Бегството на хугенотите на слобода
„Од кралот и кралицата . . . Со ова изјавуваме дека сите француски протестанти кои ќе побараат засолниште и ќе се превезат во ова наше царство, нема да ја имаат само нашата кралска заштита . . . туку ние, исто така, на сите разумни начини и со сите средства ќе се обидеме да ги поддржиме, да им олесниме и да им помогнеме . . . за живеењето и присуството во ова подрачје да им биде пријатно и лесно.“
ТАКА гласи декларацијата од 1689 издадена од Вилијам и Мери, кралот и кралицата на Англија. Но, зошто француските протестанти, односно хугеноти, како што станале познати, требало да бараат засолниште и заштита надвор од Франција? Зошто нивното бегство од Франција пред околу 300 години треба да нѐ интересира нас денес?
Европа во шеснаесеттиот век била измачувана со војна и спорови кои ја вклучувале религијата. Франција, со нејзините Религиозни војни (1562—1598) меѓу католиците и протестантите, не го избегнала овој метеж. Меѓутоа, во 1598, францускиот крал Хенри IV потпишал еден едикт на толеранција, Нантскиот едикт, давајќи им на протестантските хугеноти извесна религиозна слобода. Ова законско признавање на две религии било невообичаено за Европа. Извесно време тоа ставило крај на религиозните пресврти кои оставиле белег врз Франција од 16 век, преку 30 години.
Иако бил со намера да биде „вечен и неотповиклив“, во 1685 Нантскиот едикт бил отповикан од страна на Едиктот од Фонтејнблу. Францускиот филозоф Волтер подоцна го опишал ова отповикување како „една од големите француски трагедии“. За краток временски период тоа предизвикало бегство во други земји на околу 200.000 хугеноти. Меѓутоа, неговите последици биле долгорочни. Но, зошто бил отповикан претходниот едикт кој бил во прилог на религиозната толеранција?
Противење уште од почетокот
Иако Нантскиот едикт службено се применувал речиси 90 години, еден историчар вели дека тој веќе „умирал кога бил поништен во 1685“. Навистина, едиктот не бил изграден на цврсти темели. Уште во почетокот, тој придонел кон она што било опишано како „студена војна“ меѓу католичкото свештенство и она што тие го означиле како „Р.П.Р.“ (таканаречена реформирана религија). Од времето кога бил издаден во 1598 па сѐ до околу 1630, противењето на Нантскиот едикт се вртело „околу јавни дебати меѓу протестантите и католиците и околу објавувањето верски литературни дела. Меѓутоа, нетолеранцијата имала многу лица.
После војната против протестантите од 1621 до 1629, француската влада се обидела да ги присили во католичкото трло преку серија репресивни мерки. Ова малтретирање било засилено под Луј XIV, „Кралот сонце“. Неговата политика на прогонство довела до отповикување на Нантскиот едикт.
Заострување на мерките
Како дел од заострувањето на мерките, протестантските граѓански права биле постепено укинувани. Меѓу 1657 и 1685, против хугенотите биле донесени околу 300 судски одлуки, честопати сугерирани од страна на свештенството. Тие одлуки го напаѓале секој аспект од нивните живот. На пример, на хугенотите им била забранета една огромна низа професии, како на пример, медицината, правото, па дури и акушерството. Што се однесува до акушерството, една историчарка резонирала: „Како било возможно да се довери нечиј живот на некој еретик чија цел била да го уништи постоечкиот поредок?“
Стисокот на угнетувањето понатаму се засилил во 1677. Секој хугенот кој бил фатен како се обидува да преобрати некој католик требало да биде глобен илјада француски фунти. Државните пари од прекумерните даноци биле користени за да се влијае врз хугенотите да се преобратат. Во 1675, католичкото свештенство му дало на кралот Луј XIV 4,5 милиони француски фунти, велејќи: „Сега, како израз на благодарност, морате да дејствувате користејќи го својот авторитет за потполно да го збришете ересот“. Оваа стратегија на „купување“ преобратеници резултирала со околу 10.000 преобратеници во католицизмот во рок од три години.
Во 1663, преобраќањето во протестантизмот се вршело илегално. Имало рестрикции и во однос на тоа каде можеле да живеат хугенотите. Пример за ваквите екстремни мерки е тоа што деца на седумгодишна возраст можеле да станат католици против желбата на родителите. Протестантските родители биле обврзани да го финансираат образованието што го добивале нивните деца од језуитите или од други католички инструктори.
Друго оружје во потиснувањето на хугенотите било тајното Compagnie du Saint-Sacrement (Друштво на светата причесна). Тоа било една католичка организација за која историчарката Жанин Гарисон вели дека се развила во „огромна мрежа“ која ја покривала цела Франција. Продирајќи во највисоките сфери на заедницата, нејзе не ѝ недостигале ниту финансии ниту разузнавање на информации. Гаризон објаснува дека неговите тактики биле многубројни: „Од притисок до попречување, од манипулација до поткажување, Compagnie го користело секое средство за да ја ослабне протестантската заедница“. Сепак, во текот на тој период на прогонство повеќето хугеноти останале во Франција. Историчарката Гаризон забележува: „Тешко е да се сфати зошто протестантите не го напуштиле Царството во поголем број додека непријателството кон нив постепено се зголемувало“. Меѓутоа, на крај, бегството на слобода станало неопходно.
Враќање на почетна точка
Најмегенскиот мир (1678) и Примирјето кај Ратисбон (1684) го ослободиле кралот Луј XIV од надворешна војна. Во февруари 1685, од другата страна на Англискиот канал, крал станал еден католик. Луј XIV можел да ја искористи оваа нова ситуација. Неколку години пред тоа, католичкото свештенство во Франција издало Четири галски одредби, кои ја ограничиле папската моќ. Тогаш, папата Инокентиј XI „ја сметал Француската црква за речиси расколничка“. Како последица на тоа, преку отповикувањето на Нантскиот едикт, Луј XIV можел да ја подобри својата оцрнета репутација и да ги обнови нормалните односи со папата.
Политиката на кралот кон протестантите станала потполно јасна. Благиот метод (убедување и законодавство) очигледно не функционирал. Од друга страна, пак, неодамнешните драгонадиa биле успешни. Така, во 1685, Луј XIV го потпишал Едиктот од Фонтејнблу, отповикувајќи го Нантскиот едикт. Насилничкото прогонство придружено со ова отповикување ги ставило хугенотите во една уште полоша позиција отколку пред Нантскиот едикт. Што ќе прават сега?
Да се кријат, да се борат или да бегаат?
Некои хугеноти избрале тајно да обожаваат. Бидејќи нивните места за состанување биле уништени, а нивното јавно обожавање забрането, тие се свртеле кон ‚Црквата на пустината‘, односно подземното обожавање. Ова го правеле и покрај фактот што луѓето кои ги одржувале таквите состаноци ризикувале да бидат казнети со смрт, според еден закон кој бил донесен во јули 1686. Некои хугеноти се одрекле од својата вера, мислејќи дека подоцна би било возможно повторно да се преобратат назад. Таквите преобратеници практикувале површен католицизам кој го копирале подоцнежните генерации.
Владата се обидела да ги обедини преобратениците. За да добијат работа, новите преобратеници морале да донесат уверение дека се католици, потпишано од парохискиот свештеник кој ги запишувал присутните во црквата. Доколку децата не биле крстени и одгледани како католици, можело да бидат одземени од родителите. Школите требало да унапредуваат католичко образование. Биле правени напори да се создадат прокатолички религиозни дела за „луѓето од Книгата [Библијата]“, како што биле наречени протестантите. Владата отпечатила над еден милион книги и ги испратила во подрачја каде што биле преобратени голем број луѓе. Мерките биле толку екстремни што ако некој кој бил болен ја одбиел католичката церемонија која се извршува на смртната постела и после тоа се опоравел, бил осудуван на доживотен затвор или на галија. А кога подоцна ќе умрел, неговото тело само било исфрлено како да е ѓубре, а неговите поседи биле конфискувани.
Некои хугеноти се свртеле кон вооружен отпор. Во сиванскиот регион, познат по неговиот религиозен жар, борбените хугеноти наречени камисарди се побуниле во 1702. Како одговор на камисардските заседи и на ноќните напади, владините трупи ги гореле селата. Иако спорадичните напади на хугенотите продолжиле некое време, до 1710 моќната војска на кралот Луј ги разбила камисардите.
Друга реакција на хугенотите била бегство од Франција. Оваа емиграција била наречена вистинска дијаспора. Повеќето хугеноти биле сиромашни кога си заминале, бидејќи државата ги конфискувала нивните поседи; дел од богатството добила Католичката црква. Затоа, не било лесно да се бега. Француската влада брзо реагирала на она што се случувало, чувајќи стража на излезните патишта и пребарувајќи ги бродовите. Пиратите ги пљачкале бродовите кои ја напуштале Франција, зашто постоеле премии за запленување на бегалците. Хугенотите кои биле фатени како бегаат, се соочувале со сурова казна. Отежнувајќи ги работите, шпионите кои работеле во склоп на заедниците се обидувале да ги откријат имињата на оние кои планираат да бегаат, како и нивните рути. Одземањето писма, фалсификатите и интригите станале секојдневие.
Добредојдено засолниште
Бегството на хугенотите од Франција и нивното добредојде во земјите домаќини било познато како Засолниште. Хугенотите избегале во Холандија, Швајцарија, Германија и Англија. Подоцна, некои отишле во Скандинавија, Америка, Ирска, Западноиндиските острови, Јужна Африка и Русија.
Извесен број европски земји донеле едикти кои ги охрабрувале хугенотите да имигрираат. Меѓу понудените поттици биле бесплатната натурализација, изземањето од даноци и бесплатното членство во некое занаетчиско здружение. Според историчарката Елизабет Лаброуз, хугенотите биле претежно „млади мажи . . . претприемчиви, енергични подданици со извонредна морална вредност“. На тој начин Франција, во зенитот на својата моќ, изгубила вешти работници во извесен број занаети. Да, „поседите, богатствата и техниките“ отишле во странство. Религиозните и политичките фактори исто така имале удел во нудењето засолниште на хугенотите. Но, кои биле долготрајните последици од оваа емиграција?
Отповикувањето на Нантскиот едикт и придружното прогонство предизвикале негативна меѓународна реакција. Вилијам од Оранж го искористил ова антифранцуско чувство за да стане владетел на Холандија. Со помош на хугенотските офицери тој станал крал и на Велика Британија, заменувајќи го католикот Џејмс II. Историчарот Филип Жутар објаснува дека „протестантската политика на Луј XIV била една од главните причини за соборувањето на Џејмс II [и] за формирањето на аугсбуршката лига . . . [Овие] настани означуваат пресвртница во историјата на Европа, водејќи до замена на француската со англиска хегемонија“.
Хугенотите одиграле важна културна улога во Европа. Тие ја искористиле својата новопронајдена слобода за да создадат литература која помогнала да се обликува филозофијата на просветленост и идеите на толеранција. На пример, еден француски протестант кој ги превел делата на англискиот филозоф Џон Лок, ја пропагирал идејата за природни права. Други протестантски писатели ја нагласувале важноста на слободата на совеста. Се развила идејата дека послушноста кон владетелите е релативна и дека би можела да се игнорира доколку тие го прекршат договорот кој постоел меѓу нив и народот. Затоа, како што објаснува историчарот Чарлс Рид, отповикувањето на Нантскиот едикт бил „еден од очигледните фактори за Француската Револуција“.
Дали се научени лекции?
Имајќи ги предвид последиците од прогонството кои биле спротивни на очекуваното, како и тоа што државата изгубила толку многу вредни луѓе, Маркиз де Вубан, воен советник на кралот Луј XIV, го поттикнал царот да го обнови Нантскиот едикт, наведувајќи: „Преобраќањето на срцата му припаѓа само на Бог“. Тогаш, зошто француската држава не научила лекција и не ја сменила својата одлука? Сигурно дека еден фактор кој придонел кон ова било тоа што кралот се плашел да не ослабне државата. Понатаму, било целисходно да се угоди на католичкото обновување и на религиозната нетолеранција на Франција од 17 век.
Настаните околу отповикувањето предизвикале некои да прашаат: „Колкав плурализам може да дозволи и да толерира едно општество?“ Навистина, како што забележале историчарите, невозможно е да се разгледа приказната за хугенотите без да се мисли на „механизмите на моќ и нивната изопаченост“. Во денешниве сѐ повеќе мултирасни и религиозно разновидни општества, бегството на хугенотите на слобода е трогателен потсетник за тоа што се случува кога политиката инспирирана од црквата има предимство во однос на најдобрите интереси на луѓето.
[Фуснота]
a Види ја рамката на страница 28.
[Рамка на страница 28]
Драгонадите
преобраќаат со терор
Некои ги сметаат драгоните како „одлични мисионери“. Меѓутоа, тие предизвикале паника меѓу хугенотите, а во некои случаи цели села се преобраќале во католицизмот откако ќе чуеле за нивното пристигнување. Но, кои биле тие драгони?
Драгоните биле тешко вооружени војници, сместени во куќите на хугенотите со цел да ги заплашат станарите. Користењето на драгоните на овој начин било познато како драгонада. За да го зголемат товарот кој им бил наметнуван на семејствата, бројот на војниците испраќани во некоја куќа бил несразмерен на семејните средства. Драгоните биле овластени да ги брутализираат семејствата, да предизвикаат тие да страдаат од несоница и да им ги уништуваат имотите. Доколку станарите би се одрекле од протестантската вера, драгоните си заминувале.
Драгонадите биле користени за да се постигнат преобраќања во 1681 во Поатје (Западна Франција), подрачје со висока концентрација на хугеноти. Во рок од неколку месеци се преобратиле 30.000 до 35.000 луѓе. Истото средство се користело во 1685 во други енклави со хугеноти. Во рок од неколку месеци биле постигнати 300.000 до 400.000 одрекувања. Според историчарот Жан Кенијар, успехот на драгонадите „го направил отповикувањето [на толерантниот Нантски едикт] неминовно, бидејќи тоа сега изгледало можно“.
[Извор на слика]
© Cliché Bibliothèque Nationale de France, Paris
[Слика на страница 25]
Оваа декларација од 1689 им понудила засолниште на француските протестанти кои барале ослободување од религиозното угнетување
[Извор на слика]
Со дозвола на The Huguenot Library, Huguenot Society од Велика Британија и Ирска (Лондон)
[Слика на страница 26]
Отповикувањето на Нантскиот едикт, 1685 (Наведена е првата страница на отповикувањето)
[Извор на слика]
Documents conservés au Centre Historique des Archives nationales à Paris
[Слика на страница 26]
Биле уништени многу протестантски храмови
[Извор на слика]
© Cliché Bibliothèque Nationale de France, Paris