„Станете свети во сето ваше однесување“
„Во согласност со Светиот кој ве повика, и вие самите станете свети во сето ваше однесување, зашто е напишано: ‚Вие морате да бидете свети зашто јас сум свет‘“ (1. ПЕТРОВО 1:15, 16, НС).
1. Зошто Петар ги повикал христијаните да бидат свети?
ЗОШТО апостол Петар го дал горниот совет? Затоа што ја увидел потребата секој христијанин да пази на своите мисли и постапки со цел да ги држи во склад со Јеховината светост. Затоа, тој ги вовел горните зборови велејќи: „Притегнувајќи ги бедрата на умот свој, бидејќи бодри [останете потполно трезни, НС] . . . Како послушни чеда, не постапувајте според поранешните ваши похоти, кога бевте во незнаење“ (1. Петрово 1:13, 14).
2. Зошто нашите желби биле несвети пред да ја дознаеме вистината?
2 Нашите поранешни желби биле несвети. Зошто? Затоа што многумина од нас сме следеле световен начин на постапување пред да ја прифатиме христијанската вистина. Петар го знаел тоа кога јасно напишал: „Доволно е што минатото време на животот го поминавте во вршење волја на незнабошците, живеејќи во нечистотија, во похоти, во пијанство, во прејадување, во препивање и во нечестиво идолопоклонство“. Се разбира, Петар не наброил несвети постапки што му се својствени на нашиов модерен свет, бидејќи тогаш тие биле непознати (1. Петрово 4:3, 4).
3, 4. а) Како можеме да ги сузбиеме неисправните желби? б) Дали христијаните мораат да бидат неемоционални? Објасни.
3 Дали забележа дека овие желби се такви кои апелираат на телото, на сетилата и на емоциите? Ако им допуштиме да превладеат, тогаш нашите мисли и постапки многу лесно стануваат несвети. Ова ја илустрира потребата да ѝ дозволиме на силата на разумот да ги контролира нашите постапки. Павле вака го изразил тоа: „Браќа, во името на милоста Божја, ве молам подајте ги телата ваши во жртва жива, света и благоугодна на Бога, и тоа ќе биде вашата духовна служба [света служба со вашата сила на разумот, НС]“ (Римјаните 12:1, 2).
4 За да му принесеме на Бог света жртва, мораме да дозволиме да доминира силата на разумот, а не емоциите. Колкумина биле одвлечени во неморал затоа што им дозволиле на своите чувства да го контролираат нивното однесување! Ова не значи дека нашите емоции мораат да бидат потиснувани; инаку, како би можеле да изразуваме радост во Јеховината служба? Меѓутоа, ако сакаме да го донесуваме плодот на духот наместо делата на телото, тогаш мораме да ги промениме своите мисли на Христовиот начин на размислување (Галатјаните 5:22, 23, НС; Филипјаните 2:5).
Свет живот, света цена
5. Зошто Петар бил свесен за потребата од светост?
5 Зошто Петар бил толку совесен околу потребата од христијанска светост? Затоа што бил многу свесен за светата цена што била платена за да се откупи послушното човештво. Тој напишал: „Знаејќи дека со пропадливо сребро или злато не сте искупени од суетниот живот, кој ви се предаде од татковците ваши, туку со скапоцената крв на непорочното и чисто Јагне — Христос“ (1. Петрово 1:18, 19). Да, Изворот на светоста, Јехова Бог, го испратил на Земјата својот единороден Син, „Светиот“ (НС), за да ја плати откупнината што би им овозможила на луѓето да имаат добар однос со Бог (Јован 3:16; 6:69; 2. Мојсеева 28:36, НС; Матеј 20:28).
6. а) Зошто не е лесно да се стремиме кон свето однесување? б) Што може да ни помогне да го задржиме свето нашето однесување?
6 Меѓутоа, мораме да признаеме дека не е лесно да се води свет живот додека сме среде Сатановиот расипан свет. Тој поставува замки за вистинските христијани кои се трудат да преживеат во неговиот систем на ствари (Ефесјаните 6:12; 1. Тимотеј 6:9, 10). Притисоците на световната работа, на противењето во семејството, на исмејувањето в училиште и на притисокот од врсниците ја прават јаката духовност неопходна за поединецот да задржи светост. Тоа ја нагласува виталната улога на нашата лична студија и на нашето редовно присуствување на христијанските состаноци. Павле го советувал Тимотеј: „Имај ги, како образец, здравите зборови [Држи се и понатаму за образецот на здрави зборови, НС], што си ги чул од мене, со вера и љубов во Христа Исуса!“ (2. Тимотеј 1:13). Тие зборови што даваат здравје ги слушаме во нашата Сала на Царството и при нашето приватно проучување на Библијата. Тие можат да ни помогнат да бидеме свети во нашето секојдневно однесување во многубројни различни ситуации.
Свето однесување во семејството
7. Како треба светоста да влијае врз нашиот семеен живот?
7 Кога Петар цитирал од 3. Мојсеева 11:44, тој го употребил грчкиот збор ха́гиос, што значи „одвоен од грев и затоа посветен на Бог, духовен“ (An Expository Dictionary of New Testament Words — Толковен речник на новозаветни зборови од Вилијам Е. Вајн). Како би требало ова да влијае врз нас во нашиот христијански семеен живот? Тоа сигурно мора да значи дека нашиот семеен живот треба да се темели на љубов, бидејќи „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8). Самопожртвуваната љубов е маслото што ги подмачкува односите меѓу сопружниците, како и меѓу родителите и децата (1. Коринтјаните 13:4—8; Ефесјаните 5:28, 29, 33; 6:4; Колосјаните 3:18, 21).
8, 9. а) Каква ситуација понекогаш се развива во еден христијански дом? б) Каков здрав совет дава Библијата во врска со ова?
8 Би можеле да помислиме дека во едно христијанско семејство изразувањето таква љубов би дошло автоматски. Сепак, мора да се признае дека во некои христијански домови љубовта не владее секогаш во онолкав степен колку што би требало. Во Салата на Царството би можело да се чини дека е така, но колку само лесно би можела нашата светост да се намали во домашниот амбиент. Тогаш наеднаш би можеле да заборавиме дека сопругата сѐ уште е наша христијанска сестра или дека сопругот сѐ уште е истиот брат (и можеби слуга помошник или старешина), кој изгледаше почитуван во Салата на Царството. Нервите се раздразнуваат и може да се развијат вжештени расправии. Во нашиот живот би можело да се вовлече двојно мерило. Меѓу сопругот и сопругата повеќе нема однос сличен на Христовиот, туку се само маж и жена кои се караат. Тие забораваат дека во домот треба да постои една света атмосфера. Можеби почнуваат да звучат како световни луѓе. Тогаш, колку само лесно може од устата да излезе некоја грда, зајадлива забелешка! (Изреки 12:18; спореди Дела 15:37—39).
9 Меѓутоа, Павле советува: „Никаков лош збор [грчки: ло́гос сапро́с, „говор кој валка“, затоа несвет] да не излегува од устата ваша, туку само добар, за издигање каде што треба, за да им принесе благодат на оние што слушаат“. А тоа се однесува на сите слушачи во домот, вклучувајќи ги и децата (Ефесјаните 4:29; Јаков 3:8—10).
10. На кој начин советот за светост важи за децата?
10 Ова упатство за светоста подеднакво важи и за децата во едно христијанско семејство. Колку само е лесно да си дојдат дома од училиште и да почнат да го имитираат бунтовниот и неучтив говор на своите световни другари! Деца, не бидете склони кон ставовите што ги покажувале грубите момчиња кои го навредувале Јеховиниот пророк и кои денес имаат свои паралели на поган, хулнички јазик (4. Царства 2:23, 24). Вашиот говор не треба да биде извалкан со простиот уличен јазик на луѓето кои се премногу мрзливи или безобѕирни за да употребуваат пристојни зборови. Како христијани, нашиот говор треба да биде свет, пријатен, изградувачки, љубезен и „зачинет со сол“. Тој треба да нѐ разликува како поинакви од останатите луѓе (Колосјаните 3:8—10; 4:6).
Светоста и нашите семејни членови кои не се соверници
11. Зошто светоста не значи да се биде самоправеден?
11 Додека совесно се трудиме да практикуваме светост, не треба да изгледаме дека сме понадмоќни и самоправедни, особено во обноските со семејните членови кои не се соверници. Нашето љубезно христијанско однесување треба барем да им помогне да видат дека ние сме поинакви на еден позитивен начин, дека умееме да покажуваме љубов и сочувство, исто како што направил добриот Самарјанин од Исусовата илустрација (Лука 10:30—37).
12. Како можат христијанските сопружници да ја направат вистината попривлечна за својот брачен партнер?
12 Петар ја истакнал важноста на исправниот став спрема нашите семејни членови кои не се соверници, кога им напишал на христијанските сопруги: „А така и вие жените, бидете им покорни на своите мажи, та, ако некои од нив не му се покоруваат на словото, преку поведението на своите жени да се придобијат без услови [без збор, НС], кога ќе го видат вашиот чист и богобојазлив живот“. Една христијанска сопруга (па дури и сопруг) може да ја направи вистината попривлечна за сопружникот кој не е соверник ако нејзиното однесување е чисто, обѕирно и полно со почит. Тоа значи дека треба да постои флексибилност во теократскиот распоред, така што сопружникот кој не е соверник да не биде отфрлуван или запоставуванa (1. Петрово 3:1, 2).
13. Како можат старешините и слугите помошници понекогаш да им помогнат на сопрузите кои не се соверници да ја ценат вистината?
13 Старешините и слугите помошници можат понекогаш да помогнат со тоа што во некое друштвено милје ќе се запознаваат со сопругот кој не е соверник. На овој начин, тој може да види дека Сведоците се нормални, пристојни луѓе со широк круг на интереси, вклучувајќи и други теми освен Библијата. Во еден случај, еден старешина покажал интерес за рибарското хоби на еден сопруг. Тоа било доволно за да се скрши мразот. Тој сопруг на крајот станал крстен брат. Во еден друг случај, еден сопруг кој не бил соверник, бил фасциниран од канарки. Старешините не се предале. Еден од нив ја проучил таа тема така што следниот пат кога го сретнал, можел да започне разговор за омилената тема на тој сопруг! Затоа, да се биде свет не значи да се биде тесноград или да се има ограничен ум (1. Коринтјаните 9:20—23).
Како можеме да бидеме свети во собранието?
14. а) Кој е еден од Сатановите методи за поткопување на собранието? б) Како можеме да се спротивставиме на Сатановата замка?
14 Сатана Ѓаволот е клеветник, бидејќи грчкото име за Ѓавол, диа́болос, значи „тужител“ или „клеветник“. Клеветата е една од неговите специјалности и тој се обидува да ја користи во собранието. Негов омилен метод му е озборувањето. Дали си дозволуваме да бидеме насамарени од него со вакво несвето однесување? Како би можело да биде тоа? Така што ќе започнуваме, ќе повторуваме или ќе слушаме озборување. Мудрата изрека наведува: „Подмолен човек сее раздор, и клеветник пријатели разделува“ (Изреки 16:28). Што е противотровот за озборувањето и клеветата? Треба да се погрижиме нашиот говор секогаш да биде изградувачки и да се темели на љубов. Ако ги бараме доблестите а не наводните пороци на нашите браќа, нашиот разговор секогаш ќе биде пријатен и духовен. Запомни дека критизирањето е лесно. А лицето кое пред тебе озборува други, може да те озборува и тебе пред другите! (1. Тимотеј 5:13; Тит 2:3).
15. Кои особини слични на Христовите ќе помогнат сите во собранието да останат свети?
15 За да го зачуваме собранието свето, сите ние треба да го имаме умот Христов, а знаеме дека негова доминантна особина е љубовта. Затоа, Павле ги советувал колосјаните да бидат сочувствителни како Христос: „И така, како избраници Божји, свети и возљубени, облечете се во милосрдност [во нежна наклоност на сочувство, НС], доброта, смиреност, кротост и долготрпеливост . . . проштавајте си. А над сето тоа, облечете се во љубов, која е врска на совршенството [совршена врска на единство, НС]“. Потоа додал: „И мир Божји [мирот Христов, НС] да владее во срцата ваши“. Секако, со ваков дух на простување можеме да ги одржиме единството и светоста на собранието (Колосјаните 3:12—15).
Дали нашата светост се гледа во нашето соседство?
16. Зошто нашето свето обожавање треба да биде среќно обожавање?
16 Како е со нашите соседи? Како гледаат тие на нас? Дали ја зрачиме радоста на вистината или, пак, ја правиме да изгледа како товар? Ако сме свети исто како што Јехова е свет, тогаш тоа треба да биде очигледно во нашиот говор и во нашето однесување. Треба да е јасно дека нашето свето обожавање е среќно обожавање. Зошто е така? Затоа што Јехова нашиот Бог е среќен Бог, кој сака неговите обожаватели да бидат радосни. Затоа, за Јеховиниот народ од старо време псалмистот можел да рече: „Среќен е народот чиј Бог е Јехова!“ Дали ние ја одразуваме таа среќа? Дали нашите деца исто така покажуваат задоволство што се меѓу Јеховиниот народ во Салата на Царството и на собирите? (Псалм 88:15, 16; 144:15б, НС).
17. Што можеме да сториме на практичен начин за да покажеме урамнотежена светост?
17 Нашата урамнотежена светост можеме да ја покажеме и преку нашиот дух на соработка и соседска љубезност. Понекогаш е неопходно соседите да соработуваат — можеби да го исчистат соседството или, како во некои земји, да помогнат да се поправат патиштата и автопатите. Во овој поглед, нашата светост може да биде очигледна и по тоа колку се грижиме за своите градини, дворови или другиот имот. Ако оставаме наоколу да лежи ѓубре или имаме неуреден или запуштен двор, можеби дури и некаков стар расипан автомобил што го гледаат сите, дали можеме да речеме дека спрема нашите соседи се однесуваме со почит? (Откровение 11:18).
Светоста на работа и в училиште
18. а) Која е една незгодна ситуација за денешните христијани? б) Како можеме да бидеме поинакви од светот?
18 Апостол Павле им напишал на христијаните во несветиот град Коринт: „Ви пишав во писмото свое — да не се мешате со луѓе што блудствуваат, но не и општо со блудници од овој свет, или со користољупци, или со грабачи, или со идолопоклоници, оти, инаку, би требало да излезете од овој свет“ (1. Коринтјаните 5:9, 10). За христијаните кои секојдневно мораат да се мешаат со неморални или аморални луѓе, тоа е незгодна ситуација. Тоа претставува еден голем тест за интегритетот, особено во културите каде што се охрабрува или се одобрува сексуално малтретирање, корупција и нечесност. Во една ваква средина не можеме да си допуштиме да ги спуштиме нашите мерила за да изгледаме „нормални“ за оние околу нас. Наместо тоа, нашето љубезно но поинакво христијанско однесување треба да прави да се издвојуваме за разборитите луѓе, за оние кои ги увидуваат своите духовни потреби и кои бараат нешто подобро (Матеј 5:3, НС; 1. Петрово 3:16, 17).
19. а) Какви испити в училиште имате вие деца? б) Што можат да сторат родителите за да ги поддржат своите деца и нивното свето однесување?
19 На сличен начин, постојат многу испити со кои нашите деца се соочуваат в училиште. Дали вие родителите го посетувате училиштето во кое одат вашите деца? Дали знаете каква атмосфера преовладува таму? Дали одржувате добар однос со наставниците? Зошто се важни овие прашања? Затоа што во многу урбани средини во светот, училиштата станале џунгли на насилство, дрога и секс. Како можат вашите деца да го задржат својот интегритет и своето однесување свето ако не ја добиваат полната сочувствителна поддршка од своите родители? Павле со право ги советувал родителите: „Татковци, не дразнете ја челадта своја, за да не паѓаат со духот!“ (Колосјаните 3:21). Еден начин да се дразнат децата е ако пропуштиме да ги разбереме нивните секојдневни проблеми и испити. Подготвувањето за искушенијата в училиште почнува во духовната атмосфера на христијанскиот дом (5. Мојсеева 6:6—9; Изреки 22:6).
20. Зошто светоста е битна за сите нас?
20 На крајот, зошто светоста е толку битна за сите нас? Затоа што таа служи како заштита против задирањата на Сатановиот свет и размислување. Таа претставува благослов сега, а ќе биде тоа и во иднината. Таа помага да биде загарантиран животот што ќе претставува вистински живот во новиот свет на праведноста. Ни помага да бидеме урамнотежени, пристапливи, комуникативни христијани — а не непопустливи фанатици. Накратко — таа нѐ прави слични на Христа (1. Тимотеј 6:19).
[Фуснота]
a За натамошни информации за тактични односи со сопружници кои не се соверници, види Стражарска кула од 15 август 1990 година, „Не запоставувај го својот брачен партнер!“ страници 20—22 и од 1 ноември 1988 година, страници 24, 25, пасуси 20—22 (англ.).
Дали се сеќаваш?
◻ Зошто Петар увидел потреба да ги советува христијаните за светоста?
◻ Зошто не е лесно да се води свет живот?
◻ Што можеме да сториме сите ние за да ја подобриме светоста во семејството?
◻ Какво несвето однесување треба да избегнуваме за собранието да остане свето?
◻ Како можеме да останеме свети на работа и в училиште?
[Слики на страници 16 и 17]
Како Јеховини сведоци, треба да бидеме радосни во служењето на Бог и во другите активности