Наградите од оддавањето чест на остарените родители
ВИСТИНСКИТЕ обожаватели на Бог ги респектираат, им оддаваат чест и се грижат за своите остарени родители бидејќи ги сакаат. Тоа е дел од нивното обожавање. Библијата наведува: „Овие [децата или внуците] првин нека научат да практикуваат оддаденост на Бог во своето сопствено домаќинство, и на своите родители, како и на бабите и дедовците, да им отплаќаат должен надоместок, зашто ова е прифатливо во Божји очи“ (1. Тимотеј 5:4, НС). Сеедно дали сме млади или стари, умесно е да им понудиме „должен надоместок“ на своите родители и баби и дедовци. На тој начин, покажуваме ценење за нивната љубов, за нивната напорна работа и за нивната грижа за нас низ толкуте многу години. Па, на своите родители им го должиме и самиот наш живот!
Забележи дека отплаќањето должен надоместок на родителите и бабите и дедовците е „прифатливо во Божји очи“. Тоа е поврзано со нашата „оддаденост на Бог“. На тој начин, со спроведувањето на овој совет ние сме наградени, знаејќи дека го правиме она што му е угодно на Бог. Тоа ни донесува радост.
Постои радост во тоа да им се дава на другите, особено кога им даваме на оние кои дарежливо ни давале нам (Дела 20:35). Затоа, каква само награда има во тоа да се постапува во склад со библиското начело: „Дај им на твојот татко и твојата мајка причина за задоволство, нека се радува онаа која те родила“! (Изреки 23:25, Даничић—Караџић).
Како можеме да им даваме должен надоместок на нашите родители и на бабите и дедовците? На три начина: материјално, емоционално и духовно. Секое носи свои награди.
Давање во материјален поглед
Оние кои му служат на Бог знаат дека е важно да се грижат во материјален поглед за блиските членови на семејството. Апостол Павле опоменал: „Ако некој не се грижи за своите, а особено за своите домашни, тој се одрекол од верата и полош е од неверник“ (1. Тимотеј 5:8).
Тунџи и Џој живеат во Западна Африка. Иако биле финансиски притиснати, тие ги поканиле остарените родители на Џој да се преселат кај нив. Таткото бил болен и на крајот умрел. Тунџи се присеќава: „Кога дедо умре, баба ја прегрна жена ми и рече: ‚Вие сторивте сѐ што беше човечки можно. Во никој случај не треба да чувствувате некаква вина за смртта на татко ти‘. Иако дедо ни недостасува, знаеме дека му ги купувавме најдобрите лекарства и секогаш се трудевме да направиме да се чувствува сакан и потребен; го сторивме најдоброто за да ја исполниме нашата одговорност дадена од Бог. Го имавме тоа задоволство“.
Се разбира, секој не е во положба да им помага на другите материјално. Еден човек кој живее во Нигерија, рекол: „Ако човек не може да се издржува себеси, тогаш како може да издржува друго лице?“ Во многу земји, во годините што доаѓаат, ситуацијата може дури и да се влоши. Според едно прогнозирање на Обединетите нации, наскоро половината од населението на субсахарска Африка ќе живее во апсолутна сиромаштија.
Ако се најдеш во бедни економски околности, можеш да се утешиш од вистинската приказна на една сиромашна вдовица. Кога Исус бил на Земјата, посматрал како една вдовица дава мала донација во храмската благајна. Таа дала само „две лепти“. Сепак, знаејќи ја нејзината ситуација, Исус рекол: „Вистина ви велам, оваа бедна вдовица од сите повеќе пушти; сите овие дадоа прилози на Бога од својот вишок; таа, пак, пушти — сѐ што имаше за својот живот“ (Лука 21:1—4).
На сличен начин, ако во материјален поглед го правиме нашето најдобро во грижата за своите родители или баби и дедовци, иако може да е малку, Јехова набљудува и го цени тоа. Тој не очекува од нас да направиме повеќе од она што сме во можност да го сториме. Веројатно, нашите родители или баби и дедовци ќе се чувствуваат слично.
Давање во емоционален поглед
Грижата за нашите родители и баби и дедовци вклучува повеќе отколку само да се грижиме за нивните материјални потреби. Сите ние имаме емоционални потреби. Секој еден, вклучувајќи ги и остарените, има желба да биде љубен, да се чувствува потребен и сакан, и да биде вреден член на семејството.
Мери, која живее во Кенија, три години се грижела за својата остарена свекрва. Мери вели: „Освен што се грижиме за нејзините материјални потреби, ние секогаш зборуваме со неа. Мама не е во состојба да прави којзнае што по дома, но разговараме и станавме блиски пријателки. Понекогаш зборуваме за Бог, понекогаш за луѓето од стариот крај. Иако има преку 90 години, нејзината меморија е многу добра. Таа се сеќава и зборува за животот кога била девојче, во деновите пред 1914“.
Мери продолжува: „Не е лесно да се грижиш за едно старо лице, но тоа што ја имаме со нас, ни донесе богати награди. Имаме мир и хармонија во семејството. Од моето давање беше поттикнат дух на давање кај другите во семејството спрема неа. Маж ми повеќе ме почитува. И, ако мама чуе дека некој зборува грубо со мене, брзо проговорува за да ме одбрани. Никој не смее да ми каже некаков остар збор кога таа е во близина!“
Давање во духовен поглед
Исто како што материјалното и емоционалното давање му донесуваат награди на оној кој дава, така е и со духовните работи. На христијанското собрание во Рим, апостол Павле му напишал: „Копнеам да ве видам, па да ви предадам некој духовен дар за вашето зацврстување, односно, кога ќе бидам меѓу вас, заедно да се утешиме преку општата вера — вашата и мојата“ (Римјаните 1:11, 12).
На истиот начин, кога се работи за духовното давање на остарените кои му служат на Бог, охрабрувањето честопати е обострано. Осонду, кој живее во Нигерија, раскажува: „Она што најмногу ме интересира во врска со дедо ми и баба ми е можноста што ми ја даваат да стекнам увид во минатото. Дедо ми, со своите очи кои блескаат, раскажува за подрачјето што го обработувал како полновремен министер во 50-тите и 60-тите години. Сегашнава собраниска структура ја споредува со тоа како било тогаш кога тој станал Сведок. Овие искуства ми помагаат во мојата служба како пионер“.
И другите во христијанското собрание можат да помогнат во давањето на остарените. Тунџи, споменат порано, објаснил што се случило во неговото собрание: „Еден млад брат пионер, на кого му беше доделено да држи јавно предавање, го донесе нацртот кај дедо за да можат заеднички да го подготват. Водителот на Студијата на Стражарска кула дојде и на дедо му рече: ‚Ти си искусен. Што можеш да ми кажеш за да ми помогнеш да се подобрам‘. Дедо беше во можност на тој старешина да му даде неколку здрави совети. Повеќепати, браќата го споменуваа дедовото име во собраниските молитви. Сето ова направи тој да се чувствува сакан“.
Доброто однесување ги привлекува луѓето кон Бог
Понекогаш, додека им укажуваме чест и љубов на нашите родители и баби и дедовци, ние ги привлекуваме луѓето кон Бог. Апостол Петар напишал: „Имајќи помеѓу себе добри односи среде незнабошците, па тие, кога ве напаѓаат како злотворци, штом ќе ги видат вашите добри дела, да Го прослават Бога во денот на посетата“ (1. Петрово 2:12).
Ендрју, христијански старешина од Западна Африка, патувал по 95 километри двапати седмично за да се грижи за својот болен татко, кој не бил соверник. Тој раскажува: „Кога станав Јеховин сведок, татко ми жестоко се спротивставуваше. Но, кога забележа како се грижам за него додека беше болен, постојано ги поттикнуваше моите помлади браќа и сестри: ‚Морате да се приклучите во религијата на брат ви!‘ Тоа ги поттикна, и сега сите негови девет деца се Јеховини сведоци“.
Оддавањето чест и грижата за нашите остарени родители може да претставува предизвик, особено во тешки економски времиња. Но, додека христијаните се стремат да го прават ова, тие жнеат многу награди. Над сѐ, тие ја доживуваат радоста од давањето, заедно со задоволството што знаат дека му угодуваат на Јехова Бог, кој самиот е „Отец на сите“ (Ефесјаните 4:6).
[Рамка на страница 6]
Божествен совет за оние кои примаат грижа и за оние кои ја даваат
Биди охрабрувачки: „Секој од вас должен е на својот ближен да му угодува во доброто за поука [за негово изградување, НС]“ (Римјаните 15:2).
Биди постојан: „Кога правиме добро, тоа нека не ни биде здодевно, зашто во свое време ќе пожнееме, не заморувајќи се“ (Галатјаните 6:9).
Биди понизен: „Не правете ништо од љубов кон препирање или за празна слава, но од понизност сметајте се еден друг за погорен од себе си!“ (Филипјаните 2:3).
Биди вршител на добро: „Никој нека не ја бара својата полза, туку ползата на ближниот“ (1. Коринтјаните 10:24).
Биди разумен: „Кротоста [разумноста, НС] ваша нека им биде позната на сите луѓе!“ (Филипјаните 4:5).
Биди сочувствителен: „А еден спрема друг бидете добри, сочувствителни, проштавајќи си еден на друг“ (Ефесјаните 4:32).
[Слика на страница 7]
Помладите старешини можат да извлечат корист од искуството на остарените