Како да се решаваат проблемите на мирољубив начин
ЧОВЕЧКОТО насилство е старо речиси колку и човештвото. Библијата го следи насилството наназад сѐ до Каин, братот на Авел и најстариот син на првата човечка двојка. Кога Бог покажал поголема наклоност кон приносот на Авел во однос на неговиот, Каин ‚се огорчил многу‘. Како се справил со таа ситуација? „Каин скокна на Авела, братот свој, и го уби.“ После тоа, се нашол во голема неприлика пред Бог (1. Мојсеева 4:5, 8—12). Насилството не го решило проблемот со лошиот глас кој го имал Каин пред неговиот Творец.
Како можеме да го избегнеме Каиновиот правец — прибегнување кон физичка сила за да се решат проблемите?
Од насилство до толеранција
Размисли за еден човек кој со одобрување го посматрал убиството на Стефан, првиот христијанин кој умрел со маченичка смрт (Дела 7:58; 8:1). Тој човек, Савле од Тарс, не се сложувал со религиозниот став на Стефан и го поддржал насилничкото убиство како оправдан начин да се запрат неговите активности. Се разбира, можеби Савле не бил насилен во секој аспект од неговиот живот. Сепак, бил спремен да го прифати насилството како начин на решавање на проблемите. Токму после смртта на Стефан, Савле ‚ѝ пакостел на [постапувал сурово со, NW] Црквата, оти одел по куќите и извлекувал луѓе и жени, па ги предавал во затвор‘ (Дела 8:3).
Според библискиот изучувач Алберт Барнс, грчкиот збор кој тука е преведен со „да постапува сурово со“, означува пустошење какво што можат да предизвикаат дивите ѕверки како, на пример, лавовите и волците. „Савле“, објаснува Барнс, „бил разјарен против црквата како дива ѕверка — силен израз кој ги означува ревноста и бесот со кои учествувал во прогонството.“ Кога Савле се упатил кон Дамаск за да уапси повеќе следбеници на Христос, тој ‚дишел уште со застрашувања и убиства против учениците на Господа [Христа]‘. Додека бил на пат, со него разговарал воскреснатиот Исус и како резултат на тоа, Савле се преобратил во христијанството (Дела 9:1—19).
После тоа преобраќање, начинот на кој Савле постапувал со другите се променил. Таа промена се покажала при еден настан кој се случил отприлика 16 години после тоа. Во неговото матично собрание во Антиохија дошла една група луѓе која ги поттикнувала тамошните христијани да се повинуваат на Мозаитскиот закон. Од тоа произлегла „расправија“. Савле, кој до тоа време бил подобро познат како Павле, зазел свој став во тој спор. Изгледа дека се појавиле искри. Но, Павле не прибегнал кон насилство. Напротив, тој се согласил со одлуката на собранието да им се препушти таа работа на апостолите и старешините од ерусалимското собрание (Дела 15:1, 2).
На состанокот на старешините во Ерусалим, повторно дошло до „долго расправање“. Павле чекал сѐ додека не ‚замолкнало целото мноштво‘ и потоа известил за прекрасното дело кое го извршил Божјиот дух меѓу необрезаните верници. После една библиска дискусија, апостолите и ерусалимските старешини дошле до „еднодушна согласност“ (NW) — да не се товарат непотребно необрезаните верници, туку да се предупредат ‚да се воздржуваат од принесување жртви на идоли и од крв, од удавено, од блудство‘ (Дела 15:3—29). Павле навистина се променил. Научил да ги решава спорните прашања без насилство.
Да се излезе на крај со насилничките склоности
„Слугата Господов не треба да влегува во расправии“, советувал подоцна Павле, „туку да биде кроток кон сите, поучлив и незлобив. И со кротост поучувај ги оние што се противат“ (2. Тимотеј 2:24, 25). Павле го поттикнал Тимотеј, еден помлад надгледник, смирено да се справува со тешките ситуации. Павле бил реален. Знаел дека емоциите би можеле да се возбудат дури и меѓу христијаните (Дела 15:37—41). Тој со добра причина советувал: „Гневете се, но не грешете: сонцето да не зајде во гневот ваш“ (Ефесјаните 4:26). Исправен начин да се справуваме со таквите емоции е да ја контролираме лутината без да експлодираме во неконтролиран бес. Но, како може да се постигне тоа?
Денес не е лесно лутината да се држи под контрола. „Да се биде злобен е популарно“, рекла д-р Дебора Протро-Стит, продекан на Харвардската школа за јавно здравство. „Всушност, вештините за меѓусебно сложување — спогодување, компромис, сожалување, простување — се вештини кои обично им се припишуваат на слабаци.“ Сепак, тие се мажествени особини и тие се клучни за контролирање на насилничките склоности кои можат да надојдат во нас.
Откако станал христијанин, Павле научил еден подобар начин на справување со разликите во мислењата. Тој начин се темелел на библиските учења. Како образован изучувач на јудаизмот, Павле бил запознат со Хебрејските списи. Сигурно бил свесен за стиховите, како на пример: „Не завидувај му на човек што постапува насилно, и не избирај ни — еден од патиштата негови“. „Долготрпеливиот е подобар од храбриот, и кој владее со себеси, подобар е и од завојувачот на градови.“ „Она што е разрушен град, без ѕидови, таков е човекот, кој не владее со духот свој“ (Изреки 3:31; 16:32; 25:28). Сепак, тоа сознание не го спречило Павле, пред да се преобрати, да прибегнува кон насилство против христијаните (Галатјаните 1:13, 14). Но, што му помогнало на Павле, како христијанин, да ги реши емоционално напнатите прашања користејќи разум и убедување наместо насилство?
Павле ни го дал клучот кога рекол: „Угледајте се на мене, како што и јас на Христа“ (1. Коринтјаните 11:1). Тој многу го ценел она што го сторил Исус Христос за него (1. Тимотеј 1:13, 14). Христос му станал модел за следење. Тој знаел како Исус страдал заради грешното човештво (Евреите 2:18; 5:8—10). Павле можел да потврди дека Исаииното пророштво за Месијата се исполнило на Исус: „Он беше измачуван, но страдаше доброволно и устата Своја не ја отвораше; како овца Он беше одведен на колење, и како што е јагнето пред стрижачите свои безгласно, така и Он не ја отвори устата Своја“ (Исаија 53:7). Апостол Павле напишал: „Кога на Него [на Исус] хулеа, Он не им одвраќаше со хули; кога страдаше, не заплашуваше, туку се потпираше на Оној, Кој праведно суди (1. Петрово 2:23, 24).
Павловото ценење за начинот на кој Исус Христос се справувал со напнатите ситуации го поттикнало да се промени. Тој можел да ги советува своите соверници: „Трпете се еден со друг и проштавајте си. Ако некој има поплака на некого, како што Христос [Јехова, NW] ви прости, така и вие направете!“ (Колосјаните 3:13). Не е доволно само да се признае потребата да не се биде насилен. Ценењето за она што го сториле Јехова и Исус Христос ни помага да се здобиеме со потребната мотивација за да ги надминеме насилничките склоности.
Дали е тоа можно?
На еден човек во Јапонија му била потребна таква силна мотивација. Неговиот татко, кој бил војник со избувлив карактер, управувал со семејството со насилство. Бидејќи бил жртва на насилство и гледал како на сличен начин страда и мајка му, човекот развил насилничка склоност. Носел два самурајски меча со различни должини, кои ги користел за да ги реши проблемите, како и за да им се заканува на луѓето.
Кога неговата сопруга почнала да ја проучува Библијата, тој присуствувал на студијата без да ја сфати сериозно. Меѓутоа, откако ја прочитал џебната брошура This Good News of the Kingdoma‚ се променил. Зошто? „Кога го прочитав материјалот под поднасловите ‚Христос Исус‘ и ‚Откупнината‘, се засрамив“, објаснува тој. „Иако живеев еден своеглав живот, сепак сакав да бидам љубезен кон оние со кои добро се сложував. Ми беше задоволство да ги усреќам моите пријатели, но само до онаа мера до која тоа не влијаеше врз мојот личен живот. Па, Божјиот син, Исус, бил спремен да си го даде животот за човештвото, вклучувајќи ги и луѓето како мене. Бев зашеметен, како да бев удрен со чекан.“
Тој престанал да се дружи со поранешните пријатели и наскоро се запишал во Теократската школа за служба во собранието на Јеховините сведоци. Оваа школа им помага на оние кои се запишани во неа да ја стекнат уметноста да ги поучуваат другите за Библијата. Таквиот правец му донел додатна корист на овој човек. Тој се сеќава: „Кога бев млад, прибегнував кон закани и насилство, бидејќи не можев да им ги изразам моите чувства на другите. Додека учев да им ги пренесувам моите мисли на останатите почнав да резонирам со нив наместо да прибегнувам кон насилство.“
Дали тој, како Павле, го направил Христовиот начин на живот своја сопственост? Неговата вера била испитана кога еден поранешен пријател, со кого бил сврзан со взаемна заклетва за побратимство, се обидел да го спречи да стане христијанин. Неговиот „пријател“ го удрил и хулел на неговиот Бог, Јехова. Човекот кој порано бил насилен, се контролирал и се извинил што не може да ја одржи заклетвата. Разочаран, неговиот „брат“ го оставил на мир.
Победувајќи ги своите насилнички склоности, овој човек кој порано бил срдит, добил многу духовни браќа и сестри кои се обединети со љубовта кон Бог и ближниот (Колосјаните 3:14). Всушност, сега, после повеќе од 20 години откако станал предаден христијанин, тој служи како патувачки надгледник на Јеховините сведоци. Колкава само радост е што тој може да покаже од Библијата дека луѓето со ѕверски склоности можат да научат да ги решаваат разликите без насилство, токму како што самиот го научил тоа! И колкава само предност е за него што може да укажува на величественото исполнување на пророчките зборови: „Нема да прават зло и штета по целата Моја света гора, зашто земјата ќе биде полна со познавање на Господа, како што водите го полнат морето“ (Исаија 11:9).
Слично на апостол Павле и на овој човек кој порано бил насилен, и ти можеш да научиш да се справуваш со провокативни ситуации, решавајќи ги проблемите на мирољубив начин. На Јеховините сведоци во твоето место ќе им биде драго да ти помогнат во тоа.
[Фуснота]
a Издадено од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Истакната мисла на страница 5]
Павле бил реален. Знаел дека емоциите би можеле да се вжештат дури и меѓу христијаните
[Слика на страница 7]
Ценењето за она што Бог го сторил за нас придонесува за мирољубиви односи