Дали секогаш ќе ни требаат војски?
ВОЈСКИТЕ потрошиле еден крупен дел од човечките ресурси и уништиле голем дел од човековата среќа. Затоа, некои луѓе се прашуваат: ‚Дали човештвото може да постигне таков вид светска сигурност која ќе дозволи да се распуштат војските?‘ Сега кога тие оружја за масовно уништување го направиле возможно изумирањето на сиот живот, тоа прашање станува итно. Колку е реалистично да се надеваме на еден свет без војски?
Бројни преседани докажуваат дека кога добрите меѓународни односи раѓаат доверба, тоа може да води до извесно разоружување. На пример, општото пријателство меѓу Канада и Соединетите Држави имало за резултат нивната 5.000-километарска граница да биде необезбедена од војски над еден и пол век. Норвешка и Шведска постигнале слична спогодба, како и многу други нации. Би можело ли една согласност меѓу сите нации да постигне свет без војски? Поради ужасите од I светска војна, идејата придобила популарност која е без преседан.
Кога во 1918 бил постигнат мир, една од целите на Версајскиот мировен договор била да го „овозможи воведувањето на општото ограничување на вооружувањето кај сите нации“. Во текот на наредните години станал популарен пацифизмот. Некои пацифисти теоретизирале дека војната е најлошата работа која може да ја снајде една нација, и затоа таа е полоша отколку да се претрпи пораз. Противниците на пацифизмот не се сложиле со тоа истакнувајќи дека иако низ вековите Евреите во големите подрачја им пружале мал вооружен отпор на напаѓачите, сепак суровите обиди да бидат истребени продолжиле. Африканците имале мала прилика да се спротивстават на оние кои ги однеле како робови во Америките, и сепак со векови биле сурово малтретирани.
Меѓутоа, со избивањето на II светска војна многу пацифисти заклучиле дека на земјите им е потребна заштита. Така, кога после II светска војна биле основани Обединетите нации, нагласокот бил помалку на разоружувањето а повеќе на меѓународната соработка за да се спречи агресија. Членките се надевале дека безбедноста овозможена на тој начин би им дала на нациите доверба да се разоружат.
Сѐ појасен станувал еден друг проблем. Честопати напорите на една нација да се направи безбедна, правеле нејзиниот сосед да се чувствува небезбеден. Овој злобен круг водел до трка во вооружување. Но понеодамна, подобрените односи меѓу главните нации ја зајакнале надежта за разоружување. Меѓутоа, оттогаш Војната во заливот и неволјите во поранешна Југославија кај многумина ги разбиле надежите за разоружување. Пред околу пет години, списанието Time коментираше: „Иако студената војна е завршена, светот станал поопасно наместо помалку опасно место“.
Желба за еден глобален „полицаец“
Многу набљудувачи заклучуваат дека на човештвото му е потребен еден светски авторитет со војска која е доволно моќна за да го заштити секого. Бидејќи ниту организацијата на Обединетите нации ниту светските главни воени сили можат да го сторат тоа, некои мислат дека постои малку надеж за иднината. Но, ако ја прифаќаш Библијата како Божја Реч, можеби се прашуваш дали Семоќниот Бог ќе ја задоволи таа итна потреба.
Дали Оној кого Библијата го нарекува „Бог на љубовта и на мирот“ ќе употреби воена моќ за да спроведе правда? Ако да, која војска? Многу од денешните војски тврдат дека имаат Божја поддршка, но дали тие навистина ја спроведуваат волјата на Бог? Или, дали Бог има некој друг начин за да интервенира и да обезбеди мир и безбедност? (2. Коринтјаните 13:11).
Семоќниот Бог се справил со првата побуна така што ги истерал Адам и Ева од Едем и поставил херувими за да го спречат нивното враќање. Исто така, тој ја објавил својата намера да ја порази сета побуна против неговиот суверенитет (1. Мојсеева 3:15). Дали тоа би можело да вклучува Бог да користи некоја војска?
Библијата кажува за прилики кога Бог навистина користел војски за да ги спроведе своите судови. На пример, царствата во хананската земја практикувале сексуални односи со животни, жртвување деца и садистичко војување. Бог наредил нивно комплетно уништување и ја употребил војската на Исус Навин за да ја спроведе казната (5. Мојсеева 7:1, 2). Слично, војската на цар Давид го спровела Божјиот суд против Филистејците давајќи пример за тоа како Бог ќе ја уништи сета злоба во својот конечен суден ден.
Тие настани биле поучни. Јехова покажал дека тој може да употреби војска за да им донесе безбедност на луѓето. Навистина, Јехова има еден уникатен вид војска која ќе се справи со побуната од универзални размери против неговата влада.
„Јехова над војските“
Библијата го користи изразот „Јехова над војските“ преку 250 пати. Овој израз во основа укажува на Божјата позиција како заповедник на огромните ангелски сили. Во една прилика пророкот Михеј, на царевите Ахав и Јосафат им рекол: „Го видов Господа како седи на Својот престол, и целата небесна војска стоеше при Него десно и лево“ (3. Царства 22:19). Тука се укажува на ангелските војски. Јехова ги користел тие војски за да го заштити својот народ. Кога градот Дотаим бил опколен, слугата на Јелисеј изгубил надеж. Меѓутоа, за повторно да го увери, Бог му дал една чудесна визија од својата војска од духовни суштества. „Господ му ги отвори очите на слугата, и тој виде, а тоа, целата гора полна со коњи и огнени коли“ (4. Царства 6:15—17).
Дали таквите настани значат дека Бог ги поддржува денешните војски? Можеби некои војски на христијанскиот свет тврдат дека се Божји војски. Многу барале свештениците да ги благословат. Но, војските на христијанскиот свет честопати се борат едни против други, против соверниците. Двете светски војни од овој век започнале меѓу војски кои тврделе дека се христијански. Тоа не може да биде Божје дело (1. Јованово 4:20). Иако таквите воени сили можеби тврдат дека се борат за мир, дали Исус ги поучил своите ученици да организираат такви војски во обид да го спречат нарушувањето на мирот во светот?
Едно сериозно кршење на мирот се случило кога една вооружена толпа го зграпчила Исус во градината каде што тој се молел со своите ученици. Еден од учениците со меч погодил еден човек од толпата. Исус ја употребил таа прилика за да објасни еден важен принцип. Тој рекол: „Врати го ножот на местото негово; зашто сите што се фаќаат за нож; од нож ќе загинат; или мислиш дека не можам да Го помолам сега Својот Отец, да Ми прати повеќе од дванаесет легиони ангели?“ Исус имал огромна војска под своја команда, но Петар не бил регрутиран како војник во неа ниту, пак, некој друг човек. Наместо тоа, Петар и останатите Исусови следбеници биле повикани да бидат „ловци на луѓе“ (Матеј 4:19; 26:47—53). После неколку часа, Исус му ја разбистрил ситуацијата на Пилат. Тој рекол: „Моето царство не е од овој свет; ако беше царството Мое од овој свет, тогаш Моите слуги би Ме бранеле, за да не им бидам предаден на Јудејците; но царството Мое сега не е овде“ (Јован 18:36). За разлика од царството на Давид кое било воспоставено на Земјата, Царството кое Бог му го дал на Исус е на небото и ќе донесе мир на Земјата.
Божјите војски одат во битка
Божјите војски наскоро ќе преземат акција. Опишувајќи го судирот што претстои, Откровението го нарекува Исуса „Реч Божја“. Читаме: „Небесните војски, облечени во бел и чист висон, врвеа по Него на бели коњи. Од устата Негова излегуваше остар меч, за да ги порази со него идолопоклониците“. Библијата вели дека овој судир ќе резултира со крајот на „земните цареви и нивните војски“. Што се однесува до другите кои нема да ја покажат својата лојалност кон Бог, пророштвото додава: „Другите, пак, беа убиени со мечот, што излегуваше од устата на Оној, Кој седеше на коњот“. Дури и Сатана Ѓаволот ќе биде исфрлен од играта. Ова навистина ќе допушти еден свет на мир без војски (Откровение 19:11—21; 20:1—3).
Замисли си свет без војна
Можеш ли да си замислиш свет кој е толку безбеден што не се потребни војски? Еден библиски псалм вели: „Дојдете и видете ги делата Божји — чудесата што ги направи Он на земјата. Прекратувајќи ги војните до крајот на земјата“ (Псалм 45:8, 9).
Какво само олеснување ќе биде тоа! Замисли си ги можностите човечкото општество најпосле да биде ослободено од осакатувачкиот товар на плаќање за војските и за нивната опрема! Луѓето ќе можат да ја насочат својата енергија кон подобрување на условите за живеење за секого, кон очистување на Земјата и нејзино повторно засадување. Ќе има нови прилики за да се пронаоѓаат работи кои ќе бидат вистински корисни за човештвото.
Ова ветување ќе има исполнување ширум светот: „Нема повеќе да се слуша за насилство во земјата твоја, ниту опустошување и разурнување — во пределите твои“ (Исаија 60:18). Никогаш повторно нема да се слеваат милиони очајни бегалци од воените зони, присилени да ги напуштат своите домови и имоти за да живеат во кампови на беда. Никогаш повторно луѓето нема да ги оплакуваат саканите кои се убиени или осакатени во конфликтите меѓу нациите. Јеховиниот небесен Цар ќе воспостави траен светски мир. „Во Негово време ќе зацари правда, и ќе има изобилен мир сѐ додека не се одземе месечината. Од лихви и неправди ќе ги избави душите нивни“ (Псалм 71:7, 14).
Уште позадоволителен ќе биде животот меѓу луѓето кои научиле да не ги мразат, туку да ги имитираат Божјите патишта на љубов. Божјата Реч претскажува: „Нема да прават зло и штета по целата Моја света гора, зашто земјата ќе биде полна со познавање на Господа, како што водите го полнат морето“. Како ќе изгледа да се живее меѓу луѓе кои го знаат и го љубат Јехова? Истата книга пророкува: „Дело на правдата ќе биде мирот, и плод на правосудството — спокојство и безопасност засекогаш. Тогаш народот Мој ќе живее во мирни живеалишта и во безопасни села и во пребивалишта на блажените“ (Исаија 11:9; 32:17, 18).
Луѓето чија вера е изградена на библиското спознание проникнуваат дека Божјите војски се спремни да ја исчистат Земјата од сите непријатели на мирот. Ова спознание им дава доверба да постапуваат во склад со она што го вели Библијата дека „мора да се случи во заклучниот дел од денот“ (NW). А тоа е: „Ќе ги прековаат мечевите свои во плугови, а копјата — во српови: народ против народ нема да крене меч и нема повеќе да се учат на војна“ (Исаија 2:2—4).
Луѓе од многу нации кои станале Јеховини сведоци веќе се воздржуваат од тоа „да се учат на војна“. Тие ја положиле својата доверба во заштитата од Божјите небесни војски. Проучувајќи ја Библијата со нив, и ти можеш да развиеш слична доверба.
[Извор на слика на страница 28]
U.S. National Archives photo