Ширење на фундаментализмот
ФУНДАМЕНТАЛИЗАМ — до пред само неколку кратки децении ова не беше ништо повеќе од едно малцинско движење во рамките на протестантизмот. Колку само работите се изменија! Брус Б. Лоренс, коментатор за религија, напишал дека пред 30 години малкумина би предвиделе дека на крајот од XX век фундаментализмотa ќе стане една толку важна, па дури и опсесивна тема за мас-медиумите и за универзитетските истражувања.
Сепак, токму тоа се случи. Новинските извештаи за насилни улични демонстрации, убиства, движења против абортусот, политички маневрирања од страна на религиозни групи кои вршат притисок на владата, како и јавни спалувања на книги што се сметаат за богохулнички, се постојани потсетници за постапките на фундаменталистите. Италијанскиот финансиски неделник Mondo Economico навел дека фундаментализмот насекаде е „во напад во името на Бога“.
Фундаменталистите честопати се прикажувани како екстремни и фанатични, како оние кои коваат завери и извршуваат терористички напади. Луѓето се вознемирени поради порастот на таквите групи како што се Comunione e Liberazione во римокатолицизмот, Gush Emunim во јудаизмот и Христијанската коалиција во северноамериканскиот протестантизам. Зошто се шири фундаментализмот? Што го поттикнува? Дали можеби „Божјата одмазда“, како што укажува францускиот социолог Жил Кепел?
[Фуснота]
a Фундаменталист е лице кое круто се држи за традиционалните, конзервативни религиозни вредности. За значењето на зборот „фундаментализам“ поцелосно ќе биде дискутирано во следната статија.
[Извор на слика на страница 3]
Nina Berman/Sipa Press