Ослободени преку вистината
ПОВЕЌЕ од еден милион луѓе во Соединетите Држави се затворени во затвори. Од нив, скоро три илјади се осудени на смрт. Замисли се себеси во една таква ситуација. Како би се чувствувал? Помислата на еден таков изглед навистина е грозна. Сепак, во извесна смисла, сите луѓе се наоѓаат во една слична околност. Библијата вели: „Сите згрешија и се лишени од славата Божја“ (Римјаните 3:23). Да, како потомци на Адам, ние сме „затворени“ во една грешна состојба (Римјаните 5:12). Последиците од нашето затвореништво ги чувствуваме секојдневно, како што ги чувствувал и христијанскиот апостол Павле, кој напишал: „Во органите свои гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум и ме прави заробеник на гревовниот закон, кој е во моите органи“ (Римјаните 7:23).
Како последица на нашата грешна природа, секој од нас, така да се рече, е под смртна казна, бидејќи Библијата наведува: „Платата, што ја дава гревот, е смрт“ (Римјаните 6:23). Псалмистот Мојсеј добро ја опишал нашата ситуација: „Седумдесет години се сѐ што имаме — осумдесет години, ако сме јаки; а сепак, сѐ што тие ни донесуваат е неволја и грижа; животот бргу завршува, и ние заминуваме“ (Псалм 90:10, Today’s English Version; спореди Јаков 4:14).
Имајќи ја на ум поробеноста на човештвото од гревот и смртта, Исус им рекол на своите следбеници: „Вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:32). Со овие зборови, Исус им ја пренел на своите следбеници надежта во нешто далеку поголемо отколку слобода од римското владеење — тој им нудел простување на гревот и ослободување од смртта! Како би им било овозможено тоа? „Ако Синот ве ослободи“ — им рекол Исус — „навистина ќе бидете слободни“ (Јован 8:36). Да, со тоа што го положил својот живот, „Синот“, Исус, послужил како помирбена жртва за да го откупи она што го изгубил Адам (1. Јованово 4:10). Тоа го отворило патот за сето послушно човештво да биде ослободено од ропството на гревот и смртта. Божјиот единороден Син умрел за „секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ (Јован 3:16).
Според тоа, вистината која може да нѐ ослободи се сосредоточува на Исус Христос. Оние кои стануваат следбеници на неговите стапки, ја имаат надежта да бидат ослободени од гревот и смртта кога Божјето Царство ќе преземе целосна контрола над работите на Земјата. Уште сега, оние кои ја прифаќаат вистината од Божјата Реч, доживуваат вистинска слобода. На кои начини?
Слобода од стравот од мртвите
Милиони лица денес живеат во страв од мртвите. Зошто? Затоа што нивните религии ги поучиле дека душата го напушта телото при смртта и дека преминува во духовното подрачје. Затоа, во некои земји е обичај роднините на починатиот да бдеат покрај него повеќе денови и ноќи. Тоа честопати вклучува гласно пеење и удирање во тапани. Оплакувачите веруваат дека ова ќе му биде угодно на умреното лице и дека ќе спречи неговиот дух да се врати за да ги измачува живите. Лажните учења на христијанскиот свет во врска со умрените само послужиле да се зачува оваа традиција.
Меѓутоа, Библијата ја открива вистината за состојбата на умрените. Таа јасно наведува дека твојата душа си ти, а не некој мистериозен дел од тебе кој живее после смртта (1. Мојсеева 2:7; Језекиил 18:4). Понатаму, умрените не се измачувани во некаков огнен пекол ниту, пак, се дел од некое духовно подрачје кое може да влијае врз живите. „Мртвите“ — вели Библијата — „ништо не знаат . . . во гробот, каде што ќе појдеш, нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост“ (Проповедник 9:5, 10).
Овие библиски вистини ослободиле многу луѓе од стравот од умрените. Тие повеќе не принесуваат скапи жртви за да ги смират своите претци ниту, пак, се загрижени за тоа дека нивните сакани се безмилосно измачувани поради своите грешки. Тие научиле дека Библијата нуди една прекрасна надеж за оние кои умреле, бидејќи таа ни кажува дека во време одредено од Бог, ќе има „воскресение на мртвите, на праведните и на неправедните“ (Дела 24:15; Јован 5:28, 29). Според тоа, мртвите сега едноставно почиваат, како во некој здрав сон. (Спореди Јован 11:11—14.)
Вистината за состојбата на мртвите и надежта во воскресение можат да нѐ ослободат од очајот што смртта може да го носи со себе. Таквата надеж одржала една брачна двојка од Соединетите Држави кога во една несреќа било усмртено нивното четиригодишно синче. „Во нашиот живот постои една празнина која не може да се пополни сѐ додека повторно не го видиме нашиот син преку воскресението“ — признава неговата мајка. „Но, знаеме дека нашата болка е само привремена, бидејќи Јехова ветува дека ќе ги избрише нашите солзи од тага“ (Откровение 21:3, 4).
Слобода од стравот од иднината
Што донесува иднината? Дали нашава Земја ќе биде изгорена во нуклеарен холокауст? Дали уништувањето на околината на Земјата ќе ја направи нашава планета непогодна за живеење? Дали распадот на моралот ќе доведе до анархија и хаос? За многу луѓе денес ова се вистински стравувања.
Меѓутоа, Библијата нуди слобода од таквите морбидни стравови. Таа нѐ уверува дека „земјата си постои секогаш“ (Проповедник 1:4). Јехова не ја создал нашата планета само за да ја види уништена од неодговорни луѓе (Исаија 45:18). Напротив, Јехова ја создал Земјата за да служи како рајски дом за обединетото човечко семејство (1. Мојсеева 1:27, 28). Неговата намера не се променила. Библијата ни кажува дека Бог ‚ќе ги погуби губителите на земјата‘ (Откровение 11:18). По тоа, „кротките ќе ја наследат земјата“ — вели Библијата — „и ќе се насладуваат во изобилен мир“ (Псалм 36:11).
Ова ветување е веровито, бидејќи Бог не лаже. Преку својот пророк Исаија, Јехова навел: „Така и Моето слово, што излегува од устата Моја, не се враќа кон Мене празно, туку го исполнува она, што Ми е угодно, и го прави она за што сум го испратил Јас“ (Исаија 55:11; Тит 1:2). Затоа, со доверба можеме желно да гледаме кон исполнувањето на Божјето ветување запишано во Библијата во 2. Петрово 3:13: „Ние, според Неговото ветување, очекуваме ново небо и нова земја, на кои ќе се настани правда“.
Слобода од стравот од човек
Библијата ни дава извонредни примери за мажи и жени кои покажале бестрашност во својата оддаденост на Бог. Меѓу нив биле Гедеон, Варак, Девора, Даниил, Естира, Јеремија, Авигеја и Јаил — да наведеме само некои. Овие верни мажи и жени го покажале ставот на псалмистот, кој напишал: „На Бога се надевам, не се плашам; што може да ми направи човекот?“ (Псалм 55:11).
Во првиот век, апостолите Петар и Јован покажале слична смелост кога религиозните власти им заповедале да престанат да проповедаат. „Зашто ние“ — одговориле тие — „не можеме да не зборуваме за она, што сме виделе и чуле.“ Како последица од нивниот цврст став, Петар и Јован подоцна биле затворени. По нивното чудесно ослободување, тие веднаш се вратиле и продолжиле ‚слободно да го проповедаат словото Божјо‘. Наскоро Петар и другите апостоли биле изведени пред еврејскиот Синедрион. „Зарем не ви забранивме строго да не проповедате во тоа име?“ — им рекол првосвештеникот — „А вие пак го исполнивте Ерусалим со вашето учење.“ Петар и другите апостоли одговориле: „Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето“ (Дела 4:16, 17, 19, 20, 31; 5:18—20, 27—29).
Во своето дело на проповедање на добрата вест за Божјето Царство, Јеховините сведоци денес се стремат да ја имитираат ревноста на христијаните од првиот век. Дури и младите меѓу нив честопати се докажуваат бестрашни со тоа што им зборуваат на другите за својата вера. Разгледај некои примери.
Стејси, една тинејџерка, е срамежлива по природа. Како последица од тоа, на почетокот ѝ било предизвик да разговара со другите за својата вера. Што сторила таа за да ја совлада својата срамежливост? „Ја проучував Библијата и се уверив дека го разбирам она што го зборувам“ — вели таа. „Тоа ми олесни и имав поголема самодоверба.“ За добрата репутација на Стејси било известено во еден локален весник. Статијата што ја напишала една наставничка од нејзиното училиште, коментирала: „Се чини дека верата [на Стејси] ѝ даде сила да се бори со многуте притисоци што ги чувствуваат повеќето тинејџери . . . Таа мисли дека службата за Бог треба да биде најважна во нејзиниот ум“.
Томи почнал да учи за Библијата од своите родители кога имал само пет години. Уште на рана возраст зазел смел став за вистинското обожавање. Додека неговите соученици цртале празнични слики, Томи цртал сцени од Божјиот ветен Рај. Како тинејџер, Томи забележал дека многу од учениците се збунети во врска со верувањата на Јеховините сведоци. Наместо да се повлече од страв, тој прашал еден од своите наставници дали би можел со одделението да води дискусија со прашања и одговори за да може наеднаш да одговори на сите нивни прашања. Му било дозволено и тој дал извонредно сведоштво.
Кога имала 17 години, Маркиета нашла извонредна прилика да зборува со другите во својот клас за нејзината вера. „Ни дадоа задача да подготвиме говор“ — вели таа. „Јас избрав мојата тема да биде од книгата Младите прашуваат — Делотворни одговори.a Избрав пет поглавја од книгата и ги напишав насловите на школската табла. Го замолив класот да ги пореди по важност според нивното мислење“. Уследила дискусија со учество на класот. „На класот му ја покажав книгата“ — заклучува Маркиета — „и извесен број ученици побараа по еден примерок. Дури и мојата наставничка рече дека сака еден примерок.“
Можеш да бидеш ослободен преку вистината
Како што видовме, вистината што е содржана во Библијата има ослободувачко влијание врз лицата од сите возрасти кои ја проучуваат и ја земаат при срце нејзината порака. Таа ги ослободува од стравот од мртвите, од стравот од иднината и од стравот од човекот. На крајот, Исусовата откупна жртва ќе го ослободи послушното човештво од гревот и смртта. Каква само радост ќе биде да се живее засекогаш на една рајска Земја и повеќе да не се биде заробен од нашата неследена грешна состојба! (Псалм 36:29).
Дали би сакал да дознаеш повеќе за благословите што ги ветил Бог? Ако да, што би требало да сториш? Исус рекол: „А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исуса Христа“ (Јован 17:3). Затоа, ако сакаш да ја доживееш слободата што Исус им ја ветил на своите ученици, мораш да учиш за Јехова Бог и за неговиот Син. Треба да знаеш која е Божјата волја и потоа да ја вршиш, бидејќи Библијата вели: „Светот поминува и похотите негови, а оној, што ја извршува волјата Божја, останува довека“ (1. Јованово 2:17).
[Фуснота]
a Издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Слика на страница 7]
Под Божјето Царство, човештвото конечно ќе биде ослободено од гревот и смртта