Малахија напишал: „,Самиот Јехова сведочи меѓу тебе и сопругата на твојата младост, со која ти самиот постапи предавничкиb‚ иако таа е твоја партнерка и сопруга на твојот сојуз . . . И вие морате да се чувате во поглед на вашиот дух и никој да не постапува предавнички со сопругата на својата младост. Зашто тој мразел развод‘, рекол Јехова Богот Израелов“ (Малахија 2:14—16, НС).
8. На кој начин некои во христијанското собрание биле погодени од модерното гледиште за разводот?
8 Во поново време, во многу земји каде што лесно се добива развод, стапката на разводи зема замав. Погодено е дури и христијанското собрание. Наместо да бараат помош од старешините за да ги совладаат препреките и да се обидат да го направат својот брак успешен, некои пребрзо го отфрлаат. Честопати, децата се оставени да плаќаат висока емоционална цена (Матеј 19:8, 9).
9, 10. Како треба да размислуваме за нашето обожавање на Јехова?
9 Како што видовме погоре, со оглед на бедната духовна состојба во времето на Малахија, Јехова отворено го осудил површното обожавање на Јуда и покажал дека би прифатил само чисто обожавање. Зарем ова не треба да нѐ натера да размислиме за квалитетот на нашето обожавање на Јехова Бог, Суверениот Господ на универзумот, Изворот на вистинска светост? Дали навистина му принесуваме на Бог света служба? Дали се чуваме во духовно чиста состојба?
10 Ова не значи дека мораме да бидеме совршени, што е невозможно, или дека треба да се споредуваме со другите. Но, тоа значи дека секој христијанин треба да му принесува на Бог обожавање кое е најдобро во рамките на околностите на поединецот. Ова се однесува на квалитетот на нашето обожавање. Нашата света служба треба да биде најдобра — света служба. Како се постигнува тоа? (Лука 16:10; Галатјаните 6:3, 4).
Чистите срца водат до чисто обожавање
11, 12. Од каде потекнува несветото однесување?
11 Исус јасно поучил дека она што е во срцето, ќе стане очигледно преку она што лицето го кажува и прави. Исус им рекол на самоправедните а сепак несвети фарисеи: „Породи змиини! Како можете да говорите добро, кога сте лоши? Зашто од преполнето срце прикажува устата“. Подоцна покажал дека злобните постапки потекнуваат од зли мисли во срцето, односно внатрешната личност. Тој рекол: „Она што излегува од устата, иде од срцето и тоа е што го осквернува човекот; оти од срцето излегуваат лоши помисли, убиства, прељубодејства, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули; тоа го осквернува човекот“ (Матеј 12:34; 15:18—20).
12 Ова ни помага да разбереме дека несветите постапки не се само спонтани или без претходен темел. Тие се последица на загадувачки мисли кои демнеле во срцето — тајни желби и можеби фантазии. Затоа Исус можел да рече: „Сте слушале дека на старите им било речено: ‚Не прељубодејствувај!‘ Јас, пак, ви велам дека секој што ќе погледне на жена со желба, тој веќе извршил прељуба со неа во срцето свое“. Со други зборови, блудот и прељубата веќе пуштиле корен во срцето пред да се случи каква и да било постапка. Значи, под правите околности, несветите мисли стануваат несвето однесување. Блудот, прељубата, содомијата, кражбата, хулите и отпадот стануваат некои од очигледните последици (Матеј 5:27, 28; Галатјаните 5:19—21).
13. Кои се некои примери за тоа како несветите мисли можат да доведат до несвети постапки?
13 Ова може да се илустрира на различни начини. Во некои земји, казината никнуваат како печурки, со што се зголемува можноста за коцкање. Некој би можел да биде искушуван да прибегне кон ова лажно решение во обидот да ги реши своите финансиски проблеми. Измамливото резонирање би можело да наведе некој брат да ги отфрли или да ги разводни своите библиски начела.c Во друг случај, лесниот пристап до порнографија, било преку ТВ, видео, компјутери или книги, би можел да наведе еден христијанин на несвето однесување. Тој треба само да го занемари својот духовен оклоп и, пред да биде свесен за тоа, веќе западнал во неморал. Но, во повеќето случаи, лизгањето кон грев започнува во умот. Да, во ваквите ситуации се исполнуваат Јакововите зборови: „Секого го искушува неговата похот, која го влече и мами. Потоа похотта, откако ќе се зачне, раѓа грев“ (Јаков 1:14, 15; Ефесјаните 6:11—18).
14. На кој начин многумина се опоравиле од своето несвето однесување?
14 За среќа, многу христијани кои грешат поради слабост, покажуваат вистинско каење, а старешините се во можност да ги обноват таквите во духовен поглед. Дури и многумина кои се исклучени поради недостиг на каење, на крајот се освестуваат и се повторно вратени во собранието. Тие увидуваат колку лесно Сатана ги фатил кога тие им дозволиле на несветите мисли да пуштат корен во срцето (Галатјаните 6:1; 2. Тимотеј 2:24—26; 1. Петрово 5:8, 9).
Предизвикот — да се соочиме со своите слабости
15. а) Зошто мораме да се соочиме со своите слабости? б) Што може да ни помогне да ги признаеме своите слабости?
15 Мораме да правиме напор да го запознаеме објективно своето срце. Дали сме спремни да се соочиме со своите слабости да ги признаеме, а потоа да работиме на нивно совладување? Дали сме спремни да прашаме некој искрен пријател како би можеле да се подобриме, а потоа да го сослушаме советот? За да останеме свети, мораме да ги надминеме своите недостатоци. Зошто? Затоа што Сатана ги знае нашите слабости. Тој ќе употреби подмолни сплетки за да нѐ испровоцира на грев и на несвето однесување. Преку своите лукави дела, тој се обидува да нѐ одвои од Божјата љубов за повеќе да не бидеме посветени и корисни за Јеховиното обожавање (Јеремија 17:9; Ефесјаните 6:11; Јаков 1:19).
16. Каков конфликт имал Павле?
16 Апостол Павле имал свои искушенија и испити, како што посведочил во своето писмо до римјаните: „Јас знам дека во мене, односно во моето тело, не живее доброто; бидејќи желба за добро во мене има, но да го правам тоа, не наоѓам сили. Оти не доброто, кое го сакам, го правам, туку злото, што не го сакам, го вршам . . . Бидејќи, со својот внатрешен човек наоѓам наслада во законот Божји, но во органите свои гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум и ме прави заробеник на гревовниот закон, кој е во моите органи“ (Римјаните 7:18—23).
17. На кој начин Павле излегол како победник во својата борба со слабостите?
17 Значи, битната точка во Павловиот случај е тоа што ги признавал своите слабости. И покрај нив, тој можел да рече: „Со својот внатрешен [духовен] човек наоѓам наслада во законот Божји“. Павле го сакал она што било добро и го мразел она што било лошо. Но, сепак морал да води борба, истата борба што ја имаме сите ние — против Сатана, светот и телото. Тогаш, како можеме да ја добиеме битката за да останеме свети, одвоени од овој свет и од неговото размислување? (2. Коринтјаните 4:4; Ефесјаните 6:12).
Како можеме да останеме свети?
18. Како можеме да останеме свети?
18 Светоста не се постигнува со тоа што ќе се оди по линијата на најмал отпор или, пак, ќе се биде самопопустлив. Таквото лице секогаш ќе се оправдува поради своето однесување и ќе се обидува вината да ја префрли на друго место. Можеби треба да научиме да станеме одговорни за своите постапки и да не бидеме како некои кои тврдат дека судбината им го свртела грбот поради семејното потекло или поради генетиката. Коренот на работата лежи во срцето на поединецот. Дали тој или таа ја сака праведноста? Дали копнее по светост? Дали сака Божји благослов? Псалмистот јасно ја покажал потребата од светост кога рекол: „Нека се клони од зло и нека прави добро; да бара мир и да врви по него“. Апостол Павле напишал: „Љубовта нека не биде лицемерна; отстранувајте се од злото, прилепувајте се кон доброто“ (Псалм 33:14; 96:10; Римјаните 12:9).
19, 20. а) Како можеме да го изградуваме својот ум? б) Што изискува делотворната лична студија?
19 Можеме да ‚се прилепуваме кон доброто‘ ако работите ги гледаме од Јеховина гледна точка и ако го имаме Христовиот ум (1. Коринтјаните 2:16). Како се постигнува тоа? Преку редовно проучување и медитирање за Божјата Реч. Колку само често бил даван овој совет! Но, дали го земаме доволно сериозно? На пример, дали ти навистина го студираш ова списание, проверувајќи ги библиските стихови пред да дојдеш на состанок? Под проучување не мислиме само на потцртување на неколку фрази во секој пасус. Една студиска статија може бегло да се прегледа и потцрта за 15-тина минути. Дали тоа значи дека сме ја простудирале статијата? Всушност, можеби ќе се потребни час или два за да се простудира и впие духовната корист што ја изнесува секоја статија.
20 Можеби треба да се дисциплинираме за да се оттргнеме од ТВ-то за неколку часа секоја седмица и навистина да се сконцентрираме на својата лична светост. Нашето редовно проучување нѐ изградува духовно, поттикнувајќи го умот да донесува исправни одлуки — одлуки што водат кон ‚свети постапки на однесување‘ (2. Петрово 3:11, НС; Ефесјаните 4:23, НС; 5:15, 16).
21. Кое прашање останува да се одговори?
21 Прашањето сега е: На кои натамошни подрачја на активност и однесување можеме како христијани да бидеме свети, исто како што Јехова е свет? Следната статија ќе ни изнесе материјал што заслужува внимателно да се разгледа.
[Фусноти]
a Овој двотомен прирачник е издаден од Библиското и трактатно Друштво Стражарска кула, Њујорк, инк.
b За поцелосно разгледување на тоа што е мислено со „предавнички“, види Разбудете се! од 8 февруари 1994 година, страница 21, „Каков развод мрази Бог?“ (англ.).
c За повеќе информации околу тоа зошто коцкањето е несвето однесување, види Разбудете се! од 8 август 1994 година, страници 14, 15, издадено од Библиското и трактатно Друштво Стражарска кула, Њујорк, инк. (англ.).
Дали се сеќаваш?
◻ Како бил идентификуван Изворот на светоста во Израел?
◻ На кои начини обожавањето на Израелците во времето на Малахија било несвето?
◻ Каде почнува несветото однесување?
◻ Што мораме да признаеме за да бидеме свети?
◻ Како можеме да останеме свети?